Мино Минов

Автобиографија

(извадок)


Напишано: Мино Минов, „Живот и време. Автобиографија“, I-II, Скопје, декември 1973, 335-337 стр.
Извор: Блаже Ристовски, „Животот и делото на Кочо Рацин (1908-1943)“, „Матица македонска“, Скопје, 2009, 397-398 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2018


Еден ден на 16 април 1943 година (Миновски погрешно го наведува датумот, треба 13 јуни – Бл. Р.), кога бевме веќе завршиле со работата, му предложив на другарот Коста Рацин тој порано да слезе во базата за да подготви за јадење, а ние со Митрета ќе допосвршиме со работата околу засолнувањето на техниката. Тоа го направивме и ја сместивме некаде низ сувата букова шума. Кога сето тоа го направивме веќе паѓаше мрак, особено во шумата, каде што високите дрвја од своја страна придонесуваа за засолнување на видикот. Но сепак не беше сосем стемнето. Така кинисавме за базата, сметајќи дека ќе најдеме нешто поспремено за јадење. Во моментот со нас беше по нешто дојден и другарот Пецо Чинго и сега сите тројца се враќаме кон базата. Митре е пред мене, јас по него, а другарот Чинго по мене. Како што одевме, и не бевме многу оддалечени од местото каде што беше печатницата, одеднаш со изненаден глас другарот Митре поверливо викна: Човек! Кога јас погледнав во правецот, навистина опазив човек, кој на дваесеттина метри од нас лево се приближуваше кон нас како да има пушка на готовс и помислив сака да нè испревари. Уште под влијание на она што го направи Мефаил со својата банда пред неколку дена, па ова може да биде повторен случај, под таквиот уплив одма залегнав, викнав стој и сè под таквата психичка положба. А ни беше јасно дека во ова време никој од нашите немаше потреба да доаѓа назад овдека, а ни најмалку пак Коста Рацин, кој знаеше дека ние ќе одиме кај него во базата. Меѓутоа, за несреќа, зел едно тенџере за да приготвува ручек за утредента и пошол назад, веројатно со намера да нè стигне на местото. Тенџерето беше го ставил под десната мишка, на него нагрнал една куса пелерина, а од десната страна спрема местото на печатницата. Таман изгледаше дека веќе (со истуреното лакто над тенџерето) се готви да нè изненади со пушката.

Не знам колку силно сум викнал да застане во изненадната и неочекувана возбуда. За несреќата пак Рацин беше и многу тврд на ушите. Јас истрелав сегера единствен куршум, но за големата трагедија – лошо го погодува. Кога офна од погодокот, дури тогаш го препознав својот долгогодишен другар. Само се сеќавам дека во тој момент ја фрлив пушката и му пријдов, но што понатаму станува со другарите Митрета и Пецета не знам. По едно време знам дека стигна другарот Дејан – Киро Георгиевски и цела ноќ седевме до другарот Рацин, до неговото погребување. Пристигнаа и другарите Крсте Црвенковски и други.

Овој случај безмерно многу ме заболе. Зошто мене тоа да ми се случи! Со другарот Рацин нè сврзуваа заеднички стремежи уште од 1932 година, кога е нашето познанство. Тој ми раскажуваше дека има уште многу нешто да пишува, па и за печатницата, за нашата работа, па и за клапалото, како што го викаше на шега. Веќе одев дотаму дека не ми е дојдено до мене; големо разочарување поради големата загуба. Од болот за мојот другар долго време не можев да се опоравам. Колку и да се обидуваа другарите да ме одвратат од таа упорност, но тука не бев доволно јак, а да не ми искрснеше прашањето: Зошто мораше така да се случи? Многу тешко го преживував овој случај, оваа загуба. Но што се можеше. Коста Рацин целиот свој живот го имаше поминато и посветено на таа борба, за иднината на својата класа, на својата партија. Тоа значеше уште една обврска за исполнување и на неговите идеали, од него опеваната слобода.



Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива

Македонска тематска архива | марксистичка интернет архива