Кочо Рацин

Драговитските богомили


Напишано: 1938-1940
Прв пат објавено: 1948
Извор: Кочо Рацин „Стихови и проза“, „Култура“, Скопје, 1966, 140-179 стр.
Превод: Јован Д. Костовски, од српски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: февруари 2017


Богомилството е една од најсветлите, најзначајните и најинтересните појави на средновековното минато на Повардарјето. Наспроти официјалното христијанство, што е воведено одозгора, од страна на самите државни главари, и што е пренесено од Византија, со цел идејно да се зацврсти владавината на новата словенска феудална аристократија, богомилството никна од народот, ги зафати најшироките народни маси и во верско-опозициона форма го мобилизира народниот отпор против сè поголемото феудално поробување. По тој начин, отпрвин како верско-опозициона секта, богомилството подоцна се претвори по вистинско социјално-реформаторско народно движење со отворени стремежи за промени на општествениот поредок. Во таа повисока фаза од својот развиток богомилството со своето високоморално сфаќање на средновековните културни проблеми, со својата народна, рационалистичка интерпретација на христијанството, како и со својата беспоштедна критика на сите негативни последици од феудалното устројство на општеството, што настанаа во време на првите симптоми од распаѓањето на феудализмот кај нас — пројави таков порој од необично смели и напредни мисли за својата епоха, што со право го поставуваат во редот на значајните социјално-реформаторски движења во историјата. Веќе cо самото тоа богомилството би требало да се смета и како наше најсветло историско минато, што ги овоплотило нашите најдрагоцени културни традиции и ни оставило едно богато културно наследство.

На тоа наследство наидуваме насекаде во нашиот народен живот. Како „една од најкрупните појави на јужнословенската историја",[1] богомилството со своето учење „ги завладеа срцата на словенските народи на Балканот",[2] „длабоко навлезе во духовниот живот на балканските Словени"[3] и при такви услови „невозможно е да не влијаело силно врз нашиот народен живот, да не оставило подлабоки траги во нашите народни обичаи и преданија, но нашиот богат народен бит".[4] Нашата народна култура, нашиот богат народен фолклор, неисцрпната духовна ризница на нашиот народ низ многу мрачни векови на искушение — повеќе се дело од влијанието на богомилството одошто од влијанието на православјето. Повеќе се во нив одразени немирот и трезноста на богомилството, одошто слепата вера и укоченост на православјето.

Христијанството кај нас отпрвин беше против-народно. Тоа е проповедано како нова вера cо цел да го оправда новото социјално устројство, феудализмот. Тоа доаѓало во судир со сите правни, социјални и морални појави кај народот. Притоа сувата, апстрактна, безживотна догматика на византиското христијанство одвај можеше да го загрее срцето на народот. Само богомилите успеаја со својата жива и народна интерпретација на христијанството да ги всадат во народот своите најдобри човечки традиции, бидејќи на таа интерпретација и самите го изградија своето учење. Само тие можеа да работат на вистинската народна култура, зашто и идеалот им беше длабоко народен, и само таа култура народот можеше да ја прифати, зашто беше навистина негова. Затоа и „богомилството беше народно и се поддржуваше од народот, додека православјето беше туѓо и се поддржуваше особено од вишето свештенство и болјарите."[5] И затоа и културните традиции на богомилите cе наши најубави историски традиции. Има ли во нашето народно минато повозвишена појава, повозвишен идеал и посветла цел но што е богомилската? Колку луѓе и денеска cе напојуваат со него, мислејќи дека се опираат врз најдобрите народни традиции, иако можеби не знаат колку тоа длабоко народно истовремено и суштински е богомилско.

И така, ако средновековната историја на другите народи е исполнета со ек од бојни труби и со пожар и дим од освојувачки војни, средновековната богомилска историја наша целата е во знак на жилава борба за висок општочовечки идеал и целата е осветлена со оган од ломачи, на кои гореле егзалтираните проповедници на највозвишени идеали.

Преку писменоста одовдека е започната културната историја на словенските народи, но само преку богомилите таа историја е вистински народна. Оти, ако писменоста е воведена за тоа со неа да се освети и овековечи средновековната традиција на човекот, ако и со писменоста се сакало да се унизи достоинството на човека да мисли и со неа да може достоинствено да се апологетира „светиот феудален строј" — и пишаниот и живиот, мистично мрачен, но буревеснички дуалистички збор богомилски ги осветли со крвав оган и пустотијата и гнилоста и лагите на таа зандана, велејќи му смело на народот: дека светот на господарите и болјарите е „свет на сотоната" и треба да пропадне, и дека само светот на слободата и еднаквоста на „децата божји" е свет божји, што треба да се извојува.

Во темната средновековна ноќ, во времето на „светата тишина", во часот кога и нашите православци на изгубеното, обесхрабрено и уништено човечко суштество му го закопаа длабоко и разумот и совеста и го урнаа до степен на оној што верува во апсурд (отец Тертулијан: „Верувам дека е апсурдно!"), кога, значи, во служба на волјата на тотално семожниот, врховно-премудриот и месијански себлагиот „единствен творец на небото и земјата", прогласија дека светот е конечен круг, затворен обрач, дека „нема нигде ништо", дека е сè вака „од вјеки вјеков" — сè што било, што ќе биде и што е, и дека амин, дека слепата вера и смирената пофалба на тој апсурд е единствениот спас — во тој час и низ таа ноќ мистично мрачниот дуалистички збор богомилски екна и најмногу возможно човечки и навистина епохално историски.

Да му се рече на светот од „светиот феудален строј" дека „не е создаден од бога", туку „од ѓаволот", дека во него нема „света вистина" туку вечна борба; дека „господарите и болјарите не се поставени од бога" и дека она што го прават, што имаат и што владеат е „од ѓаволско потекло; дека ним човек не треба да им се повинува и да ги почитува и „дека му се мрски на бога оние што им служат и што работат за нив"; дека црквата е установа на лаги, „обитувалиште на ѓавoлот", во која „слепи фарисеи" ја задушуваат вистината на „словото божје", дека човекот не треба да верува, туку да мисли, дека царството божје не треба да се бара на небото туку овдека на земјата; и дека, најпосле, во тој свет на ледена тишина и ноќ што не осамнува туку лежи како сениште врз совеста и разумот, — има смисла човекот да живее, да има висок и совршен идеал – во борба со сето што е од „сотоната и што е од сотонско потекло", но не само во самите нас, туку во прв ред во општеството, во општествениот живот, во општественото устројство, — да се рече сето тоа, иако со матен јазик, но уште тогаш во Средниот век, — зарем не е од она што е најблагородно во духовната ризница на човештвото?

Тоа беше навистина смело и човечно и до колку погубно, до толку и вечно и трајно. Старците од стариот век се беа стаписале. Нивниот обрач беше разбиен, нивната „света тишина" нарушена. Во темните мистични зборови богомилски жуборкаше ненадејно надојдена темна ноќна река; се наслушуваше, вистина уште далечен, но се повеќе животоносен, животорадосен од на новиот век, што се раѓаше од пепел и крв. И залудно беше што Византија и Рим, патријархот и папата, православните попови и католичките прелати, како и сите земни власти, ги напрегнаа панично сите спои сили, не би ли го задушиле тоа морничаво, подземно жуборкање на таа темна надојдена река, што го нарушуваше нивниот мир. Откако вивна заправо како пожар, богомилството од Повардарјето се рашири на сите страни и „го управи својот пламен и кон Запад, предизвикувајќи во цела Јужна Европа оган што можеше да биде угаснат само со реки крв". Потоа следуваа анатеми, „свети" осуди и призиви на „потклекнатиот дух", па ломачи, дим и крв, доминиканци и света Инквизиција, грабежи, пепелишта, палежи на еретични градови и еретички книги, тепање за секој богомилски збор и, најпосле — лаги, огромни и гадни лаги и клевети против светата наука на богомилите. Но токму во Италија и Јужна Франција, каде што по градовите се формираше новиот европски свет, токму тука богомилскиот збор му ја предаде искрата од својот оган на лаченосецот од тој свет, што ќе ја преземе потоа и неговиот наследник. „Богомил е посреден зачетник на онаа жестока борба што се дигна подоцна на Запад против хиерархијата и традициите."[6] Навистина Јан Хус и Томас Минцер го продолжија во 15 и 16 век она што во 10 век е започнато од богомилите...

А тука оделе по бреговите на нашиот Вардар, слегувајќи леко по неговите стрмни брегови, да ги измијат во бистрата вода своите испоснички лица. Нивниот сериозен, совршено мирен, навидум строг, но всушност благ и кроток израз на лицето, оддаваше луѓе од висока култура и голем умствен напор. Но колку беа скромни, смирени и кротки! Во нивните очи сјаеше бескрајна човечка благост. Носеа долги, црни, сосема прости мантии, без никаков украс однадвор, со натакнати ќулавки до образите. И евангелие в рака. Од него никогаш не се разделуваа.

