Aсдрубал Барбоса

Црвениот терор


Извор: https://litci.org/es/el-terror-rojo/
Превод: Томислав Захов (од шпански)
Онлајн верзија: јули 2024


„Кој не гледа дека класната борба неизбежно води до вооружен конфликт, тој е слеп.“[1]

Црвениот терор беше официјално прогласен во Советскиот Сојуз на 3 септември 1918 година, преку наредба на Народниот комесар за внатрешни работи, Григори Петровски. Тој нареди крај на добронамерноста, затворање на десничарската Социјалистичка револуционерна партија, апсење на заложниците меѓу буржоазите и службениците. Егзекуциите биле експедитивни.

Ова се случи по атентатот на советскиот комесар за информации, Мојсеј В. Володарски, на 20 јуни 1918 година; на шефот на Чека во Петроград, Мојсеј Урицки, водач на болшевичката партија[2]; а на 30 август обидот за убиство на Ленин од Фани Каплан. Таа пукаше двапати во Ленин. Едниот куршум пробил дел од левото белодробно крило, застанал во близина на десната клучна коска, а другиот го погодил левото рамо. Овој напад беше еден од одговорните за слабеење на здравјето на водачот, што доведе до последователни мозочни удари и неговата смрт.

Буржоаскиот терор

Црвениот терор ја следеше револуционерната традиција на „Терорoт“ што се применуваше во сите револуционерни процеси, истакнувајќи се во буржоаските револуции како што е пуританската револуција, позната и како Англиска граѓанска војна, во која Оливер Кромвел го обезглави Чарлс I; Француската револуција на Дантон и Робеспјер и Првата американска револуција на Томас Џеферсон и Џорџ Вашингтон. Процеси во кои буржоазијата одиграла прогресивна улога во борбата против феудалното општество.

Теророт на Јакобинците беше многу покрвав од оној на болшевиците: Француската револуција ги отсече главите на војската во Нант, Лион, Ванде. Само во Париз 1376 луѓе беа гилотинирани за девет дена, по декретот на 10 јуни 1794 година (22 Прериал на годината II според францускиот револуционерен календар). Во Франција со 25 милиони жители. Соочен со приговорите, Ленин објасни: „Нам ни се замерува што користиме терор. Но, таков терор каков што го користеа француските револуционери кои гилотинираа невооружени луѓе, ние не го користиме и, се надевам, нема да го користиме. Кога извршивме апсења, рековме: „Ќе ве пуштиме ако потпишете документ со кој ветувате дека нема да извршите саботажни дела.““[3]

За Робеспјер, „Ако главниот извор на народната влада во мирнодопски услови е доблест, среде револуција тоа е истовремено и доблест и терор: доблест, без која теророт е фатален; терор, без кој доблеста е импотентна. Теророт не е ништо друго освен брза, строга, нефлексибилна правда; затоа е еманација на доблест.“[4] За Томас Џеферсон: „Во борбата што беше неопходна, многу виновни паднаа без формалностите на судењето, а со нив и некои невини луѓе. ... Беше неопходно да се користи раката на народот, машина не баш слепа како куршумите и бомбите, но слепа до одреден степен.“[5]

Во реалноста, теророт постоел како инструмент за класно угнетување уште пред Средниот век, но тогаш за класите сопственици на имот служел како инструмент да ги задржат сиромашните класи под своја контрола. „Под владеењето на Хенри VIII биле погубени 72.000 големи и мали крадци за кои Томас Мор вели дека биле присилени на кражба. Во времето на Елизабета „скитниците се бесени во редици: и не поминала година, да не се обесат на ова или на она место по 300 или 400 мина.“ Уште во почетокот на царувањето на Луј XVI (Ордонанса од 13 јули 1777) секој здрав развиен човек од 16 до 60 години, ако немал средства за егзистенција и ако бил без определена професија, се праќал на кораби.“[6]

