На триесет и три годишна возраст, Васил Антевски ја прележува пресудената година како повторувач на клас. Не му е првпат во животот да паѓа на еден негов испит, но никако да извлече одлучна поука што ќе го поштеди од недоразбирањата во животот без да му ја помати неговата бистра матица. Затоа е стрплив: сака да си ја узнае несполуката. При сета ука што ја исмукал од книгите, и при сета бучава со која го преплавува стварноста — знае дека нешто не знае.
Препуштајќи се на режимот во затворот, за да го задржи резонот на размислата, Васил Антевски постепено почнува да сфаќа. Поправо: прво забележува; потоа, го поврзува тоа што го забележува; потаму, се обидува забележаното и поврзаното да го склопи во една можна целина, независно колку таа му годи како сознание; најпосле, ја коментира од сите страни, се разбира во мислите, контролирајќи си ја гестикулацијата и мимиката, да не го оддаде барем во последната, ако не во почетната мисла.
— Правам калкулации со иднината, — има објаснување за затворските власти, кога ќе го доведат до авторитетот на управникот. — Зарем немам право на приватна адвокатура кога ќе ме пуштите одовде?
— Имаш, — му потврдува управникот. — Ако имаш сметки, место бубачки во главата!
Васил Антевски, меѓутоа, нема ни сметки ни бубачки во главата. Има само мисли, што ги гони до чистината кај што ќе се голи; каде што конечно ќе му се предадат, за да станат не само искра во неговата свест туку и прст во неговото дејствување.
Првото што го забележува Васил Антевски. во тие затворски триста шеесет и пет дена, е тоа дека — обратно од неговите очекувања — токму комунистите се оние што се држат на дистанца од него. Не само што не го сметаат за свој, туку се претпазливи кон него и му пристапуваат со видлив предзнак на сомневање. Тоа е нова генерација, главно помлада од него, која не ги декларира своите убедувања — веројатно за да не се оневозможи во илегалната акција. Законот за заштита на државата е безмилосен, но има една слабост: под него, каде што место неговите параграфи мрдаат пипалата на политичката полиција, сепак може да се живее и да се мисли, да се опстојува и да се дејствува. Потоа Васил Антевски заклучува дека, надвор од декларираните комунисти како него, има и други кои на свој начин се поврзуваат и работат. Логично е да се претпостави дека таквите комунисти на извесен начин и се организираат во еден сплет, чии конци се вон дофатот на јавноста, законот и власта. И нормално е дека — си ја коментира Васил Антевски својата постапка — тие од свој аспект го осудуваат неговиот наивен обид да се поврзе со слична илегална организација надвор од земјата, место да го побара единствениот можен начин со вклучување во комунистичката организација на земјата.
Доаѓајќи до вакви заклучоци, Васил Антевски сепак останува на сознанието дека тие битно не влијаат на неговото основно, животно и филозофско определување — да се живее не за себе туку за другите, да се изборува слободата преку победување на сопствената слабодушност, да се досегне правдата во творечката еднаквост или во еднаквоста пред творештвото на овчарот од Оморани и чиракот од железницата со галеникот на желудникот и наследникот на чаршијата.
Недоразбирањата со животот, кога и да е, ќе се премавнат, нивното расчистување зависи од упорноста на личноста. Но, може ли да се остане без сопствени сфаќања во тој наниз од недоразбирања што го сочинува животот? Васил Антевски, примерно, не може да се замисли како адвокат — кој ги брсти клиентите, збира пари, купува куќи, па дури и се жени за мираз, за на крај од кариерата да изуми дека ја почнал со заклетвата да ја брани правдата. Еден правник може да ја брани правдата и невешто, но дволично — никако. А да се збогатиш врз несреќата на другите, тоа е исто како да си плукнеш на гробот од сопствената сиромаштија, од која, всушност и си излезен, за да ја збришеш за сите.
