Жан Сире-Канал

Потеклото на капитализмот
(15 – 19 век)


Првпат објавено: Le livre noir du capitalisme., Pantin, France: Le temps des cerises, 1998, 427 pp.;
Превод: Томислав Захов (од француски)
Техничка обработка: Томислав Захов
Онлајн верзија: февруари 2024


Во текот на 19-ти век, капитализмот, кој се заснова на наемниот труд, стана доминантен начин на производство, најпрво во Западна Европа и САД, а подоцна целиот свет потчинувајќи го со директна (колонизација) или индиректна форма на доминација.

Неговата генеза во суштина ги опфаќа трите претходни века (16-ти, 17-ти и 18-ти век). Тоа е, да ја употребиме терминологијата на Адам Смит (1723–1790), што ја презел Маркс, ерата на „примитивна акумулација“ (или подобро, попрецизно да го преведеме терминот што го користел Адам Смит: „претходна акумулација“, акумулација пред).

Како капиталистите, кои поседуваат богатство што може да се преобрази во средства за производство (машини, суровини, итн.), ќе се најдат лице в лице со „пролетерите“, лишени од какви било средства за независна егзистенција и сведени на преживување, ќе станат вработени кај првите?

Буржоаската идеологија, која е изразена меѓу политичките „мислители“ и вулгарните економисти од 19-ти век, објаснува дека на почетокот општеството било поделено на две категории: едната вредни, интелигентни, штедливи, другите мрзливи луѓе, расипници. „Се подразбира дека некои натрупаа богатство по богатство, додека други набрзо се најдоа без ништо.“[1] Карл Маркс (1818-1883) го цитира, меѓу авторите кои ја развиваат оваа теза, г-дин Тјер (1797—1877).[2] Во 20-ти век, д-р Алексис Карел (1873–1944), добитник на Нобеловата награда за медицина и поддржувач на Филип Петен (1856–1951), ќе објасни во l’Homme, cet inconnu[3] дека првите се генетски супериорни, а вторите, инфериорни.

А, Карл Маркс забележал: „Во вистинската историја освојувањето, подјармувањето, убиството со грабеж, кусо речено, насилството игра голема ролја.“[4] За да го проучуваме овој период, кој започнува со големите поморски откритија на крајот на 15-ти век, ќе прибегнеме кон два главни извори: стариот, што го обезбеди Капиталот од Карл Маркс во поглавјето за Таканаречената првобитна акумулација (Книга I, VIII дел)[5] и другиот, понов, секако побогат со информации и по„современи“, ќе ни го даде големото дело на Фернан Бродел (1902–1985): Civilisation matérielle, Économie et Capitalisme, XVe-XVIIIe siècle.[6]

Погледот на Бродел, како и на Маркс, посветува особено внимание на социо-економската инфраструктура на историјата, но се разликува по тоа што не ѝ дава централно место на поделбата на општеството на спротивставени класи. Конфронтацијата на двете гледишта можеше да биде возбудлива: за жал, тоа го нема во делото на Бродел, кој очигледно не го читал Маркс (барем оној дел од Капиталот што ја елаборира истата тема).[7]

Пазарот и „преддилувските“ форми на капиталот

Класните општества кои му претходеа на капитализмот се карактеризираа со лична врска помеѓу доминантниот и доминираниот (роб, вазал, кмет итн.).

Доминираните беа, се разбира, експлоатирани и често на најбрутален начин, но експлоатацијата беше „оправдана“, барем идеолошки, со одреден реципроцитет: должноста за заштита од страна на доминантниот, дури и за помош, често под патријархална маска. Со капитализмот, општествените односи добиваат сè поапстрактен, анонимен карактер. И, со тоа, дехуманизиран.

Капитализмот се развива врз основа на стоковното производство, што подразбира генерализација. За разлика од претходните начини на производство, повеќе или помалку засновани на самоиздржлива економија, капиталистичкото производство од самиот почеток е ориентирано кон пазарот: капиталистот произведува за да продава. А односот меѓу капиталистот и работникот се појавува во форма на пазарна размена: капиталистот се претставува како купувач, а работникот како продавач на работна сила.

Пазарот, стоката, стоковното производство се појавија многу рано во најразновидните општества, без да бидат исклучителните, а уште помалку почетни форми на размена: архаичните општества претставуваат „непазарни“ форми на размена, истакнати уште од Емил Диркем (1858–1917) и за кои Карл Полањи (1886–1964) ја имаше заслугата да ја нагласи специфичноста во однос на пазарната размена.[8]

Во „едноставното“ стоковно производство, земјоделскиот или занаетчискиот производител, сопственик на свои средства за производство, произведува делумно или целосно, веќе не за директно да ги задоволи сопствените потреби, туку за да продава, на пазар каде што се разменуваат производите преку парични еквиваленти, а производителите се специјализираат според општествената поделба на трудот.

Со продуктивниот капитализам, капиталистот, сопственик на средствата за производство (земја, машини, суровини итн.) го „купува“ за плата работникот за да ја користи неговата работна сила која приближно одговара на сумата неопходна за реконституција и репродукција на оваа работна сила; сума која е помала од произведената со користење на оваа работна сила. Така одземениот додаток („вишокот вредност“ или „валоризација“ според Маркс) се враќа кај капиталистот. Капиталот инвестиран и ставен во движење во производство од страна на капиталистот е така на крајот од циклусот репродуциран и зголемен со додаток, кој капиталистот може да го користи за лична потрошувачка, но кој може и да го „акумулира“ за да го зголеми својот капитал. Ова е „проширена“ репродукција.

Во претходните општества, експлоатираниот производ (на робот, на вазалот, на феудалниот зависник – кмет или закрепостен селанец) главно го консумирале привилегираните класи и истите релативно малку „реинвестирале“. Производствениот циклус се повторувал на приближно ист размер. „Растот“, до степен до кој постоел, бил многу бавен и речиси незабележлив.

Во современиот (продуктивен) капитализам кој е воспоставен благодарение на Индустриската револуција, со широко распространета употреба на механичка енергија, напредокот во продуктивноста на трудот ќе овозможи „проширена репродукција“ во сè поголем размер; накратко, „раст“.

Овој продуктивен капитализам се појавил уште во Средниот век, во ембрионски облик, во италијанските градови во форма на „производство“ („фабрика“ која на истото место практикува мануелна поделба на трудот или домашна работа; капиталистот ја обезбедува суровината, на пример, конецот на ткајачот, купувајќи го произведеното производство).

Но, до крајот на 18-ти век, капиталот во суштина се појавуваше во форми што Маркс ги нарекувал „преддилувски“, трговски капитал или финансиски (лихварски) капитал, форми кои веќе се појавиле во античко време.

