Утса Патнаик

Идеолошки статистики: Маовата глад преувеличена, руската капиталистичка глад премолчена


Првпат објавено: Utsa Patnaik, The Republic of Hunger[1], Social Scientist, Vol. 32, No. 9/10 (Sep. - Oct., 2004), pp. 9-35;
Превод: Томислав Захов (од англиски)
Онлајн верзија: август 2024


Наводната масовна глад во Кина за време на Големиот скок напред, 1958-1961 година, и меѓународно непризнатата глад во Русија во првата половина на 1990-тите.

Кога ќе ги погледнеме овие случаи, станува доволно јасно дека целото поле на дискусија за гладта е во голема мера идеолошко и рутински се карактеризира со напуштање на минималните академски критериуми во однос на доказите и проценките.

Прво, да го разгледаме тврдењето дека 27 до 30 милиони луѓе загинале во Кина за време на периодот на „Големиот скок напред“. Ова тврдење е содржано во книгите на двајца американски демографи Енсли Џонсон Коал (1984)[2] и Џудит Банистер (1987)[3]. Меѓутоа, малкумина во светот во развој би се потрудиле да ја прочитаат дискусијата на овие демографи, напишана на технички јазик. Главниот популаризатор и жестоко некритички поддржувач на заклучоците на овие американски демографи е Амартија Кумар Сен. Преку неговите дела, прво, во New York Review of Books и последователно во неговите многу предавања и книги, вклучувајќи ја Development as Freedom (1999), светот и читателската јавност во оваа земја се информирани дека „Кина го имаше она што е речиси сигурно најголемата документирана глад во историјата (кога триесет милиони луѓе загинаа во општата глад што следеше по Големиот скок напред во 1958-61 година) додека Индија немаше глад од својата независност во 1947 година“ (Sen, 1999, p. 43). Бројката од 30 милиони стана дел од народниот фолклор. Сепак, доколку се истражи како е дојдено до оваа бројка ќе се открие дека оваа проценка нема никаква научна основа.

Фактите се дека имаше след на три лоши жетви и дека голем пад од 30% на производството на прехранбени житарки се случи во Кина во 1960 година, додека владините набавки на стоки од селата не се намалија, намалувајќи ја достапноста по жител. Официјалната стапка на смртност, која паѓаше до 1958 година поради мерките за јавно здравје и санитарните услови, забележа пораст на 25,4 промили во 1960 година. (Сепак, оваа највисока стапка на смртност од „глад“ во Кина малку се разликуваше од реалната, „нормална“ стапка на смртност во Индија, 24,6, во истата година). Стапката на наталитет, исто така, нагло опадна во 1958 година, главно поради мобилизацијата на работната сила за колективна работа.

Биле користени два алтернативни начини за да се пресметаат „смртните случаи од глад“, и двата со многу сомнителна валидност. Во првиот, „дефицитарните милиони“ од вкупно 27 милиони во старосната пирамида во периодот од 1958 до 1961 година, беа идентификувани со „смртни случаи од глад“. Проблемот со овој начин на пресметка е што не само луѓето кои реално живееле и умреле повеќе од нормалниот број се вклучени во дефицитарните милиони, туку се вклучени и сите оние хипотетички лица, кои никогаш воопшто не се родиле и кои „требало“ да се родат доколку наталитетот не опаднал. Ова не е разумна дефиниција, ниту е логична дефиниција за смртните случаи од глад: за да се „умре“ во глад, минимален неопходен услов е да се родиш на прво место. Кинезите се многу талентиран народ, но дури и тие не можат да го остварат подвигот да умрат без да се родат. Ако на некој му кажете дека умреле 30 милиони луѓе, тогаш сосема исправно тој би заклучил дека тие 30 милиони биле живи, а потоа умреле. Фактот дека 19 милиони од нив никогаш не постоеле затоа што никогаш не се родени на прво место, не одговара на формулата. Оттука, постои неискреност во тврдењето дека 30 милиони луѓе „умреле“: тоа е невистинито тврдење.

Вториот начин, користен од демографите Коал и Банистер, е можеби уште посомнителен. Тие го сметаат за точен вкупниот број на население добиен од официјалните пописи од 1953 и 1964 година во Кина, но ја оспоруваат официјалната стапка на плодност иако таа се заснова на многу голем примерок од 30 милиони луѓе или 5% од тогашната популација, особено детално дискутирана заедно со пописот од 1953 година како што нè информираше Наи-Руен Чен (1966)[4]. Наместо тоа, тие го користат многу подоцниот попис од 1982 година за да ги припишаат многу високите стапки на плодност на минатото, со што се конструира целосно хипотетички поголем вкупен број на родени помеѓу 1953 и 1964 година.

