Напишано: 1941
Извор: New Masses, May 6, 1941;
Превод: Томислав Захов
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2011
„Primo Maggio, il sole dell' Avvenire“ - Први мај, сонцето на утрешнината!, како што нашите италијански другари го разубавуваат овој слоган, е повторно тука. Тој ги поврзува древните традиции, современиве времиња и иднината. Отсекогаш природен празник на луѓето, од незапомнливо време тој бил настан за собирање на сиромашните и оние долу за свечен ден на прослава. Во последните педесет и пет години тој ден беше општопризнат и ценет од работниците ширум светот како Меѓународен празник на трудот. Тој е всушност единствениот празник кој се прославува на меѓународно ниво. Тој ги брише сите разлики во раса, вера, боја и националност. Тој го слави братството на сите работници насекаде. Ги пречекорува сите национални граници, ги надминува сите јазични препреки, ги игнорира сите религиозни разлики. Го прави остар и јасен, ширум светот, непремостливиот јаз помеѓу работниците и експлоататорите. Тоа е ден кога класната борба во своето најборбено значење е реафирмирана од секој свесен работник.
Овој ден за просветлениот работник е предзнак на еден нов свет, бескласен свет, мирен свет, свет без сиромаштија или беда. Тој е сјајното ветување на социјализмот, вистинско братство на човештвото. На овој ден во 1941 год. мудрите зборови на Ленин: „Животот ќе се одбрани сам. Комунистите мора да знаат дека иднината во секој случај е нивна“ ќе ги осветлат самечките затворски ќелии на [Ерл] Браудер и [Ернст] Телман[1] и безбројни други. Потпевнувањата на револуционерната песна ќе се слушнат во концентрационите логори. На море, во воените бараки, во присилниот труд на фабриките или работилниците, срцата на гонетите работници ќе чукаат во слога со оние кои се далеку и парадираат радосно зад блескавите црвени знамиња, со возбудлива музика на Црвениот плоштад во Москва. „Направете ни го најлошото!“ промрморуваат меѓу стиснати заби воените регрути во европските ровови, затворениците во темниците на Франко, во пеколните јами на Хитлер, во затворите на Мусолини; „Вашите денови се одброени. Вие не можете да ја застанете крајната победа на народот!“
Меѓународен празник? Тој мора да е „странски“, погрешно заклучуваат многу луѓе. Но, што би можело да биде помеѓународно по своето потекло и население од овие Соединети Држави? Ние гордо изјавуваме Први мај е американски. Тоа не е туѓа идеја. Многу добри идеи доаѓаат од странство, но ова е американска идеја извезена од Америка во сите други земји. Први мај како официјален празник на трудот се роди во лутите борби од осумдесеттите години во минатиот век за да се воспостави осумчасовен работен ден. Работниците од сите националности, имигранти, политички бегалци, изгнаници, од секоја странска земја; овде родени внуци на ветераните на Американската револуција и Граѓанската војна дадоа заедничко, решително барање: „Осум часа ќе сочинуваат законски работен ден од Први мај, 1886“. Федерацијата на организираната трговија и труд на САД и Канада (која подоцна ќе стане Американска федерација на трудот) ги повика работниците да ги остават алатите. Ентузијастички, тие се излијаа во првиот американски општ штрајк. Тој се прошири од град до град, преку 3.000 милји. Сиот континент, од Атлантикот до Пацификот, беше на нозе: 192.000 го усвоија барањето. Капиталистичката класа, ужасната од солидарноста на работниците, возврати нечесно. Шест работници беа убиени и многумина ранети во Мекормик харвестер воркс во Чикаго.
Први мај беше крстен во крвта на американските работници. Протестниот собир на плоштадот Хајмаркет на 4 мај 1886 резултираше со уште една крвава битка и местенка со бомба. Тоа го донесе на бесилка Алберт Парсонс (чиј прадедо бил во Валеј Форџ[2]) и тројца од неговите другари, Енгел, Фишер и Спајс. „Нека се слушне гласот на народот!“ извикал Парсонс, кога јамката се затегнала околу неговиот врат. Тоа беше, секогаш ќе биде на Први мај, храбриот пожртвуван херој на вчерашнината! Оваа година ново организираните, победоносни штрајкувачи на Интернејшнал харвестер воркс во Чикаго ќе ги извикуваат вашите имиња на Први мај.