Во овие форми, постои и акумулација, но не и за создавање богатство: овде капиталот се задоволува да го земе својот десеток од постојното производство.

Доаѓањето на продуктивниот, во суштина индустриски капитализам, покрај веќе споменатите технички услови, претпоставува одредени економски и општествени услови.

„Ослободување“ на трудот: пауперизација и експлоатација на селанството

Првиот услов е постоењето на „слободна“ работна сила, односно ослободена од обврски и службености кон феудалните господари и кралот; но и без какви било независни средства за егзистенција (вклучително и земјиштето). Ова „ослободување“ се случи во Англија од крајот на 14-ти век и заврши со Првата револуција, онаа на Оливер Кромвел (1599–1658), во 17-ти век. Во Франција, тоа се случи со Револуцијата од 1789 година, а подоцна и во остатокот од Европа, под директно или индиректно влијание на револуционерните и наполеонските освојувања.

Ова „ослободување“ е нераскинливо од масовното осиромашување и експропријација на малото селанство. Во Англија, овој феномен започна под владеењето на Тјудорите и се засили во 18-ти век; тој е побавен и поограничен на континентот. Така „ослободените“ и експроприраните селани сочинуваат растечка маса на скитници и сиромави, подложени во Англија на жестокото законодавство за сиромашните („Poor laws“), лесно достапна работна сила, кога ќе дојде време, за капиталистичката индустрија. Во 19-ти век, егзодусот на селаните го поттикна урбаниот и индустрискиот раст и емиграцијата во Америка или во „умерените“ колонии.

Да се вратиме на англискиот пример, проучуван од Карл Маркс. Кметството исчезнало на крајот на 14-ти век. Мнозинството од селското население тогаш го сочинуваа мали, независни, релативно добро ситуирани закупници. Крајот на „Војната на двете рози“ (граѓанска војна меѓу феудалните кланови) и доаѓањето на династијата на Тјудор беа придружени со два феномена: растурањето на феудалните „дружини“ одржувани од благородниците (редуцирани или уништени) ја исфрли на улица првата маса луѓе без средства за живот; од друга страна, новопечените богаташи, кои го заменија старото уништено или изумирачко благородништво, ја презедоа задачата да го „надградат“ својот имот со масовно протерување на селаните-закупници од нивните земјишта за да ги претворат во пасишта за овци: подемот на производството на волна во Фламанија, која Англија долго време ја снабдуваше со суровина, како резултат на порастот на цената на волната, ги поттикна овие шпекулации.

Залудно, законите на Хенри VII (1489) и Хенри VIII забранувале уривање на селските куќи и се обидувале да го ограничат проширувањето на пасиштата.

Реформацијата и конфискацијата на имотот на свештенството – конкретно на црквените редови, помеѓу четвртина до третина од земјиштата на кралството, дистрибуирани од Хенри VIII на своите миленици, доведоа до забрзување на феноменот: сите овие новопечени богаташи што станаа „господа“, го продолжија протерувањето на селаните најдобро што можеа. Слободните мали и средни земјопоседници, јеомените, кои за разлика од благородниците, самостојно ја обработувале земјата, сè уште го обезбедуваа најголемиот дел од војниците на Англиската револуција на Кромвел. Но, околу 1750 година, еволуцијата беше завршена: малото англиско селанство практично беше елиминирано во корист на земјопоседниците; големите земјопоседници, заменети со капиталистички земјоделци; или, во Ирска, со несигурни закупници, кои можеа да бидат протерани кога некој ќе посака.

„Луѓето, изгонети поради растурањето на феудалните дружини и поради жестоката, насилна експропријација на земјата, овој оголен пролетаријат не беше можно да се апсорбира од мануфактурата што беше во почетокот на својот развиток онака брзо како што се јавуваше тој на светот. Од друга страна, овие луѓе, ненадејно исфрлени од својот вообичаен животен тек не можеа веднаш да се снајдат во дисциплината на својата нова состојба. Тие масовно се претворија во питачи, разбојници, скитници, делум од наклоност, а во повеќето случаи по силата на околностите.“[9]

Оттука, од крајот на 15-ти век, произлегува жестокото законодавство против сиромашните.

Законот на Хенри VIII предвидувал дека jаките скитници ќе бидат осудени на камшикување; врзани одзади за некоја кола, ќе ги камшикуваат сè додека не им протече крв од телото, по што ќе бидат затворени. Со наредниот закон истиот крал ги заострил казните со нови придатоци: во случај на повторување на делото, скитникот треба повторно да биде камшикуван и да му се отсече половина уво; по третиот престап ќе биде обесен.

Во 1572 година, кралицата Елизабета (1533–1603) го обнови ова законодавство: „Во времето на Елизабета „скитниците се бесени во редици: и не поминала година, да не се обесат на ова или на она место по 300 или 400-мина.“[10] Според истиот Стајп во Сомерсетшир, во една година, биле обесени 40 лица, на 35 им бил удрен печат, 37 биле бичувани и 183 „закоравени злосторници“ ослободени. Сепак тој вели: „Овој голем број обвинети не вклучува ни 1/5 од злосторствата што подлежат на казна, благодарение на запуштеноста на мировните судии и на глупавото сожалување на народот.“[11]

„Законот за сиромашните“ на истата кралица (1597) ги прави парохиите одговорни за сиромавите.

„Помошта“ oд парохиите се состоеше од затворање на сиромавите во засолништа или работни домови, вистински затвори каде што биле подложени на исцрпувачка работа и слабо хранети. Законот за сиромашните ќе биде укинат дури во 1834 година. И затоа што англиската буржоазија сметаше дека е неподносливо да мора да плаќа данок за издршка на „мрзливите луѓе“. Сиромашните ќе продолжат да се испраќаат во работни домови каде што работеле минимум 18 часа на ден и каде што се водело сметка само да им се обезбеди облека и храна на ниво пониско од она на најлошо платениот работник!

Ропска и меркантилна колонизација

Друг предуслов за доаѓањето на капитализмот беше проширувањето и генерализирањето на трговските односи.

Тие беа спроведени од 16-ти век со проширување на европската поморска трговија во целиот свет, со појавата, за прв пат во историјата, на вистински глобален пазар.

Откривањето на Америка од Кристофер Колумбо (1492) во корист на шпанската круна доведе до освојување на континентот. Двете главни држави што постоеле таму, Империјата на Ацтеките во Мексико и Империјата на Инките во Перу биле уништени во 1519 и 1532 година, соодветно.

