Ацо Шопов

Сончева колона


Првпат објавено: „Современост“, Скопје, год. IХ, април 1959, бр. 4, 284-288 стр.
Извор: Ацо Шопов, „Од Исарот до Мамел: раскази и патеписи“, „Макавеј“, Скопје, 2013, 50-60 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2021


Така поетот наш ја нарече баладата, напишана доста одамна, за првите весници на она сончево изгревање коешто денес незапирливо проникнува во секое срце што ги мечтае мечтите на оние коишто први зачекорија во таа сончева колона, во секој ум што ја согледува утрешнината како овоплотен идеал на тоа сончево чекорење, во секој напор да се изгради во животот уште еден кат повеќе, уште еден кат во вишина, кон сонцето.

И сеќавајќи се за тие дни, за тие дни што не беа толку одамна, за да не нѐ жегне сонцето што струи во нашите жили, за тие дни чие траење продолжува и денес, и утре, и сѐ додека има траење, сеќавајќи се за тие дни јас го зимам насловот на споменатата балада за да раскажам неколку настани од славниот пат на Третата македонска ударна бригада.

* * *

1944. Рана пролет. Студена облачна ноќ. Колоната се развлекла во ноќта како жива врвица на нагорнина, токму каде што, чиниш, нема никаков пат. Зад нас е селото Црноок. Не смееш ништо да зборуваш, секој час се пренесува командата: „Потивко!“ „Не кашлај!“. Не смееш ништо да зборуваш, а толку многу ти се зборува, чувствуваш како зборовите ти го гризат грлото, како што ти ги апе и ти се лепи за рацете студениот автомат, чија тежина ја забораваш пред потребата да говориш, да говориш, да се увериш дека навистина чекориш, дека си навистина жив; чувствуваш дека тоа немо чекорење е убиствено, измамничко, сам на себеси и сѐ што е околу тебе ти прилега на сениште, одиш а не веруваш дека одиш, мораш да викнеш, да прозбориш, да се изгризеш со зборовите, да потечат струјки крв, да се увериш дека си навистина ти, дека постоиш. Одиш, а не веруваш, Црноок. Навистина, дали се случи она што се случи? Та можно ли е да бидеш во пеколот, да го преживееш оној чудовишен оган, бомбардирање, јуриши гради со гради. Не, ти си толку изморен, ти халуцинираш, за тебе веќе не постои граница меѓу стварноста и нестварноста, ти си толку изморен па бладаш за она што некогаш некаде си го прочитал; некои страшни страници од некоја страшна книга извираат од подземјето на твојата свест и ти тоа го доживуваш како вистина...

Лежиш веќе од утрина зад некој камен, голем колку да ти ја засолни главата, лежиш залепен за земјата, до тебе лежат други исто толку засолнати и залепени, а околу тебе секој миг експлодираат гранати, а над тебе секој миг кружат непријателски авиони, кружат сосем ниско, на стотини, не, чиниш, на педесет метра, и ти го гледаш наведнатото лице на пилотите, ја гледаш нивната победоносна насмевка, ликување, им ја гледаш раката како зема неколку бомби и ги испушта. Бомбите летаат во воздухот, паѓаат, чиниш право врз тебе, ги затвораш очите... експлозија... некој до тебе и некој далеку испискува, лицето ти го покрива облак од прав и земја, во ушите нешто те кине, пишти, реже... И така од утрина до квечерина. Никогаш толку, никогаш толку во животот не си ја сакал ноќта, никогаш толку. Ноќта се спушта бавно, бавно се подисправаш, вкочанетото тело постепено се привикнува на движење и ти ги гледаш: до тебе се твоите другари, некои ги прават истите движења како и ти, а некои како да се загледале со втренчен поглед во длабочината на земјата, или можеби во овој грст трева низ кој пропорат неколку бубички.

Но, еве, шумоли нешто од далечина, се задава како темен бран и ти натаму го свртуваш погледот. Уште еден јуриш на непријателот. „Станувајте, противјуриш!“, те крева на нозе остриот продорен глас на командантот. И по неколку мига отпочнува она што се вика „борба гради со гради“, гуша за гуша, кркорење, давење, удирање со кундаци, чудовишна смеша од луѓе и железо...

Зар е можно сето тоа? Не, ти си толку изморен, ти сонуваш, ти си сомнабулик, ти ги доживуваш страшните страници на некоја страшна книга што си ја читал седејќи во средношколските клупи:

„Еј, момче, каде си кинисал? Ќе се откинеш од единиците, ќе залуташ во ноќта“, ненадејно те шибнува нечиј глас. Се освестуваш. Потрчуваш. Студена облачна ноќ. Колоната се развлекла како жива врвица на нагорнина.

* * *

Плачковица. Мај. Зелена, брановита шума. Чудно, си мислиш, изминаа скоро две децении од мојот живот што започна некаде близу, долу – во она градче испечено од сонце и жеги, а оваа убавина првпат ја гледаш. До тебе чекори твојот земјак, висок, сув, изострен како шило. Забележуваш дека и тој е со исти мисли.

„Кога ќе се ослободиме“, му велиш, „овде ќе летуваме секоја година. Согласен? Токму овде, каде што сме сега, под овие дрвја, крај овој извор, на оваа падина.“

„Овде ќе летуваме“, прифаќа тој и повеќе за себе продолжува:

„Требаше да излеземе во партизани па да ја запознаеме оваа наша земја“.

Изворот шурка, гласно ја голташ водата, се плискаш како дете. Би останал овде, не знаеш ни самиот колку.