Борбата за осумчасовен работен ден беше обновена. Американската федерација на трудот реши пак да ја започне на Први мај 1890. За да го прошири ефектот, тие испратија делегати преку море до Париз до Меѓународниот работнички конгрес. Тие предложија Први мај официјално да се прогласи за меѓународен празник на трудот. Ова беше направено со голем ентузијазам, на 4 јули 1889, 100-от роденден од Падот на Бастиља, откако делегатите слушнаа за неброените борби на храбрите американски работници. Како што изминуваа годините, растечките потреби на меѓународното работништво го проширија значењето на Први мај далеку повеќе од барањето за осумчасовно работно време.
Роза Луксембург, храбра социјалистка од Германија, која подоцна беше свирепо убиена од милитаристите, го огласи алармот против Првата светска војна во 1913. Таа ги повика работниците да го направат Први мај моќна демонстрација за мир и социјализам. „Работници од целиот свет, обединете се!“ стана постојан извик на Први мај. Се притискаше за секое важно прашање, сè повеќе и повеќе борбени пароли се изнесуваа во секоја земја и меѓународно.
Дали си лош член на твоето семејство бидејќи излезе од дома за да бидеш добар граѓанин на својата држава? Дали си предавник на својата држава бидејќи во иста мера си се впуштил да ја воскликнуваш својата земја? Дали вршиш предавство на својата земја ако си исто така интернационалист - посветен на братството меѓу луѓето? Само на работниците им е забрането да бидат интернационалисти. Совршено е прикладно за Џ. П. Морган и Хенри Форд; за банкарите, воените трустови, хемиските компании. Соодветно е за научниците, атлетските здруженија, музичарите, духовниците да бидат интернационалисти - но не и работниците. Само цврсто склопените раце на работниците преку границите се удираат во секоја земја. Ќе помине без урнебеска ако некој антропологист рече на тешко сфатлив јазик: „Има само една раса - човечка раса!“ Но, нека работник се осмели да каже: „Брате, соработнику, другар“ - и ќе се соочи со пеколни казни. Тој треба да се испрати назад од каде што дошол! Треба да му се одземе државјанството; треба да ја загуби работата; треба да биде затворен! Ако со исусовски зборови бидат предизвикани обвинувачите: „Но, што е со сакањето на својот ближен како себеси?“, дивиот човек од Тексас би згрмел: „Кој го рекол тоа? Тој е црвен, превртлив, сплеткар!“ Да не се вџашиме ни најмалку од сето ова лудило. Да ги запамтиме сталожените зборови на Ленин: „Делувањето на начин на којшто делува буржоазијата како што делувале сите класи е осудено на смрт од историјата“. Секој убав Први мај на солидарноста, победата и надежта е уште еден потсетник за нас за да гледаме на „подолг рок“ - болшевичкиот поглед на настаните од минатото. Патот напред можеби е потежок, но е пократок од патот кој е назад.
Некогаш тие ни се смееја, овие владејачи на Америка. Ние сè уште бевме мали гласови, викајќи во празно, бевме сонувачи на јалови сонови, Утописти; не можевме да ја промениме човековата природа. Што би бил светот без профитниот мотив? Одговорете го тоа сега, вие улични агитатори. Ние бевме како што Ванцети[3] рече: „тие што зборуваат по ќошињата на улиците за презрените луѓе!“ Но, ова беше пред две децении. Сега тие знаат, владејачите на светот, дека ерата на социјализмот започна. Тие се судени и осудени. Сојузот на Социјалистичките Советски Републики не само што гарантира мирен, среќен, сигурен живот на една шестина од земјината површина за скоро 200.000.000 луѓе. Тој е постојана инспирација за угнетуваните и експлоатираните работници во секоја капиталистичка држава во светот да одат по свое и да прават онака како што мислат!“ На Први мај ние го поздравуваме Советскиот Сојуз - земјата на социјализмот - земјата на мирот и изобилието, големиот идеал на трудот од незапомнливо време, кооперативна заедница на сите кои трудољубиво работат. „Функционира, браќа!“ велат тие во длабоките, мрачни рудници; „Функционира“, велат тие од пламнувачките топилници во челичарниците; „Функционира“, вели селанецот закупец; „Функционира“, велат морнарот и камионџијата. Нема газди, нема земјопоседници, нема банкари, нема лихвари, нема агенции за вработување; нема детски труд; нема проституција; нема незавршени образованија; нема уништени стари луѓе; нема долги работни часа; нема ниски плати; нема невработеност; нема богати, нема профитери, нема капитализам. Организацијата е фазата до којашто досега напреднавме. Музиката за ушите на сите стари агитатори е сиот оправдан потсмев и презир на просечниот работник коишто ги изразува бескомпромисно кон владејачката класа. Овие работници не ги симнуваат своите капи; тие не велат „г-дине!“. Тие не се плашат. Постои денес борбен класен дух меѓу луѓето ширум оваа земја.
