Напишано: 1844
Извор: Хајнрих Хајне „Одбрани песни“, „Мисла“, Скопје, 1991, 129-130 стр.
Препев: Гане Тодоровски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2016
Од бессолзни очи омразата гледа,
На разбојот седат, низ забите цедат:
„Германијо, стара, бел покров ти ткајме –
Триж речена клетва во него ќе клајме! –
Ти ткајме! Ти ткајме!
Проклет да е господ, по кого што страдни
Се молевме ние, в дни студни и гладни,
Но попусто надеж и верба нè стега,
Во подбив ни плисна тој лаги и шега –
Ти ткајме! Ти ткајме!
Проклет да е царот, кој бездушно гледа
На нашиве маки и нашава беда;
Ни граба грош заден, што в раце е стуткан,
В гроб потем со куршум ко пцета нè кутка –
Ти ткајме! Ти ткајме!
Проклета да биде родинава клета,
Кај вирее срамот и бесчесност цвета,
Кај секое цвеќе предвреме се гасне,
Кај црвот во мувли и гнилости расне –
Ти ткајме! Ти ткајме!
Сновалката снове а разбојот чкрипи,
И дење и ноќе работата кипи, –
„Германијо, стара, бел покров ти ткајме –
Триж речена клетва во него ќе клајме...
Ти ткајме! Ти ткајме!