Како се одбиваше од нив сè што беше однадвор украсено и сјајно, а однатре јадро и гнило! Самиот збор им беше благ и горд, и силен и крепок. Но не беа суетни. Знаеја многу, учеа и ги владееја сите знаења светски. Но не беа горопадни со знаењето. Не беа празнословци. Не говореа високи а непотребни и без содржина зборови, не правеа театрални гестови, не подвикуваа со крескав глас. Ја изложуваа вистината. Беа пренапнати од неа. Говореа кротко, смирено, но полно, содржајно, и затоа надахнато. Нивните пламени богомилски зборови беа речно жуборкање што се слева во увото и ги носи и ги освојува умот и срцето.

Како ги мразеа господарите, болјарите, властелините и поповите!

За нив имаа само најдлабок презир, за нивната расипаност само најостар збор, за нивните недела само најтешка оптужба. И кога во текот на проповедта, одухотворени, понесени од внатрешната сила на вистината, ќе светнеа со очите со оган што изгорува, со оган што мрази, што обвинува и пали — ќе блеснеа во тие очи и одблесоци од далечни пожари и огнови што низ векови гoрат и што лачоносци, како и тие што беа, ѝ го предаваат на историјата од колено на колено. Оти знаеја како човечкото пали, оти сеќаваа како тоа носи, и оти ги презираа, понесени така, од височините — далечините и далечните векови што сепак ќе дојдат за луѓето. Што беше огнот на кој ги гореа господарите! Одеа на локачи гордо, со кренати чела, оти знаеја и го учеа тоа — дека тој што ќе умре така, никогаш не умира...

А како ги сакаа отроците, меропсите и народот на себрите!

Знаеја во студената ноќ да го загреат нивното срце, умееја во нивните гради да запалат екстаза на братството, успеваа да разбудат во нив сила и гордост на еднаквоста. Тие им приоѓаа со бескрајна љубов, полни со разбирање за нивните патила, пренапнати со омраза кон нивните господари.

Тие им говореа. Тие им проповедаа. Тие ги учеа. Но не по цркви, не од амвони, не од предикалници. Како ги мразеа лоповите што гордоста на човековиот разум ја сакатеа со вера и молитва. Тие го викаа народот по полјанки, тие му говореа да разбере, да мисли, да не верува и да не слуша.

Тие го повикуваа да се бори.

И одеа така — од село до село, од град до град, од место до место, носејќи го богомилскиот збор. Одеа по светот низ долгата темна, тешка средновековна ноќ, носејќи факли. Огнови. Светлина во ноќта.

А ноќта беше долга, ноќта опсипуваше со мрак и се фаќаше како сињак за душите, за совестите и срцата. Ноќ што не се палеше и од која беше далечна зората. Ноќ низ која можеа да се носат само факли — огнови на богомилските зборови и пламени на ломачите. Ноќ како тесто густа, тешка и крвава. Ноќ на попот Богомил. На Xyc. И на Томас Минцер.

Ноќ на нашите богомили.

Оти загинаа — на крајот од долгата ноќ ги голтнаа ломачи и чад. Ги попалија нивните свети книги, ги скрија веќе да не светат и да не палат. Оставија само анатеми, вандалски победи од кои издива засирена крв. И поруги и клевети и бес и омраза. И„свети" лаги.

Но не ти згаснаа зборовите богомилски.

Тие се тука. И светат.

Оти се неугасливи.

Живеат во народот!

При крајот на IX и во почетокот на Х век се извршија крупни промени во општествената структура на Повардарјето. Во тоа време Повардарјето влегува во составот на моќната феудална држава на бугарскиот цар Симеон. Големиот општествен и културен преврат што настана во животот на Јужните Словени со примањето на христијанството како официјална религија, го достигна во Бугарија под Симеона својот полн расцут. Под Симеона конечно се припои кон бугарската држава областа на некогаш слободниот федеративен сојуз на македонските племиња — Драговитите, Сагудатите, Струмјаните и Брсјаците, позната под името Склавија,[7] и со христијанството се воведе и во неа бугарскиот феудален систем. Со воведувањето на овој систем настапи и во таа област цел економски и културен преврат.

Суштината на тој преврат беше во сè поголемото претворање на земјиштето од колективен посед на слободните старословенски задруги во крупен феудален посед. Огромни комплекси обработливо земјиште, реки, езера, патишта итн. преминаа со царска повелба во приватен посед на новонастанатото племство — бoлјарите и властелата. Беше уништувана економската подлога на старословенската задруга и оборена самоуправната политичка моќ. Целата управа ја раководеше царот со повластеното племство, што настана од редовите на царевите роднини, преданите племенски и виши чиновници на државата. Општеството се подели на две класи: класата на феудалците, што ја поседуваа земјата и имаа право да се здобиваат со богатства и да ја држат политичката и воената власт, и класата на себрите, простиот народ, што немаше никакво влијание врз државната управа и беше во полна економска и политичка зависност од племството.

Отпрвин, додека стопанството имаше уште натурален карактер, положбата на селаните по благородничките поседи беше донекаде снослива. Тогаш благородништвото ги подмируваше своите потреби главно од производите на селанскиот труд. За отстапената парцела земја, што ја обработуваше за себе, селанецот беше обврзан да работа бесплатно по неколку дена во неделата на властелиновиот имот и да врши уште некои помали должности. Но со сè поголемиот растеж на непродуктивната феудална класа, растеа и нејзините потреби, што не можеа веќе да бидат подмирени со производите од селанскиот труд. Притоа благородништвото водеше непрестајни војни и непрестајно трошеше околу тоа. Со засилувањето на државната власт, што организираше големи воени походи, растеа, исто така, и нејзините потреби и во врска со тоа и нејзините намети. Рамките на натуралното стопанство беа заради тоа претесни да го овозможат посилниот процес на создавањето богатства за благородничките и државните потреби. Во него мораше да се изврши поделба на работата, одделни дејности да се специјализираат во занаети, потоа извесни продукти што не ги создаваше селското стопанство да се набавуваат од други места, што сè имаше за последица развивање на трговскиот промет на добрата и подигање до степенот на парично стопанство.

А, меѓутоа, сето тоа ја влоши во голема мерка положбата на селанецот. Бидејќи властелинот можеше во неограничена мерка да ги менува градските производи за селските, односно во неограничена мерка да ги продава селските производи за готови пари, тој го засили степенот на експлоатацијата над своите потчинети селани. Сега властелинот одземаше некаде по половина, а некаде и преку тоа од приносите од земјата што ја обработуваа селаните. А некаде се ишло дотаму, што тие се претвораат во сосема зависни отроци, т. е. во робови што ги обработуваа впастелинските имоти без никаков надомест. Овој правец во развитокот на бугарскиот феудален посед беше зел особено голем замав во првата половина на Х век, кога започна создавањето на поседи не само со царска повелба или со благородничко наследство, туку и по парично богатство.[8]

Но духовен организатор на превратот беше христијанската црква. Оти, „напоредно со христијанството беа воведени социјални установи и нови правни и социјални поими."[9] Црквата го организира феудалното устројство во првите балкански словенски држави, во што наоѓа смисла покрстувањето на Словените од страна на самите државни главари. Црквата ги потиска старословенските верувања и многубошката религија, за да воведе еднобоштво и нови државни поими. Тоа беа правните и моралните возгледи на христијанството од времето на Византија, кога христијанството наполно беше преправено спрема идеолошките потреби на феудализмот. „Затоа настана најголема промена токму во областа на правото, бидејќи верата и законот беа синоними. Христијанството беше примано не само како нова вера, туку и како нов закон, а свештениците беа не само служители на бога, туку и вистински правници."[10] Книжевната дејност на браќата Кирил и Методија што ја составија словенската азбука, како и дејноста на нивните ученици, целата беше во знак на превод, од грчки на словенски јазик, на црковни и световноправни книги на закони, што им беа најнеопходни прирачници на организаторите на новото устројство. Така Методија го превел лично „Номоканон" (Крмчија),[11] еден сосема световноправен образец на византискиот феудализам. Исто така по заповед од Свети Сава за потребите на српската држава се преведе „Номоканон" на Зонара, а цар Симеон лично го испратил Климента Охридски со специјална мисија во новоосвоените краишта на југозападна Македонија.[12]

Туку, црквата беше официјален толкувач на христијанската религија, a религијата во Средниот век беше врховна мудрост, што ги вклучуваше во себе сите филозофски, моралноправни и општествени знаења. Разбирливо е, значи, што на црквата и е дадена една од најголемите, најважните и најделикатните улоги при превоспитувањето на стариот и формирањето на новиот свет. Самите црковни поглавари често беа од владеачката куќа (Свети Сава) или пак нејзини најпредани и најспособни луѓе. Отаде е разбирливо и безграничното внимание и наклоност на самите државни поглавари спрема црквата. По нивна иницијатива и со нивна помош се подигнаа многу великолепни цркви со раскошни иконостаси и иконопис, многубројни манастири, пространи манастирски згради, училишта за свештеничкиот и калуѓерскиот ред итн. На црквите и манастирите им се даваат скапоцени подароци во злато и сребро, тие се субвенционираат и уживаат особени привилегии. Со посебни повелби на црквите и манастирите им cе завештуваат во приватен посед ништо помали поседи одошто беа поседите на најмоќните велможи, што притоа уште и постојано растеа и беа ослободени од сите намети, така што христијанската црква во првата половина на Х век стана покрај благородништвото најкрупен феудален поседник во бугарската држава.[13]

По тој начин, значи, општествениот преврат во Повардарјето, што е започнат со воведувањето на христијанството како официјална религија и феудализмот како владеачки систем на производството и општествените односи, во првата половина на Х век доведе до мошне остра класна поделба на општеството и до крајно заострени класни спротивности. Засилувањето на крупниот посед не беше запрено и процесот на осиромашување и обездомување на голем број од селското население беше неминовна последица.