Први мај традиционално слави освоени битки; поставува нови барања; истакнува пароли на непосредна акција. Дали ние освоивме битки во 1941? Вие кажете, вие стотици илјади синдикалци од „Бетлехем стил“, „Ју ес стил“, „Алис чалмерс“, „Интернејшнал харвестер, „Њујорк транспорт“, „Форд мотор“. Денес има десет милиони организирани работници во Америка и повеќе ќе дојдат. Квалификувани и неквалификувани, црни и бели, староседелци и имигранти, мажи и жени, млади и стари - рамо до рамо. Нека воените трговци викаат; нека лудите по профит беснеат. „Ние нема да бидеме преместени!“ возвраќаат овие милиони американски работници на Први мај. Нема ништо обесхрабрувачко околу тоа; ништо загрижувачко - барем не сè додека ние се организираме и бориме. Не сè додека го држиме она што го освоивме во железен стисок; се движиме напред, добиваме повеќе. Не сè додека има цврст отпор кон воената партија на Рузвелт-Вилки[4] меѓу 86-те проценти од американскиот народ. Организирање. Борба. Одење напред - тоа е духот на американскиот Први мај во 1941.
Организирајте се и борете се, останете надвор од војната! Против сиот империјализам и фашизам, вклучително и американскиот! Заштитете ги правата на трудот да се организира, да поставува барања, да штрајкува. Без затемнување на Декларацијата на правата. Бранете ги правата на малцинските партии - Комунистичката партија - што е важен тест на народните права за слободни избори. Сопрете го профитирањето од војни. Снижете ја цената на живеење. Давајте отпор на кратењата на платите и продолжувањето на работните часа. Ослободете ги сите борци против империјалистичката војна. Ослободете го Ерл Браудер! Ставете му крај на џимкровизмот[5] и антисемитизмот во нашата земја. Зацементирајте го пријателството со Советскиот Сојуз. Овие пароли се во воздух, борбените пароли на американскиот Први мај се насекаде. Паролата за мир и социјализам е во нашите срца, во умовите, на усните на милиони ширум светот на 1 мај 1941. „Сонцето на утрешнината“ свети врз нас. Иднината е наша.
Забелешки
[1] Ерл Браудер и Ернст Телман во моментот на пишување на оваа статија беа во затвор. Првиот беше генерален секретар на КП САД од 1934 до 1945 година. Во 1940 година беше затворен, откако во јавна изјава призна дека отишол во СССР со лажен пасош. Беше ослободен по 14 месеци, кога САД се вклучи во Втората светска војна и стана сојузник на СССР. Вториот беше лидер на КП Германија во најголемиот период од Вајмарската република. Беше уапсен од страна на Гестапо во 1933 година. По 11 години затвор, во 1944 беше убиен во Бухенвалд по наредба од Хитлер. (З. С.)
[2] Валеј Форџ во Пенсилванија беше местото каде се наоѓаше воениот камп на Американската контитентална војска во зимата 1777-1778 во текот на Американската војна за независност. (З. С.)
[3] Бартоломео Ванцети беше анархист, италијански имигрант во САД, кој, заедно со Фердинандо Сако, беше обвинет дека убил двајца за време на еден грабеж во 1920 година. По контроверзно судење, Сако и Ванцети беа егзекутирани во 1927 година. (З. С.)
[4] Се мисли на Теодор Рузвелт и Вендел Вилки, кои беа претседателски кандидати на изборите 1940 година, првиот кандидиран од Демократската партија, а вториот од Републиканската партија. (З. С.)
[5] Џимкровизам беше политика на расна сегрегација во САД, спроведувана преку таканаречените „закони на Џим Кроу“. (З. С.)