Напишано: 1920
Извор: “Прилози за наша спорна питања” (Београд) 1920.
Превод: Здравко Савески, од српски јазик
Онлајн верзија: декември 2005
Третата интернационала се нарекува комунистичка. Таа сака да биде повеќе од она што може да биде. Таа е револуционерна, ништо повеќе и ништо помалку. Поради тоа таа стои на степен на интернационала досега на највисоко ниво и ги исполнува највисоките задачи кои денес можат да се исполнат.
Таа може да се нарече Руска интернационала. Нејзиното основање потекна од Русија. Нејзиното седиште е во Русија. Со неа владее Русија. Нејзиниот дух, од а до ш, е дух на духот на Руската револуција, на Руската комунистичка партија.
Но веќе поради тој услов таа не може да биде Комунистичка интернационала.
Она што револуцијата, она што со нечуена решителност, храброст и доследност ја водеше класната борба на пролетаријатот против буржоазијата, тоа е диктатурата.
Од комунизмот Русија е сè уште далеку, со милји далеку. Русија е прва земја во која дојде до револуција и во која таа е победоносно спроведена, но таа ќе биде последната земја во која ќе дојде до комунизам.
Не, не - Третата интернационала не е Комунистичка интернационала!
Болшевиците дојдоа на власт во Русија не толку преку револуционерна борба за социјалистичките идеи, колку, многу повеќе, по пат на пацифистички пуч.
Тие им ветуваа мир на народот.
И земја на селаните - приватна сопственост.
Преку тоа го придобија народот за себе.
И пучот им тргна од рака.
Тие прескокнаа цела епоха, цел период од развитокот на капитализмот. Од феудализмот, чиј крах започна уште од 1905, а војната го забрза и доврши, тој преку баснословно салто мортале се преобрази во социјализам. Но ни најмалку нека не си вообразуваат оние кои што се задоволуваат со освојувањето на политичката власт од страна на социјалистите дека со тоа ќе се отвори епохата на социјализмот.
Она што мора да израсне и да созрее како производ на органскиот развиток, тие мислат дека може конструктивно да се надомести.
Револуцијата и социјализмот за нив, во прв ред, беа политичка работа. Како можеа така одличните марксисти за миг да заборават дека тие, во прв ред, се економска работа?
Најзрелото капиталистичко производство, најразвиената техника, најобразованата работничка класа, најбогатиот принос од производството, да го наведеме само тоа - се неопходни предуслови за социјалистичката економија и со тоа на социјализмот воопшто.
Каде се наоѓаат овие предуслови во Русија?
Побрзиот тек на светската револуција би можел да ги надомести направените грешки. Болшевиците направија сè за да го создадат. Но тој досега изостана.
Така се создаде вакуум.
Политички социјализам без економска основа. Теоретска конструкција. Бирократски пропис. Збирка хартиени декрети. Агитаторска фраза. И стравотно разочарување.
Рускиот комунизам виси во воздух. И тој ќе виси сè додека светската револуција не создаде во капиталистички најразвиените, за социјализам најзрелите земји услови за негово остварување.
Револуционерната лавина се шири. Таа се распростира низ Германија. Наскоро ќе стигне и до други земји.
Во секоја земја таа наидува на поинакви односи. Поинаква општествена структура. Поинакви традиции. Поинаква идеологија. Во секоја земја политичкиот степен на развитокот на пролетаријатот е различен; различен е неговиот однос кон буржоазијата, кон селанецот; според тоа, различни се и неговите класни борби.
Во секоја земја револуцијата зема свој сопствен облик. Создава свои сопствени форми. Развија свои сопствени закони.
Револуцијата, за да се развие во интернационална, мора, пред сè, да води сметка за околностите на секоја земја, на секој народ.
Доколку на пролетаријатот на некоја земја можат да му бидат подрагоцени искуствата на Русија, дотолку ќе биде поблагодарен за братскиот совет и соседската помош - самата револуција е негова работа; во борбата мора да се биде независен, во одлуките слободен, во оцената и искористувањето на револуционерните ситуации без туѓо влијание и непопречен.
Руската револуција не е германска, не е светска револуција!
Во Москва има поинакво мислење.
Таму за тоа има пропишан револуционерен образец.
Според овој образец, наводно, протече Руската револуција.
Според овој образец борба водеа руските болшевици.
Следствено, според овој образец треба да протече револуцијата и во останатиот свет.
Следствено, според овој образец треба партиите и во останатите земји да ја водат својата борба.
Ништо полесно и поедноставно од тоа.
Сега имаме револуција... имаме револуционерна партија... што да се прави?
Да го извадиме од џеб револуционерниот пропишан образец (патент на Ленин). Да го наместиме... Ура! Функционира... и, бум!, револуцијата почна!
А како изгледа тој чудотворен пропишан образец?
“Револуцијата е партиска работа! Државата е партиска работа! Диктатурата е партиска работа. Социјализмот е партиска работа.”
И понатаму:
“Партијата е дисциплина. Партијата е железна дисциплина. Партијата е водство. Партијата е најстрог централизам. Партијата е милитаризам. Партијата е најстрог, железен, апсолутен милитаризам.”
Пренесен во стварноста, овој образец се вика:
Горе водачите, долу масата.
Горе авторитет, бирократизам, култ на личноста, диктатура на водачите, командување на силата.
Долу ропска послушност, потчинување, став “мирно”.
Многуструко папство.
Многуструка комунистичка партиска централа. Германија во суперлатив.
Нема никакви други можности во Германија да биде воведен системот Лудендорф и затоа тој доаѓа во униформата на болшевизмот.
За Германија, за германскиот пролетаријат, руските методи на револуцијата и социјализмот не се ниту за тоа да бидат дискутирани.
Ние ги отстрануваме. Безусловно. Категорично.
Тие би биле несреќа.