Људо Мартенс

Наводниот геноцид на колективизацијата


Првпат објавено: Un autre regard sur Staline (Друго видување на Сталин) (EPO, 1994);
Извор: https://web.archive.org/
Превод: Томислав Захов (англиски)
Техничка обработка: Томислав Захов
Онлајн верзија: ноември 2023


Во текот на осумдесеттите, десницата започнаа со неколку теми кои нацистите ги развиле за време на психолошката војна против Советскиот Сојуз. Од 1945 година, напорите за рехабилитација на нацизмот генерално започнаа со тврдења како „Сталинизмот беше барем варварски колку и нацизмот“. Ернст Нолте, следен од Јирген Хабермас, во 1986 година тврдеше дека истребувањето на кулаците од страна на Сталин може да се спореди со истребувањето на Евреите од Хитлер!

„Аушвиц не е првенствено резултат на традиционалниот антисемитизам. Тој во својата суштина не беше само „геноцид“, туку беше пред сè реакција родена од анксиозноста на деструктивните појави на Руската револуција. Оваа копија беше многу понерационална од оригиналот.“[1]

Оттука, нацистите беа мачени од „анксиозноста“ што ја создадоа сталинистичките злосторства; а истребувањето на Евреите беше „реакција“ на оваа „анксиозност“. Хитлер, во негово време, даде слични изјави: инвазијата на Советскиот Сојуз беше мерка на „самоодбрана“ против јудео-болшевизмот. А некои сè уште се прашуваат зошто фашизмот е во пораст во Германија.

Советскиот термин, „ликвидација на кулаците како класа“, совршено јасно укажува дека треба да се елиминира капиталистичката експлоатација организирана од кулаците, а не физичката ликвидација на кулаците како личности. Играјќи си со зборот „ликвидација“, академските опортунисти како Нолте и Роберт Конквест тврдат дека прогонетите кулаци биле „истребени“.

Штефан Мерл, германски истражувач, ги опишува опасните услови во кои првите кулаци биле експроприрани и испратени во Сибир, за време на првиот бран на колективизација во јануари-март 1930 година.

„Со почетокот на пролетта ситуацијата во прифатните кампови се влоши. Епидемиите беа широко распространети, оставајќи многу жртви, особено меѓу децата. Поради оваа причина, сите деца беа отстранети од логорите во април 1930 година и вратени назад во нивните родни села. Во тоа време, околу 400.000 лица веќе беа депортирани на север; до летото 1930 година, веројатно умреле од 20.000 до 40.000 лица.“[2]

Овде Мерл не` информира дека голем број од „жртвите на сталинистичкиот терор за време на колективизацијата“ починале поради епидемии и дека Партијата навремено реагирала за да ги заштити децата.

Мерл проценил дека транспортите од есента 1930 година „се одвивале во помалку варварски услови.“ Мнозинството биле испратени во Сибир и Казахстан, „региони каде што имаше значителен дефицит на работна сила…“[3]

Во текот на годините 1930-1935, Советскиот Сојуз имаше недостиг на работна сила, особено во новоразвиените региони. Режимот се обиде да ги искористи сите расположливи сили. Тешко е да се сфати зошто тоа би ги „убило“ мажите кои ја обработувале земјата во Сибир или Казахстан претходната година или две. Сепак, Мерл проценува дека 100.000 глави на семејства од прва категорија, испратени во системот Гулаг[4], се сите мртви. Но, Партијата стави само 63.000 кулаци во првата категорија и требало да бидат егзекутирани само оние кои се виновни за терористички и контрареволуционерни дела. Мерл продолжува:

„Уште 100.000 луѓе веројатно ги загубија животите, на почетокот на 1930 година, поради протерување од нивните куќи, депортација на север и егзекуции“. Потоа ја прилагодува бројката за уште 100.000 „мртви во депортираните региони на крајот на триесеттите“. Уште еднаш, без прецизност или индикација.[5]

Бројката на Мерл од 300.000 мртви се заснова на многу паушални проценки и многу од овие смртни случаи биле резултат на природни причини, старост, болести и општи услови во земјата.