Освојувачите, кои прво мислеле дека ја нашле Индија, барале зачини (кои не ги нашле) и злато (кое го нашле, но во мали количини). Штом завршил грабежот на локалните богатства, перењето на природното злато дало малку и ресурсите биле исцрпени пред 1550 година.

Но, наскоро Шпанците откриле и експлоатирале многу богати наоѓалишта на сребро во Мексико (Нова Шпанија) и во Перу (денешни Перу и Боливија).

Трговијата со Америка била кралски монопол. Била отстапена на привилегирана трговска компанија со седиште во Севиља. Се одвивала со флота галии, групирани од безбедносни причини (тие често биле напаѓани и ограбувани од гусари, особено англиски), флота која секоја година поаѓала од Севиља, потоа од Кадиз до Хавана, утврдено место кое служело како прво пристаниште, а потоа во Вера Круз (за комуникација со Нова Шпанија) или до Панамскиот Провлак, каде што луѓето и стоките се претоварувале на брегот на Пацификот, каде што флота ги носела во Калао, за да комуницираат со Перу и земјите на Андите. Некои бродови пловеле до пристаништето Картагена, за да комуницираат со Нова Гранада (денешни Колумбија и Венецуела). Оваа флота носела произведени стоки и залихи од Шпанија. Секој увоз од други страни се сметало за шверцувана стока („подземна“ трговија). Токму преку Америка, Шпанија комуницирала со својата единствена азиска колонија, Филипините: секоја година по една галија заминувала од Акапулко, на брегот на Тихиот Океан на Мексико за Манила; таму носела пари, а за возврат откупувала производи од Кина.

Америка извезувала многу малку стока освен сребро.

Шпанските доселеници, преокупирани со брзо збогатување, додека живееле „благородно“ (без да работат), го подложиле домородното американско население на жестока експлоатација, придружена со варварски третман (мачење, осакатување) за да владеат со страв. Населението на Антилите, првите земји до кои дошле конквистадорите, а кои не можеле да поднесат ропство и принудна работа, било десеткувано од малтретирање, што понекогаш ги натерувало да извршуваат колективни самоубиства, како и од болести што ги донеле Европејците и против кои немале природен имунитет. Населението на Хиспаниола (Хаити), проценето на половина милион во 1492 година, било намалено на 30 000 во 1514 година и практично избришано во текот на 16-ти век. Општо земено, населението на Антилите било подложено на речиси целосен геноцид: во 19-ти век, последните Кариби (неколку десетици) биле депортирани на островот Доминика каде што ја изгубиле практиката на своите традиции и својот јазик.

На континентот, американското домородно население нема да биде уништено, туку ќе биде ужасно погодено од истите причини: во Нова Шпанија (Мексико) населението, проценето на 25 милиони во 1520 година, се намалило на 7 милиони во 1548 година и се намалило на помалку од еден и пол милион во 1595-1605 година, односно намалување од 95% за три четвртини од еден век. Во Перу, работата во рудниците за сребро во Потоси била мотивирана од „Mit'a“, ангарија, институција позајмена од античката империја на Инките, но која потоа довела до далечна депортација, на повеќе од 3000 метри надморска височина, за работа под земја. Условите за работа таму биле такви што малкумина се вратиле: оние што се барале биле поканети, пред да заминат, да присуствуваат на мисата за мртвите. Демографскиот колапс бил помал во Перу отколку во Нова Шпанија, достигнувајќи 20 до 30% помеѓу 1530 и 1660 година.

Севкупно, населението на шпанска Америка, кое било околу 50 милиони на крајот на 15-ти век, се зголемило на 9-10 милиони во 1570 година и на 4 или 5 милиони во средината на 17-ти век. Дури кон крајот на 17-ти век и 18-ти век имало бавен демографски пораст.

Во Северна Америка, земја на умерена колонизација, репресијата или уништувањето на Индијанците од самиот почеток било услов за населување на Европјани: пуританците од Нова Англија со декрет доделиле во 1703 година награда од 40 фунти по индијански скалп или за секој заробен црвенокожец; во 1720 година наградата била зголемена на 100 ливри.

Трговијата со робови[12]

Епископот Бартоломе де лас Касас (1484 – 1566), огорчен од третманот на кој биле подложени домородните народи на Америка, а кој особено го осудил во неговиот Краток извештај за уништувањето на Индијанците, во 1542 година ја поттикнал забраната за ропство на Индијанците (што не променило многу во нивната судбина) и предложил да ги заменат, за работа, со африкански робови. Сигурно веднаш се покајал. Во реалноста, веќе започнало вработувањето на црните робови увезени од Африка.

Во текот на 15-ти век, Португалците постепено ги истражувале западните брегови на африканскиот континент. Таму пронашле малку злато (кое претходно преку сахарската рута се извезувало во арапскиот свет). Заплениле и робови. Но, овој извоз ќе ја добие својата целосна димензија само кога ќе биде насочен кон Америка.

Во реалноста, црнците ќе ги заменат Индијанците само во регионите каде што практично биле истребени: крајбрежните рамнини на Мексиканскиот Залив, Антилите, а особено бразилскиот североисток, колонизиран од Португалците. Развојот на африканското ропство ќе биде тесно поврзан со оној на плантажите за шеќер.

Одгледувањето и преработката на шеќерна трска, увезена од Индија, била воведена на крајот на средниот век на медитеранските острови колонизирани од Венеција и Џенова (Хиос, Кипар, Крит), а подоцна и во Сицилија и Андалузија. На крајот на 15-ти век, тие биле воведени на островите во Атлантскиот океан: Мадеира, Канарските Острови, Сао Томе.

Производството на шеќерна трска од самиот почеток било вистинска агроиндустрија: садење и сечење на трската, дробење во мелници за шеќер, прочистување и концентрација на шеќерот во котли, кристализација, потоа рафинирање, оставање на сирупите како нуспроизводи, консумирани како такви или дестилирани за производство на алкохол (рум и ратафија). Ова не може да се произведе со занаетчиско производство: бара голем број работници и строга работна дисциплина што само ропството можеше да ја обезбеди во тоа време.

Робовите биле вработени во медитеранските плантажи. На почетокот на 16-ти век, трската била воведена во шпанските Антили, но нејзиниот развој бил ограничен поради недостигот на работна сила.

Португалскиот Бразил беше првaта земја што почна да увезува африкански робови во голем обем: во 1580 година стана првиот производител на шеќер од трска.