Но од гледиштето на општествениот развиток, превратот што го изврши феудализмот беше историска неминовност. Како неопходна економско-социјална формација за развитокот на производните сили на општеството, феудализмот мораше да се развива и притоа да внесе и позитивни придонеси во општествениот развиток.

Феудализмот ги разби тесните рамки на племенското натурално стопанство, разви нови производни сили и го подигна општественото производство на повисок степен. Истовремено, со воведувањето на паричното стопанство, со формирањето на градови и со развитокот на трговијата, во условите на засилена експлоатација над селанството, од чии редови се формираше граѓанството и модерниот пролетаријат, феудализмот ги разви и своите противречни сили, што во понатамошната историска перспектива ќе доведат до негово распаѓање и раѓање на нова општествена формација.

Исто така и христијанската црква, како идеен организатор на феудализмот, беше историски прогресивна појава. Таа го подигна степенот на општата народна култура, преку писменоста rи воведе словенските народи во редот на другите културни народи и ги запозна Словените со најголемата култура од она време, со византиската култура. Така црквата го обогати духовниот живот на народот и предизвика духовни струења што го следеа текот на општествениот развиток, како и една од најсветлите појави во историјата на македонските Словени — богомилството.

Вистина, во историјата досега не е забележан праволиниски и рамномерен развиток на ниедна општествена формација. Суштествено обусловен од растежот и борбата на нејзините внатрешни спротивности, што единствено и го „водат напред" — развитокот на секоја општествена формација во зависност од различните конкретно-историски, географски, општествени, класни, политички, идејнo-културни и други околности, бележи редовно не права линија туку кривулица. Луѓето се сами творци на својата историја, макар што историјата се развива по своите сопствени закони. Меѓу тие закони човечката дејност не постои непремостлив јаз, но ни истоветност. Тој заемен однос меѓу историските закони и дејноста на луѓето станува дијалектички обусловен, оти нема историја без луѓе ниту луѓе, во историска смисла на зборот, без историја. 3аради тоа и човечката дејност во форма на политичка, култура и друга дејност влијае врз историскиот развиток во обата правца, т. е. прогресивно и конзервативно. Извесни политички уредби, закони, степенот и развитокот на општествените борби — сето тоа, конечно влијае врз историскиот развиток внатре во неговите спротивни сили, поради што и доаѓа до познатите историски кривулици.

И развитокот на средновековниот бугарски феудализам бележи една таква кривулица, во условите на која можеше да се појави едно такво движење, како што беше богомилското.

Рамномерниот развиток на феудализмот би требало да ја одржува таканаречената општествена рамнотежа т. е. извесни „стихијни" сили во него да не преземат замав, што би му дало спротивен правец на развитокот против самата негова матица. Таква рамнотежа во општество со класна поделба, меѓутоа, не може да има и затоа во различни услови и во сите општествени формации со класна поделба на општеството, тие „стихијни" сили добиваат различни видови и правци.

За развитокот на бугарскиот феудализам во првата половина на Х век е типично слабнењето на централната државна власт и неспособноста да им се противстави на таквите „стихијни" сили, што почнаа да се развиваат во процесот на развитокот на крупниот посед. Локалното благородништво, црквата, крупните поседници од редовите на државната администрација и оние што купуваа поседи за пари, непречено продолжија со грабењето земја од слободните и полуслободните селани и ги претворуваа во феудално робје. Додека во исто време византиските владари со законски мерки го заштитуваат ситниот посед од претераното нафрлање на велепоседниците, свесни дека со тоа се губи рамнотежата на феудалното општество и се поткопуваат неговите темели, дотогаш „во Бугарија не беа преземани никакви мерки за заштита на малите поседници од нафрлањата на богаташите и болјарите, затоа што последниве, заедно со свештенството, беа најјака поддршка на цар Петар и неговата влада".[14] На тој начин маса селани беа истерани од земјата и од своите куќи и препуштени на страшната судбина на средновековниот пролетаријат. И без ништо никаде, обесправена во државата, оваа маса со секој ден растеше се повеќе и талкаше околу населбите, манастирите и градовите, што во својата типична неразвиеност не можеа да ја апсорбираат како што го прават тоа градовите на модерното капиталистичко општество. Она насилно терање на селаните од земјата не беше, значи, со ништо спречувано и немаше никакви интервенции од државната власт во тој поглед. (Свесен за опасноста од ваквата појава, законодавецот на Душановиот законик со специјален параграф забранува самоволно одење на селаните од земјата). Заради тоа социјалното незадоволство растеше со секој ден и добиваше свој стихиен вид.

На тој процес не можеше да му се спротивстави ни црквата, макар што таа по својот позив и авторитет беше најмногу повикана за тоа. Наспроти тоа, црквата во својство на крупен феудален поседник само уште повеќе го забрза процесот на осиромашувањето на селаните, а и самата како таква доста придонесе за општествено-моралната криза во државата. Лакомоста и алчноста на црковните отци за грабење земја и претворување на селаните во отроци и парици нарасна до нечуена мерка. Токму самите цркви и манастири претставуваа угледни установи на средновековните латифундии, на кои „со божја помош" царуваше грозна експлоатација на подвластеното робје. Црквата немаше веќе никаков морален авторитет, оти „манастирите, црквите и епископствата по првата половина на Х век станаа најкрупни земјопоседници", но исто така и расадници на најнеморален живот, за што ни сведочи самиот жесток изобличител на богомилите презвитерот Козма, оти „тие богомилите — проповедаа одземање на црковните и манастирските имоти".[15]

И така, значи, социјалното незадоволство што секој ден растеше, ја полнеше атмосферата на општествениот живот со еруптивни елементи, та изгледаше дека мора да дојде до општествен судир.

Но сите општествени судири, пред да настанат, мораа да се извршат најпрвин како идеолошки судир. Пред тоа, во главите на луѓето што се единствени реални носители на тие судири, мора да се развие класна идеолошка свест. На еден пол од општеството треба да се изгради таква општествена свест, што е кадарна да ѝ се противстави на општествената свест од другиот пол. На класната поделба на општеството ѝ следува идеолошката поделба на луѓето.

Но во општите културно-историски услови на Средниот век, за развиток на општествена свест, во модерното значење на тој збор, не можеше да има ни говор. Општествена свест мораше да се формира единствено во рамките на религиозните погледи на светот. Религијата го олицетворуваше целиот средновековен поглед на светот, и во времето на класната поделба на општеството, феудалната класа ја изгради својата идеологија, својот сопствен поглед на светот — во облик на византиското христијанство. Таа своја идеологија таа после ја заведе како владеачка, како единствена идеологија. Од општите религиозни погледи на своето време, феудалната класа, значи, од своето класно становиште ги зеде и ги разработи оние елементи, што одговараа на нејзините класни интереси. И класата противставена на феудалната, мораше во тие услови да тргне по истиот пат и при формирањето на својата идеологија да ги разработи оние елементи од општите религиозни погледи, што феудалната класа поради класните интереси не можеше да ги разработи.

Но класата што беше законски наследник на феудалното општество, што требаше со својата идеологија да застапува едно спротивно, но подобро и во историскиот развиток нужно и напредно општествено устројство — таа класа беше граѓанството. Ликвидацијата на благородништвото, укинувањето на феудалниот посед и феудалниот јарем и воспоставувањето на „природните закони" во општеството и државните односи — требаше да биде предводено и организирано од градовите.

Меѓутоа, за граѓанството и неговата политичка улога во првата половина на Х век одвај можеше да има и збор. Слабо, неразвиено, ниту идејно ниту бројно, тоа и не помислуваше да се стави на чело на народното незадоволство. Вистина, во „Синодикот на цар Борил", од водачите на кои е фрлена анатема заради ширење на богомилството, се спомнува и „Добре, ковач од Трново“,[16] но секако само како поединечен случај. Во својот прв стадиум на развитокот граѓанството можеше да ги прифати богомилските погледи за својата идеологија, но не веќе како социјално-реформаторски погледи, туку како верско-опозициони.

И еве, затоа на чело на народното незадоволство застана со својата идеологија класата „што стоеше сосема надвор од дотогашниот службен однос", што немаше ни привилегии ни сопственост, та затоа ни товар на тешки намети како селанството, чии животни услови не доаѓаа директно во допир со постојните институции, од кои беше сосема игнорирана, а која за својот општествен идеал мораше „макар и по мечтата да ги пречекори границите на модерното граѓанско општество, кое тукушто се разбудуваше и насилно да го антиципира комунизмот“[17] — како што беше случајот кај Т. Минцер во германските селански војни во XV и XVI век. Таа класа беше средновековниот пролетаријат.

Зошто идеологијата на оваа класа можеше да ѝ биде противставена на идеологијата на феудалната класа?

Затоа што лежеше на оние елементи од религиозната општествена свест што ја негираа класната вистина на феудалната идеологија.