Во есента 1848 година Маркс изјави дека, по „канибализмот на контрареволуцијата“, имаше „само едно средство да се скрати, поедностави и локализира крвавата агонија на старото општество и крвавите породилни болки на новото, само едно средство - револуционерниот терор!“[7]

За Виктор Серж: „Никогаш немало војна или револуција без терор. ... Клучот за победата во граѓанската војна е во основа ист како оној во војните меѓу државите. Станува збор за уништување на дел – најдобриот дел – од човечките сили на непријателот и за деморализирање и разоружување на другите.“[8] За Ѕержински: „Теророт е апсолутна потреба во време на револуција.“[9]

Контрареволуционерниот терор

Но, буржоаскиот терор не се користеше само за унапредување на револуциите. Истиот бил користен и во Јунската револуција од 1848 година во Франција, од генералот Луј Ежен Кавењак, поранешен командант во Алжир, кој застрелал 1500 бунтовници. Без право на одбрана осуди 12.000 работници на затвор, а 4000 депортираше во Алжир. Енгелс напиша: „По петдневна херојска борба, работниците беа поразени. А потоа следеше крвопролевање на беспомошни затвореници, какво што не е видено уште од деновите на граѓанските војни кои го воведоа падот на римската република. Тоа беше првпат буржоазијата да покаже на какви луди суровости на одмазда ќе биде поттикната во моментот кога пролетаријатот ќе се осмели да заземе став против нив како посебна класа, со свои интереси и барања. А сепак 1848 година беше само детска игра во споредба со нивното лудило во 1871 година.“[10]

За време на Париската комуна, репресијата на Тиер уби најмалку 50.000, 20.000 до 25.000 беа застрелани по битките. Имаше 43.000 затвореници, 3000 во концентрациони логори, 4000 депортирани и 5000 осудени со различни казни. Во споредба со контрареволуционерното насилство, Комуната застрела 60 заложници.

Франческо Ричи, во написот „Париската комуна (1871) претходничка на Петроградската комуна (1917)“, опишува дека: „Во аналите на годините пред Париската комуна, тешко е да се најдат масакри слични на оние што буржоазијата жестоко ги изврши по падот на првата работничка влада во историјата. Треба да се вратиме во времето кога шест илјади преживеани бунтовници од војската на Спартак биле заробени од легиите на Крас, биле распнати на крст долж Вија Апија од Рим до Капуа, за да послужат како пример за оние кои ќе се обидат да се побунат против Рим.“[11]

Пак, Енгелс: „Дури по осумдневни борби, последниот бранител на Комуната беше совладан на височините на Белвил и Менилмонтан; а потоа масакрот на беспомошни мажи, жени и деца, кој беснееше цела недела во се` поголеми размери, го достигна својот зенит. Остраганите повеќе не можеа да убиваат доволно брзо; поразените работници беа соборени во стотина со митралески оган [над 30.000 граѓани на Париз беа масакрирани]. „Ѕидот на федералците“ [познат како Ѕид на комунарите] на гробиштата Пер Лашез, каде што беше извршено последното масовно убиство, сè уште стои денес, немо, но елоквентно сведоштво за чие дивјаштво е способна владејачката класа штом работничката класа се осмели да се бори за своите права. Потоа следеа масовни апсења [38.000 работници уапсени]; кога колењето на сите нив се покажа како невозможно, следеше стрелање на жртви произволно избрани од редовите на затворениците и преместување на останатите во големите логори каде што чекаа судење од воените судови.“[12]

