Жан-Лук Сале

Против историскиот ревизионизам, реафирмирање на фактите


Извор: Црна книга на анти-комунизмот и контра-револуцијата. Жорж Гасто (ур.). Eдиција Делга, Париз, 2017.
Првпат објавено: Solidarité de Classe, билтен на CISC, бр. 20, декември 1997 год.
Превод: Томислав Захов (од француски)
Онлајн верзија: октомври 2024


По Октомвриската револуција од 1917-та, империјализмот започна повеќеслојна војна против првата социјалистичка држава: две масивни вооружени интервенции, економска блокада, саботажа... и во 1970-тите, вистинска идеолошка војна со предвесникот Солженицин, царски писател чија „кавијарска левица“ од типот на Le Nouvel Obs или Montand поврзана со „покајничките маоисти“ (Андре Глуксман, Серж Жулај, Стефан Куртоа) беше шампион на слободите и правото!

Оваа кампања во служба на капитализмот кулминираше со уништување на СССР. Како и да е, на сите бранови се промовира невидена антикомунистичка кампања, прикривајќи ги огромните социјални и политички еманципаторски достигнувања за да ги евоцира само „88-те милиони мртви од комунизмот“ (Никола Верт) или 100-те милиони (Стефан Куртоа) од Црната книга на комунизмот (1997).

Контрареволуцијата резултираше со отворање на советските архиви (за жалење е што СССР одржуваше апсолутна тајност, со што го охрабруваше ширењето на невистини и лаги!). Целта на овој напис не е да ги оправда настаните, туку да поттикне размислување и вистинска материјалистичка анализа заснована на вистинитоста на настаните и бројките, врз основа на неколку поставени прашања.

Убиството на Киров

Историографијата го датира почетокот на големите чистки уште од атентатот на Сергеј Киров. Според верзијата на Роберт Конквест, пренесувајќи ги алузиите на Н. Хрушчов, Сталин елиминирал опасен ривал заради неговата „превласт“ и на тој начин го нашол изговорот за масовна репресија. Читањето на советските архиви целосно ја поништува оваа верзија, а списанието Communismes во уредништво на Стефан Куртоа потсетува: „Поранешната раководителка на музејот Киров, историчарката Ала Викторовна Кирилина, ја демонстрира невиноста на Сталин“ (n°42-43-44, стр.249, 1995).

Во својата книга Атентатот на Киров: судбината на еден сталинист (Le Seuil, 1995), оваа историчарка ја покажува невистинитоста на аргументите на Конквест, академик близок до американските владејачки кругови и кој беше пречекан со голема помпа од Горбачов, тогашниот генерален секретар на КПСС. Ова е стар историски фалсификат кој е разобличен.

ГУЛАГ

Солженицин го воведе овој термин што значи „Главна управа на логорите“ за да го стигматизира СССР како „вистинска империја на злото“ (Реган). Беа изнесени најекстравагантни бројки во однос на популацијата на гулагот. Така, за 1938 година, Конквест и Медведев ја изнесоа бројката од 12 милиони, Солженицин од 40 до 60 милиони. Да забележиме дека поборниците на идеолошката војна, покрај вистината, ја игнорираат и демографијата. Која земја би можела да затвори еден од 3 или 4 луѓе (вклучувајќи ги и децата!) без да експлодира? За оваа 1938 година, советските архиви ја даваат бројката од 995.881 затвореник. Во 1951 година населението на „гулагот“ го достигна својот врв со 1.948.158 затвореници (вклучувајќи 579.878 политички затвореници, меѓу кои и 334.538 „колаборационисти“, извори L'Histoire, септември 1993 година, N.Werth и Solidaire, 13.10.1993).

Репресијата во Црвената армија

Историчарите (Конквест, Волкогонов, Сенсонов итн.) ги спомнуваат 40.000 офицери на Црвената армија кои биле погодени од репресија, по елиминацијата на маршалот Тухачевски. Руското списание Молодая Гвардия бр. 9, 1989 година, ги објавува архивите. Црвената армија имала 580.000 офицери во 1938 година. 6000 биле уапсени, а меѓу нив околу 2000 биле осудени на смрт (но не сите егзекутирани).

Репресијата во СССР

И овде, изнесените бројки (од 20 до 40 милиони мртви според Куртоа, Верт итн.) не соодветствуваат со реалноста затоа што авторите множат со 30 или 40, додека вистинските бројки за репресијата ги дадоа руските правосудни органи. Историчарката Лили Марку е во право што го осудува чудниот метод на Никола Верт: „Кога историчарот ќе си противречи во толку краток временски период (20 милиони мртви во сталинистичкиот период, L'Histoire, септември 1993 година и 20 милиони во Црната книга, 1997 година, NDA), ова поставува проблем на кредибилитетот“ (Le Monde, 14.11.1997). Еве ги бројките дадени од рускиот правосуден систем за репресиите насочени кон „контрареволуционерните активности“. 1921-1953: 3.777.380 лица уапсени, 2.379.220 осудени на затвор (логор), 765.100 ставени во домашен притвор, 642.980 осудени на смрт. Затоа, размерите на репресијата се далеку од лудите бројки кои имаат за цел да покажат дека комунизмот е поубиствен од фашизмот! (извори: Комсомольская правда 24.09.1989). Организаторите на кампањата Црна книга совршено ги знаат сите овие бројки, особено што еден од нив ги има објавено. Целта не е историска вистинитост туку криминализација на комунизмот. Доброволен или не, резултатот е тука: фашизмот е рехабилитиран, за кој историчарот Ернст Нолте рече дека претставува насилен и брутален одговор на поголемото насилство на болшевиците...