Кочо Рацин

Коста Солев Рацин (1908 - 1943) е една од најистакнатите интелектуалци што ги дала Македонија во периодот помеѓу двете светски војни, но и воопшто. Најпознат е по својата збирка песни „Бели мугри“, поради која се смета за основоположник на современата македонската литература, но Рацин беше многу повеќе од само наш најдобар поет помеѓу двете светски војни - неговата активност како истакнат работнички и комунистички деец обично се потиснува во втор план, но сликата на Рацин без овој елемент не соодветствува на реалноста.

Покрај тоа што се занимаваше со поезија, Рацин има напишано и прозни и теоретски трудови. Неговите написи за богомилите, за Хегел и за феминизмот претставуваат ремек дела за тогашната македонска комунистичка и напредна сцена. Тој целосно беше над карактеристичниот „комунистички стил на теоретизирање“ препознатлив преку тирадите со безбројни етикетирања и апотеози на лидерите, нешто што во Македонија и многу подоцна беше вистинска реткост. Во иста насока е и следниов став на Блаже Конески: „Во Рацин имаме најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек. Тоа што го рекол и како го кажал Рацин за богомилите не можеше да го постигне тогаш ниеден друг македонски интелектуалец. Чест му чини на Рацин дека тој од обичен работник - грнчар со упорно самообразование се издигна така високо.“

Живот

Коста Солев е роден во Велес на 22 декември 1908 година во семејството на Марија и Апостол Солеви. Притиснат од сиромаштијата и потребата од работна рака во грнчарската работилница на татко му, во 1918 година е принуден да го напушти редовното школување и да стане грнчар. Сепак, неговата желба за учење е голема и тој продолжува да се самообразува.

Во 1924 Рацин станува член на СКОЈ и набрзо се истакнува како еден од најнадежни млади кадри на Комунистичката партија на Југославија во Македонија. Во 1926 станува член на Месниот комитет на СКОЈ за Велес, а во ноември 1928, како единствен делегат од Македонија, учествува во работата на Четвртиот конгрес на партијата во Дрезден. Причината зашто токму Рацин е испратен за делегат е неговото работничко потекло, на што во тоа време инсистираше Советскиот Сојуз гледајќи во тоа гаранција за класната чистота на комунистичките партии. Колку се инсистираше на овој елемент во тоа време зборува и фактот дека на овој конгрес во ЦК на партијата од 14 членови 12 беа работници, при што и Рацин беше избран во ЦК.

Рациновото влегување во врвот на КПЈ се совпаѓа со периодот на растечка сталинизација во комунистичкото движење. И Рацин, како дел од раководниот ешалон на југословенските комунисти, не можеше да остане настрана од тој тренд. Во 1930 во сараевското списание „Снага“ е објавена неговата песна „Кон челичната машина“, посветена на „предводникот на интернационалниот пролетаријат“ и „таткото на народите“ според комунистите -  на Сталин. Во време на Титовата Југославија и денес оваа песна не се толкува така, но целата песна, која почнува со стихот „Тебе другар те славиме, добар другар Челик“, едноставно е несфатлива ако под „другар Челик“ не се подразбере човекот чиј прекар беше Челик - што ќе каже, Сталин лично. Сепак, она што Рацин го прави голем е што пандани на „Кон челичната машина“ повеќе не произлегоа од неговото перо.

По воведувањето на диктатура во Југославија во 1929, партиската организација во Македонија беше целосно разбиена. Дури во 1932 почнува процесот на обновување и поврзување на организациите на КПЈ и СКОЈ во Македонија, а во август 1933 доаѓа и до формирање на Областен комитет на КПЈ за Македонија. Во неговиот состав влегуваат: Никола Оровчанец, Живоин Ѓурчиќ и - Кочо Рацин. Од ноември истата година ОК почнува да го издава месечниот весник „Искра“, чиј уредник е Рацин, но кој излегува само во два броја. На почетокот на јануари 1934 настанува провала и 15 македонски комунисти, меѓу кои и Рацин, се уапсени. Во септември истата година Рацин е осуден на четири години робија и е испратен во затворот во Сремска Митровица. Сепак, во затвор останува околу една година, до декември 1935 година, кога е ослободен по донесување на закон за амнестија.

Во 1940 доаѓа до нарушување на односите помеѓу Рацин и раководството на КПЈ во Македонија. Поради посетата на Рацин на тогашниот бан на Вардарската бановина, Жика Рафајловиќ, и поради една критичка изјава на Рацин на сметка на работата на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, на Покраинската конференција на КПЈ за Македонија одржана во септември 1940 (на која Методија Шаторов - Шарло е избран за секретар на ПК КПЈ за Македонија), Рацин едногласно е исклучен од Партијата и на членовите на Партијата им е наредено да го бојкотираат. По директива на партиското раководство е запрено и растурањето на Рациновата збирка поезија „Бели мугри“. Бојкотот на Рацин трае некаде до почетокот на 1942 кога односите помеѓу него и раководството на Партијата во Македонија се подобруваат.

Во пролетта 1943 година Рацин заминува во партизани, во одредот „Кораб“. Станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат“ и подготвува две збирки на македонски народни песни. Но, не го дочекува ослободувањето. Набрзо, вечерта на 13 јуни 1943, додека се враќал кон партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, Рацин бил смртоносно застрелан од стражарот што го чуваше пристапот кон печатницата. Во оптек се две верзии околу неговата смрт. Според првата, се работи за несреќен случај: поради вродената наглувост Рацин не го чул повикот на стражарот да застане и да се идентификува, по што овој го истрелал смртоносниот куршум. Според втората верзија тој е намерно убиен.

Рацин беше човек полн со оптимизам, дури и во тие опскурни 30-ти години на 20-от век, кога и во Југославија и во светот како целина левицата преживуваше тешки денови. Неговите партиски другари добро го паметат неговото „ќе победиме“, со кое ги поздравуваше и храбреше во многу прилики. Дури и неговите последни зборови кога беше застрелан на Лопушник беа: „Кажете и' на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме.“

Творештво

Во 1926 станува дописник на весникот „Организовани радник“, орган на Независните работнички синдикати на Југославија, кој е под влијание на КПЈ. Своите први песни ги пишува во 1928 година. Од таа година датира неговата младешка љубов кон Рахилка Фирфова која го инспирира да ги напише своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис. Есента истата година во загрепското списание „Критика“ ги објавува и своите први книжевни прилози, расказот „Резултат” и песната „Синови на градот”. Следните свои песни ги објавува во 1930 година во сараевското списание „Снага” каде што ги објави „Од фабриката”, „Во предвечерието”, „Да се биде човек“ и веќе спомнатата „На челичната машина“. Во 1931 година во загрепската „Литература” го објавува есејот „Хегел”, а во периодот околу 1931 година го започнува својот роман „Опиум“ („Афион”) од кого се сочувани само фрагменти. Во 1932 година заедно со скопскиот графичар од личко потекло Јован Ѓорѓевиќ и кумановскиот монополец Александар Аксиќ ја издава стихозбирката „1932“, во која е објавена една од Рациновите најсилни песни „Огномет”.

Песната „До еден работник”, прва на македонски јазик, ја објавува во загрепското списание „Књижевник” во 1936 година, по излегувањето од затвор, а во 1939 година во Самобор близу Загреб ја печати стихозбирката „Бели мугри”. Стихозбирката е испечатена во 4.000 примероци и се растура по цела тогашна Југославија и во Пиринска Македонија.


Архива на Кочо Рацин