Виктор Серж пишува нешто слично за масакрот во екот на Финската револуција во 1917 година: „Репресијата беше страшна, стотици работнички жени и деца беа убиени, повеќе од 300 тела беа собрани на улица. Манерхајм го опколи Тамерфорс, каде што 10.000 Црвени предводени од неколку руски офицери жестоко се спротивставија. Градот беше заземен во борби од куќа до куќа по улични битки кои траеја неколку дена. Таму беа застрелани двесте црвени, меѓу кои и двајца одлични водачи, полковник Георги Булацел и поручник Муханов. Неколку илјади од Црвените успеаја да побегнат, околу 2000 беа убиени во борбите или масакрирани подоцна, 5000 беа заробени. … Одлучувачката битка се водела во Тавастехус, помеѓу Тамерфорс и Хелсинки. Се проценува дека таму биле масакрирани 10.000 луѓе, вклучувајќи мажи и жени. Вкупниот број на масакрираните од белите е околу 30.000 пролетери, а 70.000 биле интернирани во концентрациони логори. Медицинските извештаи покажуваат дека во првите 26 дена умреле 2.347 затвореници, а просечната смртност во овие логори била 400 неделно. „Сите организирани работници беа застрелани или затворени“.“[13]

Германската револуција од 1918 година беше сурово потисната од владата на „Народниот фронт“ формирана од социјалдемократите на Фридрих Еберт. „Фрajкорпс“ (слободни корпуси обучени и подготвени за задачи во случај на граѓанска војна) под команда на социјалдемократот Густав Носке, „крвавото куче“, изврши голем масакр и ги уби Роза Луксембург и Карл Либкнехт.

Во масакрот во екот на Кинеската револуција од 1927 година имаше 547.000 смртни случаи; од нив, 25.000 во сталинистичката авантура во Кантон, во декември. Да не зборуваме за 30 милиони луѓе убиени од нацистичкиот режим, според официјалната статистика. Диктатурите во Латинска Америка, особено чилеанската со 20.000 загинати и аргентинската со 30.000, не заостануваат многу во масакрите што се случија против алжирската револуција, од кои нема официјален број на жртви, но тие можат да се избројат во илјадници. Или етничкото чистење на палестинскиот народ што го извршија ционистите.[14]

Во Бразил, насилството врз бунтовните морнари во Бунтот против камшикот во 1910 година беше историски преседан за тоа колку нема пацифизам во националната буржоазија.

На крајот на 1937 година, Троцки напиша во Шпанија: последно предупредување: „Кога работниците и селаните ќе ја започнат нивната револуција – кога ќе заземат фабрики и имоти, ќе ги истераат старите сопственици, ќе ја освојат власта во провинциите – тогаш буржоаската контрареволуција – демократска, сталинистичка или фашистичка – нема други средства за зауздување на ова движење освен преку крвава принуда, дополнета со лаги и измами. Супериорноста на сталинистичката клика[15] на овој пат се состоеше во нејзината способност веднаш да примени мерки што беа над капацитетот на Азања, Компани, Негрин и нивните леви сојузници.“[16]

Сегашниот буржоаски терор генерално дејствува со исклучително дивјаштво за да го истреби својот класен непријател. Поразената револуција или поразениот револуционерен процес, без оглед на своите загуби, секогаш ќе го чини пролетаријатот повеќе од успешна револуција, без оглед на жртвите што може да ги бара.

Црвениот терор

„Колкав беше размерот на Црвениот терор?[17] Сè што имаме на располагање за да одговориме на ова прашање се многу нецелосни податоци. Во првите месеци не се издаваа редовни статистички податоци; официјалните бројки објавени од Лацис се засноваат на информации често од случаен карактер. Имајќи ги на ум овие резерви, да ги испитаме. Вонредните комисии беа формирани, како што знаеме, во декември 1917 година. Во првите шест месеци од нивната активност тие погубија само дваесет и две лица. Во последните шест месеци од 1918 година, извршени се повеќе од 6000 егзекуции. Месечниот просек на егзекуции за 1918 година е: контрареволуционери, 380; нечесни и криминални службеници, четиринаесет; шпекуланти, тројца.

