Рене Лефор

Кореја: фабрикување глад за да се заборави војната


Извор: Црна книга на анти-комунизмот и контра-револуцијата. Жорж Гасто (ур.). Eдиција Делга, Париз, 2017.
Превод: Томислав Захов (од француски)
Онлајн верзија: ноември 2024


Кореја е, заедно со Виетнам, една од азиските земји каде што антикомунистичкото насилство предизвика најмногу жртви.

Во август 1945 година, Кореја беше целосно ослободена од суровата јапонска окупација од страна на советските сили и антијапонските корејски герилци. Локални народни комитети се формираат низ целата земја, чии избрани претставници конституираа во Сеул Национално собрание на народни претставници и единствена влада за цела Кореја. Првото злосторство на империјалистичките сили беше поделбата наметната на оваа земја, со задоцнето слетување (Јапонија веќе капитулираше) и окупацијата на земјата до 38-та паралела од американските трупи. Низ оваа област, окупаторите побрзаа да ги распуштат народните комитети, наметнаа влада под нивна контрола и дивјачки ги потиснаа поддржувачите на обединувањето, додека напротив, на север советските сили ја евакуираа земјата од 1958 година и му дозволија на населението да го оствари својот целосен суверенитет.

Токму во овие услови избувна Корејската војна во 1950 година. Верзијата на западните медиуми е дека севернокорејците биле тие кои со соучесништво на СССР и Кина ги започнале непријателствата со напад на Јужна Кореја. Реалноста е многу поинаква.

Во текот на четирите години 1946-1949 година, во Северна Кореја се случи брз и многу значаен социјален и економски напредок. Оваа ситуација беше во контраст со онаа во Јужна Кореја, каде што економската неорганизираност (инфлација, пад на производството, осиромашување), со немири и социјални проблеми, придружени со политичка криза, беше голема. Оваа разлика ги вознемири Соединетите Држави, кои, згора на тоа, се најдоа соочени со почетокот на својата прва економска криза од крајот на Втората светска војна и бараа лек во политиката на вооружување и војна.

За да го одвлече вниманието од сопствената криза, марионетската влада на Јужна Кореја, со отворено соучесништво на САД во целосниот макартиизам, ги зголемува провокациите и упадите против Северна Кореја по 38-та паралела. Така, веќе во мај 1949 година, големи јужнокорејски сили започнаа офанзива и водеа жестока битка против Севернокорејците, предизвикувајќи повеќе од 400 жртви меѓу нив. Оваа ситуација се влоши во пролетта 1950 година, со јавно изразената желба на марионетата Сингман Ри да стави крај на Демократска Народна Република Кореја со сила. На 17 јуни, инспекцијата на линијата за разграничување од страна на американскиот советник Фостер Дјунс немаше друга цел освен да го испита планот за инвазија на Северна Кореја. На 19 јуни, владата на Демократска Народна Република Кореја упати повик за мирно обединување на земјата. Сингман Ри одговори со масовно бомбардирање на одбраната на Демократска Народна Република Кореја на полуостровот Онџин, при што движењето на војниците сугерираше на многу поголема општа офанзива. Сите овие податоци се познати и особено се пријавени од доктор Чанинг Лием, поранешен јужнокорејски амбасадор во Обединетите нации.

Токму под овие услови Демократска Народна Република Кореја беше принудена да преземе контраофанзива и војната, наметната од империјалистичката агресија, стана неповратна. Знаеме што се случи потоа, со слетувањето и масовната инвазија на американските сили поддржани од петнаесет други сили под закрила на ОН.

Затоа, оваа војна е серија на злосторства извршени од американските трупи, со масакрот на цивилното население, за што особено сведочи разоткривањето на злосторствата, полоши од оние на СС, кои тие немилосрдно ги извршија во градот Синчон. Ова денес нашироко го признава секој човек со добра волја, а на пример Le Monde од 25 јули 2003 година напиша дека „Американските војници се однесуваа со дивјаштво што денес би ги чинело кривично гонење за воени злосторства пред меѓународниот суд за правда .“ Исто така, добро е познато дека империјалистичките Јенки користеле хемиски и бактериолошки бомби за масовно уништување во оваа војна. Резултатот беше катастрофален на економски и човечки план. Војната предизвика 800.000 жртви во Северна Кореја, или речиси 10% од населението во тоа време, уништи повеќе од половина од нејзиниот индустриски потенцијал, со сите последици за иднината. Нејзиниот главен град, Пјонгјанг, не е ништо повеќе од куп урнатини.

Конечно, антикомунистичката пропаганда уште еднаш беше ослободена за време на тешкотиите што ги претрпе севернокорејската економија во 1990-тите. Три последователни години климатски катастрофи (тешки поплави, проследени со најголемата суша што ја претрпе Северна Кореја во последните шеесет години), во контекст на изолација по распадот на СССР и социјалистичкиот комонвелт, предизвикаа за ограничен период недостиг на храна, што стигна до глад во одредени региони на земјата. Но, реалноста нема никаква врска со преголемите бројки за илјадници смртни случаи од глад, изнесени на сосема произволен начин од западните медиуми. Уште еднаш, тие значително ги засилија, преувеличуваа и искривуваа информациите со цел да го криминализираат економскиот систем и политичкиот режим на Демократска Народна Република Кореја.