Некои принципи во животот мораат да се додржат, па макар со нив се изгубил и самиот тој — тоа е само во негово име. Откако го одлежува својот дел, Васил Антевски излегува од затворските врати со спокојство на човек кој уште стопати е готов да го вратат во неговата мемла заради тие принципи — колку и во нив да има наивности, заблуди и недоразбирања. Очигледно, се запечатува Васил Антевски, дека не сум тип кој ужива во животот: место да се вживувам во неговите остварени вредности, јас се занесувам по неговите неостварени идеали. Дали тоа само му проработил чирот во стомакот, или пак црвот продолжил да му ја танчи мислата? Во секој случај, Васил Антевски ова го заклучува по издржливоста, со која ја примил скудноста и лишувањата на затворскиот режим — потврда дека секој може да се врати на онаа немаштија, од која и потекнува.
Васил Антевски, значи, излегува од затвор со двојно сознание: по убедување е комунист а не им припаѓа како член. Тоа, понатаму, го одредува и неговото држење, кое во нешто е противречно но во крајна линија единствено. А самиот тој, Васил Антевски, ќе земе на себе да си ги разреши тие спротивности, во кои по сопствена вина се вовлекол и кои само тој ќе може да ги разреши. Макар што во животот имал само две слабости, од чии крајности ништо досега не сторил — музиката и правдата, Васил Антевски сега ќе прибегне кон трета: глумата.
Кога излегува од затвор, Васил Антевски не може да стане ништо друго — освен адвокат. Се разбира, ако сака да се занимава со правничка работа, а за друга и не го бива. Треба да се живее од нешто, макар на врат ја имал само својата осамена душа. Васил Антевски никогаш, ни во најскудните моменти од студентските денови, не сакал да биде адвокат. Ако за ништо друго, барем заради врежаниот поим, меѓу народот од кој произлегува, дека адвокатот е изедник исто како и другите властодршци, само со фирма на слободен интелектуалец; незаситен сопственик, кој со едната рака се штити со законот, а со другата ги празни џебовите на обесправените.
Зар таков адвокат да стане? Никако! Ако веќе мора да се станува адвокат, тогаш ќе стане онаков каков што сака тој: не да ја потврди компромитацијата на оваа професија меѓу народот, туку да ја изведе на чисто ниво од нова афирмација. Чиста лудост, да се занесуваш со вакви мисли! А зошто пак и да не се занесуваш, кога зависат од тебе? Кога ја почнуваш приватната адвокатура без кантора, без клиенти, без репутација — кога стануваш адвокат без ништо? Кога капитал ти е голотијата, а гаранција чесноста? Штом сè ќе заврши наопаку, зошто и да не почне така?
И така, Васил Антевски, во своите зрели години, се досетува да внесе малку црн хумор во сивото море на немоќта пред животот, во безбојната историја на приватната адвокатура. Скрпува средства од роднини и пријатели, наоѓа еден ќумез зад Ибни Пајко и ја отвора својата прва кантора. Едно биро на расклатени нозе и со отапени агли, една машина на пишување со троми типки и изабени букви, еден стол за него и еден за клиентот — сè преку еден изеден праг, под кој се провираат 'рскавични стаорци и кога вратата е затворена. Да, да не заборавиме на кривиот сулундар, кој излегува од излогот (ако така може да се нарече џамот што е и ѕид кон уличката) поврзувајќи го неговиот секогаш студен пампур со секогаш студената чаршија кон него. И, така, Васил Антевски ги зачекува своите клиенти.
Но, какви изгледи на успех во преплашената чаршија може да има еден млад адвокат кој штотуку е пуштен од затвор? Зар може тој, на таа држава што го држела зад решетки, да и се испречи со законот, кој и самиот него не го заштитува од неа? Зар може тој да ги брани другите од змијарникот на параграфите, кога самиот не може да се одбрани пред лицето на правдата? Чаршијата, со потсмешливите прикрајоци на своите топли кепенци, секој час очекува — студениот сулундар да се урне на неговата усвитена глава. Тој поглед Васил Антевски до крај ќе го чувствува како убод на оса. И, макар што со часови седи на расклатеното биро, читајќи светска литература, место да пишува малограѓански молби, тој сепак не губи надеж.
И навистина, фактот дека барем станува познат како скромен и напреден адвокат, на Васила Антевски му ги донесува малубројните и сиромашни клиенти: пропаднати занаетчии, безимотни селани, отпуштени работници. Тие почнуваат да идат кај него со своите празни раце и тој им помага не очекувајќи ништо опипливо од нив. Васил Антевски живее сам, не му треба многу — повеќе дава за книги, одошто за храна. Тој и самиот не очекува многу од животот: доволна му е вистината дека, освен учествувањето во општествените работи и запознавањето со напредната мисла, може да им биде од извесна полза на тие луѓе, кои стојат пред него со законите против нив, не само со немоќни раце туку и со неразбудени глави.
