Бранко Прибичевиќ

Криза или крај на социјализмот - изгледи и можности за надминување на кризата


Извор: Branko Pribićević "Socijalizam - uspon i pad", "Naučna knjiga", Beograd, 1991, 419-428 str.
Превод: Здравко Савески, од српски јазик.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: февруари 2006


Во расправите за тешката криза што го снајде социјализмот во светски размери незаобиколиво е и прашањето колкави се можностите и какви се изгледите да се излезе од оваа криза. Во соочувањето со ова клучно прашање се јавуваат многу различни, па и дијаметрално спротивни одговори. Во последно време, што е сосема разбирливо имајќи ги предвид размерите и карактерот на кризата, сè повеќе има оценки дека нема изгледи да се надмине кризата, дека сегашната криза претставува „крај“ или „почеток на крајот“ на социјализмот како барем малку сериозна алтернатива на вториот основен модел на општествено организирање во денешниот свет (системот втемелен врз приватната сопственост, пазарната економија и плуралистичката демократија). Со вакви оценки истапуваат не само претставниците на крајната десница и граѓанската теориска мисла во целина, туку сè повеќе ги истакнува немалиот број аналитичари кои до неодамна припаѓаа, а некои и сè уште делуваат во круговите на левицата. Тешката криза силно поттикна нагласено песимистички и дефетистички расположенија и помеѓу многу сегменти на денешната левица. Силно се изразени проценките и уверувањата дека нема изгледи за надминување на денешната криза, дека ова е „конечен“ историски пораз, дека дојде време за соочување со горкиот факт дека постоечкиот капиталистички систем нема реална алтернатива, дека тој, сепак, е единствениот можен облик на успешна современа општествена заедница. Последниве години сме „преплавени“ од вистинска поплава од книги и други текстови во кои се изнесуваат и докажуваат ваквите проценки.

На спротивната страна се наоѓаат проценките на кои им е својствено силно нагласеното потценување на сериозноста на денешната кризна ситуација. Застапниците на ваквиот приод истакнуваат дека и денес се соочуваме со обичен „цикличен“ пресврт, со појава која што ја прати целата историја на социјализмот. Со протекот на времето ваквите оценки ги има сè помалку, но сè уште ги има. Тие главно доаѓаат од круговите на радикалната левица. Сè до неодамна и мнозинството од комунистичките партии во основа ги прифаќаше ваквите проценки. Дури на крајот од 80-тите некои од овие партии покажаа подготвеност поотворено да се соочат со реалностите на денешниот историски момент, што несомнено е најтесно поврзано со драматичните крахови кои погодија поголем дел од земјите во кои се (беа) на власт комунистичките партии. И покрај овие промени до кои дојде во последните неколку години, поголемиот број од комунистичките партии не беше подготвен да ја прифати проценката дека се соочуваме со тешка криза која може да има навистина далекусежни и во многу што несогледливи последици.

Нашето мислење, особено нашата проценка суштински се разликува од двете наведени. Сметаме дека можат да се наведат многу сериозни аргументи против двете. Кога станува збор за второто типично гледиште, со кое истапуваат претставниците на некои делови од радикалната левица, овде не е потребно посебно да се докажува колку овие проценки се површни и неодржливи. Во претходните поглавја се изложени бројни факти од кои јасно се гледа дека она што сега се случува не е само еден од вообичаените циклични пресврти, туку многу тешка криза, најтешка и најсериозна во историјата на социјализмот. Во ова разгледување ќе и' посветиме многу повеќе внимание на спротивната проценка, т.е. на проценката дека сегашната криза го означува „крајот“ или „почетокот на крајот“ на социјализмот. Пред да ги изнесеме главните аргументи против ваквата проценка, накратко ќе ја изложиме нашата проценка. Таа би можела синтетички да се изложи на следниот начин - ситуацијата во која се најде меѓународниот социјализам кон крајот на 20-от век е многу тешка, многу потешка отколку кога било порано во овој век, но сè уште не е безизлезна. Проблемите со кои се соочуваат социјалистичките сили во светски размери се многу тешки, но сè уште не се во целост нерешливи. Историскиот пораз што го доживеаја системите на реалсоцијализмот, но и некои други проекти на социјализмот (особено во земјите во развој), има таков размер што овие проекти и модели навистина можат да се „отпишат“ како големо историско промаршување. Многу се слаби изгледите потрајно да се одржат овие модели, односно системи во земјите каде што сè уште постојат, каде што не се соборени. Од фактот дека овие системи се вака тешко разнишани (во некои земји дури и соборени), дека поради тоа во светски размери го изгубија секој кредибилитет и дека се така тешко компромитирани - сепак не може да се извлече заклучокот дека не е можен каков било друг социјализам.[1] Ваквиот заклучок би бил научно втемелен и уверлив само во случајот ако се прифати ставот дека ова што досега во практиката го имавме како социјализам во овие земји, т.е. системот на реалсоцијализмот, не само што не е најдобриот можен (како што до неодамна тврдеа неговите претставници), туку не е ниту единствениот можен социјализам. Кога станува збор за изгледите да се излезе од кризата, нашата проценка е дека таквите изгледи постојат, но тоа, за сега, е само една од можностите, а никако некоја предодредена извесност. За сега сè уште не може со сигурност да се тврди каков ќе биде конечниот расплет на оваа историска драма. Како што е можен излез од кризата, исто така е можно и нејзиното понатамошно продлабочување и заострување со крајно негативни резултати.