Како особена, од историскиот развиток обусловена општествена свест, и религијата и покрај своите фантастичко-митски претстави, во извесна мерка, сепак го одразува на својствен начин објективното општествено суштество. Тоа ќе рече дека таа свест не е чиста измислица, туку дека содржи и извесни елементи на објективната вистина, иако се тие обвиткани со мистицизам, и дека такви елементи на вистината, како внатрешни логични спротивности, можат во извесни случаи да „водат напред", т. е. кон поголемо сознавање на објективната вистина. Таквите „урнувачки" но истовремено и прогресивни елементи, прогресивни затоа што „урнувајќи" водеа кон развитокот на една друга идеологија, противна на феудалната, беа претежни во верско-опозиционите погледи на извесни малоазиски прахристијански еретични секти, во чии уверенија се одразуваше на својствен начин идеологијата на средновековниот пролетаријат, кои христијанската црква ги гонеше на безмилосен начин.[18]

Зошто црквата ги гонеше овие секти?

Мораме на тоа малку повеќе да се задржиме, оти на тој начин ќе ја сфатиме една од внатрешните и битните причини за појавата на богомилството и како верско-опозициона ерес и како општественo-реформаторско движење.

Црквата ти гонеше овие секти наводно од името на својот пастирски позив, од името на спасот на душата на своите верници од грешните ереси, на кон беше фрлена анатема, поради кривото толкување на верата. Таа го правеше тоа од името на светоста и неповредливоста на своите верски догми, на кои им придаваше више, божествено потекло. Во суштината, меѓутоа, зад светлоста и божественоста на црковните догми се криеше светоста и неповредливоста на владеачките феудални односи и тука црквата ја земаше одговорната улога на чувар на устројството. Најопасен непријател на црковните догми беа ересите што за основа на своето учење го земаа теолошкиот дуализам.

Самата црква за основа на своето учење го земаше теолошкиот монотеизам — основен принцип, според кој светот и сè што постои во него е создадено од еден бог што владее со светот исто онака како што со феудалната држава управува царот. И како што за царевиот авторитет беше потребно уверение дека тој во своите владеачки работи се управува од принципот на големата љубов и добро спрема својот народ, и за бога беше речено дека во моментот од принципот на љубов, добрина, правичност и врховна мудрост. Врз основа на тоа настана христијанската наука, според која сето она што го создал бог во светот, односно во природата, општеството, исто така е добро, умно и мудро, та според тоа е за почитување.

За да им го открие тоа на луѓето, спрема кои има голема љубов, бог преку Мојсија, пророците, книгите на стариот и новиот завет, им даде закони, според кои треба да се управуваат во својот живот, за да добијат по својата смрт право на вечен живот во рајот. На тие книги им се припишуваше, значи, божествено потекло и како единствен нивни исправен толкувач се сметаше самата црква. И, се разбира, раководејќи се од таквиот основен теолошки принцип, црквата во свое време како официјална установа на христијанската вера лесно ги прогласи и сите феудални установи како дадени од бога и со тоа стана официјална идеологија на феудализмот. Притоа таа особено се повикуваше на извесни места од книгите на пророците и стариот завет, исклучиво за таа цел приклучени кон светите христијански книги, што првобитно се состоеја од книгите на новиот завет и житијата на апостолите. По тој начин црквата мораше да преземе врховна улога над човечките мисли и чувства што можеа да се бунат против неправдите на овој свет. Таа ги балсамираше со уверението дека феудалниот свет е устроен од бога, дека сè во него е умно и мудро и дека луѓето не треба да мислат на земските уживања, што им ги ускратува таквото општествено устројство, што треба да бидат послушни и да трпат и по тој пат да задобијат небесен живот.

Сосема спротивно од тоа беше учењето на дуализмот. Тоа беше учење на немирен, несталожен дух, што не можеше никогаш да најде мир и врз кој не можеше ништо да се изгради — токму како што во овие историски услови беше немирна и уште неоформена класата што ги усвојуваше принципите на теолошкиот дуализам. Според теолошкиот дуализам, со светот владее двојство — принципот на создавањето и урнувањето, на доброто и злото. Веќе со самото посматрање на природата, луѓето доаѓале до заклучок дека во природата владеат противставени стихии и дека таа поради тоа е „несовршена" и создадена од друг принцип. Вистина, различни дуалистички секти, на кои заедничката татковина им e древниот Иран, веќе според условите, различно го толкувале теолошкиот дуализам, но сите се сложувале во тоа дека материјалниот и видливиот свет е создаден од „нечиста" сила, од ѓаволот, та затоа препорачувале аскеза и избегнување од уживања на материјалниот свет. И дотука, се разбира, црквата не би имала богзнае што против таквиот еретички став. Црквата и сама препорачуваше аскеза како средство за излекување од „напаста на нечестивиот", но целата работа ќе се изменеше од основа кога теолошкиот дуализам ќе се развиваше до крај. Тогаш и поседувањето на материјални добра и богатства во материјалниот свет ќе го загубеше ореолот на светост, во кој го обвиваше црквата, та сите општествени установи што се во врска со поседувањето и здобивањето на тие добра — би отишле по ѓаволите. Црквата тука беше погодена во своето најосетливо место и мораше безобѕирно да се брани. Но ваквите учења стануваа особено опасни во средината на силно социјално диференцирање и во атмосферата на отворени класни судрувања, како што беше и во бугарското општество во првата половина ка Х век. Оваа друга страна на теолошкиот дуализам ја развиваа, најпосле, низ целиот Среден век скоро сите прогресивни движења против феудализмот затоа што тогаш, како што вели Енгелс, „сите револуционерни, општествени и политички доктрини, мораа претежно да бидат теолошко кривоверство. Ако се сакаше да се засегнат тогашните општествени односи, мораше да им се симне ореолот на светостa.[19]

Појавата на првите верскo-опозициони ереси на Балканот се бележи со идењето на ерменски и сириски колонисти, што од политички причини, како опасни и непоправливи еретици, ги населуваа на крајните северозападни граници од својата држава извесни византиски владари. Така, на пример, византискиот хроничар од тоа време Георги Амартол за првпат спомнува вакви еретици и вели дека во првата половина на IХ век имале повеќе свои еретички општини во југозападна Македонија околу Костур.[20] Најпосле и имињата на некои денешни села, како на пример Ерменово, Ерменско, Ерменохор во Леринска околија, говорат за тие нивни староседелци од Ерменија. Тоа е секако еден мошне значаен факт, затоа што околу тие места беше областа населена со племето Драговити, а Драговитската богомилска општина се сметаше и денеска се смета како најстара и како матица на сите други богомилски општини на Балканот и во други земји.[21]

Нема сомнение, значи, дека сирискo-ерменските еретици ја продолжиле својата дејност и во новата татковина го запознале со своето учење и словенското население. Амартол ги наречува овие еретици павлиќани, како што и тие се наречувале себеси по името на основувачот на нивната секта, Павле Самосадски, од Самосад во Ерменија. Павлиќанската ерес беше по суштина продолжение на поранешната манихејска ерес. Обете овие ереси го имаа теолошкиот дуализам за основа на своите верски погледи, а павлиќанството беше дури во некој вид реформирано христијанство. Од него нашето богомилство зајмило многу од своите погледи.

По тој начин семето на дуализмот, фрлено на Балканот уште многу порано, во бурните општествени услови во текот на првата половина на Х век, мораше да роди свој плод. Вистина, таа претставуваше и пред тоа опасност за црквата и современикот на цар Симеон, Јоан Егзарх, ги напаѓа во своите дела „гнасните еретици што не се срамат да го сметаат Сатанаил за постар свој бог". Но сè до појавата на крупните промени во бугарската општествена структура, промени што ти заострија класните спротивности и ги предизвикаа првите симптоми на гниење на феудализмот — дуалистичките учења не претставуваа некоја особена опасност.

Но кога масите од обесправени, обездомени и пролетаризирани селани беа исфрлени од општествениот строј и препуштени на својата страшна судбина, кога селанството на благородничките и црковните поседи стенкаше под жестокиот товар на безочната експлоатација, а душегрижниците и душеспасителите, вовлечени и самите во виорот на тоа „ѓаволско оро", и натаму како „слепи фарисеи" продолжуваа со благословувањето на црквата, болјарите, и со фалењето на премудриот бог што самиот го создал овој свет — едно ново учење, што му се противстави на учењето на официјалната црква, што им ги откупуваше на обесправените маси нивните нечуени патила и ги озари нивните души со надеж на едно поправедно општествено устројство, стана мошне опасно за црквата и јавниот поредок, дека се истакна како идеолошки предводник на народното незадоволство.

Тоа ново учење беше богомилството.

Богомилството го усвои манихејскиот и павлиќанскиот теолошки дуализам, но го отфрли неговиот секташки вид. Тоа до крајни граници ги разви „урнувачките" елементи на дуализмот, применувајќи го на општественото поле и извлекувајќи од тоа необично смели погледи, со кои наполно го измени видот на поранешните дуалистички учења. Ревносен проповедник и генијален основувач на тоа ново учење „во времето на правоверниот цар Петар попот Богомил, навистина пак богу немил, дека прв почна да учи ерес во земјата... "[22] Следбениците на попот Богомил се викаа во негова чест богомили.

