Ота Шик

Ота Шик (1919 - 2004) е роден е во Плзен. Пред Втората светска војна студираше уметност на Карловиот универзитет во Прага, а по завршувањето на војната - политика. По нацистичката окупација на Чехословачка во 1939, Шик се вклучува во движењето на отпорот. Во 1940 беше уапсен од страна на Гестапо и пратен во концентрационен логор во Матхаузен. Таму се запознава со идниот претседател на Чехословачка, Антонин Новотни, и со Стефан Дупчек, таткото на Александар Дупчек.

Контактите што ги направи за време на логорувањето во Матхаузен се покажаа корисни за неговата политичка кариера по војната. Во раните 60-ти Шик се обиде да го убеди Новотни да ја олабави ригидноста на централното планирање. Шик, тогашен професор по економија, се залагаше за олабавување на контролата над цените и за внесување на пазарни елементи во економијата. Токму поради овие негови ставови, тој беше избран во Централниот комитет на КП Чехословачка и беше назначен за началник на Економскиот институт на Чешката академија на науките.

Реформите што ги предлагаше Шик почнаа да се применуваат во 1967, иако партиските апаратчици значително ги ублажија. Во декември истата година, на партискиот состанок кој му претходеше на преземањето на власта од страна на Дупчек следниот месец, Шик јавно го осуди режимот на Новотни. По доаѓањето на власт на Дупчек, во април 1968 Шик беше именуван за еден од замениците претседатели на владата и беше архитект на економската акциона програма на владата.

Кога во август 1968 советските тенкови влегоа во Прага, Шик беше на одмор во Југославија, поради што го избегна апсењето од страна на советските власти. Не можејќи да се врати во Чехословачка, во октомври 1968 Шик се преселува во Швајцарија. Од 1970 е професор по економија на Универзитетот во Сент Гален и на таа позиција остана до 1990 кога се пензионира. По соборувањето на комунистичкиот режим во Чехословачка, Шик сепак не се врати во Чехословачка и остана да живее во Швајцарија сè до својата смрт.

Негови позначајни дела се: „Трет пат марксистичко-ленинистичката теорија и модерното индустриско општество“ (1972), „За хумана економска демократија“ (1979), „Комунистичкиот систем на власт“ (1981), „Економски системи“ (1981) и други. Шик главно е познат како пазарен социјалист, но со текот на времето неговите ставови еволуираа и го направија приврзаник на социјалната пазарна економија.


Шикова архива