Ота Шик
Трет пат: марксистичко-ленинистичката теорија и модерното индустриско општество

Лениновата промена во образлагањето на социјалистичката држава

Постои многу остра противречност помеѓу широката економска улога која Ленин, согласно со своите државно-монополистички сфаќања, и' ја припишуваше на државата и целосното омаловажување на изградбата на демократски и институционални гаранции против злоупотребата на таа држава од страна на ограничените, посебни интереси. Идеален одлучувачки темел за тоа беше идејата дека класите на кои им се туѓи работничките интереси можат само во државата во капиталистичкото општество да се свртат против работниците и дека со отстранувањето на капиталистичкиот систем таквата можност ќе исчезне сама по себе. Но со тоа станува јасен ставот на потценување на зрелоста на работните луѓе за сопствените демократски одлуки и на идеализирање на функцијата на Комунистичката партија во социјалистичкото општество (подоцна тоа кај Ленин ќе стане уште појасно). Сликата за улогата на Партијата всушност беше перцепција на една посебна социјалистичка елита на власта - и покрај своето формално уверување дека се работи за непосредна и повисока работничка демократија.

Приговорот што често се слуша, т.е. дека нискиот степен на развиток на Русија, недостигот на демократски традиции, фактот дека работниците беа во малцинство и дека беа на ниско културно ниво, го натераа Ленин вистински воопшто да не ги сака демократските односи, само е потврда на тврдењето дека ситуацијата не беше зрела за социјалистички развој на Русија. Подготвувањето за пад на царистичкиот, феудален систем не само што беше зрело, туку и беше дадено. Меѓутоа, подоцнежната перцепција дека социјализмот може да се изгради и без вистинска, широка демократија за целиот народ беше, прво, погрешна, а второ, водеше до односи на власт при кои не можеа да се појават никакви демократски слободи, дури ниту подоцна, за работничката класа на далеку повисоко културно ниво.

На предлог на Ленин во партиската програма, усвоена во 1918 веќе по освојувањето на власта, утврдувањето на посакуваниот нов политички систем и држава остана ограничено на принципите, кои веќе Маркс ги гледаше како спротивност на граѓанската демократија и граѓанската држава [1]. Покрај најопштите пропагандистички прогласи тука се утврдува само непосредниот избор и можноста за отповикување на пратениците, директното поврзување на законодавната и извршната власт, уништувањето на стариот бирократски апарат (при што веќе се предупредува на новата бирократија), [2] постапното вовлекување на сите работни луѓе во државната управа итн.

Без оглед на тоа што сето тоа во суштина беа само некои од изворните марксистички принципи, се остана само на нивно општо формулирање и не беа разработени гаранциите за вистински надзор на народот над избраните застапници и не беа решени најтешките проблеми на бирократијата и нејзиното потчинување на интересите на народот. Тоа што веќе на почетокот и' беше само најавена борба на бирократијата и што тоа потоа со десетлетија секогаш повторно се прогласува, без да се преземе каква било анализа на таа решавачка моќ за самостојноста на државата и за отуѓувањето, покажува дека сите прогласи за промената на суштината на државата од самиот почеток беа само празни зборови.

Замислата за промена и постапно отстранување на државата по социјалистичката револуција е знак за изразита теориска слабост на марксизмот во областа на политичкиот систем и државата, значи, и во подготовката на социјализмот. Всушност, најјасно се покажува дека веќе општиот поим на државата - на државата како средство за угнетување на одредена класа - е многу примитивен. Ленин веќе пред револуцијата увиде дека нема да биде можно да се дозволи државата да одумре истовремено со отстранувањето на приватната сопственост над средствата за производство. Во најголема тишина, така да кажеме, изречно не одрекувајќи ги старите тврдења, почна наместо минливата репресивна улога на новата држава против остатоците од старите класи да ја нагласува нејзината улога на надзор над трудот и распределбата во текот на долгата “социјалистичка” етапа од развојот. Според тоа, кон укинување или одумирање на државата не требаше да води преминот на социјализам, туку дури преминот на комунизам (односно, преминот на услови на неограничено изобилство на сите производи, на укинување на економската принуда на трудот, на премин од распределба според трудот на распределба според потребите).