Како и да е, тој е принуден да ги брани овие „слаби“ проценки кога ќе се соочи со криптофашист како Конквест, кој „пресметал“ дека 6.500.000 кулаци биле „масакрирани“ за време на колективизацијата, 3.500.000 во сибирските логори![6]

Конквест е главен „авторитет“ меѓу десничарите. Но, Мерл забележа дека написите на Конквест покажуваат „застрашувачко отсуство на критика на изворите“. Конквест „користи написи од опскурни емигранти кои користат информации пренесени од втора или трета рака... Често, она што тој го прикажува како „факти“ се проверува само од еден сомнителен извор.“[7]

„Бројот на жртви наведени од Конквест е повеќе од двојно поголем од бројот на депортирани, според неговиот „доказ“.“[8]

Долго време, пишувањата на автори кои не се комунисти, како Мерл, овозможуваа да се побијат грубите клевети на Конквест.

Но, во 1990 година, Земсков и Дугин, двајца советски историчари, објавија детална статистика за системот Гулаг. Оттука точните бројки се сега достапни и тие ги побиваат повеќето лаги на Конквест.

За време на најнасилниот период на колективизацијата, во 1930-1931 година, селаните експроприраа 381.026 кулаци и ги испратија нивните семејства на необработена земја на Исток. Тие опфатија 1.803.392 лица. Од 1 јануари 1932 година, во новите населби имало 1.317.022 луѓе. Разликата е 486.000. Поради неорганизираноста, многу од депортираните можеа да избегаат за време на депортацијата кое често траеше три месеци или повеќе. (За да дадеме јасна слика, од 1.317.022 населени, 207.010 можеа да побегнат во текот на 1932 година.)[9]

На другите, чиј случај бил преиспитан, им било дозволено да се вратат дома. Неодреден број, кој го проценивме на 100.000, починале за време на депортациите, главно поради епидемии. Големиот број на смртни случаи за време на раселувањето мора да се разбере во контекст на овој период: слаба администрација, несигурни услови за живеење за целото население, понекогаш хаотични класни борби меѓу селската популација обземена од левичарството. Се разбира, за секоја смрт за време на раселувањето, десницата тврди дека виновна е Партијата, дека виновен е Сталин. Но, всушност спротивното е точно. Ставот на Партијата е јасно наведен во еден од бројните извештаи за овој проблем, оној од 20 декември 1931 година од одговорното лице за работниот камп во Новосибирск.

„Високата смртност забележана за конвоите бр. 18 до 23 кои доаѓаат од Северен Кавказ – 2.421 лице од 10.086 при поаѓање – може да се објасни со следните причини:

1. Несовесен, противзаконски пристап кон изборот на депортирани групи, меѓу кои имаше многу деца, лица на возраст над 65 години и болни лица;

2. Непочитување на директивите за правото на депортираните да носат со себе животни намирници за два месеци транспорт.

3. Недостиг на чиста вода, поради што депортираните се принудени да пијат нечиста вода. Многумина починаа од дизентерија и од други епидемии.“[10]

Сите овие смртни случаи се класифицирани под насловот „Сталинистички злосторства“. Но, овој извештај покажува дека две од причините за смртта се поврзани со непочитување на партиските директиви, а третата е поврзана со непристојните санитарни услови и навики во целата земја.

Конквест „пресметал“ дека во логорите биле „истребени“ 3.500.000 кулаци.[11]

Но, вкупниот број на раскулачивани во колониите никогаш не надмина 1.317.022! А помеѓу 1932 и 1935 година, бројот на заминати го надминал бројот на пристигнати за 299.389. Од 1932 година до крајот на 1940 година, точниот број на смртни случаи, во суштина поради природни причини, бил 389.521. И оваа бројка не ги вклучува само раскулачиваните, бидејќи по 1935 година и други категории луѓе беа во колониите.