Севкупно, 12.733 лица биле егзекутирани во 1918, 1919 и 1920 година во цела Русија. Овие официјални бројки на Чека, за кои се признава дека се потценети, можат да послужат само како показател за вистинската слика. Очигледно тие ја сумираат само организираната, контролираната и систематизираната активност на Комисиите. Исто така, мора да се сфати дека и граѓанските револуционерни трибунали ја примениле смртната казна. [В.Х. Чемберлин (Руската револуција, 1917-1921 (Лондон, 1935), том 2, стр.74-5) ја дискутира бројката од 12.733, што мора да биде грубо потценување дури и на „организираната“ активност на Чека; тој заклучува дека вкупно 50.000 убиени би биле поверојатна бројка за Црвениот терор во периодот на граѓанската војна од 1918-20 година.]

Црвениот терор, за четири години револуција, можеби пролеа помалку крв од она што се пролеа во неколку денови за време на Битката кај Верден (1792).

Црвениот терор е секогаш многу помалку крвав од Белиот. Работничките маси користат терор против класите кои се малцинство во општеството. Тој не прави ништо повеќе од завршување на работата на новосоздадените економски и политички сили. Кога прогресивните мерки собраа милиони работници околу каузата на револуцијата, отпорот на привилегираните малцинства не е тешко да се скрши во оваа фаза. Белиот терор, од друга страна, го спроведуваат овие привилегирани малцинства против работничките маси, кои треба да ги заколе, да ги десеткува. Версајците беа одговорни за повеќе жртви само во Париз за една недела отколку Чека за три години во цела Русија.“[18]

Белиот терор

Во Руската револуција, првиот масакр на работници извршен од буржоазијата се случи три дена по преземањето на власта, кога контра-револуционерните војски го зазедоа Кремљ во Москва. Продолжи на териториите окупирани од Белата армија за време на Граѓанската војна. Корнилов ја сумираше ситуацијата на следниов начин: „Колку е поголем теророт, толку се поголеми нашите победи“, и вети дека ќе „запали половина земја и ќе ја пролее крвта на три четвртини од сите Руси“ за да го врати капитализмот.[19] Деникин бил познат по масовните егзекуции и грабежи. Само во малиот град Фастов во регионот на Киев, тој убил повеќе од 1500 Евреи, главно постари, жени и деца.[20] Винстон Черчил лично го предупредил дека неговиот антисемитизам и неговите погроми ја ограничуваат англиската поддршка за неговите војници. Но, тој и неговите офицери ги нарекоа Вудро Вилсон и Лојд Џорџ „Евреи“ поради малата поддршка што ја добиваа од овие империјалистички сили.

Адмиралот Колчак во Западен Сибир дал наредба да ги застрела сите болшевици што ги затекнал како и нивните соработници, вклучително и голем број жени и деца. И по државниот удар против владата на социјалистичките револуционери и меншевиците во овој регион, тој ги уапси и ги прогони сите што не беа стрелани.

Чехословачката легија закла стотици комунисти каде и да стапнеше, во Сибир, на Волга и на Урал. „Демократската“ влада на социјалистичките револуционери и меншевиците во регионот на Волга ги масакрирала болшевиците и градовите биле ставени под опсада.[21]

Ленин: „На белиот терор на непријателите на работничката и селанската држава, работниците и селаните ќе одговорат со масовен црвен терор против буржоазијата и нејзините агенти.“

Контроверзиите со пацифистите

Во Лекции од Московското востание, Ленин жестоко го критикуваше Плеханов, кој заклучи дека во револуцијата од 1905 година во Русија немало ненавремени штрајкови и дека пролетаријатот „не требало да земе оружје“. Ленин го нарече кратковидец и опортунист, изјавувајќи дека: „Напротив, требаше поодлучно, поенергично и агресивно да се фатиме за оружје; требаше да им објасниме на масите дека е невозможно работите да се ограничат на мирен удар и дека е неопходна бестрашна и немилосрдна вооружена борба. И сега мораме конечно отворено и јавно да признаеме дека политичките штрајкови се несоодветни; ние мора да продолжиме со најшироката агитација меѓу масите во корист на вооруженото востание и да не се обидуваме да го замаглиме ова прашање со зборување за „прелиминарни фази“ или да го замаглиме на кој било начин. Ќе се залажеме и себеси и народот ако ја сокриеме од масите неопходноста од очајна, крвава војна до истребување, како непосредна задача на претстојната револуционерна акција.“[22]

