Првпат објавено: David Bruce MacDonald, Balkan holocausts?: Serbian and Croatian victim-centred propaganda and the war in Yugoslavia., Oxford: Manchester University Press (2002).;
Превод: Томислав Захов (од англиски)
Онлајн верзија: септември 2024
За Хрватите, масакрот на хрватските, словенечките и српските соработници од рацете на Титовите партизани претставува живописен настан полн со слики. Ја симболизира хрватската репресија во Втората светска војна, а подоцна и за време на комунистичкиот период. Тоа што на Хрватите им беше забрането да зборуваат за тој настан, а камоли да дебатираат за бројките на убиените за време на владеењето на Тито, го направи тој настан еден вид „подземна“ тајна, за која требаше внимателно да се разговара со доверливи пријатели. Фактите на приказната може да се поткрепат, иако бројот на смртни случаи е, повторно, тешко да се утврди со сигурност. Кон крајот на Втората светска војна, голем број хрватски усташки службеници и војници, заедно со хрватските Домобрани, словенечките белогардејци и српската Збор, заедно со нивните семејства, се повлечиле на север, пробивајќи го својот пат кон австриската граница, каде што се надевале дека ќе ја избегнат партизанската одмазда. На 16 мај, тие се сретнаа со околу 150 британски војници. Под услов да бидат интернирани надвор од Југославија, голем број војници, администратори и цивили им се предадоа на Британците. Измамени од британскиот командант, тие беа натоварени во возови и вратени назад во Југославија, каде што беа масакрирани од партизанските сили.[1] Блајбург стана место на британското предавство и симбол за масовно убиство на воените соработници (имено: Хрватите) од партизаните.
Како и со Јасеновац, утврдувањето на бројот на загинати беше централно во дебатата за тоа дали Блајбург претставувал хрватски „холокауст“ или не. Меѓутоа, за разлика од Јасеновац, повеќето објективни историчари се усогласија за многу помал број мртви, што укажува на тоа дека Блајбург во никој случај не е толку значаен како најголемиот логор на смртта во Југославија. На пример, Tим Јуда го процени бројот на убиени меѓу 20.000 и 40.000,[2] Бранимир Анзуловиќ на 50.000,[3] Барбара Јелавич меѓу 40.000 и 100.000, „вклучувајќи и цивили“,[4] а Маркус Танер, некаде помеѓу 200.000, сугерирани од хрватските националисти, и 30.000 сугерирани од „други“.[5]
Џаспер Ридли се обидел да добие попрецизна бројка, иако не постои начин таа да се дознае со сигурност. Тој опиша како 200.000 припадници на антипартизанските сили, словенечките белогардејци, хрватските усташи и Домобрани и српската Збор, успеале да стигнат до Австрија по војната.[6] Од нив, тој истакна дека сојузниците се согласиле да им предадат 23.000 на партизаните помеѓу 24 и 29 мај – мешавина од Словенци, Срби и Хрвати. Извештаите од тоа време, според Ридли, покажуваат дека не се убиени сите 23.000. Наводно, повеќето млади момчиња биле спасени, бидејќи полковникот Слободан Крцун Пенезиќ, началникот на политичката полиција на Тито во Србија, сметал дека младите сè уште може да се „одгледувани и превоспитани за да станат добри и корисни комунисти“.[7] Ридли пишува за граница меѓу 20.000 и 23.000 убиени, висок број на смртни случаи што би укажало на ужасен масакр. Ова, исто така, добро се усогласува со раните референци за масакрот во книгата Военото време на Милован Ѓилас (1977), каде што тој потврди дека Британците им ги предале соработниците кои им избегале на партизаните, а кои потоа ги масакрирале. Ѓилас ги потврди бројките на убиените, спомнувајќи меѓу 20.000 и 30.000 луѓе: „Четници, усташи [и] словенечки домобрани“. Не може да се негира ниту сериозноста на масакрот, кој Ѓилас го опиша како „бесмислени акти на гневна одмазда“ и „чист бес“.[8]
Очигледно, официјално малку се споменуваше масакрот, а дисидентскиот извештај на Ѓилас беше еден од ретките описи за овој настан, иако тој не го спомна по име. Се разбира, сигурно постои можност и Ридли и Ѓилас да грешат во нивните пониски вкупни збирови, но факт е дека никој никогаш нема да знае колкумина загинале во Блајбург и другите повоени масакри инспирирани од комунизмот. Информациите за Блајбург очигледно беа потиснати за време на постоењето на СФРЈ, во согласност со поголемиот дел од титоистичката политика околу акциите на партизаните за време на војната. „Подземната“ природа на ова сознание, несомнено, му даде одреден престиж за време на комунистичката ера. Сите знаеја за тоа – но никој не можеше јавно да зборува за тоа. Сепак, без оглед на неговото задушување, Блајбург помина исто како и историјата на кој било друг масакр во Втората светска војна. Главниот проблем за Хрватите, сепак, не беше едноставно тоа што за Блајбург не се разговараше адекватно, туку дека, гледано во однос на ужасите на Јасеновац, тој не постоеше.
