Првпат објавено: „Културен живот“, Скопје, 1972, бр. 7-8, 14-15 стр.
Извор: Томислав Тодоровски (ур.), „Прилози за животот и делото на Рацин“, „Наша книга“, Скопје, 1987, 172-175 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2018
Трагајќи по вистината за Кочо Рацин во првите февруарски денови на 1972 година се најдов во Суботица, во куќата на бившиот помошник бан на предвоената Вардарска бановина, Александар Цветковиќ. Средбата беше закажана претходно преку неговиот син Бранко. Тој нè прими љубезно во голема пространа соба, складно подредена. Цветковиќ веќе ги минал своите седум децении. Разговорот за Рацин посебно ме радуваше, зашто требаше повеќе да се осветли еден интересен, но тежок момент од животот на Рацин, за кој повеќе децении се ширеа разни приказни, токму за неговата средба и разговорот со овој човек, кој беше пред мене... Тоа беше и еден од мотивите за партиската казна со бојкот од страна на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија во 1940 година спрема Кочо Рацин.
Александар Цветковиќ е вонредно спокоен човек и се гледаше дека имал големо искуство ва односите со луѓето. 3боруваше јасно, разговетно, без гестикулации. Имаше развиено чувство за нагласување за она што сакаше да го подвлече во разговорот. При одделни прашања правеше мали паузи за подобро да се потсети, потоа директно да одговори. Уште на прв поглед оставаше впечаток на она што претставувал во тогашниот општествен живот.
Нескриен беше мојот интерес за неговите објаснувања и оценки за настаните што се одигрувале во тоа време во Вардарска Македонија, зашто документите од тоа време не кажуваат сè. Се трудеше разговорот да се одвива на македонски јазик, бидејќи тоа не му претставуваше никаква тешкотија. Му чинеше посебно задоволство да се претстави како битолчанец, дека е роден во Битола и дека неговиот татко бил српски учител во Битола.
„За двете средби со Рацин се сеќавам вонредно добро”, раскажуваше тој. „Како сега да го гледам. Тоа беше силна плеќеста фигура со среден раст. Го примив во мојот кабинет, во бановината. Во летото 1940 година, на предлог од тогашниот мој шеф на кабинет Јован Костовски. Мене, кака и на целата политичка и културна јавност ни беше многу добро познато неговото име. Тој беше присутен во немал број весници и списанија во Југославија. Тоа беше сигурно и најпознатата личност во југословенската јавност која ја пласираше марксистичката и македонската кауза. Тој посебно се афирмира и се здоби со голема популарност со објавувањето на својата збирка песни на македонски јазик „Бели мугри”. Во кабинетот тогаш тој влезе заедно со Јован Костовски. На моја покана тој седна. Не чекаше да го прашам што го натерало да дојде кај мене, туку започна директно да говори за она зошто беше дојден. Се поплакуваше на велешката полиција, која секојдневно го малтретираше него и неговата фамилија, вршејќи претреси и грубо шиканирање. Бил под постојанен надзор на полицијата. Забрането му било да го напушта градот и секојдневно морал да се пријавува на полициското началство. Не смеел да доаѓа во контакт со луѓето, бидејќи против нив се преземале разни репресалии. На крајот заврши со зборовите, дека овој живот му бил потежок од оној кога бил по затвори и робии. Внимателно го слушав неговото излагање. Зад нас стоеше Костовски кој го бележеше во нотес излагањето и целиот наш разговор. Му признав дема имав можност да ја прочитам неговата збирка и дека таа ми оставила силен впечаток, особено јазикот и поетскиот израз. Го запрашав, дали пишува сега и дали подготвува нешто за печатење. Тој категорично одговори дека нема услови за тоа. Се сеќавам, во разговорот му го поставив и прашањето за неговото мислење за списанието „Луч” што излегуваше во Скопје. Тој не се колебаше отворено да одговори негативно, иако знаеше дека бев член на редакцијата. Впрочем, тоа ми беше познато, бидејќи тој за тоа веќе се беше искажал ва едно списание или весник од тоа време”.
Потсетувајќи се и размислувајќи за оваа средба, Цветковиќ се пренесе на сложената политичка и економска ситуација во Македонија што беше предизвикана од внатрешната и надворешната положба на Југославија, како и на мерките што се преземале. Тоа што го чув беше само уште една потврда на она што ми беше познато. Меѓутоа, беше интересно да се чуе човек кој учествувал во креирањето на таа политика.
Сложеноста ја гледаше од постојано присутната опасност за независноста за земјата, во сè поголемите промени во меѓународните односи, како и од сè поизразитите внатрешни политички и економски судири, кои добиваа сè поостар вид, со зачестените штрајкови и демонстрации во кои учествуваа не сама работници, туку и младата интелигенција, барајќи радикални промени во државата.