Кога еден вечер излегува од работа, Васил Антевски забележува дека на неговата кантора нема фирма. Тоа му е првпат да не забележува некои работи навреме: сите дуќани околу него, освен расчадените сулундари, имаат и фирми во бои; сите газди, покрај загриженото лице во работата, имаат лесна насмевка за ретките муштерии; сите дуќанџии, кога не си го удираат челото во коленото од занаетот, се собираат во ќебапчилниците и ги одврзуваат јазиците. Така ли е, се прашува Васил Антевски. И веднаш донесува решение.
Уште другиот ден на неговата кантора се качува фирмата: лимена табла во контрастни бои — бела, црвена и црна. Но на неговата фирма, покрај „адвокат“, ќе пишува „Василије Антевиќ“ туку „Васил Антевски“, со маркантна точка меѓу името и презимето. Додека фирмата се беси над вратата, луѓето од чаршијата веќе се збираат под неа и ја коментираат, Доаѓа и претставникот на власта, кој пробивајќи се со лактовите меѓу масата сака да го разреши проблемот.
— Нема место за „Василије“, моравме да го скратиме и да ставиме точка после „Васил“, — објаснува Васил Антевски. — А она „Антевски“ ни е фамилијарно, од татко ми. Костадин Антевски, носител на споменица од Солунскиот фронт.
Претставникот на власта, сукајќи ги залоените мустаќи, не е задоволен од одговорот а и самиот нема одговор. Го носи младиот адвокат кај повисоките власти, но Васил Антевски уште истиот ден се враќа во својата кантора со паларија на главата, гамашни на глуждовите и бастун во раката. Фирмата му останува таква: — „Васил точка Антевски адвокат“, а тој уште и пројавува расположение да седне со другите во ќебапчилниците на чаршијата.
Оттогаш, низ сиот град, Васил Антевски станува познат како Васил Точката, адвокат на сиромасите. И кантората зад Ибни Пајко ги наоѓа своите единствени клиенти, а Васил Антевски своето место во градот што ќе му го одмени родното до крајот на животот.
Всушност, по враќањето од затвор, Васил Антевски го дочекуваат во Скопје организираните комунисти, како личност погодна за политичко дејствување на легална основа. Иако секогаш не може со сигурност да ги идентификува во менливите лица со кои контактира како адвокат, тој ја чувствува не само нивната близина туку и нивната поддршка. Тоа до некаде го успокојува и го прави посигурен во јавните настапи, макар што од друга страна желбата да биде прифатен од нив како рамноправен член продолжува да го копка одвнатре.
Но, и активен во здружената опозиција, каде што има извесни обиди за соработка со демократите, радикалите и секогаш да го погоди политичкиот курс на илегалната Комунистичка партија. Тогаш, во името на работничката група настапува Анте Грубишиќ, а Васил Антевски, иако и тој во неа, не е приман од претставниците на другите партии, ни во официјалните контакти со власта. Во тоа време, некаде 1938 учествува и на една конференција за формирање на легална работничка партија, но ни од тоа нешто станува ни со него нешто сè менува.
По распишувањето на избори за народни пратеници, политичкото ангажирање на Васила Антевски оди преку Земјоделската партија во Скопје и Македонија. Тогаш земјоделците, откако остануваат без свој претставник по заминувањето на некојси Георгиевиќ, му се обраќаат нему преку едно лице по име Милиќ што доаѓа од Белград, а бидејќи Васил Антевски одбива да ја прифати нивната кандидатура, им го наоѓа инженерот Глигор Ташков кој се согласува на тоа. Така се развива изборната битка, а пред тоа и битката за кандидирање. Од страна на земјоделците се јавуваат како конкуренти — Јосиф Михајловиќ, некогашен претседател на Скопската општина, со Спиро Китинчев, тогашен претседател. Васил Антевски е против нивното кандидирање, зашто не ги смета — не само тој — за вистински демократи, туку за претставници на бирократијата и приврзеници на реакцијата. Глигор Ташков се чини попогоден за соработка во демократската полза и во полза на македонскиот народ. Тоа настојување на Васила Антевски победува во водството на Земјоделската партија.