Преувеличувањето на бројот на убиени кај Блајбург имаше неколку степени на значење. Прво, тоа им даде на Хрватите масакр кој го извршиле Србите и/или комунистите, што им допушта контрирање на геноцидот врз Србите во Јасеновац. Второ, им допушта на Хрватите да се дистанцираат од Србите и комунистичкиот режим кои го извршиле овој масакр. Со тоа тие можат да ја прикажат Хрватска како присилена членка на СФРЈ, повеќе како затвореник отколку како конститутивна нација. Трето, претрпувајќи таков масакр, Хрватите поминале низ својот „пат на крстот“, што често се истакнува во хрватските списи. Гревовите на усташите би можеле да се исчистат со нивното мачеништво во Блајбург, оправдувајќи ја и хрватската нација и НДХ.
Постои мало усогласување меѓу хрватските автори за точната бројка на убиени. Некои, како Владимир Жерјавиќ, наведоа ниска бројка од 54.500–65.000 (45.000–55.000 Хрвати и муслимани, 1.500 – 2.000 српски и црногорски четници и околу 8.000 словенечки белогардејци), којашто ја балансираше неговата ниска бројка за Јасеновац.[9] Јосип Шентија пишуваше за масакр од помеѓу 30.000 и 40.000 Хрвати, а потоа тврдеше дека „неколку пати повеќе од тој број“ биле убиени во Блајбург, „и исто така покрај патиштата во северозападна Словенија“.[10] Во друг напис се тврди дека „повеќе од 100.000 хрватски цивили и војници биле егзекутирани“.[11] Иако се високи, овие бројки укажуваат на искрен напор да се дојде до реални бројки.
Сепак, порадикалните автори го следеле српскиот пример со статистиката на Јасеновац и ја преувеличуваат бројката на убиени. Мајкл МекАдамс, на пример, постави граница од 100.000 до 250.000.[12] Иво Омерчанин стигна до бројка од „500.000 католици и муслимански Хрвати“.[13] Бројките на Стјепан Хефер беа приближно исти: 150.000 војници и 300.000 цивили.[14] Проценувајќи го вкупниот број убиени на 400.000, Мислав Јежиќ пишува како војниците и цивилите избегале во Австрија, „од страв од големосрпскиот и комунистичкиот терор“.[15] Теориите на Анте Бељо за она што тој го нарекува „хрватски холокауст“ беа подеднакво спорни, со тоа што тој го репродуцираше и се чини дека го унапреди аргументот на списанието на дијаспората Nova Hrvatska дека убиените во Блајбург се убивале со стапка од 15.000 на ден, бројка што го направи Блајбург „полош од Аушвиц“, каде што наводно биле убивани само 6.000 секој ден.[16] Тој, исто така, ќе го репродуцира истражувањето на Џорџ Прпиќ од 1973 година, кое го опиша Блајбург како „најкрвавата оргија во балканската историја ... резултираше со смрт и егзодус на над еден милион мажи, жени и деца“, иако тој претходно говореше за пореална бројка од „десетици илјади хрватски животи“, за кои тој ги обвини комунистите.[17] Голем дел од неговото истражување и долгите репродукции на други истражувања во неговата книга произлегоа од верувањето дека „Во текот на историјата веројатно нема нација која страдала толку многу, која имала толку многу жртви и која во исто време била означена како злосторничка како што е тоа хрватската нација.“[18]
Единственото високо рангирано лице кое го критикуваше митот за Блајбург беше Фрањо Туѓман, кој ја наведе бројката на убиени од „околу 35.000 до 40.000 луѓе“. Тој дури ги критикуваше бројките на Бељо, како и оние на други познати ревизионисти.[19] Мотивите на Туѓман зад оваа критика се нејасни, особено затоа што дел од делото на Бељо се заснова на претходните написи на Туѓман. Можеби Туѓман се обидуваше да се огради од целата дебата. Тој не се чувствуваше пријатно за време на војната што бројката на загинати во Јасеновац и Блајбург е иста, бидејќи неговата бројка од 50.000 беше искористена и за двете. А, фактот дека тој беше поранешен партизански генерал (а со тоа и долгогодишен поддржувач на режимот) може исто така да е причина за неговата неподготвеност дополнително да ги преувеличува бројките.