Попот Богомил бил несомнено интелигентна и несекојдневна личност во своето време. Неговото звање го означува како припадник на нижето свештенство, кој токму затоа останал најблизок до народот. Иако по чин обичен поп, Богомил морал да биде многу културен и образован човек на своето време, кога можел не само да навлезе во суштината на тогашните световно-теолошки проблеми, туку и да ги преработи и подигне на повисока степен. Со своето дело и со својата појава тој по сè потсетува на крупните историски личности, верски реформатори како што беа Јан Хус, Томас Минцер, само со таа разлика што со своето учење им претходни за цели неколку векови. Според тоа, неговото верско-социјално реформаторско учење му прави секоја чест, иако поради своите специфични историски околности не уроди со некој особен плод, освен што остави видни траги во нашиот народен бит и предизвика понатамошен бран од верскo-реформатoрски движења низ целиот Среден век.

Современото запознавање на науката на попот Богомил многу го попречува недостигот на автентични богомилски извори, бидејќи во времето на прогоните на богомилите скоро сите нивни книги се палени и уништувани, за што постојат и историски податоци. Нешто повеќе податоци за нивните теолошки и космогенични погледи има во нивната „Тајна книга", што во препис е најдена во Каркасонската инквизиторска архива, потоа во извесни апокрифни ракописи, каде што ги чувале или пишувале калуѓери-богомили, потоа во цела низа народни приказни и легенди за создавањето на светот — од кои еден дел има собрано и издадено проф. Ј. Иванов.[23] Друг и поважен дел податоци за богомилското учење се наоѓа во против-богомилските книги што ги пишуваа противниците на богомилите, за да го одвратат народот од „пагубното" учење. Меѓу нив e најважна „Беседата против еретиците"[24] од бугарскиот Презвитер Козма, потоа списот на Е. Зигавин против богомилите, историскиот документ за прогоните на богомилите — ,,Синодикот на цар Борил", донесен на црковниот собор во Трново во 1211 година.[25] „Писмото од константинополскиот патријарх Теофилакт до бугарскиот цар Петар"[26] итн. За дејноста на катарите и патарените, следбеници на нашите богомили во Северна Италија и Јужна Франција, пишувал нивниот приврженик и подоцнежен ренегат Reinerius Sacchoni (Тheѕаuruѕ novus anecdotorum, vol. V), како и многубројни инквизиторски и други писатели, што ги има собрано и објавено Ј. Делинreр.*

Од сите овие документи може да се констатира непобитниот факт за историската појава и дејноста на богомилите, но најмногу светлина врз нивните верски и социјални погледи фрла Козмината „Беседа", која наедно е и најдобар извор за проучување на богомилското движење. Еден одличен познавач на овој средно-вековен писмен споменик за дејноста на богомилите М. Г. Попруженко, во своето најново издание на Козмината „Беседа“[27] ги приклучи кон оригиналниот текст и своите драгоцени коментари и објасненија, што фрлаат полна светлина врз ова дело и неговиот автор. Попруженко го означува презвитерот Козма како мошне буден, образован и мошне начитан средновековен писател, „во чие дело се одразија идеите и мислите на цел еден период во животот на бугарската држава."[28] Загрижен за опасноста и погибелноста на црквата и феудалниот поредок што го застрашуваа од богомилите, Козма мораше точка по точка да ги развива и критикува нивните погледи, та на тој начин запази за нас и материјал за нивното современо проучување.

Ако фрлиме, во светлината на сите овие податоци, еден поглед на богомилското учење, ни паѓа веднаш в очи дека тоа е една мистична и темна наука, проникната со многу смели и оригинални рационалистички погледи. За својата космогонија, т.е. за легендата за создавањето и судбината на светот, богомилството многу зајмило од манихејците и павлиќаните. Таа космогонија се засновува врз сфаќањето дека светот отсекогаш го владееле два противпоставени принципи — на светлината и мракот, на доброто и злото, на бога и ѓаволот. Овие принципи, често симболично персонифицирани како личности, учествувале еднакво при создавањето на вселената и на нашиот свет. Затоа во нив има толку противставени појави и вечна борба. Бог или принципот на светлината и доброто има свој свет на „совршенство" зад сферата на нашиот видлив свет. Нашиот свет на човекот и сите видливи нешта на земјата ги создал „божјиот одметник Сатанаил" (ѓаволот), но тој не можел да создаде живот, та така душата на сите живи нешта и душата (свеста) во човекот ја вдахнал бог. Според тоа, „искра" на божество се наоѓа во нас, во нашиот разум, и ние имаме да се управуваме според неа, а не според влијанието на земските (ѓаволовите) нешта, ако би сакале да постигнеме „совршен живот".

Во ваквото толкување за постанокот на светот богомилското учење внесе повеќе рационалистички елементи и го поврза со животот на својата средина. Богомилскиот „Бог" и „Сатанаил" повеќе се симболички претставени општи филозофски принципи одошто теолошки личности од христијанската митологија. Богомилите не признаваа никаков задгробен живот ниту некое царство божје, со рај за праведниците и пекол за грешниците. Тие учеа дека нема никакво воскреснување на телото, бидејќи телото е земна материја. Свеста или духовниот живот на човека исто така по распаѓањето на телото не живее засебно. Свеста — ,,искрата божја", во најдобар случај по смртта на човекот му се придружува на својот „извор", на „царството на светлината". Но во тоа матно толкување тие условија повеќе јасност со примерот на Христа. Според богомилите, Христос не бил никакво неземно суштество, ами обичен човек, во кого се овоплотила вистината. Заради тоа Евреите го убиле на крст и она што се тврди дека воскрснало по неговата смрт, всушност е „живото слово на вистината", кое и по таа смрт живее во нас, т.е. „воскрснало". Богомилите според тоа решително го одбиле верувањето дека има живот по смртта и го свртиле својот поглед кон постигнување „совршен" и „вистински" живот овдека на земјата.

Слободни од верата дека овој свет е создаден од бога, свесни дека во него не владее „божји" ред, тие си поставија себе за цел да го преуредат според „вистината божја". Многу појави од социјалниот и духовниот живот сестрано ги занимаваа и многу кобно заплеткани проблеми им ја мачеа душата. Нескладот помеѓу она што го проповедаше црквата и она што владееше во стварноста ги принуди да ја побараат таа вистина надвор од науката на официјалната црква. Тие со бол го гледаа страдањето на народот под јаремот на незаситните господари и не можеа да се помират со гледиштето на црквата, која учеше дека „властите и болјарите се поставени од бога". Потеклото на моќта, господарството и богатството на силниците, тие сметаа дека не може да биде по волјата на вистинскиот бог, зашто раскошот, блесокот, разузданоста и расипаноста на нивните дворци предизвика сеќавање на световите што „бог ги уништил со гром". Учителот од Назарет проповедаше братство и еднаквост на сите луѓе. Тоа беше „глас божји". А она што го проповедаше официјалната црква, потсетуваше на местата од книгите на стариот завет, против кои беше наперено неговото слово.

И така богомилите, раководени од својата смела и надахната мисла, но и ограничени од историскиот степен на знаењето и развитокот на општествената свест, кои објективната свест и општественото суштество го одразуваа во мистично-религиозна форма, преку методот на својот теолошки дуализам дојдоа до сознание дека и во самата христијанска наука постои двојство: тие заклучија дека сите старозаветни книги и Мојсиевиот закон са „задахнати со сотoнски дух", а дека само Евангелието е право слово на вистината. Но тие и Евангелието го толкуваа слободно, рационалистички, чистејќи го од сите примеси на „сотонскиот дух". Така и тоа во нивните раце испадна обичен филозофско-етички трактат — ,,божествена наука" за постигање совршен живот на земјата.

Но на нивната смела и будна мисла не ѝ избега пред видот крупниот општествен факт — дека за таков живот постојат непремостливи пречки во тогашното општествено устројство. И тука нивната доследно развиена дуалистичка мисла ги одведе до крај: богомилите дојдоа до убеденост дека заправо „од бога дадениот“ свет феудален строј е „надахнат од сотоната", дека е „неразумен" и дека „во името на словото божје во Христа", треба да го снема. Така тие на феудалниот строј му го „симнаа ореолот на светост” и во името на бога му објавија света војна. Со тоа следбениците на попот Богомил, во светлината на „чистата евангeлиска вистина", поревносно но кога и да е почнаа да го проповедаат својот „насилно антиципиран" идеал за општественото устројство — општеството на еднаквост и братство на класата „надвор од тогашниот службен однос на општеството" — средновековниот пролетаријат и пролетаризираното селанство.

И така: истакнување на борбата наместо верата во апсурд; објава на разумот за единствена вистинска врска со бога и совршениот свет наместо посредничката улога на црквата, која е „потоната во сотонизам"; потреба луѓето да се управуваат по разумот, а не по црковните книги што се „надахнати со сотонски дух" и, најпосле, излишност и отфрлање на секое знаење што би било во спротивност со разумот — беа основните изводи до кои дојдоа богомилите со примена на теолошкиот дуализам.

