Екосоцијалистичка декларација од Белем[1]

(2008)


Извор: Belem Ecosocialist Declaration, Climate & Capitalism, 2008
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2024


„Поради климатските промени светот страда од треска, а болеста е капиталистички модел на развој“
Ево Моралес, претседател на Боливија, септември 2007 г.

Изборот пред човештвото

Човештвото денес се соочува со остар избор: екосоцијализам или варварство.

Не ни се потребни повеќе докази за варварството на капитализмот, паразитскиот систем што ги експлоатира и човештвото и природата. Неговиот единствен мотор е императивот за профит, а оттука и потребата за постојан раст. Тој расипнички создава непотребни производи, арчејќи ги ограничените ресурси на животната средина и враќајќи ѝ само отрови и загадувачи. Под капитализмот, единственото мерило за успех е колку повеќе е продадено секој ден, секоја недела, секоја година – што вклучува создавање на огромни количини производи што се директно штетни и за луѓето и за природата, стоки што не можат да се произведат без ширење на болести, уништување на шумите што го произведуваат кислород што го дишеме, уништување на екосистемите и третирање на нашата вода, воздух и почва како канализација за отстранување на индустрискиот отпад.

Потребата за раст на капитализмот постои на секое ниво, од поединечното претпријатие до системот како целина. Ненаситната глад на корпорациите е олеснета со империјалистичкото ширење во потрага по секогаш поголем пристап до природни ресурси, евтина работна сила и нови пазари. Капитализмот отсекогаш бил еколошки деструктивен, но во текот на нашите животи се забрзаа овие напади на Земјата. Квантитативните промени му го отстапуваат местото на квалитативната преобразба, доведувајќи го светот до пресвртна точка, до работ на катастрофа. Сѐ поголемиот број научни истражувања ги идентификуваа многуте начини на кои малите повишувања на температурата може да предизвикаат неповратни, неконтролирани ефекти – како што е брзото топење на ледената покривка на Гренланд или испуштањето на метанот што е закопан во вечниот мраз и под океаните – што ќе ги направи неизбежни катастрофалните климатски промени.

Ако се остави без контрола, глобалното затоплување ќе има разорни ефекти по човечкиот, животинскиот и растителниот живот. Приносот од земјоделските култури драстично ќе се намали, што ќе доведе до глад во широки размери. Во некои области стотици милиони луѓе ќе бидат раселени поради суши, а во други поради зголемување на нивото на океаните. Хаотичното, непредвидливо време ќе стане правило. Воздухот, водата и почвата ќе бидат затруени. Епидемии на маларија, колера, па дури и на посмртоносни болести ќе ги погодат најсиромашните и најранливите членови на секое општество.

Последиците од еколошката криза најтешко го чувствуваат оние чии животи се веќе опустошени од империјализмот во Азија, Африка и Латинска Америка, а домородните народи насекаде се особено ранливи. Еколошкото уништување и климатските промени претставуваат акт на агресија на богатите против сиромашните.

Еколошкото разорување, како резултат на ненаситната потреба да се зголеми профитот, не е случајна карактеристика на капитализмот: тоа е вградено во ДНК на системот и не може да се отстрани преку реформи. Производството ориентирано кон профитот го гледа само краткорочниот хоризонт при своите одлуки за инвестирање и не може да ги земе предвид долгорочното здравје и стабилноста на животната средина. Неограниченото економско ширење е некомпатибилно со ограничените и кревки екосистеми, но капиталистичкиот економски систем не може да толерира ограничувања на растот; неговата постојана потреба да се шири ќе ги сруши сите ограничувања што би можеле да му се наметнат во име на „одржливиот развој“. Така, инхерентно нестабилниот капиталистички систем не може да ја регулира сопствената активност, а уште помалку да ги надмине кризите што се предизвикани од неговиот хаотичен и паразитски раст, затоа што, за да се направи тоа, треба да ѝ се постават ограничувања на акумулацијата – неприфатлива опција за системот заснован на правилото: „расти или умри“!

