Виктор Серж

Причините за рускaтa глад (1921-1922)


Првпат објавено: International Press Correspondence Vol. I No. 3, 23 October 1921, pp. 26–27;
Превод: Томислав Захов (од англиски)
Техничка обработка: Томислав Захов
Онлајн верзија: декември 2023


Тие се многубројни и сложени. Меѓутоа, мора да се потсетиме на нив за да се утврдат одговорните елементи и последиците од нив. Во одреден, но не премногу важен степен, тие се карактеристични за Русија за време на стариот режим, која трпеше речиси периодични гладувања без „цивилизираниот свет“ да се мачи да размислува за тоа. За четири години страшна револуционерна борба, злобното наследство на стариот режим сè уште го имаше своето злобно влијание врз земјата. Незнаењето на селаните и нивните примитивни методи сами по себе беа доволни за да предизвикаат вистинска катастрофа во годините на суша. Степенот на несреќата, сепак, не се должи само на овие социјални и климатски услови. Мора да го насочиме нашето внимание и на некои други.

1. Пред војната – Г-дин Шарл Риве (од Le Temps) опишува во својата воведна изјава од есеј, што го посветил на последните цареви и на Распутин, со каков надмоќен презир амбасадорите на Француската Република во Санкт Петербург гледале на руските селани, таа огромна резерва на топовско месо за војна... Кога читателите на Le Temps секое утро читаа дека „Козаците маршираа два дена од Берлин“, Сојузниците сметаа само на тоа дека руското топовско месо ќе ја забави извонредната воена машина на Централните сили. Бројките за руските загуби беа огромни, толку големи што едвај се гледаат воени инвалиди во градовите и селата во Русија, бидејќи тие се мртви.

Бројот на напади со бајонет против германската артилерија не беше умножен без да се плати страшна цена во крв. Живите сили на руските полиња конечно беа исцрпени. Како што следеше уништувањето на транспортот, бидејќи војната проголта огромен број коњи извлечени од работа на полињата, смртта на најдобрите, најенергичните луѓе ја приближи смртта на руската почва. Ова се работи кои треба одвреме-навреме да се споменат.

2. Блокадата – Зошто треба да не` изненади спектаклот на триесет милиони руски селани кои умираат од глад? Руската глад е намерно планирана, планирана и организирана за војни со сите ресурси на модерната технологија. Најпознатите државници на двата света неколку пати размислувале за тоа. Французите, Англичаните и Американците, во луксузот на салоните во Версај, намерно го осудија безбројниот руски народ на глад. Целиот печат ја одобри одлуката – парламентите, милиони буржоаски гласачи, сите културни, патриотски, хумани, христијански луѓе не излегоа на протест. Оние кои видоа како сиромашните колабираат на улиците на Петроград и Москва, зимата 1919 година, подлегнувајќи на постепеното изгладување до смрт, кои секојдневно гледаа коњи како гинат во снегот на улиците на руските престолнини, кои се сеќаваат на едната осмина од векна леб што потоа им ја поделија комуните на работниците, кои не заборавија дека ниту еден европски весник никогаш не влезе во Црвена Русија во тоа време – тие мошне добро знаат дека општата глад е неоправдано злосторство на меѓународната реакција, неоправдано затоа што е извршено со целосно самозадоволство и спокојство на духот.

Апсурдно злосторство. Тоа не ја уби Руската револуција. Се засноваше на лажна калкулација. Револуционерите се секогаш гладни! Тие знаат како да се спротивстават на гладувањето. Но, децата се мртви. Старите и слабите се мртви. Научниците, поетите – целата беспомошна елита на човештвото – се мртви. И сега тие организираат – понекогаш со помош на интелектуалци кои не протестираа против блокадата – помош за преживеаните.

3. Граѓанската војна беснееше низ провинциите што сега се опустошени од општата глад најмалку четири пати. Секој пат кога армиите на реакцијата ги ограбувале куќите, ги уништувале алатките и ги убивале мажите. Токму во регионите на Волга, Чехословаците, поттикнати од англиската и француската воена мисија, зедоа оружје во 1918 година за да ја отсечат Русија од нејзините резерви на жито на Урал и во Сибир и да ја изгладнат со цел да ја потчинат. Таму Савинков и членовите на Уставотворното собрание ја формираа својата Бела влада со помош на Сојузниците. Таму Колчак ги започна своите нови офанзиви во пресрет на неговото признавање од Франција. Со секое напредување на контрареволуционерните војски, Белиот терор го десеткуваше селанството, хоризонтот беше покриен со пламенот на запалени села, добитокот беше конфискуван, железничките пруги скинати и мостовите уништени... Daily Chronicle, Le Journal и New York Times ги објавија (да не заборавиме!) овие победи: „Адмиралот Колчак разнесе два моста на Волга...“

Секој денес знае во колкав степен руската контрареволуција беше директно злосторство на странскиот капитал. Премногу е лесно да се именуваат одговорните за тоа.