Меѓутоа, сосема е разбирливо дека овој разум, таксиран дури и како „божествен", не можеше да биде некоја и непроменлива категорија, туку реална содржина на знаењето и свеста на својата епоха. Но во времињата кога разумот е сосема одречуван, кога владеачката идеологија, со намера да го овековечи економскиот систем што постоеше, ја истакнуваше наместо разумот слепата вера во „светоста и неповредливоста на своите догми — разумот беше тој што ги разголуваше нејзините општествени невистини и стануваше моќно идеолошко орудие во рацете на угнетената класа. Оттаму е сосема разбирливо што богомилите, во поглед на општественото устројство, ја најдоа содржината на разумот во Евангелието. Но патот по кој тргнаа тие, ги одведе многу подалеку нивните следбеници во западноевропските земји — да се сетиме само како се повикуваа токму на разумот идеолозите на граѓанството во борбата против феудалното устројство во тие земји. Богомилите беа, значи, нивни претходници.

Тргнувајќи од евангелискиот разум, богомилите им објавија војна на сите свети книги на официјалната црква. Тие ги толкуваа „светите вистини" толку слободно, што предизвикаа счудоневиденост кај оние што врз нивната таинственост го засновуваа своето господство. „Кој збор од светите книги тие не го превртија?" — се жали ревносниот заштитник на официјалната црква, презвитерот Козма. — ,,Што ли уште не подложија на ругање на овој свет, уреден од Бога? ... И не му се ругаат само на земното, туку и на небеското, оти велат: „Сè што постои е ѓаволско"... Хулат на преданијата и наредбите од светата црква и каде што ќе видат прост човек, тука сеат какол од својата наука ..."

Но богомилите беа особено огорчени на такви слуги божји што ги наречуваа „слепи фарисери", затоа што свештенството им беше најјака поддршка на болјарите и властелините а и самото поседуваше големи имоти. Богомилите проповедаа да им се одземат тие имоти. Тие беа против црковната хиерархија, а самите цркви и манастири ги сметаа за „обитувалишта на ѓаволот". Богомилите беа против „панаѓурскиот" церемонијал во црквите, сметајќи дека словото божје, што се предава таму, треба да дејствува врз разумот, а не тој да се убива со вештачки церемонијал и да ѝ прави место на слепата вера. Тие беа против иконите што ги наречуваа „ишарени штици", дека тие не можат да го олицетворуваат „живото слово" на следбениците божји. Почитувањето на крстот го сметаа за ѓаволска шега. „Кога можеме да го почитуваме крстот, кога Евреите на него го убија човекот што го ширеше словото на вистината?" — зборуваа тие. Богомилите сметаа дека таа ѓаволска направа не треба да биде почитувана и дека спаѓа во приборот на „панаѓурскиот" церемонијал, со кој се задушуваше „словото на вистината". За причесната говореа дека е „проста храна" а никако тело Христово. Сметаа дека Христос на тајната вечера" им приредил на своите ученици проштална гозба, која нема ништо таинствено. Богомилите енергично отфрлаа дека Христос правел какви и да е чуда, сметајќи ги за измислици и „ѓаволски" измами за да се „засени неукиот свет".

Богомилите имаа за Христа една необична почит, но во неговата појава не гледаа нешто таинствено. Тие побиваа дека тој е син божји, роден од „духот свети" преку девојка. Сето тоа тие го сметаа за ѓаволски опсени и говореа дека нема никаква „Богородица", никакво раѓање на „синот божји". Христос бил всушност обичен човек и бил убиен од Евреите поради ширењето на вистинската наука. Тој не воскреснал од мртвите, туку воскреснала неговата наука. А она што го пишувале пророците за него, е обична измислица „под влијанието на нечестивиот".

Својот рационалистички метод во толкувањето на Христовата појава богомилите го применуваа толку безобѕирно, што кај своите противници предизвикуваа просто ужасување.

Но сите напади врз црквата и нејзината наука ја добија својата смисла како напади врз официјалниот економски поредок. Црквата беше само правен толкувач на тој поредок. Нападите на едни државно-правни одредби беа напади на тој поредок.

Самите богомили не се сметаа себе за еретици туку за доследни христијани. Нивниот идеал беше едно такво општествено уредување, во кое ќе владее потполна еднаквост на сите негови членови, чии права се еднакви и сите имаат заедничка сопственост.

Меѓутоа, сето тоа доаѓаше во судир со социјалните и правните погледи на црквата. Тие погледи провејуваа од книгите на стариот завет и Мојсиевиот „Закон божји", што ја признаваа општествената нееднаквост. Еве зошто богомилите најенергично ги напаѓаа старозаветните книги и Мојсија, тврдејќи дека во нив владее „духот на сотоната". „Сите закони на светата божја црква ги напаѓаат и си прават за себе други закони" — вели презвитер Козма. „Но кој апостол, кој праведник ви рече, еретици, да го отфрлите законот што му го даде на Мојсија самиот бог?" — ги прашува пак Козма и го наведуваа нивниот одговор: „Ние не го слушаме ни Давида ни пророците, туку само Евангелието, ние не сакаме да живееме по законот Мојсиев, туку по законот апостолски".

Овој закон апостолски тоа е законот на општеството од братство и еднаквост на „децата божји", како што го замислувале прахристијаните. Врз основа на тоа богомилите доаѓаат до заклучок дека Мојсиевиот закон е „надахнат од сотоната", бидејќи ја признава приватната сопственост и општествената нееднаквост. И од одговорите што ги давале по тоа прашање, јасно се гледаат нивните погледи на општественото устројство. Богомилите сметаат дека од создавањето на светот до Христа во општествените односи владеел „сотоната" и дека само Христовото „слово" внесло вистина за нив. Затоа богомилите сметаат дека поседувањето на земјата и здобивањето на приватните богатства е по „ѓаволска уредба". „Еретиците ги нарекуваат кнезовите и болјарите створови на ѓаволот" — вели презвитерот Козма, а во една наша народна богомилска приказна од тоа време се гледа како ѓаволот, поседник на земја, прави договор, со селанецот и му ја дава под наем — аналогно на договорите што ги правеле тогаш селаните со болјарите. Еве зошто богомилите беа против властелинските, а особено против црковните поседи.

Но општествените и политичките погледи на богомилите најдобро ги формулира презвитерот Козма во една реченица, во која на збиен начин ги изнесува нивните „погибелни учења". „Еретиците прават смртен грев — вели Козма — кога како нови апостоли и следбеници на Христа ги подбуцнуваат луѓето на погибелни дела. Тие ги учат да не им се покоруваат на властите, ги напаѓаат болјарите, го мразат царот, им се ругаат на старешините, ги оговараат богатите, сметаат дека не треба да им се работи на господарите и на секој роб му велат да не му служи на својот господар".

Оваа формулација најдобро ги карактеризира социјалните и политичните сфаќања на богомилите, наедно и најдобро покажува каде целеле тие со своите проповеди. Но за карактеристика ќе го наведеме одговорот што им го дава презвитерот Козма, за да се види разликата по горештите сфаќања меѓу црквата и богомилите: „Нека се срамат еретиците за ова — вели Козма — оти тоа не пишува во светите книги и кај пророците. Царот и болјарите се востановени од бога. Чујте што вели премудроста Божја: преку мене царевите царуваат и со мене ја владеат земјата"... И, како „слеп фарисеј", тој му се обрнува на народот: „Слуги, слушајте ги во сè своите господари и покорувајте им се со страхопочит .... секој нека им се покорува на властелините, оти нема властелин што не е од бога. А кој им се противи ним, се противи на божјата наредба и прави грев... И ако службата на земните господари, или ништожноста, или човечките уредби ве спречуваат дење да му се помолите на бога, немојте заради тоа да ги напаѓате вашите господари, туку усрдно извршувајте што ќе ви наредат, чекајќи за таква работа награда од бога ..."

Таквиот нојовски став на црквата спрема патилата на народот и неговите господари, под чиј јарем народот стенкал, само го потврдува високиот морален став на богомилите и нивната навистина длабока, човечна социјална свест. Богомилите со право сметаа дека „поповите и црквата не се од бога и дека учат на престапи и лаги" — како што се жали Козма.

Тие не признаваа никаква светска или духовна власт, затоа што и светската и црковната власт беа во служба на моќните. Тие сакаа да го ослободат човекот од зависноста од злото, во кое упаѓа кога не е слободен да му се противстави. На човековата слобода најмногу ѝ се противставуваше поседувањето на земни добра, та затоа богомилите беа против поседот и создавањето на богатства, кои ја обусловуваат општествената нееднаквост и потчинетост на едни под други. Тие беа против црквата, затоа што таа со својата служба на богатите го држеше народот во заблуда, го оддалечуваше од Христовото слово и самата се оддаваше на неморален и расипан живот. Беа против државата, затоа што таа создаваше закони и ги обусловуваше неправдите што племството и свештенството ги вршеа спрема народот. Таа требаше да биде уништена, оти ги штитеше само богатите, што под нејзината заштита можеа непречено да го пљачкосуваат народот. Државата беше установа на богатите, повластените и облагородените, таа во сè само ним им служеше, а беше штетна по народот. Таа водеше војни — богомилите беа против војни. Таа создаваше омраза меѓу народите — богомилите сакаа едно сечовечко меѓународно братство. Државата во сè олицетворуваше едно сатанско овоплотување, со сите негови мрачни и страшни особини и таа „во името на бога" би требало да ја снема.