Од друга страна, пак, се јавува работничката листа преку еден претставник на социјал-демократите, Дача Станишиќ. Неговата кандидатура ја поддржуваат експонираните комунисти, како што се Блажо Орландиќ, Анте Грубишиќ, Душан Поповиќ; и така Васил Антевски останува приврзаник на Глигора Ташков во Скопје, сам со некои работници како потписници на листата. А по изборите, откако поминува извесно време, Васил Антевски станува и официјално земјоделец и се наречува член на Земјоделската партија.
Еднаш, во станот на Ташкова, извесниот Позелов му поставува прашање: како тоа да се наречува земјоделец, кога се знае и се признава за марксист? Васил Антевски му одговора дека сега е за остварување на земјоделската програма, а потоа за остварување и на марксистичката програма. Од таквиот одговор Позелов не е задоволен; тој мисли дека Васил Антевски не е вистински земјоделец и дека сето тоа е масло на комунистите, кои преку Васила Антевски тераат некоја своја игра. И Васил Антевски не е задоволен од себеси: ангажирањето за земјоделската програма ни од далеку не е сатисфакција за неговите политички убедувања, па тој и самиот се надева дека преку согледувањето на таквиот факт од комунистите, конечно ќе им стане и прифатлив.
Кога умира земјоделскиот водич Јоца Јовановиќ, Васил Антевски зборува пред Офицерскиот дом во Скопје, во името на Земјоделската партија. Тогаш, во говорот пред одарот, Васил Антевски со повишен тон подвлекува дека покојниот имал разбирања за македонскиот народ во неговата желба за слобода и дека токму поради тој факт и само заради таквата надеж, Македонците влегуваат во Земјоделската партија. На венците е испишано: „Од македонските земјоделци“, ,,Од македонската младина“. Од таквите, од позициите на националното ослободување, потекнуваат односите на Васила Антевски со Земјоделската партија. Тогаш тој е, навистина ни избран ни наименуван, но фактички организационен секретар на Земјоделската партија, сè до формалното назначување на Ацо Димитриевиќ, дотогашен секретар на трговското друштво. Потоа, кога се поставува прашањето за кандидирање на сенатори, Васил Антевски се објавува против земјоделското водство и неговото учество во државната управа. Така доаѓа и до конечниот раскин на неговата политичка соработка со Земјоделската партија и со Глигора Ташков.
Во меѓувреме, макар што организираните комунисти — особено работниците и студентите — не се согласни со него, тие сепак ја продолжуваат на извесен начин соработката со него. Се врткаат околу адвокатскиот ќумез зад Ибни Пајко, било како клиенти без пари, било како супленти без надоместок, лупејќи го изедениот праг на неговиот популарен дуќан и триејќи ги благите рабови на неговото достапно биро. Зашто Васил Антевски, со широчината на својата мисла и со загадочноста на својата библиотека, останува привлечен за нив — готов да објасни, да сфати, да помогне.
Во почетокот на 1940 година, една зимска вечер, во кантората на Васил Антевски упаѓа Блажо Орландиќ. Васил Антевски го знае како незавршен студент по филозофија, лежан како него в затвор, но под обвинение како организатор на партиска ќелија на скопскиот факултет. Блажо Орландиќ се обѕира каде да го стави качкетот, па мислејќи дека пампурот му е запален, го спушта врз средените хартии на неговото биро. И, не чекајќи покана, седнува спроти него, вкрстувајќи ги и нозете и рацете.