По револуцијата од 1917 година, најдлабоката теоретска полемика на оваа тема ја почнаа советските револуционери против Карл Кауцки, наречен „одметник“ од Ленин. Тие полемизираа со неговата книга Диктатурата на пролетаријатот[23] поради отфрлање на револуционерните средства за борба на работничката класа, поради апологизирање на мирната револуција наспроти насилната револуција, поради негирање на самите буржоаски процеси и поради отфрлање на класниот карактер на буржоаската демократија.

Накратко, Ленин смета дека „Кауцки го зема од марксизмот она што е прифатливо за либералите и буржоазијата (критиката на Средниот век и прогресивната историска улога на капитализмот воопшто и на капиталистичката демократија особено) и го отфрла, премолчува, потценува сето она што во марксизмот е неприфатливо за буржоазијата (револуционерното насилство на пролетаријатот врз буржоазијата заради нејзино уништување). Затоа Кауцки, врз основа на неговата објективна позиција и без оглед на тоа какви се неговите субјективни убедувања, неминовно се покажува како лакеј на буржоазијата.

Буржоаската демократија, иако претставува голем историски напредок во споредба со средновековноста, секогаш останува, а во капитализмот е обврзана да остане, ограничена, скратена, лажна и лицемерна, рај за богатите и замка и измама за експлоатираните, за сиромашните. Токму оваа вистина, која го сочинува најсуштинскиот дел од учењето на Маркс, не успеа да ја разбере Кауцки „марксистот“. За ова – фундаментално прашање – Кауцки нуди „задоволства“ за буржоазијата наместо научна критика на оние услови што ја прават секоја буржоаска демократија демократија за богатите.“

Тврдејќи категорично: „Револуционерната диктатура на пролетаријатот е власта добиена и одржувана со насилство на пролетаријатот против буржоазијата, без да биде ограничена со никакви закони, a неопходноста од такво насилство е особено створена, како што Маркс и Енгелс повеќепати детално објасниле (особено во Граѓанската војна во Франција и во предговорот кон книгата), со постоењето на милитаризмот и бирократијата.“

„Накратко: Кауцки на најневиден начин го искриви концептот на диктатура на пролетаријатот и го претвори Маркс во обичен либерал... Кога Кауцки го „толкуваше“ концептот „револуционерна диктатура на пролетаријатот“ со цел да го елеминира револуционерното насилство на угнетената класа против нејзините угнетувачи, тој всушност го собори светскиот рекорд во либералното искривување на Маркс. Отпадникот Бернштајн не е ништо повеќе од марионета во споредба со отпадникот Кауцки.“[24]

Лацис против Кауцки изјавил: „Тие ги преспаа Февруарските и Октомвриските револуции и очекуваат другите да ја завршат целата валкана работа неопходна за изградбата на новиот комунистички поредок, за да можат да влезат со неизвалкани раце и чисти, штиркани јаки.“[25] Следејќи ја мислата на Троцки кој на Серускиот конгрес на селанските пратеници на 3 (16) декември изјави: „Нема да влеземе во кралството на социјализмот во бели ракавици на полиран под.“[26]

Троцки, исто така, полемизираше со Кауцки во 1920 година, во „Тероризмот и комунизмот“: „Црвениот терор не се разликува од вооруженото востание, чие директно продолжение е. Само оној кој ја осудува (вербално) секоја форма на насилство по принцип, може да го осуди од „морална гледна точка“ владиниот терор на револуционерната класа. (...) Напротив, теророт треба да биде многу ефикасен против реакционерната класа која одбива да се предаде.“[27]

Целта е да се заплаши непријателот

Чека објави многу стрелења на контрареволуционери во весниците и затворање на големи војводи, аристократи, офицери, новинари, банкари, индустријалци и трговци. Тоа беше многу важно за публицитетот. Па, целта на Црвениот терор не беше да го истреби непријателот туку да го заплаши за да престане да конспирира и, ако е можно, да `и служи на работничката држава.