Така говореа нашите богомили.

А што сакаа да изградат врз нејзините урнатини?

Нема сомнение — своето сечовечко христијанско братство, во кое сите луѓе би биле рамноправни, еднакво слободни, еднакво способни да се оддаваат на „совршен" евангелиски живот — на мир и вечно блаженство, какво што царувало во сферите од каде што е и нивната божествена искра — на вистината, правичноста и мудроста.

Овој висок човечки идеал може во нас да предизвика само восхит, но истовремено и жалење што и ние уште не сме го постигнале. Што во тоа, пак, богомилите прераниле, што тие прескочиле во мечтата цели столетија и општествени етапи — може да им служи на чест.

Но нивното учење загреа многу срца во мрачното средновековно време и предизвика цело едно социјално-културно движење. Богомилството сè повеќе rи освојуваше тогашните потиснати маси и понапредните луѓе од своето време. Попот Богомил своите први следбеници можел да ги најде само меѓу овие последниве, затоа што простиот народ одвај можел да ги разбере заплетканите теолошки проблеми на она време. Од редовите на вакви интелигентни луѓе се формира нарочен ред, таканаречени „чисти" богомили.

Како и самиот поп Богомил, тие беа повеќето припадници на нижето свештенство, чесни селски попови и калуѓери, што беа длабоко проникнати со љубов кои својот народ и му служеа на вистината. Тие највлијателно го толкуваа богомилството. Беа многу начитани, образувани, ги познаваа скоро сите тогашни знаења и со нив не било лесно да се дискутира. Презвитерот Козма заради тоа ги наречува „високоумни" и пишува како в раце постојано држеле Евангелие, „повикувајќи се секогаш на него при своите проповеди". Чистите богомили се одликуваа притоа и со својот високоморален живот. Се облекуваа скромно, се ранеа само со билна храна, се однесуваа неверојатно човечно („однадвор овци а внатре волци" — вели Козма) и уживаа сеопшти симпатии. Со својата појава правеа неопислив впечаток на масите што ги слушаа на беседите. Тие не поседуваа никакви имоти, не се женеа и целиот свој живот го беа посветиле на фанатична проповед и ширење на богомилството.

Од овој ред богомили се појавија и првите писатели богомилски. За самиот поп Богомил се смета дека е автор на повеќе апокрифни книги, но од нив не е пронајдена ниедна. Во своите книги богомилите најмногу ги прераскажуваа источничните дуалистички легенди, сочинувајќи по угледот на нив и свои оригинални. При своите беседи тие се служеа уште и cо многу басни и легенди, што во нашата усна книжевност се запазиле до денеска. За тоа сведочи и презвитерот Козма: еретиците „создаваат некои свои учења и дрдорат некои басни, во кои учат дека бог и ѓаволот меѓу себе се рамни". Нема сомнение дека со вакви басни е проникната скоро сета наша усна книжевност и дека под влијанието на такво учење таа била долго време. Само што, додека во тие басни многу често бог и ѓаволот располагаат понекогаш со еднакви сили, секогаш на крајот победата е на страната на вистината — еден многу карактеристичен факт за богомилското потекло на овие басни и легенди. Треба да се нагласи дека ортодоксната христијанска догма воопшто не го спомнува ѓаволот како рамен на бога по силата, или како негов придружник. Ортодоксната христијанска книжевност кај нас исто така нема ни ронки од ваквото народно резонирање. Таа книжевност во повеќето содржи житија и пофалби на одделни цареви и црковни великодостојници и како таква скоро никако не влијаела врз нашиот народен бит. Врз основа на тоа и врз основа на иследувањата на тоа поле, со право може да се смета дека богомилите биле нашите вистински народни книжевници, било како оригинални било како интерпретатори — творци на многу дуалистички легенди и басни во нашиот богат народен фолклор и дека под нивното народно-рационалистичко влијание овој се развивал самостојно низ целиот Среден век, учествувајќи по тој начин во формирањето на нашата народна психологија и нашиот народен бит.

Апокрифните списи на богомилите содржат преработени настани од животот на Исус Христос, од библиските преданија за првите луѓе итн., во кои провејува богомилска тенденција. Тоа беа „скриени" (апокрифни), од страна на официјалната црква забранети книги, затоа што во нив овие настани поинаку се претставени одошто во правоверните книги. „Апокрифите беа искористени во пропагандни цели од страна на богомилите, што со нив мајсторски се служеа, пробивајќи ги низ нив своите сфаќања и верувања ... Создавањето и растурањето на книжевност од овој вид беше всредсредено само во рацете на богомилските следбеници."[29] Во овие списи богомилите многу слободно и рационалистички ги толкуваа настаните за кои е збор, така што ги направија необично достапни за широките маси, што потоа усно ги прераскажуваа. Такви апокрифи се на пр. „Детството Исусово", „Енох", „Откровение Варухово" и др.

Покрај редот „чисти" богомили постоеше и ред прости, што беа обични приврженици од пошироките маси на народот. Простите богомили беа организирани во свои општини и во времето кога богомилското движење беше најјако во Македонија „богомилските општини се простираа од Родопските планини па преку Бабуна и Охридското Езеро до Црни Дрим", „односно на просторот околу Мелник, Драговитската Покраина, Могленската Епархија и Полог."[30] На тој простор денеска единствен жив споменик за богомилите е селото Богомила во велешка околија и Бабуна Планина, наречена по бабуните-богомилите, како и некои други помали села.

Станувајќи дури и масовно, богомилското движење селак не можеше да го оствари својот политички идеал — прахристијанско општество на еднаквост. Во тогашните неназреани општествени околности тоа можеше да ја развие само својата културна дејност која и остана трајна. Оти, макар како да беше благороден овој богомилски идеал, тој мораше, како „насилна антиципација", да се судри со стварноста.

Во процесот на неминовниот историски развиток, во она време, како и во германските селански војни во XV и XVI век, на кои богомилството во многу нешто им е балкански претходник — идеалот на богомилството најмногу да можеше да биде остварен како современо граѓанско општество, та дури ни толку, бидејќи кај нас тогаш граѓанството беше само во зародиш. Но ова масовно незадоволство ги искористи за своите политички цели еден вазален управник во Македонија. Во 963 година подигна востание Шишман Мoкpи, што владееше над покраините на Битола, Преспа и Охрид. Востанието беше управено против централната власт, на чие чело беше Симеоновиот наследник цар Петар. На востанието му се придружија и други околни вазали, така што беше создадена нова држава под управа на цар Самуил. Самуил навистина ги искористи богомилите за своите политички цели и веројатно ги ублажил прогоните против нив, но тој никогаш не бил богомил, како што тоа некои му го припишуваат.

Богомилството како етичко-културно движење живее скоро сè до XV век, додека најпосле под Турците не му се губи секаква трага. Но во времето на владеењето на бугарските и српските владари во Македонија, богомилите беа многу често жестоко прогонети, за што сведочи споменатиот Синодик на цар Борил од 1211 година, како и чл. 172 од Душановиот законик, во кој се вели: „Кој ќе изусти бабунски (односно богомилски) збор, ако е властелин да плати 100 златници, а ако не е властелин да плати 12 златници и да се истепа со стап.“[31]

Богомилството од Повардарјето се рашири и по другите делови на бугарската држава, најмногу околу Пловдив, каде што некогаш живееле старите павлиќани. Тоа исто така премина во соседната Византија, но освен во некои места, тоа не зеде таму масовен размер. Та сепак византиските владари и таму го прогонеа и во 1110 година богомилот Василиј со своите 12 ученици бива жив запален на ломача на цариградскиот хиподром. За дејноста на богомилите во Византија пишува нивниот современик Ефтимие Зигавин и извесни други црковни писатели, но богомилството во тие краишта не оставило некој особен спомен. Во XV век се споменуваат богомили што живееле по византиските манастири како калуѓери.

Од особен интерес е богомилството во Босна, околу кое во поново време се водени толку дискусии и пишувани многу книги. Богомилството во Босна секако зело само вид на движење за црковна еманципација од Ватиканот и таканаречената „црква босанска" не ќе биде ортодоксно богомилска.

Но затоа богомилството остави многу повеќе траги во градовите на Северна Италија и Јужна Франција, каде што стана идеологија на граѓанството. Богомилите во Италија се викаа патарени, а во Франција катари. И едните и другите ја сметаат нивната драговитска богомилска општина како своја матица.[32] Овдека богомилството ги примени не само своите верски погледи, туку изрази и извесни социјални тенденции, како на пр. одбивање да им се плаќа десеток на крупните земјопоседници и разграбување на црковните имоти на некои манастири околу градот Алби.

Но штом и овдека богомилството стана опасно, црковните власти, во заедница со државните, презедоа решителни мерки против него. По решение на Орлеанскиот собор во 1022 година, 13 еретици биле живи изгорени, а другите осудени на затвор. Катарите во Франција беа најјаки околу Алби, каде што најдоа свои приврженици и меѓу племството и свикуваа јавни собори, проповедајќи ги отворено своите погледи. Но кога опасноста сосема ја загрози римската црква, папата Инокентие III организира во 1208 година крстоносен поход против катарите. Во походот учествуваа, освен свештенството, и разни други авантуристи. Со посебна политичка цел походот го поткрепија француските кралеви Филип Август и Лудвиг VIII, бидејќи обајцата сакаа да ги освојат областите на Прованса и да ги присоединат кон својата држава.