Ако капитализмот остане доминантен општествен поредок, најдоброто што може да го очекуваме се неподносливи климатски услови, интензивирање на општествените кризи и ширење на најварварските облици на класно владеење, додека империјалистичките сили се борат меѓу себе и со глобалниот Југ за континуираната контрола на ресурсите во светот што се намалуваат.

Во најлош случај, човечкиот живот може да не опстане.

Капиталистичките стратегии за промена

Не недостигаат предложени стратегии за справување со еколошкото разорување, вклучувајќи ја и кризата со глобалното затоплување што се појавува како резултат на безобѕирното зголемување на атмосферскиот јаглероден диоксид. Најголемиот дел од овие стратегии имаат една заедничка карактеристика: тие се осмислени од и се во корист на доминантниот глобален систем, капитализмот.

Не изненадува тоа дека доминантниот глобален систем, што е одговорен за еколошката криза, исто така ги утврдува и условите на дебатата околу оваа криза, бидејќи капиталот командува со средствата за производство на знаење, исто како и со оние за атмосферскиот јаглероден диоксид. Соодветно на тоа, неговите политичари, бирократи, економисти и професори испуштаат бесконечен поток од предлози, сите варијации на темата дека светската еколошка штета може да се поправи без да се нарушат пазарните механизми и системот на акумулација што ја командува светската економија.

Но, човек не може да им служи на два господари – на интегритетот на Земјата и на профитабилноста на капитализмот. Еден од нив мора да се напушти, а историјата остава малку дилеми околу приврзаноста на огромното мнозинство креатори на политики. Поради тоа, постојат сите причини радикално да се сомневаме во способноста на воспоставените мерки да го спречат лизгањето до еколошка катастрофа.

И навистина, кога ќе се погледне потаму од козметичката маска, реформите во изминатите триесет и пет години беа монструозен неуспех. Се разбира, се случуваат изолирани подобрувања, но тие се неизбежно совладани и збришани од немилосрдното ширење на системот и од хаотичниот карактер на неговото производство.

Еден пример го покажува неуспехот: во првите четири години од 21 век, глобалните емисии на јаглерод годишно биле речиси трипати поголеми од оние во деценијата на 1990-тите, и покрај појавата на Протоколите од Кјото во 1997 година.

Кјото користи две средства: системот на „ограничување и тргување“ [cap and trade] за тргување со кредити за загадување со цел да се постигнат одредени намалувања на емисиите, како и проектите на глобалниот Југ – таканаречените „Механизми за чист развој“ – за да се компензираат [offset] емисиите во високо индустријализираните земји. Сите овие инструменти се потпираат врз пазарните механизми, што значи, во прв ред, дека атмосферскиот јаглероден диоксид станува стока под контрола на истите интереси што го создадоа глобалното затоплување. Загадувачите не се принудени да ги намалат нивните јаглеродни емисиите, туку им е дозволено да ја користат својата моќ над парите за да го контролираат пазарот на јаглерод за свои цели, кои вклучуваат разорно истражување за дополнителни јаглеродни горива. Ниту, пак, постои ограничување на износот на кредити за емисиите што може да ги издаваат вклучените владите.

Бидејќи верификацијата и евалуацијата на резултатите се невозможни, режимот од Кјото не само што е некадарен да ги контролира емисиите, туку тој обезбедува мноштво можности за затајување и измами од секаков вид. Како што кажа дури и „Волстрит Џурнал“ во март 2007 година, тргувањето со емисии „ќе им заработи пари на некои многу големи корпорации, но не верувајте ниту за миг дека оваа шарада ќе направи нешто посебно околу глобалното затоплување“.

Состаноците за климата од Бали во 2007 година го отворија патот за уште поголеми злоупотреби во периодот што следи. Во Бали беше избегнато секое спомнување на целите за драстично намалување на јаглеродот, утврдени од најдобрата климатска наука (90% до 2050 година); тоа ги препушти народите од глобалниот Југ на милоста на капиталот, давајќи ѝ на Светска банка надлежност над процесот; и го направи уште полесно компензирањето за загадувањето со јаглерод.