Терористите на социјалистичката револуционерна партија кои пукаа во Ленин во јануари 1920 година беа уапсени, помилувани, а потоа станаа болшевици.

Во текот на настаните и самата партија прави напори да го ублажи теророт. „Krasnaya Gazeta“ од Петроград објавува: „На буржоазијата `и е одржана сурова лекција (...) Нека нашите непријатели ни дозволат да изградиме нов живот во мир. Ако го сторат тоа, ние ќе ја игнорираме нивната зовриена омраза и ќе престанеме да ги ловиме. Црвениот терор заврши додека Белиот терор повторно не започне. Судбината на буржоазијата е во нејзини раце.“[28]

„Можеме да истакнеме во корист на Лениновиот Централен комитет некои олеснителни околности, важни во очите на социологијата. Младата република беше изложена на смртни опасности. Неговата толерантност кон генерали како Краснов и Корнилов го чинеше крв. Стариот режим нашироко спроведуваше терор. Иницијативата за терор беше започната од белогардејците веќе во ноември 1917 година, со масакрирање на работниците од арсеналот на Кремљ; од страна на финските реакционери во првите месеци од 1918 година, во поголем обем, пред да биде прогласен „Црвениот терор“ во Русија. Класните војни од 19 век, по јунските денови од 1848 година и Париската комуна во 1871 година, се карактеризираат со масовно истребување на поразените пролетери. Руските револуционери знаеја што ги чека во случај на пораз. И покрај тоа, Чека беше бенигна на почетокот, до летото 1918 година. Но, кога беше прогласен „Црвениот терор“, по контрареволуционерните востанија, по атентатот на болшевиците Володарски и Урицки, по двата напади врз Ленин, Чека почна да ги стрела заложниците, осомничените и непријателите, само за да го канализира, за да го контролира народниот бес. Ѕержински многу се плашеше од ексцесите на локалните чекисти; „Статистиката на застреланите чекисти е, во оваа смисла, поучна.“[29]

Во јануари 1921 година, со наближувањето на крајот на Граѓанската војна, беа донесени декрети за намалување на овластувањата на Чека и укинување на смртната казна.

Полемиката со Виктор Серж

Многу револуционери го доведуваа во прашање постоењето на Чека, вклучително и Каменев во болшевичката партија, како и Максим Горки и Виктор Серж, надвор од неа. Но, Ленин и Троцки ја отфрлија нивната загриженост. Карл Радек беше против егзекуции. „Мораме да `и наштетиме на буржоазијата во нејзините економски привилегии.“ Бухарин имаше многу сомнежи, но го смени ставот кога анархистите бомбардираа состанок во Москва каде што тој зборуваше и 12 луѓе беа убиени, а 55 ранети, вклучувајќи го и самиот Бухарин. Како и Раковски, на кој му се закануваа со бомби за време на мировните преговори со десничарската украинска Рада.