— Слушај, Василе! — почнува веднаш, додека Васил Антевски уште се созема од оваа доцна, ненадејна и студена посета — Сакам да ти кажам некои работи. Овојпат јас ќе говорам, а ти ќе слушаш. Ние знаеме сè за тебе: и кој си, и што си, и каков си. Кога, ти го велам ова, сакам пред сè да те предупредам — за да не биде доцна, и за тебе и за нас. Сакам најдиректно да ти кажам дека не си никаков комунист и дека треба да престанеш да се претставуваш за таков. Признавам дека си национален револуционер за слободата на македонскиот народ. Како со таков, комунистите можат и ќе соработуваат со тебе. Но само на нивната линија и само под нивното водство. Зашто, македонскиот народ ќе дојде и до својата национална слобода само преку социјална и социјалистичка револуција. Мислам дека си согласен со мене. Тоа практично значи дека треба да прекинеш секаква соработка со сите други партии. Тоа повеќе не смееш да го правиш. Се надевам дека сум јасен. Од натамошното твое држење ќе зависи и нашиот однос кон тебе. Доаѓаат тешки времиња, се ближи светска војна. Потребен ни е секој човек, кој не само со идеја туку и со акција ќе биде со нас. Толку, засега. Не барам веднаш одговор. Размисли. По извесно време, ќе ти се јави човек. Ако бидеш со нас, прими го како мене. Дури и потопло од мене.
Па, чистејќи ја правта од помпурот со размавтаниот качкет, Блажо Орландиќ излегува насмевнат од студената кантора. Гледајќи како место него низ вратата влегува ветрот, Васил Антевски ги собира своите хартии од бирото и ги полни градите со ноќниот воздух на градот, како со планински здив од детски соништа.
Оттогаш, Васил Антевски станува одговорен за собирање на средствата од фондот, кој во илегалниот живот е познат како Народна или Правна помош. Од една страна, Васил Антевски прибира доброволни прилози од напредно расположената средина во градот — од инженери, лекари, трговци, занаетчии, службеници; од друга, преку партиска врска, и самиот прима пари. Сè со цел за помагања на затворени и прогонувани лица, кои пред избувнувањето на новата војна ги има сè повеќе и повеќе. Задачата на Васил Антевски, како што и самиот си ја сфаќа пред Комунистичката партија, се состои во тоа да ги заштитува луѓето пред власта и пред судовите, независно дали тоа го прави лично или пак, поради презафатеност или неподобност за дејствување, ангажира други правни лица. И тоа, се разбира, самиот бесплатно, додека ангажирањето на другите адвокати тој го подмирува како со колеги, а не како пред тоа, кога луѓето оделе директно кај Стеван Трифунац, припадник на радикалската опозиција и незаситен изедник.
На таа работа, како нешто што му лежи, Васил Антевски се оддава со сета страст на некогашен сиромашник, со сета совест на сегашен граѓанин, со сета свест на идниот слободен човек. Дури сега, низ оваа полулегална правничка работа, ја насетува и убавината на адвокатскиот повик, да ја заштитува правдата, пред општеството да ја озакони со својот развој. Занесен во оваа партиска задача, Васил Антевски — без никој да му го поставува тоа — и самиот внесува лични средства во фондот на Правната помош, сметајќи дека такво нешто се очекува од него како што се бара од другите.
Врската со Блажо Орландиќ, за неговото колку изненадување толку и очекување, му е еден од онаа глутница на гладници и правници, испосници и мудреци, што се врткаат во неговата тесна кантора, под вид дека му се помошници и приправници, клиенти и штитеници. Васил Антевски гледа, насетува, знае дека тие, за разлика од него, се организирани комунисти — активисти или илегалци. Во нивните очи тој е или престар поради својата ситуирана егзистенција или недоволно чист поради политичкото лутање. Всушност, Васил Антевски им завидува — што веднаш во својата младост го нашле патот на животното определување. Затоа и ги прима како врсници, бидејќи неговите врсници — и по живот и по идеја — не му се веќе ни истомисленици ни сопатници. Не би можел инаку, на самиот себеси, да си го објасни парадоксот дека е спремен да ја прими нивната критика, како од Блажо Орландиќ, доколку таа не го одрекува до отфрлање. Во тие моменти, пред провалата на војната, Васил Антевски и се чувствува како средорек: и среде нивниот тек и скраја од нивната матица. Нешто како начната пенушка со сочни корени — завлечена од порој а насукана на суводолица: ни функција, ни декор. Крт цртеж на жилав релјеф.