Ако повеќе луѓе се родени во периодот меѓу пописот од 1953 до 1964 година, соодветно и овие вишок луѓе мора да умреле во истиот период: и двајцата автори, и покрај тоа што ја отфрлиле секоја официјална стапка на наталитет, покажуваат наивно верување во апсолутните пописни збирови на населението во овие две години. Оттука, официјалниот пораст на населението се одржува непроменет, овозможувајќи им да претпостават точно исто толку екстра смртни случаи колку што претпоставуваат екстра родени деца. Со оваа процедура, официјалната бројка на вкупни смртни случаи во меѓупописниот период беше покачена за огромни 60 проценти. Потоа и двајцата автори произволно ги распределиле претпоставените повисоки бројки на смртни случаи во текот на одделните меѓупописни години, претпоставувајќи различни стапки со кои смртните случаи наводно биле „нецелосно пријавени“ во текот на секоја од овие години. Накратко, од демографот апсолутно зависело колку екстра смртни случаи тој ќе припишал на годините на Големиот скок напред, а сосема произволната природа на процедурата може да се утврди со фактот што Коал ја зголемил стапката на смртност во 1960 година на речиси 39, додека Банистер ја зголемил на 44,6 (во споредба со официјалната стапка на смртност од 25,4). Не постои разумна основа за ниту една бројка.

Покрај оваа лоша работа, се случи уште една лоша: тогаш и двајцата демографи приспособија линеарен временски тренд, врз смртните случаи добиени од променливата – стапката на смртност – која секогаш се движи нелинеарно, и потоа степенот до кој (произволно конструираната) стапка на смртност беше над овој тренд на опаѓање, беше искористен за да се добијат вкупните „ектра смртни случаи“. Бројката е 27 милиони според Коал и 30 милиони според Банистер. Знаеме дека смртните случаи кај некое население никогаш не можат да достигнат нула, така што прилагодувањето на линеарните трендови нема смисла. Процедурата за линеарен тренд имплицира дека кинеското население би достигнало нула смртни случаи и би достигнало бесмртност за неколку години што е навистина извонредно достигнување. Невозможно достигнување кое е надвор од границите на бесмислените статистички процедури што ги следат американските демографи.

Станува збор за изопачување на нормите на академскиот интегритет кога некритички се цитирани и промовирани крајно претерани проценки на смртните случаи од „глад“ кои се изведени на овој произволен начин, и поради самиот факт што тие уживаат толку многу углед. Во мојата детална критика (Patnaik 2002)[5] ја покажав и недоследноста на највисоките стапки на смртност конструирани од Коал и Банистер, преку бројките за производството и достапноста на храна во Кина. Моите пресметки, исто така, покажуваат дека најниските можни бројки за достапност на храна што можеме да ги добиеме за Кина, откако ќе ги земеме предвид државните набавки на стоки, се сè уште повисоки отколку во Индија, и е загатка зошто, со оглед на многу поеднаквата распределба, стапката на смртност би требало да се зголеми дури и до официјално декларираното ниво. Бидејќи внатрешните политички случувања во Кина по 1978 година беа во насока на атак врз маоистичкиот егалитаризам и комунистичкиот систем, во кинеската литература не може да се прочита отфрлање на американските проценки.

Во остар контраст со ретроактивната, очигледно идеолошка конструкција на хипотетички големи смртни случаи од глад во периодот на Големиот скок напред во Кина и разгласувањето на овие бројки, откриваме дека демографскиот колапс во Русија во првата половина на 1990-тите е дочекан со заглушувачка тишина од истите академици. Методите на проценка што тие ги примениле за Кина, не ги применуваат за Русија. Фактите се дека таканаречената „шок терапија“ за воведување капитализам, под совет на западните експерти, доведе до катастрофален колапс на БДП во поранешните социјалистички држави помеѓу 1990 и 1996 година. Како што покажува Табела 1 што ги сумира податоците на Обединетите нации, нивото на БДП беше половина или уште пониско во Русија и Украина до 1996 година во споредба со една деценија претходно и падна на само една петтина од нивото од средината на осумдесеттите во Грузија, која беше најпогодена. Никогаш во мирна доба не сме виделе вакво сеопфатно уништување на производствените капацитети и аутпути, што целосно се должи на погрешните макроекономски политики советувани од странски експерти и спроведени од локалните креатори на политики. Последиците за населението беа поразителни, со остро поништување на децениското подобрување на сите индикатори за човековиот развој. Стапката на смртност кај работоспособните се зголеми од речиси 49 на 58 (промили) кога 1992 година се споредува со 1990 година, и уште повеќе се зголеми на 84 промили до 1994 година.[6] Животниот век на мажите се намали за речиси 6 години во Русија. Со големиот пораст на стапката на смртност, вкупното население на Русија покажа апсолутен пад – повторно, ситуација без преседан во мирнодопски услови.