На Малите Антили, делумно напуштени од Шпанците и колонизирани од Англичаните, Французите и Холанѓаните, колонизацијата најпрво беше спроведена од Европејците кои вработуваа наемна работна сила; нивнoто патување го плаќаат со договор за работа од 3 до 7 години во корист на оние што ги регрутирале. Овој систем функционирал лошо; крепосништвото, дури и привременото, исчезнало од европските обичаи. Регрутирани од редовите на маргинализираните заедници, оние кои биле изнајмени имале мала способност за земјоделство, а уште помалку за тропско земјоделство. Во текот на 17-ти век, тие биле заменети со црни робови, а земјоделските култури што ги одгледувале (тутун, индиго) биле маргинализирани во корист на плантажите за шеќер. За време на привремената окупација на Бразил од страна на Холанѓаните, тие започнале со шеќерен агробизнис: протерани по португалското повторно освојување, тие одгледувале шеќерна трска на Малите Антили. Во текот на втората половина на 17-ти век, робовладетелското население станало мнозинство: така, во Барбадос (британски), белците сè уште биле мнозинство во 1645 година (три четвртини од населението); во 1667 година, пропорцијата била обратна: белците сочинувале само една десетина од населението.

Шеќерната плантажа од самиот почеток е капиталистичко претпријатие: бара големи инвестиции за подготовка на земјиштето, индустриска опрема (мелници, котли, итн.) и купување робови. Поради должината на патувањето, паричните приливи се долгорочни. Капиталистот овде е трговец (често и сопственик на бродот) без разлика дали инвестира директно во плантажите, или дали ги финансира одгледувачите преку аванси.

Плантажерската економија е целосно зависна од надворешната трговија: речиси сè што произведува (главно шеќер, случајно тутун, индиго, кафе), е наменето за извоз во Европа; речиси сè што консумираaт Европјаните, како машини, облека, па дури и храна, се увезува. Парцелите што им биле доделени на робовите за одгледување на прехранбени култури, за кои им се доделувало најмногу еден ден во неделата, не биле доволни за нивна издршка. Се увезувало брашно и вино од Европа, сушен или посолен бакалар од Северна Америка.

Американската побарувачка за робови, поврзана со развојот на плантажерската економија, предизвика пораст на трговијата со робови; таа делумно има форма на „триаголна“ трговија; бродот со робови, во почетокот, носи на брегот на Африка „трговска стока“ (текстил, машинска опрема, oрнаменти, алкохол, подоцна барут и огнено оружје), сите тие производи наменети за консумирање од привилегираните класи на африканското општество, организаторите и корисниците на трговија со робови. Од брегот на Африка, бродот со робови заминува со својот товар од робови за Америка и таму ги разменува своите робови за колонијални стоки (шеќер, тутун, кафе, итн.). Меѓутоа, бидејќи цената на товарот на еден брод со робови е еквивалентна на товарењето на четири брода со колонијални стоки, голем дел од трговијата се врши директно, алатки и стоки од Европа за колонијални стоки. Со еден исклучок: португалскиот Бразил директно ги трампал своите увезени робови за тутун и рум.

Растејќи брзо во втората половина на 18-ти век, трговијата со робови ќе стане до првата четвртина на 19-ти век, доминантна форма на трговија меѓу Европа и Африка.

Европејците брзо се откажале од навлегувањето во внатрешноста на Африка: крајбрежните држави биле специјализирани во улогата на посредници, снабдувајќи ги со човечка стока и бранејќи го својот профитабилен монопол и против Европејците и против африканското население во внатрешноста. Дури на крајот на 18-ти век започнале експедициите во внатрешноста на континентот, со намерата за директен пристап до африканскиот пазар.

Човечкиот одлив поради трговијата со робови и третманот на робовите

Колку Африканци биле транспортирани преку Атлантикот, од почетокот на 16-ти век до средината на 19-ти век? (Tрговијата со робови продолжила уште неколку децении по нејзината забрана, во 1815 година северно од Екваторот, во 1842 година до јужниот Атлантик.)

Најновите проценки велат дека бројот на транспортирани луѓе е меѓу 10 и 15 милиони. Но, на овој демографски одлив мораме да ги додадеме сите човечки жртви кои произлегуваат од ловот на робови и нивниот транспорт.

Ловот по робови стана, за владејачките класи на африканските држави, најпрофитабилната активност. На еден заробеник, колку убиени имало за време на рациите во селата? Колкумина потоа загинале за време на патувањето, во конвоите кои ги носеле затворениците кон брегот, понекогаш и преку стотици километри? Колку мртви во крајбрежните „депоа“? Колкумина загинале на море за време на транспортот? (Тие честопати биле многубројни, особено кога избувнувало епидемија на бродот, поради гужва, лоша хигиена и исхрана, за време на патување од неколку недели). На ова треба да се додадат, во самата Африка, последиците од постојаната несигурност што произлегува од ловот на робови: населението било намалено од глад поради уништувањето на нивните села и нивните посеви, принудени да се засолнат во области кои се тешко дотапни, но лишени од ресурси.

За да се процени, би било неопходно да се помножи бројот на транспортирани со коефициент од неколку единици, што е невозможно да се прецизира: 50 милиони? 100 милиони? Во самата Америка, до крајот на 18-ти век, демографската еволуција на робовладетелската популација била негативна: во францускиот дел на Санто Доминго (денес Република Хаити), во 1789 година, за 50 години биле увезени 2,2 милиони робови и останале само 500 000.

Фенелон, гувернерот на Мартиник, во писмото до министерот од 11 април 1764 година, изразил изненадување од овој негативен развој и ги истакнал причините за оваа депопулација што го принудиле непрестајниот увоз на нови робови: лоша исхрана, прекумерна работа, наметната дури и на бремените жени, многу чести болести кај децата.

Трговецот со робови Дегранпре, цитиран од Р. П. Дјудoне Раншон, признава: „Ние шпекулиравме со нивната прекумерна работа и не жалиме што ги натеравме да умрат од умор, ако цената што ја добивме од нивната пот е еднаква на цената на нивното купување.“[13]

Илијар д'Обертој (цитиран од Гастон Мартан[14]), кој живеел дванаесет години во Санто Доминго, напишал во 1776 година: „Третина од црнците од Гвинеја обично умираат во првите три години од транспортот, а работниот век на еден црнец, навикнат на земјата, не може да се процени на повеќе од петнаесет години.“

Во нашиот јазик остана изразот „да рмбаш како црнец“. Дури на крајот на 18-ти век, робовската популација се стабилизирала и почнала природно да расте. До тоа доведоа неколку фактори: порастот на цената на робовите, прекинот на трговијата со робови за време на Наполеонските војни, предизвиканиот голем страв меѓу робовладетелите од бунтот во Санто Доминго (Хаити). Сопствениците на робови ќе бидат заинтересирани да ја одржат и репродуцираат нивната работна сила.