Општо земено, високиот број на мртви и стапката на убиства дозволија Блајбург да не се гледа како на обичен масакр, туку како на масакр што бројчено може да се спореди со холокаустот. Ова секако беше само дел од приказната; подеднакво важни беа идентитетите на учесниците и нивните мотиви. Некои автори, како МекАдамс, се чини дека ги обвинија Британците и Американците за иницирање на масакрите. Тој го опиша „маршот на смртта“ каде хрватските војници и владини претставници беа принудени да излезат од Загреб под закана со оружје од страна на сојузничките експедициски сили. Егзодусот наводно започнал во мај 1945 година, со 200.000 цивили и 200.000 војници, од кои сите, очигледно, биле доведени во Блајбург од страна на сојузниците, а потоа предадени на комунистите да ги егзекутираат. Како што напиша МекАдамс: „Некои беа застрелани на границата, додека други се приклучија на злогласниот марш на смртта што ги одведе подлабоко во новата Народна Република за ликвидација.“[20]
Додека сојузниците понекогаш беа обвинувани, други ревизионистички историчари манипулираа со приказната за Блајбург за да ја трансформираат во масакр на Хрватите од страна на Србите. Еден од поконтроверзните аргументи на Филип Коен беше дека српските комунисти, а не само комунистите воопшто, ги извршиле масакрите во Блајбург. Почнувајќи со дискредитација на српските партизани како опортунисти, поранешни соработници и фашистички убијци, тој продолжи да го објаснува својот главен аргумент:
„Дури по повлекувањето на Германците и соборувањето на режимот на Недиќ од напредувачките советски сили и нивните партизански сојузници во октомври 1944 година, Србите во Србија почнаа во голем број да им се придружуваат на партизаните. Овие нови партизани вклучувале десетици илјади поранешни соработници на нацистите кои одговорија на ветувањето на Тито за амнестија, како и на повикот на српскиот крал во егзил – неволно и под британски притисок – српските четници да им се придружат на британските сили.“[21]
Овде, Хрватите беа претставени како автохтони борци на отпорот, додека Србите се придружија само за да се спасат. Коен ја искористи оваа идеја за опортунистичките Срби за да го објасни масакрот во Блајбург „врз репатрираните Хрвати и Словенци, па дури и голем број четници“.[22] Додека Коен ја истакна стратегијата на Тито за „организирање државен терор со цел создавање на повоениот монопол на комунистичката власт“, тој исто така ја наведе поважната причина зошто се случи Блајбург. Ова требаше да вроди со „крвопролевање поттикнато од Србите“ коешто ќе помогне во зацврстувањето на лојалноста на Србија кон движењето на Тито.[23] Во анализата на Коен, масакрите немаа многу врска со захтевната одмазда на Тито, туку многу повеќе со злобата поттикнувана од Србите, која дури ни членството во партизаните не можеше да ја избрише.[24]
Така може да се изолираат неколку слоеви на приказната за Блајбург. На едно ниво, масакрот беше спореден со холокаустот, во однос на бројот на убиени луѓе и стапката на убиства. Ова доведе до општ мит за виктимизација – дека Хрватите страдале, како што страдале Евреите, поради Блајбург. На друго ниво, не само што беа виновни партизаните, туку и партизаните предводени од Србија, кои всушност беа геноцидни четници, користејќи го комунизмот како параван за големосрпската агресија. Така Хрватите, кои претрпеа холокауст од рацете на геноцидните Срби, беа споредувани со Евреите. На овој начин, конфликтот меѓу фашистичките соработници и одмаздољубивите комунисти стана битка меѓу жртвуваните Хрвати и геноцидните Срби.