Тој во натамошниот разговор се задржа и на промените кои настанаа во политичкиот живот со создавањето на коалиционата влада Цветковиќ — Мачек, која го исфрли и проблемот на националната рамноправност на дневен ред, што најде овој одраз и во раздвижувањето на националното движење во Македонија. Во настојувањето да се запре брзиот растеж на антифашистичкото и национално-демократското движење во кое беа опфатени широките маси во Македонија, расправаше тој, биле присутни во нивните редови две гледишта за излезот од таа ситуација. Тој бил еден од носителите на политиката на посмирена тактика, при што ќе треба да дојдат до израз некои специфичности на Македонија и така Македонија да добие подруг третман од дотогашниот, кој само ја влошувал ситуацијата. На овој план биле присутни и напорите да се даваат политички и јавни функции на луѓе од месното население и попуштање во изразувањето на некои национални белези. Ова секако доаѓа од потребата да се создаде подруга основа за организирано движење против нараснатиот револуционерен притисок на широките маси. Меѓутоа, и овие напори не дадоа некои резултати, по зборовите на Цветковиќ, бидејќи победија оние сили кои беа за старите сурови методи кои ги заоструваа односите меѓу власта и народот.
„За ова што зборуваме добро му беше познато на Рацин”, рече Цветковиќ. „Од неговите прашања можеше да се види дека тој ситуацијата ја гледаше и оценуваше од сосем други позиции. Тој не се разликуваше од другите југословенски комунисти. Неговата визија за идната Југославија беше јасна. Тој, ослободувањето на својот народ го гледаше пак во Југославија, само на сосема други основи.”
На крајот од разговорот со Рацин, Цветковиќ му ветил дека ќе разговара со велешкиот полициски началник за да се прекине со неговото малтретирање, уште повеќе што началникот му беше и добар личен пријател.
Во натамошниот непосреден разговор го запрашав и за другата средба, како дошло до неа и под какви услови.
„Да, тоа беше втора и последна и тоа во истиот кабинет со препорака од истиот човек”, продолжи Цветковиќ. „Претходно ме извести дека неговото повторно доаѓање е поврзано со неизменетата положба со него во однос на велешкиот полициски апарат. Мене, искрено речено, разговорот со него ми беше интересен независно што се наоѓавме на сосема спротивни гледања на општествените односи и развиток.
Овој пат Кочо Рацин во разговорот како да сакаше да ја покаже сета своја внатрешна сила. И навистина беше сигурен и бескомпромисен во своите ставови. Тоа секому му импонираше. Во разговорот избиваше неговиот вонреден интелект и рефлексност. Веднаш директно одговараше и внесуваше нота на хумор, од време на време. Во една таква атмосфера, добро се сеќавам, со извесна доза на иронија, му поставив прашање како ја замислува неговата идна Македонија, кога е разделена на три дела под три разни држави. Изгледаше дека го погодив во најосетливото место. Нему не му беше потребно долго да размислува за да даде одговор. Се гледаше дека таа тома била негова преокупација. Ме погледна во очи и со една чудна интонација започна спокојно да развива теорија за улогата на народот — на широките маси, во дадена револуционерна ситуација како ќе ги надраснат своите сили и можности. Спокојно го слушав зашто ми остави силен впечаток со неговите смели концепции за иднината на својот народ. Да, тоа е карактеристика што ја носат големи луѓе”...
Од оваа средба ми остана да го чујам и последното суштинско прашање, иако има документ за тоа. Се работи за вешто измислената приказна дека Рацин се согласил во идната своја збирка на песни во предговорот да се појави човек од бановината, што значи дека соработува со нив. Оваа измислена приказна дојде како резултат на констатацијата на луѓето од бановината, дека Кочо Солев Рацин со својата дејност претставува најопасна личност за постојниот поредок и затоа тие самите ја измислиле приказната, како единствено можно средство за преместување [пресметување] со ваков силен човек, разгласувајќи преку својот апарат за божемната негова готовност за соработка. Ова беше пренесено и пред македонската и југословенската јавност. И навистина добро монтираната измислица беше прифатена како вистинска, а таа со своите последици нанесе голем удар во животот и творештвото на големиот поет.
Бев принуден на директно прашање, колку и како му е познат овој случај. Одговорот беше како што претпоставував:
„Јас таква директива не сум дал, затоа што кај нас постоеја посебни служби, како јавна безбедност и не e исклучена ни можноста таа да презела и такви мерки”, рече Цветковиќ.
По средбата, со нова вистина за Рацина, чекорејќи низ мирните и пријатни улици на Суботица, мислев низ што сè не бил принуден да минува Рацин, a сепак да отстои и да ги надрасне филистерските души и сфаќања на своето време.
Како да го видов уште еднаш Коча со својата големина, задоволно поздравувајќи се cо неговото „Ќе победиме”.
Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива