Напишано: 1943
Извор: Коста Рацин, „Песни“, Државно книгоиздателство на Македонија, Скопје, 1946, 47-51 стр.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2016
I
Од село бил.
Сиромав.
За маки селски тој знал
и за борби селски –
од мал.
Со шупелка свирел
и овца пасел
и замаен –
често слушал:
ветерот веел
гора лулеел
и в буки чести
ајдучка песни
пеел...
Пирин Планина,
ајдучка мајка,
со млеко го прва
доила;
Пирин Планина,
ајдучка мајка,
за борба го прва
учила!
Со шупелка свирел
и раснал орел –
Ел Тепе гордо
на Пирин бел –
со шупелка свирел
и овци пасел
и дете уште –
видел:
Татко му
бајрактар
по Пирин Планина
ајдучко знаме развел,
од Кресна и Разлог
народот селски
на борба
повел...
A после прокуден
од тиранин проклет
оставил в пепел
мајчин кат,
и скитник со свои
по белиот свет,
се приобрал
пролетер
в далечен
град.
И с чеканче в рака –
од мугра до мрак –
тој клинци на кондури
ковал,
и в горки неволи
на живот недраг
през огнени сништа
сновал.
Живеал
в маки
и кална пот
сред ропство и срам
и дни безнадежни,
но орел сам –
сред тој живот
тој назрел висини
и врвови снежни:
распалил гради
и в занос цел,
Чернишевски,
Писарев,
тој жедно
чел.
И в бујна младост
за Гоце узнал,
за дело народно
свето,
тој следел по стапки му
верен другар –
живот и смрт
за делото
дал.
И срамно намразил
ропство, мрак,
и смртно заљубил
Родина,
тој вивнал,
на ропство згазил,
тргнал
титан по Пирин Планина.
Во секое село,
во секој град
го знае стар
и млад:
Сандански –
цар
Пирински!
По Разлог и Банско,
Неврокоп, Среско
царство му ширно –
слава голема
што цар ниеден ја нема:
на сето робје
е мајка,
за душмани е –
стра,
трепет!
На бој ли тргне –
ала се крева
и веда м'ска
и змија с'ска.
Битка ли бие –
луња се вие!
Срце му топла
пазува братска
за секој
под гнет и јад:
рисјанин, Турчин,
Грк и Вла –
за него е
равен
брат.
А рака машка
веда е лута
што паѓа
над тиран клет,
слаб да поткрепи,
прав да одбрани,
да одмазди
зло – за зло.