Коен беше дециден дека масакрот во Блајбург бил предводен од Србија. Поради Блајбург Србите успеаја да доминираат со СФРЈ и да ја контролираат до нејзиниот колапс. Понатаму, Коен го обвини Тито дека дозволил високи српски соработници да продолжат да ги угнетуваат Хрватите и Словенците во СФРЈ. Вреди да се цитира неговиот заклучок во целост:
„Овие настани [масакрот во Блајбург] доведоа до српска бројчена доминација во Комунистичката партија на Југославија и создадоа можности за голем број српски нацистички соработници да дојдат до влијателни позиции во повоената југословенска влада. Иако некои од најистакнатите српски соработници на про-оската беа осудени и казнети по војната, Тито сепак дозволи висок степен на историски ревизионизам од страна на српските апологети, наместо да ризикува да ја навреди оваа толку потребна конститутивна нација.“[25]
И овде Србите се перцепцирани како основниот и најважниот дел од една Југославија која фигурираше само како уште еден инструмент на српската доминација. Непотребно е да се каже дека за многу од заклучоците на Коен е практично невозможно да се дадат докази. Во случајот со Блајбург, тој не може да ги идентификува вистинските војници кои ги извршиле масакрите, ниту пак може да прикаже вистински доказ дека овие партизани биле всушност Срби.
Хрватските аргументи го поддржаа верувањето дека Хрватите биле жртви на холокауст инспириран од Србите, холокауст што Србите го користеа инструментално за да добијат контрола врз втората Југославија. Но, Блајбург одигра и друга важна улога – онаа на оправдување. Термините како „холокауст“, „марш на смртта“, „егзодус“ и „геноцид“ се користеа со конкретна намера за рехабилитација на усташите. Усташките воени злосторници беа „магично“ трансформирани во невини жртви на српската агресија. Тие не беа убиени како соработници, туку како хрватски патриоти кои сакаа самостојна татковина. Оваа рехабилитација се покажа како клучна за проектот Блајбург, особено за оние, како Aнте Бељо, кои фундаментално веруваа дека Хрватите никогаш во својата историја не направиле ништо од што би требало да се срамат, бидејќи: „низ историјата никогаш не сме освојувале, ограбувале или експлоатирале други народи“, верување малку поразлично од тврдењето на Вук Драшковиќ дека „Србите не можат да мразат“.[26]
Академици, како што е Јосип Шентија, ја елаборираа оваа рехабилитација. Користејќи метафори како „маршот на смртта“ и „патот на крстот“, Шентија се чини дека сугерира дека Хрватите се откупиле за усташкиот период умирајќи во масовен број од рацете на комунистите. Можеби биле заведени, но нивната жртва на некој начин ја прочисти целата хрватска нација од нејзините гревови.[27] Таквата идеја беше навистина фасцинантна, бидејќи одразуваше многу од темите побудени во српскиот мит за Косово, првенствено естетизацијата на жртвата и идеалот да се биде морален победник во поразот. Наместо фактот дека биле масакрирани од партизаните, овие војници навидум ги дадоа своите животи во одбрана на Хрватска. Така, Блајбург стана „мит за избор“ сам по себе, со тоа што ги трансформираше нацистичките соработници во патриоти, правејќи ги Хрватите жртви во Втората светска војна, наместо агресори.
