Перси Биш Шели

До народот на Англија


Напишано: 1819
Извор: Љубомир (Круме) Бочваров „Поетска торта“, Свети Николе, 2014/2015, 310-311 стр.
Препев: Љубомир (Круме) Бочваров
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2025



1
Поданици на Англија, зошто сте се спрегнале
во плугот на лордовите што од ќеф залегнале?
Зарем не се со вашата мака и грижа фатирани
богатите облеки што ги красат вашите тирани?

2
Зошто штом пркнете од лулка па сѐ до гроб
секој од вас на неблагодарни трутови е роб?
Ги храните и заштитувате спокојно да спијат
оние што пот ви цедат и крвта ви ја пијат!

3
О, Пчели на Англија, зар секој вреден човек
камшици, синџири и мноштво оружје не кове
за тие килави трутови да имаат силна рака
со изнудените производи на вашата мака?

4
За раат, удопства и спокојство си желен,
да имаш стан, храна и од љубовта мелем!
И да можеш да купиш, ќе го кркаш стапот,
со стравот и болката сѐ ќе платиш скапо!

5
Семе ти сееш а за друг жетвата е добра;
сѐ вредно што најдеш друг си го собра;
со облеки што ти ги ткаеш друг се кити;
оружје што ти го ковеш другиот го штити.

6
Сеј семе за жетвата да е твоја, макар и слаба;
најди азно но не давај измамник да ти го граба;
ткај облека но не давај мрзливецот да се краси;
ковај оружје за со него сопствен бранител да си.

7
Набутани сте во дупки, подруми и колиби мали,
за туѓи уживања работите во фабричките хали.
Зошто носиш синџири што самиот си ги скова?
Глејте, челикот што го калите нишани во вас.

8
Со плуг и разбој ил` со токмак во каменолом,
ти го бележуваш плацот на твојот вечен дом;
исткај си ја својата ликвидациона зобница –
и убавата Англија ќе биде твоја гробница!



Тематска архива за поезија и проза

марксистичка интернет архива