За Виктор Серж: „Најнесфатливата грешка што ја направија овие социјалисти (болшевиците), обдарени со големо историско знаење, беше создавањето на Вонредната комисија за репресија на контрареволуцијата, шпекулациите, шпионажата, дезертерството, накратко наречена Чека, која ги судеше обвинетите и обичните осомничени без воопшто да ги слушнат или видат, без да им дозволат, следствено, секаква можност за одбрана (...) Дали им е дозволено на социјалистите да заборават дека публицитетот на судењата е единствената гаранција против самоволието и корупцијата за да не ги надминат експедитивните процедури на Фукје-Тинвил? Грешката и одговорноста се привилегии, последиците беа ужасни, бидејќи ГПУ, односно Чека под новото име, заврши со истребување на целата болшевичка револуционерна генерација.“[30]

„Верувам дека формирањето на Чека беше една од најтешките и најнеприфатливите грешки што ги направија болшевичките водачи во 1918 година, кога заговорите, блокадите и интервенциите ги натераа да го изгубат умот. Сите докази укажуваат дека револуционерните судови, ако работеа јавно и го признаа правото на одбрана, ќе ја постигнеа истата ефикасност со многу помала злоупотреба и изопаченост. Дали беше толку потребно да се вратиме на процедурите на инквизицијата?“[31]

Ленин ја бранеше работата на Феликс Ѕержински и Јаков Петерс јавно изјавувајќи: „Она што ме изненадува во негодувањата за грешките на Чека е неможноста да се има широк поглед на ова прашање. Имаме луѓе кои ги искористуваат одредените грешки на Чека, кревајќи врева во врска со нив... Кога ќе ја разгледам активноста на Чека и ќе ја споредам со нападите што ги трпиме, велам дека тоа е тесноград, празен разговор што е безвреден. Кога нè прекоруваат за суровост, се прашуваме како луѓето можат да го заборават најелементарниот марксизам... Важно е да запомниме дека чекистите директно ја спроведуваат диктатурата на пролетаријатот и во тој поглед нивната улога е непроценлива.“[32]

Троцки беше категоричен: „Глупости, глупости“, повтори тој. „Дали мислат дека можат да направат револуција без да стрелаат луѓе? Дали мислите дека можете да ги совладате вашите непријатели ако се разоружите? Кои други методи на репресија ви се на располагање? Затвор? Мислите ли дека ќе бидат исплашени од тоа за време на граѓанска војна во која двајцата противници се подеднакво сигурни во победата?“[33]

Во исто време тој објасни во „"Левичарството" во комунизмот како инфантилност или детска болест“:

„Ајде повторно да ја погледнеме вистината директно: немилосрдната суровост која е неопходна за победата на социјализмот сè уште ни недостасува, а не дека ни недостасува одлучност. Доволно сме одлучни. Но, не успеавме доволно брзо да фатиме доволен број шпекуланти, ограбувачи и капиталисти кои ги прекршуваат советските закони... На второ место, нашите трибунали немаат цврстина кога, наместо да ги стрелаат измамниците, им даваат шест месеци затворска казна. Овие две грешки имаат ист општествен корен: влијанието на малограѓанскиот елемент, неговата млитавост.“[34]

„Двоумењето и слабостите имаат голема цена. Колку порешително се води борбата, колку е помалку долга и скапа, толку поголеми шанси за успех нуди. „Милоста што се справува со тиранијата е варварска“, изјави Робеспјер во Националната конвенција.“[35]


Фусноти

[1] Trotsky, León. 1924, Les problèmes de la guerre civile. Прво објавување на руски јазик во Правда бр. 202 – 09-6-1924 година.

[2] Атентаторот Леонид Канегисер бил поврзан со Борис Савинков, поранешен руски терорист и член на Социјалистичката револуционерна партија.

[3] Izvestiya, December 6/19, 1917.

[4] Во неговиот Извештај за принципите на политичкиот морал од 5 февруари 1794 година.

[5] Thomas Jefferson, Letter to William Short (3 January 1793).

[6] Карл Маркс „Капиталот“, Том први, „Мисла“, Скопје, 1975.

[7] Karl Marx, The Victory of the Counter-Revolution in Vienna, Neue Rheinische Zeitung, No.136.

[8] Victor Serge, Year One of the Russian Revolution (1930).

[9] Communist Secret Police: Cheka – Spartacus Educational.