4. Конфликтот меѓу револуционерниот град и селото сè уште во неговиот малограѓански, религиозен и конзервативен менталитет, конфликт кој одредени елементи на контрареволуцијата паметно знаеја да го свртат во своја полза, потпомогнати од очајните околности кои ја принудија советската влада да користи реквизиции за да ги прехрани своите армии. Малите бунтови во регионите на Волга поттикнати од десните социјалистички револуционери или од свештенството се на бројка од стотици. Конфликтот меѓу градскиот пролетаријат и селската средна класа, може да се каже, иако има длабоки економски и психолошки причини, беше заострен од војната и од блокадата. Поголемиот дел од ексцесите до кои тие доведоа лесно ќе се избегнеа доколку пролетаријатот во фабриките беше во можност да им обезбеди на селата финални производи во замена за бараното жито. Но, пролетаријатот се бореше на седум неограничени фронтови, фабриките беа затворени, а контрареволуцијата ги зазеде нашите резерви со гориво: Деникин – регионот Дон, а Англичаните – Баку.

Потоа, тука се и секундарните причини, кои не секогаш нè доведуваат лице в лице со одговорните за oпштата глад.

5. Премногу примитивните земјоделски алатки и незнаењето на рускиот селанец.

Лесно ќе се сфати дека, ако во 1918 година, односно веднаш по победата на работниците на улиците на Петроград и Москва, европскиот пролетаријат ја принудеше реакцијата да ја почитува и признае младата револуција, тогаш толку ентузијастички и подготвен за најжестоките задачи, ако мал дел од енергијата посветена на продолжувањето на војната се потрошеше за подобрување на земјоделските алатки, за создавање канали за наводнување, за образование на селанството, сушата немаше да може да ги уништи за неколку недели посевите на регион поголем од Франција...

Ако, во сегашната состојба, сушата успеа да ги опустоши најплодните региони на Русија, тоа е само затоа што неволјата беснееше на почвата каде што војната ги уништи алатките и плодот на човечкиот труд, над еден народ, десеткуван, исцрпен и обесхрабрен од бескрајната неволја, над земја во која недостигаат семиња, вагони, коњи и пред се` знаење, затоа што беше направен решителен обид да се уништи сè.

Ако се чини дека прекрасните рамнини на Волга, изгорени од сонцето, станаа пустина, тоа се должи на фактот што цели четири години целиот капиталистички свет не престана да ја посакува смртта на револуцијата, на овој револуционерен народ.

Тоа не смее да се заборави! Ден по завршувањето на масакрот извршен од 1914 до 1918 година, владетелите на стариот свет, богатите, го извршија ова второ злосторство против човештвото, блокадата, обидот за убиство на рускиот народ. Кога буржоаските филантропи се поттикнати од помислата за смртта на илјадници бебиња во владата на Саратов, кога сикофантите кои, во 1919 година, ги оценија предностите на блокадата како евтин и, во споредба со воената интервенција, многу сигурен метод, зборуваат за помош за Русија, кога Нуланс е назначен да им помага на нашите гладни селани, да не заборавиме, другари, да го осудиме злосторството и да ги разобличиме криминалците. Сè уште има битки што треба да се водат; помошта за Русија нема да инаугурира примирје меѓу реакцијата која нè изгладнува, и сега се преправа дека ни доаѓа на помош за подобро да ја заврши својата убиствена работа, и изгладнетата револуција. Руската глад е само трагична епизода од меѓународната класна војна. Американските индустриски капетани кои во Петроград и Москва го испраќаат хуманитарниот персонал на г-дин Хувер, проследен со товари од ориз и кондензирано млеко – истиот персонал чијашто помош за Унгарија го отвори патот за режимот на Миклош Хорти – не се сомневаат во тоа. Ако воопшто даваат помош, тоа е затоа што притисокот на масите и вознемирената совест на народот ги принудуваат на тоа; тоа е затоа што не можат поинаку – и затоа што чекаат поволен пресврт на настаните за да `и зададат на револуцијата завршен удар. Да ги посматра нив, да се бори против нив, да ги осудува – за револуционерот, тоа значи, повеќе од кога било, да `и помогне на Русија.