Христо Смирненски

Јагленокопачите


Првпат објавено: Христо Смирненски, „Да бъде ден!“, София, 1922.
Извор: Блаже Конески, „Препеви“, МАНУ, Скопје, 2013, 266-267 стр.
Препев: Блаже Конески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2023



Ој, надолу! Долу! Долу!
Во подземје спушти се ти,
во подземје тела разголени
се грчат крај каменен ѕид;
се опнува железна рака
и ударот одѕива див
на страшните бездни во мракот
со протест за сончеви дни,
со протест за почин и полет,
за воздух и небосклон син.
Ој, надолу! Долу! Долу!
          Спушти се ти!

Во бездните спушти се гробни,
во студната земјина град,
кај браќата спушти се робје
што гнијат во мрак и во јад. –
И твојата ламбичка бледа
ко ѕвездичка таму ќе сјај
и снопот од лачи ќе гледа
на трудот во грозниот крај,
во пропасти – ужаси полни,
кај нема ни ноќи ни дни.
Ој, надолу! Долу! Долу!
          Спушти се ти!

А таму незнајното време
натрупало пластје врз пласт –
О, тие пластови темни
напослани сегде кај нас,
што животот тежок ги исткал
во каменен килим од страд
и што се ладни ко мака
а кријат и оган и чад.
Слези... со удари бурни
разбивај ги, удирај, руши,
раскршуј ги пластјата тмурни
          ропските души!

И в огнот на борбата вивнат
ти црниот плесни го јад
и запри да видиш штом диво
сред мрак и сред оловен чад
огнените реки ќе блеснат
и црвени, бран по бран,
понесени в бујниот пристап
ќе бликнат во див океан,
и в блесоци црвени, тогај
ќе изгори животот лош,
во оган, во оган, во оган,
      во искри од дожд!