Табела 1: Пад на реалниот БДП и очекуваниот животен век на мажите во земјите од поранешниот Советски Сојуз, 1985-1995[7]
Држава Реален БДП во 1995 год., процент под нивото на реалниот БДП во 1985 год. Промена на животниот век на мажите, број на години
Ерменија - 62 - 1.1
Белорусија - 39 - 2.9
Грузија - 82 -
Казахстан - 55 -
Киргистан - 50 - 3.2
Руска Федерација - 45 - 5.9
Таџикистан - 60 - 1.0
Туркменистан - 40 - 0.2
Украина - 54 - 2.4
Узбекистан - 17 0.0

Каде беа тие академици кои тврдат дека се занимаваат со глад, кога станува збор за анализа на економскиот и демографскиот колапс во Русија? Тешко може да се тврди дека западните новинари и медиуми немале пристап до земјата по 1990 година. Реков претходно дека не е разумно да се земаат предвид последиците од падот на стапката на наталитет, доколку ги има, за да се пресметаат „смртните случаи од глад“. Ако примениме разумен метод така што едноставно ќе ја земеме стапката на смртност во Русија од 1990 година како репер и ги пресметаме кумулираните екстра смртни случаи меѓу работоспособните до 1996 година поради регистрираниот пораст на стапката на смртност, ќе добиеме бројка од повеќе од 4 милиони смртни случаи само во Русија.[8] Изразено во однос на населението на Русија, оваа глад беше три пати поголема од големата Бенгалска глад во Индија во 1943-44 година и двојно поголема од кинеската прекумерна смртност – прифаќајќи ги официјалните бројки – за време на Големиот скок напред. Руската глад не е ниту меѓународно призната ниту публикувана, од многу добра причина што властите во Русија спроведуваа транзиција кон капитализам и токму тој процес доведе до општа глад. Оние кои сакаат да го дискредитираат социјализмот дури и по цена на неодбранливи статистички процедури, се чини дека се помалку од подготвени да го признаат постоењето на глад или да проценат смртни случаи од глад во „транзициско“ општество како Русија, иако случајот е современ и е добро документиран.

Забелешки

[1] Текстот погоре е извадок од предавањето на Утса Патнаик одржано во 2004 година, насловено како The Republic of Hunger (Република на гладта), фокусирано на проблемите со неухранетост во Индија. Овој извадок, за Кина и Русија, беше вклучен во предавањето како „меѓународниот контекст на дискусијата“.

[2] Ansley J. Coale, Rapid Population Change in China, 1952-1982. Washington, D.C.: National Academy Press, 1984.

[3] Judith Banister, China’s Changing Population, Stanford University Press, 1987.

[4] Nai-Ruenn Chen, Chinese Economic Statistics: A Handbook for Mainland China, Chicago, Aldine Publishing Company, 1967.

[5] Во подетален есеј, Патнаик проценува дека реалните „ектра смртни случаи во текот на 1959-61 година“ не биле 30 милиони како што тврдат Коал и Банистер, туку околу 11,6 милиони. Utsa Patnaik, “On famine and measuring famine death”, in S. Patel, J. Bagchi and Krishna Raj (eds.), Thinking Social Science in India, Essays in Honour of Alice Thorner, Sage, New Delhi, 2002c..

[6] Овие стапки на смртност беа претставени во еден труд за сиромаштијата во Русија, од проф. Питер Грегори, на меѓународна работилница за студии на националната сиромаштија одржана во УНДП, Њујорк на 20 септември 1997 година и на која присуствуваше авторката.

[7] UNDP Poverty Report 1998 New York 1998; и UNDP Poverty Report New York 2000.

[8] Во врска со екстра смртните случаи како последица на воведувањето на капитализам во Русија, Пол Кокшот изнесува бројка од 6 711 200 за период од 10 години. Податоцитe му се од последователните демографски годишници на Обединетите Нации, табела 18. Стапката на смртност почнала да расте со Перестројката и се зголемила за време на Елцин.