За да ја одржат дисциплината на своите робови, сопствениците морале да наметнат режим на дискриминација и терор.

„Le Code noir“, донесен во 1685 година, под владеењето на Луј XIV (1638-1715), збирка прописи кои се однесуваат на владата, спроведувањето на правдата, полицијата, дисциплината и трговијата со црнци во француските колонии,[15] на сила до 1848 година (освен колониите каде што укинувањето на ропството пропишано со Конвенцијата се применувало од 1794 до 1802 година), ги поставил официјалните правила. Се казнува со смрт секој напад на роб врз својот господар или врз слободни луѓе, како и кражба на коњи или волови; на робот кој е во бегство повеќе од еден месец ќе му се отсечат ушите и ќе биде жигосан со вжештена пегла со лилјан на рамото; ако го повтори делото, ќе му се отсече потколеницата и ќе биде означен со лилјан на другото рамо; по трет пат ќе биде осуден на смрт. Мачењата (ознаките и осакатувањата) ќе бидат укинати дури во 1833 година.

Сопствениците имале право да ги врзуваат со синџири и да ги камшикуваат своите робови „кога мислат дека робовите го заслужиле тоа.“ Освен во предвидените случаи, на сопствениците во принцип им било забрането да ги мачат, осакатуваат или убиваат своите робови. Но, всушност, што и да прават сопствениците, тие никогаш не биле санкционирани: судовите, во рацете на колонијалистите, го почитувале принципот дека сопственикот никогаш не може да биде осуден по жалба на роб, поради страв дека тоа ќе ја загрози власта на робовладетелскиот режим.

Во својот извештај за Неволјите во Санто Доминго, конвенционалниот Гаран истакнува дека нема пример за господар кој бил изведен пред лицето на правдата затоа што убил или осакатил роб. Уредбата од 1784 година со која се ограничува на 50 удари со камшик што сопственикот можел да му ги нанесе на робот „беше регистрирана со голема тешкотија“ и не беше почитувана.[16]

Бракот и сексуалните односи меѓу доселениците и робовите во принцип биле забранети: во реалноста, доселениците земале конкубини робинки и, многу брзо се формирал слој од мешати, рангирани според нивната пропорција на „бела“ крв. Во 1789 година, во францускиот дел на Санто Доминго (денес Република Хаити) имало 35 440 белци, 509 642 робови и 26 666 ослободени и обоени луѓе. Мулатите и слободните обоени луѓе можеле да поседуваат плантажи и робови, но биле подложни на строга дискриминација: во 1789 година, колонијалистите ќе им ги ускратат политичките права.

Во брошурата објавена во 1814 година, Помпе Валантан Вастe, секретар на кралот Кристоф (Анри I-ви, овековечен во драмата на Еме Сезер) ги наведува мачењата што колонијалистите им ги правеле на робовите, особено за време на нивното востание: робовите живи запалени или набиени на колци, чии екстремитети, јазик, уши, заби, усни отсечени или откорнати, бесени наопаку, давени, распнувани на штици, живи закопувани, врзувани на мравјалници, живи фрлени во казани со шеќер, фрлени по падини во буриња полни шајки, предавани на дресирани кучиња живи да ги јадат.[17] Рошамбо Јуниор, командант по смртта на генералот Леклер на експедициските сили испратени од Бонапарта за повторно да го освојат Санто Доминго и повторно да го воспостават ропството таму, наредил да се купат кучиња специјално обучени за оваа намена во Куба.

Се подразбира дека примерот даден овде за француските колонии, за третманот на робовите, може да се прошири и на сите други колонии.

Трговијата со робови и ропството во 19-ти век

Забраната на трговијата со робови, и покрај репресијата од британските одреди, не била спроведена и трговијата со робови завршила дури околу 1860 година.

По „паниката“ на робовладетелите поради востанието на робовите во францускиот дел на Санто Доминго, што доведе до независност на црната Република Хаити во 1804 година, во првата половина на 19-ти век се забележува нов подем на американските робовладетелски плантажи, овојпат не во рамките на меркантилизмот, туку на пазарот на кој доминира модерниот, индустриски капитализам: пораст на робовладетелските плантажи за памук на југот на Соединетите Држави, за снабдување на англиските фабрики во Манчестер и неговиот регион со суровини; пораст на ропството во Куба (за производство на шеќер) и во Бразил (шеќер и какао) за потрошувачите на Европа. Ропството било укинато дури во 1833 година во англиските колонии, во 1848 година во француските колонии, во 1866 година во Соединетите Држави (по поразот на јужњаците во Граѓанската војна), во 1886 година во Куба (шпанска колонија) и во 1888 година во Бразил.

Забранета во Атлантикот, трговијата со робови доживеа нов развој во 19-ти век во Источна Африка, главно во Судан (зависност од Египет) и во султанатот Занзибар, создаден од Арапите од Оман, и кој, почнувајќи од островите Занзибар и Пемба, го контролираше целиот брег на Индискиот Океан, од Сомалија до Мозамбик.[18]

Оваа „арапска“ трговија со робови понекогаш беше изговор во обид да се „оправда“ европската трговија со робови, под слоганот „Не бевме само ние“. Проблемот е што оваа „арапска“ трговија со робови беше поттикната од побарувачката на европскиот капиталистички пазар.

Навистина, главната цел на трговијата беше потрагата по слонова коска: преку колење на слонови, а пред сè преку грабеж на „богатствата“ во издолжените заби т.н. бивни од слон коишто ги собирале поглавиците на Централна Африка. Заминувајќи од Нил или Занзибар, ограбувачките експедиции ги уништувале селата, масакрирале или го поробувале населението, а заробениците биле предодредени да играат улога на носачи, да ја транспортираат слоновата коска. Ропството било еден вид „нуспроизвод“ на грабежот на слонова коска: преживеаните робови биле продавани на Блискиот Исток каде што сè уште постоело домашното ропство, или се користеле како работна сила во плантажите за каранфилче во Занзибар, главниот снабдувач со каранфилче на светскиот пазар, контролиран од Британците.

Европскиот пазар всушност бараше слонова коска, поттикнат од потрошувачката на богатите класи: топки за билјард, клучеви за пијано, рачки за ножеви за прибор за јадење Шефилд. Бројот на извезени робови во Азија, преку Индискиот Океан, во 19-ти век, може да се процени на 400 000[19]; бројот на робови „произведени“ од суданската трговија со робови на 750 000 (плус помеѓу 10 до 30% „загуби“ за време на транспортот и непроценет дел од загубите во моментот на заробувањето).[20]

Патот до Индија и азиската колонизација

Додека Шпанците, откако поверувале дека стигнале до Индија од запад, ја колонизирале Америка, Португалците ја истражувале и отвориле, приближно во исто време, рутата кон Исток, заобиколувајќи го африканскиот континент од југ. Васко де Гама (1469—1524) стигнал до Индија (вистинската) во 1498 година.