Официјалното продолжување на оваа форма на амнезија во врска со усташките злосторства се кристализира неодамна на 15 мај 1997 година, кога хрватската влада организираше света миса во Блајбург, за да ја одбележи 52-годишнината од трагедијата. Мисата донесе 1.000 аџии во Австрија, каде Дубравко Јелчиќ, претставник на претседавачот со хрватското собрание (Сабор), го опиша Блајбург како „една од најголемите трагедии во историјата на хрватскиот народ“, означувајќи „нов вид ропство кое ја чекаше Хрватска“ (јасно мислејќи на Југославија во која доминира српското население). Продолжувајќи го процесот на рехабилитација на усташите, тој ги опишал како патриоти, а не како фашисти: „Станува збор за Хрвати кои фанатично верувале во хрватска држава, а не за идеологија – црвена или црна – што дури и не била јасна“. Овој тип на ревизионизам ги отфрли вистинските злосторства извршени од Хрватите за време на војната. Тоа е, исто така, начин да се дискредитира Југославија, бидејќи, како што сакаше Јелчиќ да додаде: „Сè што е засновано на зло пропаѓа, и затоа Југославија засекогаш е наше минато, а Хрватска наша возбудлива иднина.“[28]
Претседавачот на Хрватското собрание, Влатко Павлетиќ, го издигна Блајбург ниво погоре и го универзализира масакрот, тврдејќи дека тој станал ништо помалку од „генерички поим за страдањето на Хрватите“. Понатаму, тој тврдеше дека борбата против фашизмот и нацизмот била поддржана од целото хрватско население – уште еден пример на екстремна форма на ревизионизам што се коси со историскиот факт. Други контроверзни теории го вклучуваа тврдењето дека „Хрватите биле првите антифашисти во Европа и светот“ и дека „поголемиот дел од воените единици на НДХ се бореле против фашизмот“. Овие изјави беа ревизионистички во крајност.[29] Во тоа време, многу функционери на ХДЗ беа зафатени од колективна амнезија. Глумејќи или извршувајќи ја својата улога на маченички жртви, хрватските националистички водачи се убедија себеси и нивните сограѓани Хрвати дека Хрватска нема од што да се срами. Нацистичкото минато на Хрватите сега беше избришано.
Обидот на Павлетиќ да ги универзализира лекциите од Блајбург е уште еден фасцинантен аспект на овој конкретен мит. Како и со универзализацијата на холокаустот, Блајбург наводно бил доволно битен настан за да стане симбол за цела Хрватска. Блајбург направи од хрватските фашисти жртви, додека уште еднаш ги демонизираше Србите за нивните вековни планови за создавање на „Голема Србија“ на Балканот. Без разлика дали тие беа четници или комунисти, лекцијата беше јасна – Србинот секогаш ќе биде Србин и ќе продолжи да ги мрази Хрватите, без разлика која идеологија ја следи. Во исто време, Блајбург го концизира антагонизмот меѓу хрватството и комунизмот доминиран од Србите во СФРЈ. Бидејќи Блајбург беше прикриен, а Србите наводно доминираа во Југославија, хрватскиот „холокауст“ продолжи уште четириесет и пет години по Втората светска војна. Ова направи хрватското вклучување во СФРЈ да изгледа неприродно, што повторно ја поткрепи нивната одлука да ја напуштат Федерацијата.
