Ота Шик
Трет пат: марксистичко-ленинистичката теорија и модерното индустриско општество
Оваа книга е сиже на мојата долгогодишна теориска преобразба. Би сакал преку неколку претходни забелешки на читателот да му го приближам тој развој кој им претходеше на овде изложените ставови. Имено, токму тој мој развој е она што ми се префрла од одредени страни. Некои моето одвраќање од комунизмот го означуваат како предавство, на другите не им се допаѓа тоа што не се изјаснив за капитализам. Ниту со едните ниту со другите не можам да се согласам.
На двете страни постојат конзервативни сили кои поради личната поврзаност со едниот или другиот систем не можат да ги признаат своите внатрешни судири и пречки во развојот. Без обѕир дали се работи за економски повластици или за привлечни позиции на власта - и во денешниот западен свет и на “социјалистичкиот” Исток - многу внимателниот конзервативизам постојано ќе пее едно та исто: “Секоја реформа на нашиот систем е опасност за нашето општество и за неговите членови.”
Јас, пак, во општествените реформи не гледам цел која би била цел за самата себеси. Се разбира дека таму каде што повторуваните искуства, долгогодишните согледувања и непрестајните анализи ме доведоа до сознанија за важни општествени спротивности, секогаш повторно ќе барам патишта за нивно надминување. Во својата младост видов толку беда, човечко страдање и поттикнување на шовинизам и расизам што само поради тоа бев упатен кон социјалистичкото, а подоцна и во комунистичкото движење. Отпорот против угнетувањето и експлоатирањето на работните луѓе ме одведе во комунизам, но сознанието дека народот по револуцијата стана уште понемоќен мораше еден ден да ме доведе до одвраќање од комунистичките властодршци и до борба против нивните идеолошки бранители. Додека за мене секоја теорија, па според тоа и марксистичката, има вредност само дотолку доколку ми помага да ја разберам општествената стварност - доколку методолошки ми овозможува да ги забележам нејзините недостатоци и противречја, па поради тоа никогаш не може да се скамени во религиозна догма - тие властодршци таквото сфаќање на “марксизмот” одамна го жигосаа како ерес.
Видов како моите пријатели од детството умираат во нацистичките концентрациони логори: беа ѕверски убивани. Моите животни цели се обликуваа во присуство на нечовечки злочини, производ на еден настран систем на власт. Не ме преокупираше помислата за одмазда, туку барањето на причините за општествената изопаченост. Нечовечките екцеси никако не можеа да бидат дело само на поодделни “фирери”, туку можеа да се појавуваат само од нерешените општествени противречја. Патот општеството да се направи почовечно пред сé го гледав во надминувањето на класното општество, во ослободувањето на работните луѓе од секое економско поробување и тиранско угнетување, во комунистичкото поопштествување. За мене во тоа време партијата беше здружение на луѓе кои единствено имаа волја доследно да ги остваруваат таквите цели. Предоцна сфатив дека тоа беше илузија.
Во 50-тите во Чехословачка почнаа лажните сталинистички судења. Се апсат некои од најчесните комунисти. Во земјата струи бран на терор и страв. Самокритиките, поткажувањата и шпионирањето ја трујат атмосферата. Водечките функционери ги поттикнуваат антисемитските склоности кои по ништо не се разликуваат од претходните фашистички подбуцнувања. Поранешниот генерален секретар на партијата, а и други, беа принудени да изјавуваат пред суд: “Јас, Рудолф Слански, со еврејско потекло...” Оној што го изразува своето мислење станува сомнителен и паѓа под тркалата.
Работните луѓе почнуваат да внимаваат и да се преправаат пред комунистичките функционери, почнуваат да ја избегнуваат нивната близина. Воодушевувањето на обичните членови на партијата сé повеќе се заменува од страна на организираното работење на партискиот апарат. По Сталиновата смрт првите жртви на лажните судења во најголема тајност се пуштени на слобода, а во целост се потврдува претходната “пропаганда преку шепотењето” за мачењата и изнудувањата на признанија. 20-от конгрес на КПСС и тајниот говор на Хрушчов го разобличуваат злосторничкиот карактер на Сталиновиот режим и на неговите методи на масовен терор, кој според ништо не се разликува од фашистичките принципи. Крваво задушеното народно востание во Унгарија и прогласување на тоа востание за последица на империјалистичкото сплеткарење ми откриваат не само колку е смешно тоа оправдување, туку и колку е безобѕирен новиот империјализам.