Источната колонизација прво ќе ја спроведат Португалците, по принципот на кралскиот монопол, а подоцна, по нивните стапки, Холанѓаните, Англичаните, Французите.

Со неколку исклучоци, и барем до втората половина на 18-ти век, територијалните поседи на колонизаторите биле ограничени на крајбрежни трговски места. Европејците доаѓале во Индија, а патем и во Индонезија, Кина и Јапонија, за да бараат луксузни производи: зачини (бибер, цимет, морско оревче, итн.) и ориентални занаетчиски производи (луксузен текстил: муслини, кашмири и мадрас – насликани памучни ткаенини, свили, лакови и кинески порцелан).

Невозможно е да се понудат европски производи за возврат: Азијците ги прават подобри и поевтини. Мора да се откажете од плаќањето во сребро. Тоа е американското сребро што ги подмирува набавките од азиската трговија. Од 16-ти до 18-ти век, една третина, можеби дури и половина од среброто испорачано од Америка го апсорбирала Кина.[21] Таа силно ги контролирала своите влезови и само Португалците можеле да основаат трговско место во Макао. Јапонија била затворена во 1638 година за европската трговија, освен ограничениот и контролиран пристап до пристаништето Нагасаки, резервиран само за Холанѓаните.

Меѓутоа, од 17-ти век, Холанѓаните, за да го обезбедат монополот на зачините, ја презеле контролата, директно или со вклучување на мешани локални суверени, на Молучките острови, а подоцна и на Јава, каде што го основале главниот град на нивната трговска империја, Батавија (денес Џакарта).

Во текот на 18-ти век, Французите и Англичаните се обврзале да ги консолидираат своите трговски места со територијално влијание; францускиот обид на Жозеф Франсоа Диплекс (1697–1763), кој се сметал за лична иницијатива и затоа отфрлен од Француската источноиндиска компанија, бил напуштен по францускиот пораз во Седумгодишната војна (1763). Англиската источноиндиска компанија ќе ja преземе иницијативата. Победата во Битката кај Плесија (1757) резултирала со преземање на контролата врз регионот Бенгал од страна на компанијата. Оттогаш, стилот на колонизацијата и трговските односи радикално ќе се сменат. Во трговијата, компанијата ја додал како извор на профит даночната експлоатација на освоените територии. Потоа започнува „репатријацијата“ на среброто и другото богатство акумулирано во Индија. На преминот од 18-тиот и 19-тиот век, започнало движењето кое ќе ја трансформира Индија од снабдувач на произведени и луксузни стоки во снабдувач на суровини за британската индустрија (памук, џут) и во купувач на произведени стоки од англиската индустрија, со последователно уништување на традиционалното занаетчиство.

За Кина, дури подоцна, на почетокот на 19-ти век, се случил пресвртот: за да се подмират купувањата на кинески производи (свили, чај) среброто постепено било заменето со опиум увезен во Кина од Индиската компанија. Околу 1820 година, билансот е обратен – на штета на Кина. „Опиумската војна“ (1839-1842) ја принуди Кина да отвори пет пристаништа, да го отстапи Хонг Конг и пред сè да увезува опиум, кој кинеската влада се обиде да го забрани. Да ги употребиме зборовите на Бродел: „Еве ја Кина платена во чад, и тоа каков чад!“[22]

Кaкви последици за народот?

За Холандска Источна Индија (Индонезија) историјата на колонијалната администрација на Холанѓаните „расплетува слика на убиства, предавства, корупција и подлост кои никогаш нема да имаат иста димензија.“[23] Авторот на ова размислување е гувернерот кого Англичаните го поставиле таму за време на нивната окупација, за време на Наполеонските војни. Грабеж, ропство, изнуда, сите средства се корисни за да се обезбеди рекорден профит за Холандската источноиндиска компанија, која ја експлоатирала Индонезија до крајот на 18-ти век. Државата, во 19-ти век, направила уште подобро: од 1830 година, гувернерот Јоханес ван ден Бош (1780–1844) го воспоставил „системот“ што го носи неговото име: принудно одгледување, принудна работа. Селаните морале да се откажат од една петтина од својата најдобра земја и една петтина од своето работно време за да обезбедат бесплатни извозни производи. Присилното одгледување и принудната работа честопати ги надминувале официјалните граници: се барало една третина, па дури и половина од земјиштето и, работно време од 66 до 240 дена во годината.[24] Во исто време, данокот на имот се удвоил. Подоцна, основањето на плантажи (тутун, каучуково дрво, палмино масло, итн.), довело до регрутирање на „договорна“ работна сила, а во суштина, принудни работници кои биле третирани полошо и од робовите.

Во Индија, Англичаните ќе најдат поддршка од одредени општествени слоеви, особено трговци и банкари, кои работеле како посредници за британската трговија. Во 1793 година, со обична уредба, администрацијата на Компанијата на Индија ги направила „Заминдарите“, кои биле собирачи на даноци во Могулското царство да даночат, големи земјопоседници, земјопоседници во британски стил. На териториите каде што тие биле задолжени за собирање даноци, селаните биле сведени на статус на несигурни закупници.

Монополи на сол, опиум, бетел и други производи им биле доделени на високи функционери на компанијата, кои брзо се збогатиле.

Но, најлошото допрва требало да дојде, со уништувањето на занаетчиството: економскиот еквилибриум во Индија се засноваше на здружението на земјоделството и занаетчиството (особено текстилот).

Од 1814 до 1835 година, увозот на „Индијци“ во Велика Британија се намалил за три четвртини; обратно, увозот на британски индустриски памуци во Индија се множи со 50!

Уништените занаетчии морале да се вратат на обработување на земјата, која веќе била преоптоварена, а генералниот гувернер на Индија можел да забележи дека коските на ткајачите ги избелуваат рамнините на Индија.

Периодите на глад станале карактеристика на Индија: 18 периоди на глад од 1875 до 1900 година однеле 26 милиони животи.[25] Ќе има и други во 20 век (онаа во регионот Бенгал, во 1943 година, ќе предизвика 3 до 4 милиони смртни случаи).