Националистичкиот кич беше сеприсутен во текот на конфликтот. Блајбург не помина поинаку. Новозеландската уметничка Сузан Брукс-Пинчевиќ неодамна направи серија слики за „Блајбуршката трагедија“, која ја посвети на „хрватската кауза“. Сликите и нејзината книга што следеше дадоа приказ на „насилната преродба на Хрватска“. Вообичаено, книгата ги опфати врските помеѓу „геноцидот“ врз Хрватите од Втората светска војна од страна на Србите и комунистите, и „соучесништвото“ на Британија во масовните убиства. Понатаму вети дека ќе ја „растури структурата на тишината што ја обвива вистината за минатото на Хрватска“. На крајот, читателот е соочен со „вековен геноцид“ извршен од Србите врз Хрватите.[30] Додека хрватските автори беа опседнати со Блајбург со децении, иновацијата по 1990 година беше да се таргетираат Србите како главни виновници за масакрот. Крунослав Драгановиќ (еден од хрватските организатори на „каналите за стаорци“) го разоткри масакрот во 1955 година, наведувајќи бројка од 100.000-140.000 убиени војници и цивили. Тој дури користел библиски слики како што се „Голгота“ и „патот на крстот“ за да ги опише присилните маршеви и локациите на масовните гробници.[31] Разликата меѓу старото и новото лежи во џелатите на Блајбург. Според објаснувањето на Драгановиќ, Тито и комунистите очигледно биле поттикнувачи на масакрите. Неговите лични обиди да ги прошверцува нацистичките лидери како Клаус Барби надвор од Европа, секако ја потврдуваат неговата омраза кон комунизмот. Сепак, оставајќи ги настрана политичките мотиви на Драгановиќ, Србите не се ни споменуваат. Истото важи и за книгата Геноцидот во Југославија (1985) од Бељо, која се обиде да се занимава со комунистичкиот режим и неговите злосторства. Шестото поглавје на Бељо, насловено „Трагедијата во Блајбург не е завршена“, ја обвинува југословенската влада, особено Управата за државна безбедност, за широк спектар на ѕверски злосторства низ целиот свет против одредени припадници на хрватските заедници од дијаспората.[32] Генерално, до Милошевиќ, едноставно немаше потреба да се истакнува каква било форма на српска агресија, дури и за идниот директор на Матица Хрватска.
Има очигледен проблем со високите бројки за Блајбург – тие се во спротивност со подеднакво вообичаените тврдења на хрватските историчари дека малку Хрвати ја поддржувале НДХ, дека дезертерството било големо и дека повеќето Хрвати биле дел од партизанското движење. Тука се појавуваат две јасни противречности. Како прво, ако навистина им било толку лесно на четниците да им се придружат на партизаните за време на потрагата на Тито по доброволци, зошто усташите и Домобраните не го сториле истото? И, исто така, ако Хрватите беа авангарда на партизанскиот отпор, зошто не беа во можност да ги спречат масакрите? Навистина, ако тие тврдат дека биле мнозинство, речиси е сигурно дека масакрот, без разлика колку и да бил голем, мора да вклучувал многу хрватски партизани, што е сосема логично, бидејќи и тие би имале силен мотив против своите сограѓани кои соработувале. Оваа логична загатка може едноставно да се објасни со фактот дека хрватските историчари се обидуваат да направат се` што можат за да ги оправдат. Сакаат да бидат жртви на „холокауст“, водачи на антифашистичкиот отпор, основачи на СФРЈ и совесни противници на режимот на НДХ.
Фусноти
[1] Овие факти се поддржани од Маркус Танер во неговиот опис на инцидентот. Види Marcus Tanner, Croatia: A Nation Forged in War (New Haven, CT: Yale University Press, 1997) pp. 167–70; исто така Judah, The Serbs, pp. 130–3; и Ridley, Tito, pp. 255–8.
[2] Judah, The Serbs, p. 130.
[3] Anzulovic, Heavenly Serbia, p. 102.
[4] Barbara Jelavich, History of the Balkans Volume II (London: Cambridge University Press, 1993) p. 272.
[5] Tanner, Croatia, p. 170.
[6] Ridley, Tito, p. 255.
[7] Ibid. pp. 256–7.
[8] Milovan Djilas, Wartime (London: Harcourt, Brace, Jovanovich, 1977) p. 447.
[9] Zerjavic, Yugoslavia – Manipulations with the Number of Second World War Victims.
[10] Josip Sentija, ‘Croatia from 1941 to 1991’ (Zagreb: University of Zagreb/Matica Hrvatska Iseljenika, 1994) p.2.