Моите сомнежи во исправноста на комунистичкиот пат кон похумано општество и постепеното осознавање на нечовечноста на системот станаа поразителна стварност; Хрушчовиот историски говор беше таков удар што мојата дотогашна политичка активност за мене изгуби секаква смисла. Со наивното објаснение дека причина за сето зло е култот на Сталин, се разбира, не можев да се задоволам. Стоев пред избор: или да ги напуштам редовите на Партијата или преку долготрајна, трпелива и целисходна активност да се обидам да придонесам кон промена на системот. Со неколку блиски пријатели кои исто мислеа, се решив за последново.
Во 1957 и 1958 започна моето барање на нови мисли и патишта, за што први нешто знаеја моите најблиски пријатели. Внатрешното, постепено ослободување од догмите во кои некогаш цврсто верував и кои и самиот ги ширев, не се одвиваше лесно во мене. Меѓутоа, не бев сам, а тоа во борбата за вистината е решавачко. Заедно со сé повеќе и повеќе истомисленици можев сé поотворено и поуспешно да се борам за темелна промена на системот. Движењето се ширеше сé повеќе па го разниша и бирократскиот систем. Народот доведе до вистински демократски социјализам.
По изгубената битка сите “мудреци” знаат “како тоа можеше подобро да биде сторено.” Денес тие не водат сметка за вистинските услови во кои се одвиваше движењето за реформи; исто така забораваат дека искуствата можат да се анализираат само дополнително. Иако чехословачкото движење за реформи е задушено по пат на сила, исполни една историска задача. Сознанието дека постојат можности за развој, дека постои пат од комунистичката тиранија кој не мора да води во стариот капиталистички систем, еднаш се појави кај источните народи и веќе не може да биде избришано од главите на луѓето. Идејата тука и понатаму ќе се развива и еден ден при поповолни услови ќе биде остварена.
Главната цел на мојата одлука да ја напуштам татковината беше желбата и понатаму теориски да ја обработувам, продлабочувам и комплетирам мислата на реформата. Тоа би требало да биде сестран нацрт на моделот на демократски и хуман социјализам, кој еден ден би можел да го замени денешниот комунистички систем. Тој модел треба да ги надмине темелните недостатоци како на комунистичкиот така и на капиталистичкиот состав. На принципите на таквиот демократски социјализам ќе му биде посветен вториот дел од моето работење, па поради тоа го молам читателот во оваа книга сé уште да не бара разработена слика на моделот. Дури врз основа на овде изложената критичка анализа на социјалистичката теорија во споредба со индустриски високо-развиеното општество може да произлезе вистинската слика на моделот што би бил новото можно решение.
Не го застапувам мислењето дека би требало - или дека би можело - да се измисли некаков идеален општествен облик во кој не би постоеле општествени судири. Тоа меѓутоа не значи дека исклучиво треба да се држиме до постојните системи. Со своето “или-или” догматичарите и на капитализмот и на комунизмот стојат на иста методолошка висина: отфрлањето на другиот систем за нив секогаш единствено значи безусловно прифаќање на сопствениот систем. За мене, пак, од осознавањето и критиката на противречјата на развојот на едно општество не следи дека судирите во друго општество намерно треба да не се забележуваат или едноставно да се негираат. Се работи за надминување на важните недостатоци на двата системи. Но, само оние конкретни предлози за решавање на анализираните и како важни воочени противречја ќе можат да бидат практично остварени, чие надминување преку промена на системот навистина созреа и кои одговараат на човечката природа на дадениот степен од развојот. Кај мене токму и се работи за таква анализа и изработка на реалните и можните промени на системот.
Но пред да можам да ги разработам темелните принципи на новиот општествен систем, морав да го анализирам постојниот комунистички систем и да докажам дека неговите болести се својствени за тој систем. Веќе во неколку трудови докажував дека не се работи за детски болести, туку за заразни болести кои се како чума, кои не можат да се отстранат сé додека не се променат темелните идеи на системот. Не е ни чудо што сегашните властодршци на овој свет многу гласно го тврдат токму спротивното. Меѓутоа, научните сознанија на долг рок сé уште се посилни од најсилните интереси на власта. Во минатото против суровата сила секогаш мораше човек да се вооружи со трпеливост.
Меѓутоа, работата на анализата на комунистичкиот систем ми покажа дека неговите теориски темели не можат да се занемарат. Тоа е прв пат во историјата и економскиот систем на една општествена формација да биде изграден според теориските претстави. Ако се покажат суштински недостатоци во системот, причината веќе мора да се наоѓа во теоријата. Пред сé така настана оваа книга. Во неа, како темел на подоцнежната комунистичка пракса, се обидува темелно да се анализира севкупната марксистичко-ленинистичка теорија.