Во Кина, првата опиумска војна ќе биде проследена со други европски воени интервенции со цел да го наметнат законот на големите капиталистички сили, на кои ќе им бидат доделени пристанишни „концесии“. Од 1842 година, тие побараа од Кина да ги ограничи царинските давачки за увезената странска стока на 5%. Ќе има нарушување на традиционалните економски циклуси, влошување на бедата што ќе доведе до селански востанија, од кои најважното беше Тајпиншкото востание (1851-1864).

Можеме да сумираме со Маркс: „Откривањето на златните и сребрените земји во Америка, истребувањето, поробувањето и закопувањето на домородното население во рудниците, првите чекори во освојувањето и разграбувањето на Источна Индија, претворањето на Африка во ловиште за трговски лов на црнокожите, ете со што е обележана зората на ерата на капиталистичкото производство. Овие идилични процеси се главните моменти на првобитната акумулација.“[26]

Источна Европа и „второто крепосништво“

Покорувањето и експлоатацијата преку глобалниот пазар на Америка, Азија и Африка ги погодија и Блискиот Исток и Источна Европа. Во Отоманската империја постепено продираше западната трговија, а од 16-ти век, Французите, а подоцна и Англичаните, имаа корист од екстратериторијалноста за нивните трговски места, пристаништа лоцирани на Блискиот Исток и Северна Африка.

Во Источна Европа (отприлика, источно од Елба) локалната аристократија, со цел да набави луксузни производи од Западна Европа (облека, мебел, вина итн.), ја зголемила експлоатацијата на селанството, преземајќи ја сопственоста на земјата и генерализирајќи го крепосништвото.

Тоа е она што историчарите го нарекуваат „второто крепосништво“ кое се развило во Источна Европа (Русија, Полска, Прусија) токму во времето кога крепосништвото исчезнува од Западна Европа. Својот врв во Русија ќе го достине на крајот на 18-ти век, под владеењето на Катерина II (1729 - 1796), и ќе има форми слични на чистото и едноставно ропство. Ќе биде причина за оваа мала реклама во еден весник од Санкт Петербург: „Се продава фризер и чистокрвна крава“. Оваа засилена експлоатација на селанството им овозможила на големите земјопоседници да заработат богатство со масовен извоз на прехранбени производи и суровини во Западна Европа: житарици, лен, дрво, итн. Посредници и профитери на оваа трговија ќе бидат поморските градови на Ханза (германски и балтички), потоа Холанѓаните и на крајот Англичаните.

Трговски капитал и финансиски капитал (лихварство). Од меркантилизам до либерализам.

Колонијалниот систем од 16-18 век се засноваше на монопол: најпрвин кралски монопол за Шпанија и Португалија, а подоцна монопол на привилегирани компании како што се различните компании од Индија (холандски, англиски, француски).

Доктрината за прашањата на надворешната трговија е меркантилизам, застапувана од Жан Батист Колбер (1619—1683): збогатувањето на кралот (и на кралството) се смета за поврзано со стекнувањето на максималниот износ на пари во готовина; затоа е потребно да се увезува минимум, а да се извезува максимум. Тоа подразбира протекционистичка царинска политика.

Конкуренцијата меѓу трговските нации често добива насилен карактер: пиратерија („крстаречка“ војна) и насилства од секаков вид. Тоа често водело до војни: во воените конфликти од 17-ти и 18-ти век, покрај династичките ривалства, економските мотивации земале сè поголема улога: во војната предводена од Холандија („Обединетите провинции“) кога Холанѓаните се побунија против Шпанија, во англо-холандските и француско-холандските војни од 17-ти век, во војната за шпанското наследство, во Седумгодишната војна, во англо-францускиот конфликт за време на Револуцијата и Империјата.

Доаѓањето на индустрискиот капитализам е придружено со промовирање на „либералната“ идеологија. Индустрискиот капитализам доаѓа во конфликт со претходните институции: ги критикува монополите, корпоративните регулативи, колонијалната „ексклузивност“ (правило кое им забрануваше на колониите да тргуваат со странски нации и да произведуваат занаетчиски производи чиишто резерви требаше да бидат резервирани за урбаните подрачја), го критикува протекционизмот, трговијата со робови и ропството.

Сепак, оваа либерална идеологија е со променлива геометрија: таа триумфираше во Англија во 19-ти век со укинувањето, во 1846 година, на протекционистичките закони за пченицата, кои одговараа на интересите на „земјопоседниците“, но ги спречуваа индустријалците да ја зголемуваат цената на лебот и висината на платите. Но, во спротивност со принципите на „слободната трговија“, истата Англија наметна дискриминаторска царинска политика кон Индија, казнувајќи го индискиот извоз на занаетчиски производи и поттикнувајќи го увозот на британски индустриски производи. Таа се бори против трговијата со робови преку своите одреди за надгледување на Атлантикот, но ги поддржува робовладетелските Јужњаци, нивните добавувачи на памук, за време на Граѓанската војна. Соединетите Држави и Германија ја спроведоа својата индустријализација благодарение на протекционистичката политика, а кон крајот на 19-ти век ќе триумфира, вклучително и во Англија, империјалниот протекционизам.

Од 16-ти до 18-ти век, колонијалната трговија го хранела финансискиот (лихварски) капитал: всушност, банките во тоа време не практикувале продуктивни инвестиции, туку им позајмувале на државите, на суверените, а оние што плаќале биле поданиците, кои подлежеле на даночни обврски, односно како заклучок, пред сè селаните.

Финансиските центри се последователно Џенова, која го менува среброто на кралот на Шпанија во златници неопходни за плаќање на неговите платеници, но која на крајот ќе биде жртва на банкротот на шпанската држава; потоа, трговијата со колонијални производи била концентрирана во Антверпен, кој до 1575 година бил водечки финансиски центар во Европа; бунтот на Холанѓаните против кралот на Шпанија ќе го уништи Антверпен и ќе го направи Амстердам центар на големата трговија и финансии; во 18-ти век, оваа улога премина кај Лондон.

Во колонијалната трговија, монархиските држави, а исто така и буржоаските држави како Холандија, имаа свои интереси поврзани со оние на трговската и финансиската буржоазија. Колонијалната политика се водeше со средства на државата.

Оваа асоцијација, понекогаш конфликтна, се манифестира и во развојот на јавниот долг и оданочувањето, кои силно придонесуваат за експлоатација и осиромашување на селанството и претставуваат еден од лостовите на примитивната акумулација.

Суверените, за веднаш да го добијат среброто што им е потребно и да се спасат од долговите и доцнењето во собирањето даноци, им ја давале наплатата на одредени даноци под закуп на финансиери, според практика која датира од антиката. Тоа во Франција го практикувале „генералните откупници“, кои веднаш го снабдувале кралот со потребните пари, а се наградувале сами со наплата на одредени даноци во свое име, со профитна маржа која понекогаш достигнувала 100% и која никогаш не била помала од 30 % (позната уште како лихварска маржа). Понатаму, државите позајмуваат пари, прво од банкари, а потоа и од јавноста.