А врската, значи, му е Самсон. Едно момче од Горно Лисиче, кое адвокатот го претставува пред властите како приправник. Самсон, меѓутоа, иако бил запишан на Правниот факултет во Белград сега е студент на Филозофскиот факултет во Скопје — што е проблем на бановинската полиција. Во секој случај, Васил Антевски знае за Самсон само ова: дека се вика Периша Савелиќ, дека е роден во Подгорица и е син на учител, дека има завршено матура во Приштина затоа што бил исклучен од скопската гимназија поради политичка дејност, дека говори македонски а чувствува светски, дека е човек — како што се вели во народот — со ѕвезда на чело: секој сака да го слушне што мисли, секој сака да го види што ќе направи, секој сака да го земе како пример во животот.
Иако помлад од него за цела матура во животот, односно за полни седумнаесет години, Васил Антевски го прифаќа полнолетникот Самсон — и како соработник, и како сомисленик, и како содружник. Едниот прима задачи од другиот, другиот прима литература од првиот, двајцата се држат меѓу другите како да се познаваат исто како сите, а кога остануваат сами дискутираат нашироко и до динар го распределуваат фондот на Правната помош. Да се сентиментални, како што не се, би се почувствувале — барем за миг — како татко и син.
Таа соработка, меѓутоа, ја прекинува јануари четириесет и првата. Јатаган на јамка, сечило на нокот, мразулец на носница. Васила Антевски го интернираат во Ивањичкиот логор, во Меѓуречје, но не во ешалонот со комунистите туку со националистите. Поникната во „Српскиот клуб“ и однегувана од екстремните Љотиќивци, описната придавка на настраниот адвокат како „предавник на српската национална совест“ и како „најголем непријател на државата како Македонец“ — кружи тогаш низ Скопје, во неговите официјални кулоари, наоѓајќи најпогоден терен во армиската команда на Вардарската бановина. Васил Антевски може само да биде задоволен што претходно не е собран во логорот во Билеќе, уште повеќе што и во ивањичкиот неговиот државен третман е претежно како националист одошто како комунист.
Всушност, Васила Антевски го собираат заедно со сегашните и бившите земјоделци, кои од различни причини бараат некаква демократија. Тука е Спиро Китинчев, политичар, превртлив сè додека не дојде на власт; Илија Чулев, народен пратеник како претставник на земјоделците; Кочо Ванов, лекар од Велес и кандидат на земјоделците. Едно шарено друштво, во кое веќе Васил Антевски нема не само сомисленик туку нема ни соговорник. Сепак, тој е задоволен што со ништо не е откриена неговата врска со комунистите, оние непознати млади луѓе со кои почнува да се разбира и преку стисокот на раката.
Во логорот владее колку војнички толку затворски режим: студени бараки со смрдливи сламарици, целодневна работа без секаква цел, танка исхрана од празен казан и бесмислени прашања во бескрајни истраги. Истоштување на снагата, умртвување на волјата, испирање на мозокот. Споредувајќи го со затворот, Васил Антевски е во искушение да зажали за него. Колку и различни во своите политички убедувања, како и по мотивите поради кои се собрани, сите логораши се единствени во осудата на режимот во логорот.
Тогаш во Ивањица доаѓа еден претставник на земјоделците, што го пренесува ставот на неговата партија дека дури и таа не е согласна со вакви логори во кои е ангажирана воената организација.
— Доста е полицијата! — дофрла Васил Антевски, кој и против својата волја се наоѓа во компанија со земјоделците.
— Да, доста е и полицијата! — му одобрува претставникот, исто правник и адвокат, но без иронијата од гласот на Васила Антевски. Претставникот, истовремено, ги информира дека Земјоделската партија, во лицето на заменик водачот Тупањаниќ, министерот Чубриловиќ и лично на Глигор Ташков, интервенира во самиот кралски двор да бидат ослободени од режимот па и од логорот во Ивањица.
И навистина, по дваесет и четири дена, заедно со другите земјоделци — го пуштаат од ивањичкиот логор. Чувствувајќи се виновен под погледите на комунистите, Васил Антевски со наведната глава се враќа во Скопје. Таму, и во станот и во кантората, веќе го чека повикот за војска. И, без да стаса дури и да се обиде да ја обнови врската со комунистите, Васил Антевски се наоѓа во мобилизациските редови како резервен санитетски каплар. Небото, на кое се размешуваат исплашени облици, здива на студ, глад и смрт.
И така, со претчувство на недокажана вина и тмурен безизлез, Васил Антевски влегува во една — колку кратка толку и срамна — војна: априлскиот пораз од четириесет и првата година.