Оваа теорија ќе ја оценувам колку што е можно понепристрасно како во светлината на подоцнежните искуства така и врз основа на современите, и немарксистички, научници, во прв ред економисти. Како научник ги одбивам обидите сите направени грешки и пропусти да му се припишат на Сталин, а при тоа да му се поклонува на Ленин, или да се признаваат некои заблуди, но Маркс да се прогласува за неповредлив. Реалното истражување на теоријата не смее да го ограничува или попречува никаква пристрасна политичка намера или идеолошки интерес. Постои објективна вистина, идеален одраз на реалната стварност и задачата на науката е да и' се приближи колку што е можно понепристрасно. Иако нашите сознанија за реалноста секогаш ќе бидат само релативни, сепак на објективната вистина можеме да и' се приближиме преку постојаното соочување со таа реалност и преку постојаното надминување на интересите прикриени од догми.
Не постои сеопфатна, еднаш за секогаш правилна општествена теорија. Упатувањата дека некоја теорија е правилна, бидејќи им одговара на напредните класни интереси само се изговори зад кои всушност се кријат многу тесните интереси на власта. Дури научната анализа на определени општествени интереси може навистина да ја открие нејзината содржина и функција во општеството.
И општеството и интересите и теориските сознанија подлежат на развој. Теориите кои во некој одреден момент беа објективно правилни и кои истовремено им служеа на интересите на групите кои се бореа за напредни општествени промени, можат при некој подоцнежен степен од развојот да се скаменат во недоволни, еднострани или дури и неточни теории; исто така, некогаш напредната општествена група може да се претвори во носител на најконзервативни интереси. Само постојаното соочување на сите теории со променливата општествена реалност и постојаната анализа на различните општествени интереси во нивниот развој можат трајно да ги збогатуваат, поточно да ги изразуваат и да ги одржуваат во живот научните сознанија за општеството. И колку и да биле значајни во неговото време, сознанијата на Карл Маркс беа само временски и човечки ограничени сознанија на еден поединец и секој обид тие да се прикажат како конечни, совршени и непобитни теории ги претвора во идеолошки догми кои со науката повеќе немаат ништо заедничко.
Меѓутоа, исто така ненаучна и идеолошки условена е спротивната постапка на многу западни општествени теоретичари кои се обидоа да го премолчат Маркс, а сите негови сознанија да ги омаловажат. Без обѕир дали тоа беше предизвикано од интересот да се побијат Марксовите револуционерни заклучоци или, подоцна, од целосното непознавање на неговите дела (бидејќи со години ништо не се објавуваше ниту пак се употребуваше по универзитетите) - таквиот ненаучен став може само да му штети на општеството. И таму каде што теоретичарите и педагозите - згрозени од подоцнежната, чисто идеолошка и догматска комунистичка пропаганда - со право се затвораат пред сé што е марксистичко, таквото држење им користи само на политичките демагози.
Имајќи предвид дека Маркс беше значаен научник кој, како и другите научници, покрај грешките и надживеаните заклучоци, дојде и до сознанија кои сé до денес имаат голема научна вредност, премолчувањето на неговото дело или искривувањето на неговата идеологија на многу високи школи одат само во прилог на демагозите. Штом младите, особено при спротивставувањето на старото општество, го откријат Маркс, премолчувањето на неговото дело заедно со откривањето на многу негови мисли што оставаат длабок впечаток, и под одредено политичко влијание, ќе ги доведе до емоционално и еднострано преценување и прифаќање, но кое е идеолошки поедноставено. На тој начин и бранителите на капитализмот, не само поединци, постигнуваат спротивен ефект од оној што - идеолошки - сакаат да го постигнат.
Единствено објективната оцена на Марксовата теорија и признавањето на сите оние сознанија кои и понатаму и' одговараат на современата општествена реалност - ако истовремено се објаснат и поедноставувањата, едностраностите и грешките - може да му се спротивстави на неговото ненаучно величање. На Маркс мора да му се признае она што навистина беше: голем научник кој, како и многу други, придонесе за попродлабочено познавање на човечкото општество. Обидот на западните теоретичари, пред сé економисти, социолози и филозофи, да преминат преку многу негови важни идеи со презир се покажа суштински штетно токму за нивните теории. Ретко кога некоја наука била поделена на два така целосно меѓусебно туѓи светови како економијата. Целосно различните методи, начин на мислење и категории во две економски науки кои истражуваат еден ист предмет, всушност покажуваат дека тој расцеп на двете страни првенствено не го создадоа различните сознанија , туку политичките интереси и со нив поврзаните идеолошки предрасуди. Едната страна ја отстранува од корен секоја категорија што потекнува од Маркс; другата страна ги прифаќа само оние категории кои произлегуваат од Марксовата теорија.