Во 1522 година, Франсоа I-ви го лансирал првиот јавен заем на државата, барајќи од париската буржоазија да му позајми 200.000 ливри, во замена за камата. Ова се првите „закупнини што ги плаќа Градскиот совет“, гарантирани со приходите од одредени општински даноци. „Државниот долг станува еден од најенергичните лостови на првобитната акумулација.“[27] Овој метод на грабеж на државните ресурси во корист на богатите цвета денес повеќе од кога било (позајмиците на Антоан Пинe и Валери Жискар д’Естен ја даваат современата илустрација).

Колонијалниот систем, даночните побарувања, јавниот долг, пауперизацијата и експропријацијата на селанството го подготвуваат, од различни причини, доаѓањето на индустрискиот капитализам.

Сепак, сите овие средства на почетокот не биле доволни за да се обезбеди работната сила што му беше потребна на индустрискиот капитализам во зародиш. Во Англија таа ќе се обезбеди со користење на децата од „работничките домови“.

На Ланкашир, за своите фабрики за предење и ткаење, му беа потребни „дробни и пргави прсти“.

„Веднаш влезе во обичај да се влечкаат чираци (!) од различни парохиски работни домови од Лондон, Бирмингем и од други места. Многу, многу илјади од овие мали беспомошни креатури од 7 до кон 13 или 14 години, се експедираа кон север. Стана обичај за мајсторот (т.е. за крадецот на деца) да ги облекува своите чираци, да ги храни и да им дава живеалиште во еден дом за чираци покрај самата фабрика. Биле поставени надзорници за да го надгледуваат нивниот труд. Им било во интерес на овие робовски терачи, децата да 'ргаат до крајност, бидејќи нивната плата зависеше од размерата на количеството производ, што можеа да го исцедат од децата. Суровоста беше природна последица... Во многу фабрички околии, особено во Ланкашир, овие беспомошни и невини созданија, предадени во власт на фабричките господари, беа изложени на најгрозни маки. Тие беа терани во смрт со претеран труд... тие беа бичувани, оковувани и мачени со најистанчена и најрафинирана грозотија, тие беа во многу случаи направени кожа и коска од глад, додека камшикот ги присилуваше кон труд...“[28]

Современиот „либерализам“ ги прошири овие практики врз десетици милиони деца, во Бразил, Пакистан, Тајланд и на други места.

Вака на свет дојде триумфалниот Капитал „пуштајќи крв и гнасотија од сите свои пори од глава до петици.“[29]

Забелешки

[1] Le Capital, livre I, tome III, Paris, Éditions sociales, 1950, p. 153.

[2] Ibidem, p. 153. Adolphe Thiers, De la propriété, Paris, 1848.

[3] Dr Alexis Carrel, L’Homme, cet inconnu, Paris, Plon, 1935.

[4] Karl Marx, op. cit., p. 164.

[5] Karl Marx, op. cit., pp. 153-22.

[6] Paris, Armand Colin, 3 volumes, 544, 600 et 608 p.

[7] Cf. J. Suret-Canale, Braudel vu par Pierre Daix, La Pensée n° 307, 3e trimestre 1996, pp. 160-161.

[8] Karl Polanyi, Primitive, Archaïc and Modern Economies, (Éd. George Dalton) Boston, Beacon Press, 1968.

[9] Karl Marx, op. cit., p. 175.

[10] Strype: “Annals of the Reformation and Establishment of Religion and other Various Occurrences in the Church of England during Queen Elizabeth’s Happy Reign.” 2 изд., 1725, том II.

[11] Ibidem , p. 177.

[12] За преглед: Serge Daget, La traite des Noirs, Éditions Ouest-France Université, 1990, 300 p. За детали: De la Traite à l’esclavage (Actes du colloque international de Nantes, 1985), Paris, 1988, 2 volumes, XXXII-551 et 733 p.

[13] R. P. Dieudonné Rinchon: La traite et l’esclavage des Congolais par les Européens, Paris, Va-nelsche, 1929, pp. 97-98.

[14] Gaston-Martin, Histoire de l’esclavage dans les colonies françaises, Paris, P.U.F., 1949, pp. 124-125.

[15] Le Code Noir… À Paris, chez Prault, Imprimeur-libraire, 1767. Reproduction en fac simile: Basse-Terre, Société d’histoire de la Guadeloupe; Fort-De-France, Société d’histoire de la Martinique, 1980.

[16] Rapport Garran-Coulon, Paris, Imprimerie nationale, An V, tome 1, p. 25.

[17] Notes à M. le Baron Malouet, Ministre de la Marine et des Colonies… Au Cap Henry, chez P. Roux, imprimeur du Roi, octobre 1814, pp. 11-12.

[18] Види Abdul Sheriff, Slaves, Spices and Ivory in Zanzibar. Integration of an East African commercial Empire into the World Economy (1770-1873), Ohio University Press, 1987, 320 p. et G. Clarence-Smith (Éd.), The Economies of the Indian Ocean. Slave Trade in the Nineteenth Century, London, F. Cass, 1989.

[19] François Renault, Problèmes de recherche sur la traite transsaharienne et orientale en Afrique во De la Traite à l’esclavage, recueil cité, tome 1, pp. 37-53.

[20] Gérard Prunier, La traite soudanaise (1820-1885); ibidem, tome 2, pp. 521-535.

[21] F. Braudel, op. cit., tome 2, p. 169.

[22] F. Braudel, ibidem, p. 191.

[23] Thomas Stanford Raffles, The History of Java and its dependencies, London, 1818, цитирано од Маркс, op. cit., p. 194.

[24] Charles Robequain, Le monde malais, Paris, Payot, 1946, p. 351.

[25] J. Chesneaux, L’Asie orientale au XIXe et XXe siècles, Paris, PUF, 1966, p. 189. Просечната потрошувачка на ориз по жител и дневно се намалила за речиси половина помеѓу 1866 и 1936-1942 година, од 800 грама на 400-480 грама. Greenough, Prosperity and Misery in Mod-ern Bengal, New York, Oxford University Press, 1982, pp. 19-80.

[26] Karl Marx, op. cit., p. 193.

[27] Karl Marx, op. cit., p. 196.

[28] John Fielden, The Curse of the Factory System, London, 1836. Цитирано од Karl Marx, op. cit., p. 200.

[29] Karl Marx, op. cit., p. 202.