Првпат објавено: "A Courageous Palestinian Has Died, Shrouded in Stones", Haaretz, 13.12.2011
Извори: Анархија - Портал и The Anarchist Library
Превод: Анархија - Портал
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2023
Мустафа Тамими фрлаше камења. Без пардон и понекогаш бестрашно. Не само на тој ден, туку речиси секој петок. Тој си го криеше лицето. Не поради страв од затворската ќелија, која тој ја запозна интимно, туку за да си ја зачува слободата, за да може да продолжи да фрла камења и да се спротивставува на кражбата на неговата земја. Тој го правеше тоа сѐ до моментот на неговата смрт.
Според британскиот весник „Дејли Телеграф“, како одговор на репортажите за убиството на Тамини, портпаролот на генералот-командант на Јужната команда се прашуваше на неговата твитер корисничка сметка: „Што ли си мислеше Мустафа кога трчаше по џип во движење и фрлајќи камења #fail.“ Така, едноставно и со потсмев портпаролот објасни зошто Тамими е виновен за сопствената смрт.
Мустафа Тамими, од селото Наби Салех – син на Иклас и Абд ал Разак, брат на Садам и Зијад, на близнаците Удаи и Луаи и сестрата Ола – беше застрелан во главата од кратко растојание, во петокот. Неколку часови подоцна, во 9:21 во саботното утро тој умре од здобиените рани. Му беше пукано со гасна граната од оклопен воен џип на растојание од неколку метри. Лицето што го застрела не пукаше поради страв. Пукаше во него со јасна намера. Лицето е војник. Неговиот идентитет останува непознат и можеби ќе остане така засекогаш. Можеби така е најдобро. Неговото идентификување и казнување би служело само да се исперат злосторствата на целиот систем. Ќе испадне како индиферентниот изреалски цивил, наредникот, четниот командир, командирот на баталјонот, бригадниот командир, дивизискиот командир, министерот за одбрана и премиерот да немале никаква улога во пукањето.
Портпаролот на војската беше во право. Мустафа умре бидејќи фрлаше камења; тој умре бидејќи се осмели да каже една вистина, со своите раце, на место каде вистината е забранета. Секоја дискусија за начинот на пукањето, неговата легалност и наредбите за отворање оган, доведува до заклучок дека на домаќинот му е забрането да го избрка натрапникот. Всушност, на натрапникот му е дозволено да пука во домаќинот.
Телото на Мустафа лежи безживотно, бидејќи тој имаше храброст да фрла камења на 24 годишнината од Првата интифада, која беше зачетник на фрлањето на камења од страна на палестинските деца. Неговиот брат Удаи е затворен во затворот Офер и не му беше дозволено да оди на погребот, бидејќи и тој некогаш фрлал камења. И на неговата сестра не ѝ беше дозволено да биде крај неговата постела во неговите последни мигови, иако не е осомничена за фрлање на камења, туку бидејќи е Палестинка.
Мустафа беше храбар човек што загина бидејќи фрлаше камења и бидејќи одби да има страв од војник што носи оружје и седи удобно во оклопно возило. Дента кога загина Мустафа, ледената тишина што се простираше низ долината беше само нешто помалку замрзнувачка од пискавиот звук на оплакувањата на неговата мајка што повремено се појавуваа.
Илјадници фрлачи на камења го следеа на неговиот погреб. Го спуштија во гробот и камењата му го покрија телото. Војници стоеја на влезот на неговото село. Дури и болката и осаменоста поради раздвојувањето беа премногу за војската да ги толерира, па таа ги наведе своите војници и оружје да им фрлат солзавец на нажалените додека се движеа по селската земја откако заврши погребот. Додека војникот што го уби Мустафа е на слобода, шестмина од демонстрантите ги ставија зад решетки.
Мустафа, ние одиме позади твоето тело со нашите глави наведнати и очи полни солзи. Ние те носиме во срце, бидејќи ти умре за фрлање камења а ние не.
Забелешка на транскриберот
[1] Џонатан Полак е израелски активист и графички дизајнер што работи за весникот „Хаарец“. Тој е соосновач на групата „Анархисти против Ѕидот“.