Ленин, секако, се обидува тоа сфаќање на идната држава да му го припише на Маркс и ја цитира неговата формулација од “Критиката на Готската програма” каде што Маркс зборува за државата во преодниот период помеѓу капитализмот и комунизмот, за време на кој државата не може да биде друго освен “револуционерна диктатура на пролетаријатот”. Меѓутоа, Маркс тука сé уште воопшто не прави никаква разлика помеѓу “социјализмот” и “комунизмот” - таа разлика ја изгради Ленин - и зборува само за пониска и повисока фаза на комунизмот. Под поимот “пониска фаза на комунизмот” тој подразбира “социјализам”, значи, бескласно и врз социјалистичка сопственост изградено општество кое доаѓа по капитализмот. Кога Маркс зборува за преодната фаза помеѓу капитализмот и комунизмот, тој со тоа всушност мисли на кратката револуционерна преодна фаза помеѓу капитализмот и бескласното социјалистичко општество. Ленин, меѓутоа, се обидува да и' даде смисла на преодна фаза кон комунизам како што тој го дефинира. [3]

А тоа, се разбира, е голема, не само временска, туку пред сé содржинска разлика помеѓу Марксовото и Лениновото сфаќање на државата. Маркс во споменатата “Критика” ја означува првата или пониската фаза на комунистичкото општество како етапа во која правото, економскиот систем и културниот развој се условени од претходниот капиталистички развој. Повисоката фаза на комунистичкото општество според него е последица на моќниот и во никој случај краткотраен економски развој за време на првата фаза. [4] Меѓутоа, тој со ниту еден збор не спомнува дека државата треба да биде отстранета дури на тој повисок степен од развитокот и тоа за него и понатаму е поврзано со отстранувањето на угнетувањето од страна на претходните експлоататори, значи, со почетокот на првата фаза.

Дека Маркс под комунизам навистина општо подразбираше фаза на укинување на приватната сопственост, експлоатацијата и непријателските класи, а не само производствено и потрошувачки најразвиена фаза со нејзиното преминување на изобилство на производи, јасно се гледа од Енгелсовото писмо до Бебел кое што е напишано во исто време и во врска со ист повод поради кој и Маркс ја објави својата “Критика на Готската програма”. Енгелс тука изречно кажува: “Бидејќи државата е само преодна институција со која треба да се служи во борбата, во револуцијата, за својот противник со сила да го задушиме, чиста бесмислица е да зборуваме за 'слободна народна држава': додека на пролетаријатот му е потребна државата, таа му е потребна не во интерес на слободата, туку во интерес на задушувањето на неговите противници, а штом биде можно да се зборува за слободата, државата како таква престанува да постои.” [5]

Лениновиот обид понатамошното постоење на државата да го протегне на долгиот развоен период сé до втората фаза на комунизмот - период во кој веќе цели десетлетија нема да може да има експлоататори, мора, се разбира, да се сфати не како конкретизација на Марксовите идеи, туку како нивна тивка ревизија.

Но, не е значаен само тој факт: за разлика од денешното официјално мислење и токму догматскиот страв од секоја ревизија, уверен сум дека различните марксистички теории треба непрекинато да се ревидираат за воопшто да задржат некоја сознајна вредност. Тука се работи за прикриена ревизија со која всушност се признава дека се сака да се задржи државата во нејзиниот стар облик не само поради некогашните експлоататори, туку и поради угнетување од друг вид.

Преку тој факт не може да се премине со помош на тврдењето дека државата во социјализмот не е потребна поради угнетувањето, туку во прв ред поради организирањето и планирањето на економијата и на другите области, значи, како управувач на општите работи. Тоа, имено, би значело да се закашка суштината на државата. Наспроти нагласувањето на сличните задачи на капиталистичката држава, марксистите веднаш излегуваат со следниов аргумент: главните задачи на капиталистичката држава се нејзините репресивни функции, нејзината полиција, правосудство, затвори итн. Управувањето со заедничките работи: тоа повеќе не е вистинска посебна функција на државата, туку таа функција Маркс и Енгелс ја толкуваат, се разбира, како нужност и по укинувањето на државата. Но, всушност се работи за репресивната функција на државата, за нејзините вооружени, од народот одвоени, сили, за правосудните и казнените установи, за големиот и буен бирократски апарат, за сето она за што се тврдеше дека е средство за угнетување на одредена класа, а всушност беше замислено за угнетување на секој отпор токму на работните луѓе во текот на целиот социјалистички развоен период.