За да се потврди и одржи нашата човечка иднина, потребна е револуционерна преобразба, при што сите конкретни борби ќе земат учество во поголемата борба против самиот капитал. Оваа поголема борба не може да остане само негативна и антикапиталистичка. Таа мора да објави и да изгради поинаков вид општество, а тоа е екосоцијализмот.

Екосоцијалистичката алтернатива

Екосоцијалистичкото движење има за цел да го запре и да му ја смени насоката на катастрофалниот процес на глобалното затоплување особено и на капиталистичкиот екоцид воопшто, како и да изгради радикална и практична алтернатива на капиталистичкиот систем. Екосоцијализмот е заснован на една преобразена економија втемелена на немонетарните вредности на социјалната правда и еколошката рамнотежа. Тој ги критикува и капиталистичката „пазарна екологија“ и продуктивистичкиот социјализам, кој ги игнорираше рамнотежата и границите на Земјата. Тој го редефинира патот и целта на социјализмот во еколошка и демократска рамка.

Екосоцијализмот вклучува револуционерна општествена преобразба, која ќе подразбира ограничување на растот и преобразба на потребите преку коренито поместување од квантитативните кон квалитативните економски мерила, со нагласок на употребната наместо на разменската вредност.

Овие цели бараат и демократско одлучување во економската сфера, што ќе му овозможи на општеството колективно да ги утврди своите цели околу инвестирањето и производството, и колективизација на средствата за производство. Само колективното одлучување и сопственост на производството може да ја понудат долгорочната перспектива што е неопходна за рамнотежата и одржливоста на нашите општествени и природни системи.

Отфрлањето на продуктивизмот и поместувањето од квантитативните кон квалитативните економски мерила вклучуваат преобмислување на природата и целите на производството и на економската активност воопшто. Суштинските креативни, непродуктивни и репродуктивни човечки активности, како што се домаќинството, воспитувањето и грижата за децата, образованието на децата и возрасните, како и уметноста, ќе бидат клучни вредности во екосоцијалистичката економија.

Чистиот воздух и вода и плодната почва, како и сеопштиот пристап до храна без хемикалии и обновливи извори на енергија што не загадуваат, се основни човекови и природни права што ги брани екосоцијализмот. Далеку од тоа да биде „деспотско“, колективното создавање политики на локално, регионално, национално и меѓународно ниво значи уживање на заедничката слобода и одговорност од страна на општеството. Оваа слобода на одлучување претставува ослободување од отуѓените економски „закони“ на капиталистичкиот систем ориентиран кон раст.

За да се избегне глобалното затоплување и останатите опасности што го загрозуваат човечкиот и еколошкиот опстанок, цели сектори на индустријата и земјоделството мора да бидат укинати, намалени или преструктуирани, а други сектори мора да се развиваат, истовремено обезбедувајќи полна вработеност за сите. Ваквата радикална преобразба е невозможна без колективна контрола на средствата за производство и демократско планирање на производството и размената. Демократските одлуки околу инвестициите и технолошкиот развој мора да ја заменат контролата од страна на капиталистичките претпријатија, инвеститорите и банките со цел да му служат на долгорочниот хоризонт на општото добро на општеството и на природата.

Најугнетените елементи на човечкото општество, сиромашните и домородните народи, мора да земат целосно учество во екосоцијалистичката револуција со цел да ги ревитализираат еколошки одржливите традиции и да им дадат глас на оние што не може да ги слушне капиталистичкиот систем. Бидејќи народите од глобалниот Југ и сиромашните воопшто се првите жртви на капиталистичкото уништување, нивните борби и барања ќе помогнат да се утврдат контурите на еколошки и економски одржливото општество во процес на создавање. Слично на тоа, родовата еднаквост е интегрален дел на екосоцијализмот, а женските движења се меѓу најактивните и најгласните противници на капиталистичкото угнетување. А во сите општества постојат и други потенцијални двигатели на екосоцијалистичката револуционерна промена.