[11] ‘Commemorating the Bleiburg Tragedy’, Vjesnik (12 May, 1997) www.cdsp.neu.edu/info/students/marko
[12] C. Michael McAdams, Croatia: Myth & Reality (New York: Croatian Information Center, 1994) pp. 56–8.
[13] Croatian Information Center, ‘The Bleiburg Tragedy’ (Zagreb: Croatian Information Center) www.hrnet.org/BLEIBURG/The Bleiburg Tragedy; види исто Ivo Omercanin, The Pro-Allied Putsch in Croatia in 1944 and the Massacre of Croatians by Tito’s Communists in 1945 (Philadelphia, PA: Dorrance & Company, 1975) p. 41.
[14] Stjepan Hefer, Croatian Struggle for Freedom and Statehood Argentina: Croatian Information Service/Croatian Liberation Movement, 1979) pp. 216–17.
[15] Mislav Jezic, ‘Problems of Understanding XXth Century History of Croatia’ (Zagreb: University of Zagreb) www.dalmatia.net/croatia/history/jezic.htm.
[16] Beljo, Genocide in Yugoslavia, p. 281. Повторно истото предупредување се однесува на бројките на Nova Hrvatska, кои ми се чини дека се претпочитаниот избор на Бељо, но сепак се наоѓаат во морето од други збирови.
[17] Цитирано ibid. стр. 299. За неговиот двосмислен збир, види стр. 279.
[18] Ibid. p. 8.
[19] Tudjman, Horrors of War, pp. 74–7.
[20] McAdams, Croatia, pp. 56–8. Џек Лупиќ додава: „Србите претрпеа големи жртви во логорот Јасеновац, додека Хрватите изгубија уште повеќе луѓе во маршевите на смртта во Блајбург, почнувајќи од мај 1945 година“. Види Zeljko Jack Lupic, ‘History of Croatia: Povijest Hrvatske (200 B.C. – 1998 A.D.)’ (Zagreb: Croatian Information Center, 21 February 1999) http://www.dalmatia.net/croatia/history/index.htm.
[21] Philip Cohen, Serbia’s Secret War: Propoganda and the Deceit of History (College Station, TX: Texas A & M University Press, 1996) pp. 6–7.
[22] Ibid. p. xxii.
[23] Ibid. pp. xxii–xxiii.
[24] Истиот став го изнесе и Мислав Јежиќ. Додека опишуваше „многу десетици илјади Евреи, Цигани, Срби и Хрвати“ егзекутирани во Јасеновац, поголемото злосторство, според него, се случило во Блајбург, каде што исходот од масакрот покажа дека Србите „ќе продолжат на помалку очигледен начин да ја следат својата крвава големосрпска идеологија“: Jezic, ‘Problems of Understanding XXth Century History of Croatia’.
[25] Cohen, Serbia’s Secret War, p. xxiii.
[26] Beljo, Genocide in Yugoslavia, p. 43.
[27] Sentija, ‘Croatia from 1941 to 1991’, p. 2.
[28] ‘Marking the 52nd anniversary of Bleiburg and the Croatian Calvary’, Croatia Weekly (5 March 1998).
[29] Zivko Gruden, Toni Gabric, and Ivica Buljan, ‘Black Chronicle of Croatian History: Methods Used to Rehabilitate Ustashe and Stigmatize Antifascists: Depravity and Now’, Feral Tribute (29 December 1997) www.cdsp.neu.edu/info/students/marko/feral53.html
[30] ‘Suzanne Brooks-Pincevic, Britain And The Bleiburg Tragedy’, The Zajednicar (11 November 1998) www.dalmatia.net/croatia/history/bleiburg.htm.
[31] Krunoslav Draginovic, ‘The Biological Extermination of the Croats in Tito’s Yugoslavia’, in Anton Bonifacic and Clement Mihanovich (eds), The Croatian Nation: Its Struggle for Freedom and Independence (Chicago, IL: ‘Croatia’ Cultural Publishing Center, 1955) pp. 296–7.
[32] Beljo, Genocide in Yugoslavia, pp. 301–51.