Напишано: 1928.
Прв пат објавено: "Kritika", godina 4, br. 4-5, august-septembar 1928, Zagreb.
Извор: Кочо Рацин „Стихови и проза“, „Култура“, Скопје, 1966.
Превод од српскохрватски: Тодор Димитровски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2007.
Сега пред вас, преку движења на раката и траги од мастило ќе ставам и трага на мислата, како резултат од процесите во мојот живот. И сега ќе се обидам кон него да ја дограбам последната патека што ми преостанува во мојот живот, на патот за Иднината.
Зашто мојата Сегашност е разрешена од спознанието: дека сум јас работник, роб на господарот којшто за готови пари ја купува мојата сила и дека тие пари ги добива пак од мене, продавајќи го мојот евтин труд за скапа цена. Така барем изгледа кога тој не работи како мене, па сепак подобро живее и им ја купува на другите силата и трудот. Уште и ова: дека мене ми е невозможно да се ослободам од ова ропство, зашто здружението на господарите, наречено држава, бдее над мене и моќно е како гладот наспроти лебот, иако нивната волја ја извршуваат луѓе како што сум и јас – купени за готови пари. И така, гледате, понекогаш ме фаќа ужас од тоа: зошто моето ропство – токму од тоа е неизбежно. Па сепак, ме утешува и друго спознание: дека робови, како што сум јас, има со милиони во светот, и ми влева храброст помислата: дека спознанието за нашето ропство ќе ни донесе нам свест, а таа, како непобедлива моќ, ќе ни донесе нам и ослободување. Зашто спознанието за начинот на ракување со робовите им донесува на господарите богатство, а нам, на робовите, спознанието дека сме робови ќе ни донесе слобода!
До таков резултат дојдов во трагањето на причините за мојата беда. А тоа ми е наедно и резултат на мојот петнаесетгодишен опит, откога сум и јас наемен роб. И колку тешко дојдов до него! Нашите господари ги испраќаат своите синови во посебни институти каде што купуваат свест и знаење како да постапуваат со нас, а ние, робовите, мораме сами да бараме свест за одбрана од нив, мораме со гола рака да пробиваме тунел низ грозотиите на робовската Темнина! Зашто сиот мој мисловен свет се движи во кругот: на фабриката, улицата и станот, а сета егзистенција на тој живот е така бедна, ограничена, тесна, мала, и доаѓа само тогаш, кога бедата добро ќе ме притисне на тлото. Инаку, секојдневните грижи за егзистенцијата на голиот живот и секојдневната болка, јад и патење ме спречуваат да влезам во полето на Смислата.
Имаше дни кога како улав ја барав таа Смисла, и тоа Значење коешто донесува во темнината Расветление, имаше моменти кога лебдев во Неизвесноста и редовно главечки паѓав во дното на ропското Незнаење. Имаше мисли што ми го параа мозокот:
„Зошто ние, што го создаваме светот, немаме право на достоен живот во него?...“
И тогаш... тогаш само ќе го сетев ужасот на молњата, и без да го чујам букотот на грмежот, толку бев далеку од Спознанието.
Еден ден ми рече жената, сета бледа од глад:
– Та зошто работиш кога не можеш од тоа да живееш?
Ни јас не умеев на тоа да ѝ одговорам, и молчев пред неа. Но душата ми ја кинеше прашањето:
– Зошто? ... Зошто е така?
Имаше моменти кога низ мозокот ми маршираше ваква мисла:
„Културата е најголема човечка добродетел, а љубовта кон својот ближен е врв на таа култура, зашто сите на земјава сме браќа меѓу себе.“
Ова, секако, сум го прочитал некаде.
И тоа е добро, прекрасно, величествено. Туку зошто не сме сите луѓе еднакви, зошто има меѓу нас робови и господари, потчинети, понижени, експлоатирани – со помошта на еден нечовечки предмет: Парите? Зошто?
И тогаш триумфално ќе продефилираше спознанието:
„Културата во рацете на господари и богаташи – само е инструмент за создавање на нивното богатство. За нив културата е – Експлоатација. И само тогаш, кога културата ќе биде во рацете на оние што работат – само тогаш културата ќе биде човечка!...“
Оние што работат? Милионите? Да!... Кога тие што го создаваат светот ќе бидат достојно наградени за својот труд, кога ќе исчезне експлоатацијата и искористувањето, тогаш луѓето ќе бидат браќа меѓу себе, а културата – култура!
... И така полека марширав кон Спознанието...
И до колку она сè повеќе се вкоренува во мене, трудот, под условите во кои работам, ми се чини непродуктивен и штетен за мене, зашто чистата печалба е за мојот господар, а со тоа тој и ме прави мене роб.
И ми се чини дека работата за рушењето на овие услови е многу попродуктивна отколку работата под нив, зашто сметам дека таа работа по ништо не се разликува од животинската работа и дека само тогаш кога ќе ги снема нив – работата за човекот ќе биде благослов, насмевка и бакнеж на Природата за неговиот труд! А дотогаш... дотогаш рушењето е попродуктивно.
Тоа ми е последниот Резултат.