Таквиот процес не може да започне без револуционерна преобразба на општествените и политичките структури заснована на активната поддршка, од страна на мнозинството од населението, на една екосоцијалистичка програма. Борбата на трудот – на работниците, земјоделците, безземјашите и невработените – за социјална правда е нераздвојна од борбата за еколошка правда. Капитализмот, општествено и еколошки експлоатирачки и загадувачки, е непријател како на природата така и на трудот.

Таквиот процес не може да започне без револуционерна трансформација на општествените и политичките структури засновани на активна поддршка, од страна на мнозинството од населението, на екосоцијалистичка програма. Борбата на трудот – работниците, земјоделците, безземјените и невработените – за социјална правда е неразделна од борбата за еколошка правда. Капитализмот, социјално и еколошки експлоатирачки и загадувачки, е непријател на природата и на трудот.

Екосоцијализмот предлага радикални преобразби во:

1. енергетскиот систем, преку замена на горивата на јаглерод и на биогоривата со чисти извори на енергија под контрола на заедницата: ветерна, геотермална, бранова и пред сè, сончева енергија.

2. транспортниот систем, преку драстично намалување на употребата на приватни камиони и коли и нивна замена со бесплатен и ефикасен јавен превоз;

3. сегашните модели на производство, потрошувачка и градба, што се темелат на отпад, вградена застареност, конкуренција и загадување, преку произведување само на одржливи и рециклирачки добра и преку развивање на зелена архитектура;

4. производството и дистрибуцијата на храната, преку одбрана на локалниот суверенитет на храната колку што е тоа можно, отстранување на загадувачките индустриски агробизниси, создавање одржливи агро-екосистеми и активно работење на обнова на плодноста на почвата.

Да се теоретизира и работи во насока на остварување на целта на зелен социјализам не значи дека не треба да се бориме и за конкретни и неодложни реформи сега. Без да имаме какви било илузии за „чистиот капитализам“, ние мора да работиме на тоа да им наметнеме на соодветните центри на моќ – на владите, корпорациите, меѓународните институции – некои елементарни, но суштински непосредни промени:

Ваквите и слични барања се во срцевината на агендата на движењето за глобална правда и на светските социјални форуми, што ја промовираа, уште од Сиетл во 1999 година, конвергенцијата на социјалните и еколошките движења во заедничка борба против капиталистичкиот систем.

Еколошкото уништување нема да биде запрено во конференциските сали и при преговорите за меѓународни договори: само масовната акција може да направи разлика. Градските и селските работници, народите од глобалниот Југ и домородните народи насекаде се во првите редови на оваа борба против еколошката и социјалната неправда, борејќи се против експлоататорските и загадувачки мултинационални компании, отровните и обесправувачки агробизниси, инвазивните генетски модифицирани семиња и биогоривата што само ја влошуваат сегашната криза со храната. Мора да ги унапредиме овие социјално-еколошки движења и да изградиме солидарност помеѓу антикапиталистичките еколошки мобилизации на Северот и Југот.

Оваа Екосоцијалистичка декларација е повик за дејствување. Вкопаните владејачки класи се моќни, но сепак капиталистичкиот систем секој ден се разоткрива себеси како сѐ повеќе финансиски и идеолошки банкротиран, неспособен да ги надмине економските, еколошките, социјалните, прехранбените и останатите кризи што ги предизвикува. А силите на радикалното спротивставување се живи и витални. На сите нивоа, локално, регионално и меѓународно, се бориме да создадеме алтернативен систем заснован на социјална и еколошка правда.

А силите на радикалната опозиција се живи и витални. На сите нивоа, локално, регионално и меѓународно, се бориме да создадеме алтернативен систем заснован на социјална и еколошка правда.


Забелешка

[1] Оваа декларација ја подготви комисијата избрана на Париската екосоцијалистичка конференција во 2007 година (Јан Ангус, Џоел Ковел, Мајкл Леви), со помош на Даниел Фолет. Беше дистрибуирана на Светскиот социјален форум во Белем, Бразил, во јануари 2009 година.