Коце Солунски

Сведоштва за последните мигови на Рацин


Првпат објавено: „Нова Македонија“, 28, 29, 30 ноември 1974, 11 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2018


Откако фашистите, пустошејќи пред себе, ја открија партизанската база, сонувачот на белите мугри, три утра не проникнуваше во лазењето на маглиштата и три утра не се восхитуваше на млечната белина над Бистра, зашто вештината за географска ориентација му беше скудна, требаше да се сталожи во јасноста, дека сепак се наоѓаат на истата висока почва, каде месечината се раѓа во грмушки, поздравена од лавежот шарпланински, каде штурецот и на зајдисонце не зарипнува, каде партизанската печатница „Гоце Делчев“ ќе ја вреже речта за слободата.

Четвртиот ден поетот се окуражи, со неговата колиба лисна, со неговата печатарска тројка. Желбата негова: техниката да биде „недопирлива точка“ беше повторно обезбедена, но димензиите на поетовото чувство на сигурност ги преразгрна реланите [реалните] размери.

Облаците ја позабрзаа квечерината. Другарите, како и дотогаш го поштедија од потешките и прозаични работи. „Остави нè нас да ги досуредиме машините и да принафрлиме гранки врз колибава, тргај накај базата, ние еве в час тргаме...“ Сега базата беше многу близу не како до пред четири дни. Тргна надолу по мургава виделина. Таму донеле грав од Кленоец. Другарите од базата му рекоа дека од утре и неговата тројка ќе може сама да си вари ене во она тенџере... морате да бидете изолирани и да не бидете изложувани од љубопитни погледи, дека се врткате овде...“ Несопирливата радост го натера Рацина да го земе тенџерето уште веднаш да крене одкаде пред малку пристигна, додека се другарите таму, да ги развесели со утрешниот ручек. Го стисна тенџерето под десната мишка, ја префрли пелерината врз глава за да се заштити од влажните студенила на маглата.

Откако дојде во партизани, се чинеше како да беше откинат од внатрешните конфликти што го раскинуваа долги години и му се оцртуваа како надворешни знаци, го правеа натажено замислен. Сега размислуваше гласно, како ќе ја опева НОБ „особено партизанската печатница“. По совземањето од настанот пред четири дни пак отпочна животот како во првата база со познатиот ред по кого Рацин беше познат како дисциплиниран и исполнителен. Овој пат заборави ли дека „никој не смее да оди кон печатницата ако за тоа не знаат сите тројца...“ или веќе почнаа стиховите да му се пластат во мислите? Тргна поднаведнат како освојувач на непријателски бункер. Во истиот фатален час, бидејќи завршија, тргнаа кон базата неговите другари од печатницата, да вечераат со другарите и со него.

Одеднаш, од грмушките, се појавува поднаведната прилика која им оди во пресрет. Едниот печатар штрекнато и полугласно изговара „Човек!“ Пред тоа не говореа за балистите, но тие им беа присутни во мислите... И оваа база, овој пат и печатницата се откриени... Додека ги прострелуваа овие мисли, другиот залегнувајќи нанишани со пушката и силно викна: „Стој“. Повикот ја распара шумата, се разлеа низ Бистра планина. Човекот на кого е упатен повикот не слуша. Тој, поднаведнат како да крие шмајзер под мишката, продолжува до амбисот... И толку! Орозот е повлечен, истрелот одекна, последниот беспомошен крик на Кочо Рацин е препознат од неговите другари. Во истиот миг пушката е фрлена врз влажната земја. Таа е проколната... проколнати се и сите оружја измислени за убивање луѓе и сите војни... Комунистот, другар на Кочо од 1932 година, со кого во 1940 заедно логоруваа во Ивањица пред завршување на оружениот дел од револуцијата, избезумен од тага ја проколнува војната. Станува совеста потешка од коските... таа безутешно ќе го следи цел живот.

Пред умирање, поетот бара другарска рака за прошка, бара рака топла, цврста, која ќе го оттргне од канџите на смртта... Му ја прифатија повеќе – растреперени, но не можеше да биде повлечен од неповратот...



Сеќавања и написи за животот и делото на Кочо Рацин | Рацинова архива

Македонска тематска архива | марксистичка интернет архива