На Ленин таа нужност му беше јасна веќе пред револуцијата, зашто своето внимание целосно го насочи врз револуционерниот развиток во земја во која работниците не само што имаа кратка традиција и никакви искуства со развиена капиталистичка економија, туку и внатре во огромната полуфеудална аграрна земја беа толкаво малцинство, што создавањето предуслови за социјализам воопшто можеше да се замисли само со помош на многу силна држава и бирократски организиран државен монопол. Тоа подробно ќе го обработиме во посебен труд. Во врска со истражувањето на политичките подготовки на социјализмот овде треба да се запомне дека од една страна теориските претстави за идната социјалистичка држава не ги пречекоруваа многу скромните Марксови мисли за Париската комуна, додека од друга страна без теориско образложување и понатаму е прифатено постоењето на силна држава во текот на многу долг развоен период.

Токму како што се сметаше на вистинска држава, одвоена од народот преку трајна поделба на трудот и снабдена со сите репресивни средства и полномоштва, се очекуваше и постоење на елита на власта, која во име на работниците и нивните интереси би требала да го обезбеди социјалистичкиот развој и да управува со него.


  Фусноти

„Nacrt programa RKP(b)“ vo V. I. Lenjin "Izabrana dela“, „Kultura“, Beograd, sv. 13, 77-120 str. (назад)

“Сега во Русија веќе целосно се урнати тврдините на демократизмот кој секогаш насекаде ја поврзуваше државната власт со интересите на земјопоседниците и капиталистите - како при монархија така и при најдемократска буржоаска република. Но борбата против бирократизмот кај нас ни оддалеку не е завршена. Бирократијата се труди да поврати дел од позициите кои ги изгуби, користејќи го, од една страна, недоволно високото културно ниво на масата население, а, од друга страна, крајното, речиси натчовечко напрегање на силите на најразвиениот слој од градските работници на воена работа. Затоа за успехот на понатамошната социјалистичка изградба е неопходно безусловно и упорно продолжување на борбата против бирократизмот.” (цит. дело, 55-56 стр.). (назад)

“Маркс во 'Критиката на Готската програма' пишуваше: 'Помеѓу капиталистичкото општество и комунистичкото општество лежи период на револуционерна преобразба на првото во второто. Нему му одговара и политички преоден период и државата во тој период не може да биде ништо друго освен револуционерна диктатура на пролетаријатот.' Досега оваа вистина беше неспорна за социјалистите, а таа содржи признавање на државата сé до прераснувањето на победничкиот социјализам во целосен комунизам. Позната е Енгелсовата изрека за одумирањето на државата. Ние во првата теза намерно подвлековме дека демократијата е облик на држава која исто така ќе одумре кога ќе одумре државата. И дотогаш додека нашите противници не го замениле марксизмот со некое ново, 'а-државно' гледиште, нивните расудувања се погрешни од почеток до крај.” (Lenjin, cit. delo, sv. 10, 147-148 str.). (назад)

“Но тие недостатоци не можат да се избегнат во првата фаза на комунистичкото општество, онакво какво што штотуку произлезе од капиталистичкото општество по долги породилни маки. Правото никогаш не може да биде над економската формација и од неа условениот културен развиток на општеството.

Во повисоката фаза на комунистичкото општество, кога ќе исчезне угнетувачката потчинетост на поединците на поделбата на трудот, а со неа и спротивноста помеѓу умствениот и физичкиот труд; кога работата ќе стане не само средство за живот, туку дури прва животна потреба; кога со сестраниот развој на поединецот ќе пораснат и производните сили и кога сите извори на колективно богатство ќе потечат пообилно - дури тогаш ќе биде можно сосема да се пречекори тесниот хоризонт на буржоаското право и општеството ќе може да напише на своите знамиња: Секој според своите способности, секому според неговите потреби.” (Karl Marx-Friedrich Engels „Dela“, „Prosveta“, Beograd, 1979, sv. 30, 18 str.). (назад)

Isto, 6 str. (назад)


Содржина

Шикова архива