[10] Вовед од Фридрих Енгелс (1891) кон Граѓанската војна во Франција (1871) од Карл Маркс.

[11] Francesco Ricci, Paris Commune (1871): Anticipating the Petrograd Commune (1917), 2007.

[12] Вовед од Фридрих Енгелс (1891) кон Граѓанската војна во Франција (1871) од Карл Маркс.

[13] Victor Serge, Year One of the Russian Revolution (1930).

[14] „Војните за воспоставување и проширување на израелската држава доведоа до помалку од 25 000 смртни случаи.“ Види Саед, Антикомунизмот и стотиците милиони жртви на капитализмот, Capitalism Nature Socialism, Volume 32, 2021 - Issue 1, 04 May 2021.

[15] Во овој случај, сталинистичките симпатизери користеле недемократски методи.

[16] Leon Trotsky, The Lessons of Spain: The Last Warning, (December 1937).

[17] Во 1924 година, Сергеј Мелгунов (1879–1956) од Трудовата народно-социјалистичка партија, објави детален извештај за Црвениот терор во Русија, каде што ги наведе пребројувањата на професорот Шарл Саролеа за 1.766.188 егзекуции. Тој ја доведе во прашање точноста на бројките, но ја поддржа „карактеристиката на теророт во Русија“ на Саролеа, наведувајќи дека „генерално се совпаѓа со реалноста“. Други извори, исто така, го окарактеризираа широко распространетото тврдење за 1.700.000 смртни случаи како „грубо претерување“ и дадоа проценки поблиску до 50.000 во текот на тригодишниот период на Граѓанската војна. Британскиот историчар Роналд Хингли го објасни претераното тврдење од 1.700.000 со цитираната изјава на водачот на Белата армија Антон Деникин. „Бројката на жртви цитирана од белиот руски генерал Деникин за годините 1918-1919 од 1.700.000, се чини дека е значително претерување. Грубата проценка на В.Х. Чембрлен за педесет илјади егзекутирани од Чека за време на Граѓанската војна мора да биде поблиску до вистината“. Види Hingley, Ronald (30 May 2021). "7. The Cheka: 1917–1922". The Russian Secret Police: Muscovite, Imperial Russian and Soviet Political Security Operations 1565–1970. Routledge.

[18] Victor Serge, Year One of the Russian Revolution (1930).

[19] Victor Serge, Year One of the Russian Revolution (1930).

[20] Victor Serge, Year One of the Russian Revolution (1930).

[21] Pyatsi Sozyv VTsIK (1919), во Известија, 30 октомври.

[22] V. I. Lenin, Lessons of the Moscow Uprising, Proletary, No. 2, August 29, 1906.

[23] Vladimir Lenin, The Proletarian Revolution and the Renegade Kautsky, 1918.

[24] Vladimir Lenin, The Proletarian Revolution and the Renegade Kautsky, 1918.

[25] Latsis, Chrezvychainye Komissit po Bor’be s Kontrrevolyutstei (1921), a Sobranie Uzakonenit, 1917-1918, No. 1 (2nd ed.), art. 17.

[26] Trotsky, Sochineniia, volume 2, book 2, page 202.

[27] Leon Trotsky, Terrorism and Communism, A Reply to Karl Kautsky, (1920).

[28] Victor Serge, Year One of the Russian Revolution (1930).

[29] Виктор Серж, Портрет на Сталин, објавена во Париз (Grasset).

[30] Виктор Серж, Портрет на Сталин, објавена во Париз (Grasset).

[31] Victor Serge, Memoirs of a Revolutionary, 1901–1941, (1951).

[32] Vladimir Lenin, Speech At A Rally And Concert, For The All-Russia Extraordinary Commission Staff, November 7, 1918.

[33] Leon Trotsky, Lenin, (1925).

[34] V. Lenin, Collected Works (London, 1969), Vol.27, p.344.

[35] Victor Serge, Year One of the Russian Revolution (1930).