Колоната продолжува, продолжува и развигорот. Но партизаните немаат многу време за разговор... Уште еден силен налет на окупаторските војски. Бргу се развиваме „во стрелци“. Плачковица е како создадена за партизанско војување. Јуришаш, истрчуваш напред. Во пресрет ти иде непријателот: зелена шинела во автомат. Рафал. Истовремено се срушуваш на земја, се тркалаш и паѓаш во една суводолица. Зелената шинела се приближува, се наднесува над тебе. Пукаш. Пука. Прска каменот до твоето теме. Шинелата затреперува и паѓа. Уште еден грч да го дофати автоматот. Но прекасно, противударот е побрз. Стануваш и ја земаш зелената шинела. Мај е... Но на планина и во мај е ладно. Ја облекуваш шинелата и се враќаш кон своите единици. Случајно ја ставаш раката во џебот. Нешто зашушкува меѓу твоите прсти. Извлекуваш коверат со писмо. Уште си врел од судирот, но и љубопитноста е врела. Го отвараш писмото. Читаш:

„Мила моја,
По неколку дни ќе бидам со тебе и со децата. Сега ги гониме шумкарите. Тие гадови не нѐ оставаат на мира. Ако ги опколиме на едно место, од друго ќе нѐ удрат в грб. Командирите ни велат дека можеме на прсти да ги изброиме, но тие како да никнат од земја. Сепак, овие дни им се последни. Нѐ има толку многу што не може ни пиле да ни избега. Стрпи се уште малку мила, и бакни ги децата“.

Хартијата ти трепери в рака. Оваа шинела има жена, има деца, оваа шинела со автомат насочен во тебе. Ти си млад, дваесеттина години, ти уште ни девојка не си бакнал, а неколку деца секојдневно можеби истрчуваат на некој селски пат за да ја пречекаат шинелата. Паметиш ли кога ти беше дете, паметиш ли кога мајка ти ти велеше: ,,Излези на порти, пладне е, сега татко ти ќе се врати од работа, излези и пречекај го, татко ти е!“ Паметиш ли? Зошто има татковци што убиваат туѓи деца? Зошто има татковци во зелена шинела и автомат што убиваат туѓи деца?

Писмото ти трепери в рака. Не забележувајќи, веќе си во колоната. Некој е во носилка. Си свикнал веќе да гледаш носилки и не ти е ништо необично по секоја борба да гледаш носилки. Стигнуваш до носилката. Погледот те скаменува: па тоа е тој, сувиот висок земјак, изострен како шило. Те гледа со премрежен поглед. Сака да се насмевне. Насмевката се разлева и смрзнува како грч на краиштата од усните. Усните се развлекуваат во шепот:

„Слушај, не заборавај го она место, оние дрвја високи, оној извор. Таму ќе летуваме“. Замолкнува. Се оддалечуваш. Писмото ти шушка меѓу прстите. Зошто има зелени шинели што убиваат?

* * *

Беше најубава девојка во бригадата. Не знам колкумина беа вљубени во неа. Љубовта беше забранувана во името на љубовта. Можеби ја сакаа сите. Да, ја сакаа сите заради нејзината убавина, заради нејзината младост, заради оној обичен збор што секојдневно го изговараме: храброст. Беше црнокоса, стројна, со очи на срна. Но беше тешко ранета на враќање од Егејска Македонија, тешко в гради, под срце. Ја закопавме како и сите што ги закопувавме: во борба, на непознато место. Колку такви места има од Црна Трава до Круша Планина?

Еден ден по неколку месеци од овој настан дојде кај мене дома мојот интимен пријател и борец од бригадата. И разбирливо, најповеќе разговаравме за борбите на Третобригадирците. Сосем неочекувано тој извади од џебот една мала пожолтена фотографија и ми ја покажа:

„Ја познаваш ли?“

Скоро ненормално извикав:

„Уште прашаш! Од каде ти е оваа слика?“

Тој ме погледна замислено и по долго молчење, како да води тешка борба со себе, отпочна:

„Ништо не се заборава“, рече, „ништо. Но има нешта не само што не се забораваат, а ти се чини дека од ден на ден сѐ повеќе растат и живеат во тебе...“

Молк и потоа пак тешко продолжување:

„Понекогаш ми се чини дека никогаш не ќе можам да си простам оти не сторив ништо за да ѝ го спасам животот. Знам оти не можеше ништо во таа ситуација да се стори, но сега, денес, јас тоа го носам како лична вина, како нешто што зависело само од мене... Како да ти го објаснам тоа? Не сум лекар, немавме никакви лекарски средства, но јас чувствувам дека морав нешто да сторам, нешто, разбираш ли, што ќе ѝ помогне, што ќе ја спаси... Ја гледаш ли оваа лузна над левото око? Се сврте да ја видам поубаво. „Ја гледаш ли? Знаеш ли што ми рече кога умираше?“

Го слушав счудоневидено. Се сетив на борбата и местото каде што беше ранет.

„Знаеш ли што ми рече? Еве, чуј: 'Кога те ранија, кога ти го видов челото облеано со крв, сакав да умрам место тебе. Сега можам тоа да ти го кажам, зашто имам малку време, зашто уште малку сакам да те погледам, да те впијам во себе, да те запаметам'. Ете, тоа ми рече пред умирање... А јас, јас како можев да бидам толку нечувствителен, толку слеп за да не забележам ништо. Ете тоа ме мачи, ме прогонува и во сонот. Знам, виновен сум а не сум виновен.“

Мојот пријател замолкна и долго гледаше пред себе. Станавме молчејќи и излеговме.

Пред нас беа шумните улици на градот, а таму далеку – планините. Таму беше најубавата девојка на нашата бригада. Црнокоса, стројна, со очи на срна.



Тематска архива за поезија и проза | Архива на Народноослободителната борба

марксистичка интернет архива