Што може да се каже за тврдењето на Конквест за 6.500.000 „масакрирани“ кулаци во различните фази на колективизацијата? Само дел од 63.000 контрареволуционери од прва категорија биле егзекутирани. Бројот на загинати за време на депортациите, главно поради глад и епидемии, бил приближно 100.000. Помеѓу 1932 и 1940 година, можеме да процениме дека 200.000 кулаци загинале во колониите од природна смрт. Егзекуциите и овие смртни случаи се случиле за време на најголемата класна борба која била актуелна во руските селски средини, борба која радикално ja трансформираше заостанатата и примитивна селска средина. Во овој огромен пресврт, 120 милиони селани беа извлечени од средниот век, од неписменоста и опскурноста. Ударите ги примаа реакционерните сили кои сакаа да ја одржат експлоатацијата и деградирачките и нечовечки услови за работа и живот. Потиснувањето на буржоазијата и реакционерите беше апсолутно нужно за да се спроведе колективизацијата: само колективниот труд ја овозможи социјалистичката механизација, дозволувајќи им на селските маси да водат слободен, достоинствен и образован живот.

Преку својата омраза кон социјализмот, западните интелектуалци ги шират апсурдните лаги на Конквест за 6.500.000 „истребени“ кулаци. Тие ја започнаа одбраната на буржоаската демократија, на империјалистичката демократија. Во Мозамбик, РЕНАМО, организирана од ЦИА и безбедносните служби на Јужна Африка, масакрираше и изгладни до смрт 900.000 селани почнувајќи од 1980 година. Целта беше да се спречи Мозамбик да стане независна земја со социјалистичка ориентација. Во Мозамбик западните интелектуалци немаа потреба да измислуваат трупови, сè што требаше да направат е да пишуваат за империјалистичкото варварство. Но, овие 900.000 смртни случаи не се факт: никој не зборува за нив.

UNITA, исто така отворено финансирана и поддржана од ЦИА и Јужна Африка, уби повеќе од еден милион Анголци за време на граѓанската војна против националистичката влада на MPLA. Откако ги загуби изборите во 1992 година, Жонас Савимби, човекот на ЦИА, повторно ја започна својата деструктивна војна.

„Трагедијата во Ангола го загрозува животот на 3 милиони луѓе... Савимби одби да ја прифати изборната победа на владата од 129 места наспроти 91 и повторно ја втурна Ангола во жесток конфликт кој однесе уште 100.000 животи (во последните дванаесет месеци ).“[12]

Сто илјади Африканци, се разбира, не се ништо. Колку западни интелектуалци кои сè уште сакаат да врескаат против колективизацијата, едноставно не забележале дека два милиони селани од Мозамбик и Ангола беа масакрирани од Западот за да ги спречат овие земји да станат вистински независни и да избегаат од канџите на меѓународниот капитал?


Забелешки

[1] Stefan Merl, ,,Ausrottung`` der Bourgeoisie und der Kulaken in Sowjetruss land? Geschichte und Gesellschaft 13 (1987), p. 368.

[2] Ibid. , p. 376.

[3] Merl, op. cit., p. 377.

[4] Главната управа на логорите.

[5] Ibid.

[6] Robert Conquest, The Harvest of Sorrow: Soviet Collectivisation and the Terror-Famine (New York: Oxford University Press, 1986), p. 306. Stefan Merl, Wie viele Opfer forderte die ,,Liquidierung der Kulaken als Klasse``? Geschichte und Gesellschaft 14 (1988), p. 534.

[7] Ibid., p. 535.

[8] Ibid., p. 537.

[9] Nicolas Werth, `Goulag: les vrais chiffres'. L'Histoire 169 (September 1993), pp. 38--51. Повеќе детали може да се најдат во J. Arch Getty, Gábor T. Rittersporn and Viktor N. Zemskov. Victims of the Soviet Penal System in the Pre-war Years: A First Approach on the Basis of Archival Evidence. The America Historical Review, October 1993, pp. 1017--1049.

[10] Werth, op. cit., p. 44.

[11] Conquest, op. cit., p. 306.

[12] Time, 18 October 1993, European edition, p. 50. Преведено од францускиот превод.