Конзервативните идеолози на двете страни се чувствуваат добро во таа положба и во прв ред ќе го прогонуваат оној теоретичар што се обидува да го премости тој расцеп во рамките на едната наука. Како и конзервативните политичари од двата системи и тие пред сé сакаат да ги зачуваат своите царства - овие сакаат да го задржат духовното, а политичарите своето многу материјално политичко царство. И покрај најжестокото меѓусебно побивање, застапниците на спротивните системи секогаш се помируваат со постоењето на идеологијата на оној другиот ако нивното сопствено царство остане недопрено. Очигледно е, значи, дека конзервативните идеолози од двете страни добро се разбираат во едно: во прогонувањето на сите реформатори и на сите идеи за ускладување. Таквите идеи ја поткопуваат нивната положба на моќ и многу се поопасни од старите противнички идеи, всушност целосно потиснати и премолчени.
А сепак не е вистина дека во општествената наука не може да постои мост помеѓу најразличните марксистички и немарксистички гледишта. Самостојните мислители на двете страни во сé поголема мера се сити од фанатичните идеолози кои ги тераат во спротивни светови. На двете страни постојат делумни вистини како и грешки, поедноставувања и сознајно безвредни догми. Оној што не сака да се помири со поделениот свет во кој својата цел ја постигнуваат само интересите на велесилите, против и над интересите на малите народи, оној што не сака да живее во свет во кој можат да се научат само идеите кои се во согласност со властите, кои кај милиони луѓе секогаш го создаваат посакуваното расположение против непријателот, оној што верува во можноста од хуманизирање на нашето општество и оној што не се помирува со “стварноста” на нуклеарната закана - оној што сето тоа не го сака, тој пред сé мора да бара патишта за премостување на теорискиот расцеп помеѓу двата света. Новите практики секогаш настануваа само од нови идеи; преку идеологијата на сила непријателски поделениот свет никогаш нема да може да обезбеди траен, спроводлив во практика, мир.
Постои можност од трет пат и не е вистина дека “антикомунизмот” мора секогаш да биде “прокапитализам”. Страшилото на “антикомунизмот” го измисли комунистичката пропаганда за во очите на напредните луѓе кои мислат социјалистички да ја озлогласат секоја принципиелна критика на тој нечовечен систем. А таа пропаганда може да смета само на количеството и гласноста на своите средства за известување - сосема и' недостигаат причини и докази. За разлика од “антикомунизмот” за кого што се залагаат бранителите на конзервативниот капитализам, постои отфрлање на темелните принципи на комунизмот (диктатура на пролетаријатот, еднопартиски систем, државна сопственост на претпријатијата, диригирано централистичко планирање итн.) и од напредни, социјалистички гледишта. Комунизмот нема ништо заедничко со хуманата идеја на социјализмот. Напротив. Тој човечката претстава за општеството неверојатно многу ја злоупотреби. Тој до социјалистичкото општество не е ни малку поблизок од современиот капитализам. И оние млади чесни луѓе на Запад, кои денес сé уште имаат илузии за комунистичките држави, ќе се уверат еден ден во нивниот антисоцијален карактер.
Спротивноста помеѓу зборовите и делата на комунистичките властодршци е преголема за тоа преку сé побројните искуства да не им биде јасно и на попростите луѓе. При тоа одлучувачка е, се разбира, чесноста; оној што е навистина заинтересиран за судбината на работниот човек, за надминувањето на капиталистичкото и државно-капиталистичкото отуѓување, оној што е заинтересиран за социјализмот, тој мора порано или подоцна да се оттргне од комунистичката практика. Оној што е заинтересиран за кариера, положба и власт, во тој тоталитарен систем ќе најде исполнување на своите цели.
Меѓутоа, одлучувачки се искуства на широките слоеви од населението во комунистичките држави. Тие ја создаваат свеста, а не службената пропаганда. И токму тие искуства еден ден ќе одлучуваат за судбината на државно-бирократските тирании. Така секогаш беше досега во минатото и тоа не може да го промени ниту најголемата идеолошка демагогија.
Но, тие искуства мораат да бидат надополнети со напредните општествени теории. Работните луѓе го знаат само она што не го сакаат ; без теорија не можат самите да постават нови цели. Токму во тоа лежи одговорноста на научниците од општествената наука. Хуманата определеност на општествената наука не ја прави измислувањето на нови утопии, туку анализата на постојните општествени противречја и судири, нивните причини содржани во системот, како и откривањето на можностите за нивно надминување.
Искуствата на населението заедно со напредната општествена теорија можат и мораат да ги победат интересите на власта и нивните идеолози. Се надевам дека со овој труд ќе придонесам за тоа.
Ота Шик,
Базел - Сент Гален, во септември 1972.
Следно