Прв пат објавено: „Младост“, г. I, бр. 4, новембар 1938, 27 стр. Београд.
Извор: Кочо Солев Рацин „Поезија“, „Наша книга“ Скопје, 1987, 119 стр.
Препев: Гане Тодоровски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2011
Наслушни — потпри го увото врз дамарот на денот —
Ох, го слушаш ли, го слушаш ли тој проклет татон подмолен?
Со денови и денови, со ноќи долги, сè ист —
Гребе и шика и рие и копа во свеста.
По млекото на денот од крпите на новините
Од плетерот на лисјето на книгите —
Ја слушаш, слушаш! —
Морничаво тапка
Со клинци поткованата стапалка.
Сè поблиску и поблиску, сè повеќе и повеќе
Застрашувајќи и пострашно тапка,
Тресејќи се со буката на челичните птици
Над покривите на градот.
И трепериш веќе — крши, прашти, урива
И гмечи и прекршува ребра!
Во ноќите низ дебелите води на мракот
Низ сенката на сонот — пак копка...
Далеку негде го пали растопеното железо
Далеку негде блешти растопениот бакар —
Фабриките и дење и ноќе татонат
Фабриките топови и тенкови лијат
Фабриките фосген, гранати шрапнели —
Одеднаш — низ димот
Преку пукотница, паника, и бег
Го израчуваат врз градот...
А стапалката оди понатаму и тапка
Низ локви од крв гази и шлапка
Низ мрши чрчори, низ месо и гној
И крвава и гнојна ти гази врз вратот
И крвава и гнојна ти го притиска мирот
Низ јавето, низ сонот
Во утрото, во денот.
Наслушни — потпри го увото врз дамарот на денот —
Ох, го слушаш ли, го слушаш ли тој проклет татон подмолен?