Походот беше повторен во следната 1209 година и притоа градот Безие формално беше срамнет со земјата, бројното население на „еретици" од 15.000 луѓе исклано и избиено, а куќите и имотите претворени во пепелишта. Во Каркасон населението беше, вистина, поштедено, но до гола кожа пљачкосано и ограбено од „војската на Господа".

Но тогаш провансалците се тргнаа и организираа долготраен отпор. За да ги сломи, пак, потполно, светата црква се зафати за едно свое испробано оружје. Таа во 1215 година основа специјален ред за борба против катарите и нивното уништување, доминиканци, а во областа на Прованса ја заведе својата прочуена Инквизиција. На доминиканците со Инквизицијата секако најмногу им успеало поуспешно да ги прогонат катарите, но нивната божествена искра тие никогаш не успеаја да ја угаснат.

Походот против еретиците конечно заврши во 1229 година, кога Прованса сосема е присоединета кон француската држава.

Но борбите за црковна и световна еманципација на граѓанството, при полно учество на градскиот пролетаријат, се продолжени низ целиот Среден век, до конечната победа што ја извојува граѓанството со Реформацијата. Реформацијата беше крајната точка на граѓанското еретиштво. Со сè поголемото јакнење, со сè посилното истакнување на својот класен инстинкт, граѓанството се повеќе ги изоставаше високите социјални идеали на некогашните „деца божји". Со полната победа на граѓанството, тие и конечно се напуштени. „Нападот на приватната сопственост, барањето за заедница на имотот, мора да се распадне во сурова организација на добротворност; неодредената христијанска еднаквост можеше пред законот најмногу да се сведе на граѓанска еднаквост; укинувањето на сите власти се претвора конечно во воспоставување на републикански владателства избрани од народот. Антиципацијата на комунизмот во фантазијата стана во стварноста антиципација на модерните граѓански односи.[33] Само кај Томас Минцер во Германија во XVI век призвуци од тој идеал избија со поголема одреденост, „додека постепено сите тие настојувања не се слеаја со модерното пролетерско движење, точно така како што во Средниот век борбите на слободните селани против феудалниот господар, што сè повеќе и повеќе ги угнетуваше, се слеваа во едно со борбите на кметовите и подложницитe за потполн слом на феудалното господарство."[34]

Во време на преродбата нашето граѓанство не можеше да го преземе културното наследство од богомилите. Борбата за црковна еманципација тоа ја водеше против странските елементи што ја презеле старата православна црква под своја управа и преку неа спроведувале извесна национална политика. Но поради општокултурните, политичките и општествените околности, нашето граѓанство исто така не можеше да излезе ни со својата чисто световна програма независно од црквата. Во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век нашето граѓанство настапува заправо под раководството на црквата. Таа и идеолошки го оформува. Затоа нему призвуците од богомилскиот идеал му биле и туѓи и непријателски, а за самата црква и опасни. Црквата сè уште се сеќаваше за анатемите и повелбите против богомилите. Дури и самата носеше заслуга за уништувањето на нивното книжевно наследство. Со таквото свое држење, покрај класниот интерес на граѓанството, црквата најмногу придонесе да остане онаа „најкрупна појава на јужнословенската историја" (Т. Флорински) за долго време и кај нас во суштината и во поединостите темна и необјаснета и да не биде искористена како културно наследство во народната борба. Но извесни чесни исклучоци од редовите на граѓанството, чија дејност, свесно или несвесно, се слеваше со народно-богомилските призвуци во модерното движење на наследникот на граѓанството, сепак во извесна форма го искористија културното наследство од богомилите. Би можело без претерување да се рече дека поезијата на Ботев во поголемиот дел е народно-богомилска. Извесен интерес во тој правец покажаа во поново време уште во „Пламен" и А. Цесарец и М. Крлежа.

Но конечното право на културното наследство од богомилите му припаѓа на наследникот на граѓанското општество, кој со потполното преземање на историско-културното наследство на народот, мора да го преземе и наследството на богомилите. Триумфот на неговиот идеал ќе биде наедно и триумф на вековните напори и патила на одамнешните „деца божји" — нашите Драговитски богомили.


Фусноти

[1] Флоринскiй Т. Kъ вопросу о богомилах. Сборникъ статей по славяновѣдѣнiю, составленный и изданный учениками В. И. Лиманскаго по случаю 25-лѣтiя его ученой и профессорскoй деятельности. Санктпетербургъ, 1883, с. 33.

[2] Конст. Иречек. История на Българитѣ. Подъ редакцията на проф. В. Н. Златарски. София, (1929 г.), стр. 133.

[3] М. Weingart. Počátky bogomilstvi. Slovanskỳ Přehled, 1913, č. 1.

[4] А. Веселовсскiй. Славянскiй сказннiя о Соломонѣ и Китоврасѣ и западньiя легeнды о Морольфѣ и Мерлинѣ. С. Петербургъ, 1872, с. 147.

[5] Н. П. Благоевъ. Правни и социални възгледи на Богомилитѣ. Изъ съчинението Богомили, София, 1912, с. 26.

[6] Franjo Rački. Bogomili i Patareni. Rad JAZU, Zagreb, 1870, knј. X, str. 262—263.

[7] L. Niederle. Slovanské stаrоžitnosti. Dil II. Pûvod а роčatky Slovanû jižnich. Svazek 2. V Praze, 1910, str. 421.

[8] Н. П. Благоевъ. Правни и социални възгледи на Богомилитѣ. София, 1912, с. 68.

[9] ibid. с. 21.

[10] ibіd. c. 22.

[11] Любенъ Ковачевъ. Стара българска литература. София, 1937, с. 33.

[12] ibid. c. 48.

[13] Е. Голубинскiй. Kpaткiй очеркъ истoрiи православных церквей Волгарской, Сербской и Румынской или Молдо-Валашской. Москва, 1871, с. 283.

[14] Н. П. Благоевъ. Правни и социални възгледи на Богомилитѣ. София, 1912, с. 29.

[15] Т. Флоринскiй. Синодикъ царя Борила, во статијата „Къ вопросу о богомилахъ", Сборникъ статей по славяновѣдѣнiю, сoст. и изд. учениками В. И. Ламанскаго, Санктпетерсбург, 1883, с. 36, 37.

[16] Т. Флоринскiй. Синодикъ царя Борила, Сборникъ статей по славяновѣдѣнiю, сoст. и изд. учениками В. И. Ламанскаго, Санктпетерсбургъ, 1883, с. 36, 37.

[17] F. Engels. Njemački seljački rat, str. 88.

[18] За тоа да се види кај Т. Павлов: Основни въпроси на философията-теория на отражението", София, 1937, с. 318 — 332.

[19] Fr. Engels. Njemački seljački rat, str. 54.

[20] Е. Голубинскiй. Kpaткiй очеркъ истoрiи православных церквей Волгарской, Сербской и Румынской или Молдо-Валашской. Москва, 1871, с. 155.

[21] С. Schmldt. Histoire et doctrine de la secte des Cathares ou Albigeois. Paris, 1846-49;

Franjo Rački. Bogomili i Patareni. Rad Jazu, kni. VII, 1869;

Б. Петрановић. Богомили. Цркьва Босанска и крьстяни. Задар, 1867.

[22] Презвитер Козма. Беседа против богомилите [Види М. Г. Попруженко. Козма Пресвитеръ. Български старини, кн. XII, София, 1936, с. 2. - Заб. на ред.]

[23] Йорд. Ивановъ. Богомилски книги и легенди. София, 1925.

[24] М. Г. Попруженко. Козма Пресвитеръ. Български старини, кн. XII, София, 1936.

[25] Т. Флоринскiй. Синодикъ царя Борила, Сборникъ статей по славяновѣдѣнiю, сoст. и изд. учениками В. И. Ламанскаго, Санктпетерсбургъ, 1883.

[26] Н. М. Петровскiй. Письмо патрiарха Константинопольскаго Θеофилакта царю Болгарiи Петру. СПБ. 1914 (отпечаток од Извѣстiя отд. руского яз. и слов. Имп. Ак. Наукъ, Т. XVIII, г. 1913, кн. 3).

* J. Döllinger. Beiträge zur Sektengeschichte des Mittelalters, 1890. - Заб. на ред.

[27] М. Г. Попруженко. Козма Пресвитеръ. Български старини, кн. XII, София, 1936.

[28] М. Г. Попруженко. Козма Пресвитеръ. Български старини, кн. XII, София, 1936, стр. CCXV.

[29] Любенъ Ковачевъ. Стара българска литература. София, 1937, стр. 126.

[30] Franjo Rački. Bogomili i Patareni. Rad JAZU, Zagreb, 1870, knј. ВИИ, str. 118.

[31] Стојан Новаковић. Законик Стефана Душана. У Беоограду, 1870, стр. 53.

[32] Reinerius Sacchoni (Йорд. Ивановъ. Богомилски книги и легенди, с. 67. како и заб. 2 на истата страна).

[33], [34] Fr. Engels. Njemački seljački rat, str. 59.


Рацинова архива

марксистичка интернет архива