Првпат објавено: Ѓ. Милошев „Неколку Рацинови ракописи“, „Нов ден“, бр. 9-10, 1946, 72 стр.
Извор: МАНУ, Преглед на архивската граѓа на Кочо Рацин (1908-1943), Бележник I, KR0032-0008.
Техничка обработка: Димитар Апасиев, Здравко Савески
Онлајн верзија: март 2017
Одел Петре со години
аргат пусти по туѓини,
одел, 'ргал, аргатуел
и работел и робувал
по скелиња и палати
и по куќи на богати.
Не спечалил пусти пари
на години млади-стари –
се за други тој работел
се за други тој се потел –
тој што потта му ја зимал
змија в гради му оставил.
Да си умре дошло време,
скрстил раце – фрлил бреме –
по-арно е в земја ладна,
си мислела душа страдна,
не видела живот – в живот
на аргатин мачен скот.
Само змија не умрела,
в гробот гнездо си извила –
луња вее – таја пее,
веда м'ска – таја с'ска.