Жил Перо

Предговор


Првпат објавено: Le livre noir du capitalisme., Pantin, France: Le temps des cerises, 1998, 427 pp.;
Превод: Томислав Захов (од француски)
Техничка обработка: Томислав Захов
Онлајн верзија: јануари 2024


Благословен капитализам! Ништо не најавува, никогаш не ветува. Ниту еден манифест или декларација во дваесет точки што лично го дава клучот на среќата. Тој ве гази, ве проголтува, ве поробува, ве измачува – накратко, ве разочарува? Имате право да бидете несреќни, но не и разочарани, бидејќи разочарувањето подразбира изневерена посветеност. Оние кои најавуваат посветла иднина ризикуваат да бидат обвинети за лажговци кога нивниот обид ќе заврши со голем неуспех. А, капитализмот е мудро комбиниран со сегашноста. Тој постои. А, иднината? Таа доброволно им се препушта на сонувачите, идеолозите и еколозите. Неговите злосторства се речиси совршени. Нема пишана трага што докажува предумисла. Лесно им е на непријателите на револуциите да ги посочат одговорните за Теророт од 1793 година: просветителството и неразумната желба да се уреди општеството според рационалистичкиот разум. Библиотеките се преплавени со инкриминирачки книги за комунизмот. Ништо слично нема за капитализмот. Тој не може да биде обвинет за предизвикување несреќа со тврдењето дека носи среќа. Тој прифаќа да биде суден само според она што отсекогаш го мотивирало: потрагата по максимален профит во минимално време. Другите се интересираат за човекот; тој се грижи за стоките. Дали некогаш сме виделе среќни или несреќни стоки? Единствените биланси кои се валидни се сметководствените биланси. Зборувањето за неговите злосторства е ирелевантно. Наместо тоа, да зборуваме за природни катастрофи. Тие го повторуваат тоа одново и одново: капитализмот е природна состојба на човештвото. Но, човештвото се наоѓа во капитализмот како риба надвор од вода. Потребна е залудна ароганција на идеолозите да сакаат да го променат поредокот, со обесхрабрувачките циклични последици што ги знаеме: револуција, репресија, разочарување, жалење. Тоа е вистинскиот првобитен грев на човекот: тој вечен немир што го наведува да се ослободи од јаремот, лирската илузија за иднина без експлоатација, претензиите за промена на природниот поредок. Не мрдете, капитализмот го прави тоа наместо вас.[1] Секако, природата има свои катастрофи; капитализмот исто така. Дали би ги барале одговорните за земјотрес или цунами? Криминалот подразбира постоење на криминалци. Во случајот на комунизмот, лесно се утврдуваат антропометриски записи: двајца брадести мажи, еден со козја брада, друг со очила прицврстени на нос, човек со мустаќи, оној што ја преплива Јангцекјанг, љубител на пури итн. Можеме да ги мразиме овие лица. Тие се од крв и месо. Кога станува збор за капитализмот, постојат само индекси: Dow Jones, CAC 40, Nikkei итн. Обидете се, да видите, дали може да мразите поим. Империјата на злото секогаш има географска област, има свои престолнини. Може да се лоцира. Капитализмот е секаде и никаде. На кого треба да му се испрати покана да се појави пред евентуален Нирнбершки трибунал?[2]

Капитализам? Архаичен термин! Ажурирајте се и употребете го вистинскиот збор: либерализам. Емил Литре (1801–1881) го дефинира „либералното“ како „она што е достојно за слободен човек“. Зарем тоа не звучи добро? А Пол Робер (1910–1980) ни дава убедлив список на антоними: „скржаво, автократско, диктаторско, диригирачко, фашистичко, тоталитарно“. Можеби ќе ќе најдете изговори за да се дефинирате себеси како анти-капиталист, но признајте дека ќе треба многу храброст да се прогласите за анти-либерал.

Зошто тогаш црна книга на капитализмот? Зарем не е лудост да се соочиш со потфат од таква големина? Тој е најлошиот масовен убиец во историјата, во ред, но е убиец без лице или генетски код, кој со векови убива неказнето на пет континенти... Ви посакуваме среќа во потфатот. Дали ќе постигнете нешто? Зарем не сте го слушнале ѕвоното кое истовремено најавува крај на класните борби и крај на историјата? Капитализмот победи. Во својата сегашна и солидна мафијашка верзија, тој го монополизира пленот на своите непријатели. Дали има веродостоен противник на хоризонтот?

Кој противник? Огромниот народ од граѓански странки на судските процеси. Мртвите и живите. Безбројната толпа на оние кои беа депортирани од Африка во Америка, распарчени во рововите на секоја бесмислена војна, живи запалени со напалм, измачувани до смрт во затворите на чуварите на капитализмот, застрелани на Ѕидот на комунарите, застрелани во Фурми и Сетиф, масакрирани во стотици илјади во Индонезија, речиси истребените американски Индијанци, масовно убиените во Кина за да се обезбеди слободната трговија на опиум... Од сето ова, рацете на живите го добија факелот на бунтот на човекот на кој му е ускратено достоинството. За кратко време, инертните раце на децата од Третиот свет кои секојдневно ги убива неухранетоста во десетици илјади, изнемоштените раце на народите осудени да ја враќаат каматата на долгот чиј капитал го украле нивните марионетски водачи, растреперените раце на сè побројните маргинализирани од центрите на раскошот…

Раце трагично слаби и засега разединети. Но, тие не можат а да не се обединат еден ден. И на тој ден факелот што го носат ќе го запали светот.

Забелешки

[1] „Оние кои не се движат, не ги забележуваат своите синџири.“ Оваа мисла `и се припишува на Роза Луксембург (1871-1919). Овој цитат зборува за тоа колку е важно да се преиспитува сè и да не бидеме како оние луѓе кои не се ни обидуваат да променат ништо затоа што мислат дека нивните животи се такви какви што треба да бидат. Мора да се обидеме да ги видиме невидливите синџири што ги имаме околу нас и да се бориме против нив за да можеме да ги живееме нашите животи подостоинствено. (Заб.на прев.)

[2] Земјите кои вообичаено се нарекуваат авторитарни капиталистички држави се Кина по економските реформи, Унгарија под Виктор Орбан, Русија под Владимир Путин, Чиле под Аугусто Пиноче, Гватемала под Мануел Естрада Кабрера и Хорхе Убико, Индонезија под Сухарто, Сингапур под Ли Куан Ју, Саудиска Арабија под саудиската апсолутна монархија и Турција под Реџеп Тајип Ердоган, како и фашистичките режими и воени диктатури за време на Студената војна. Нацистичка Германија, исто така, е опишана како авторитарна капиталистичка, особено поради нејзината политика на приватизација во 1930-тите. (Заб.на прев.)