Во прилог на нашата проценка дека сè уште постојат можности за надминување на кризата, дека социјализмот не е „закопан“ во светски размери, ќе наведеме неколку најважни аргументи:

Прво, тешките порази што ги доживеаја и понатаму ги доживуваат многу социјалистички сили, крахот на многу проекти на социјализмот во практиката, особено на системите на реалсоцијализмот, сè уште не значи дека во иста мерка се поразени и многу клучни идеи и вредности на социјализмот како алтернатива на постојното класно општество. Таквите вредности какви што се хуманизмот, демократијата, слободата, човечката солидарност, борбата за поголема социјална правда и за еднакви можности на луѓето да ги остварат своите творечки потенцијали и интереси и понатаму постојат и се доста широко прифатени како важни компоненти на борбата за општествен напредок. Стремежите овие вредности во што поголема мера да се вградат во општествената стварност и понатаму ќе постојат. И понатаму ќе постојат спорови како и на кој начин да се остварат овие вредности и цели, во која мерка да се прифатат како одредници на животната реалност, но тешко е да се поверува дека тие наскоро би можеле да „исчезнат“ од општествената и политичката сцена на современиот свет. Ако е така, а ние сметаме дека е, тогаш не се убедливи тезите за крајот на секој социјализам, зашто овие вредности се најтесно поврзани со суштината на социјалистичката алтернатива. Толку долго додека луѓето се залагаат за општество со повеќе слобода, демократија, хуманизам и човечка солидарност, за повеќе социјална правда и еднакви можности, ќе има и простор за тежнеењата и силите со социјалистичка провиниенција.

Второ, застапниците на тезата за крајот на социјализмот експлицитно или имплицитно ја прифаќаат оценката дека ова е конечен триумф на алтернативниот систем (оној што досегна до највисоки развојни дострели во развиените западни земји) т.е. дека тој систем претставува оптимално и трајно решение за сите човечки проблеми. Во таа смисла се појавуваат и тезите за „крајот на историјата“,[2] со што се сака да се каже дека повеќе нема да има сериозни обиди за менување на тој систем. Не спорејќи дека тој систем однесе историска победа во судирот на двата основни модели на општествена организација и развиток, дека се покажа неспоредливо поуспешен особено во областа на обезбедувањето на политичките права и слободи на граѓаните и во решавањето на проблемите на економскиот раст и развиток, истовремено сметаме дека се сосема неубедливи тезите за „крајот на историјата“, т.е. дека модернизираниот капитализам претставува вечно решение. Историјата на човечкото општество упатува на сосема поинакви заклучоци. Кај човечкиот вид е длабоко вкоренет стремежот постојано да се стреми кон напредок, постојано да трага за нови решенија во соочувањето со различните општествени и егзистенцијални проблеми. Овде треба да се има предвид и фактот дека човечкиот и општествениот развиток постојано носи нови проблеми. Овие нови проблеми многу често бараат и не мали промени кај облиците на општествено организирање и делување.

Трето, во времето на сегашната тешка криза на социјализмот никако не треба да се губи од предвид фактот дека и „другата страна“ не е без никакви проблеми. Ова денес не го спорат ниту претставниците на граѓанската општествена мисла. Доста сериозни проблеми и денес има не малку, а многу веројатно е дека „утре“ ќе ги има повеќе. Кога станува збор за актуелните проблеми, се укажува на тоа дека најголемиот број од овие земји се соочува со многу сериозниот проблем на нeвработеноста. Широко е прифатена проценката дека овој број во следните години значително ќе се зголеми. Исто така не е спорно дека последните години повторно почнуваат да се зголемуваат разликите помеѓу сиромашните и оние што се наоѓаат на спротивната страна од општествената пирамида. На претходните страници  беше покажано дека силно зајакнаа (во поголем број од овие земји) политичките сили кои се залагаат за значително намалување на разните социјални служби и за некои други мерки преку кои во последните децении значително се подобрени условите за работа и живот на најшироките работни слоеви од населението. Се истакнува дека овие редукции се незаобиколива цена која мора да му се плати на понатамошниот раст и развој. Се појавија многу сериозни, а сега веќе и алармантни проблеми во областа на борбата за зачувување на животната средина, на основните претпоставки за опстанок на човечкиот род и на сè живо на оваа планета. Не е мал бројот на сериозни аналитичари кои сметаат дека постојниот систем (во развиените западни земји) сè потешко може да се фаќа во костец со овие проблеми, дека решавањето на овие проблеми ќе бара некои промени во организацијата и репродукцијата на овие општества.

Четврто, растечкиот и сега веќе драматичниот јаз помеѓу развиените и неразвиените делови од светот веќе сега доби размери кои предизвикуваат голема загриженост во целиот свет. Сè повеќе се присутни проценки дека овие проблеми можат да имаат катастрофални последици за севкупните изгледи за понатамошниот развиток на денешниот свет. Досегашните искуства доста јасно покажуваат дека доколку на овие проблеми им се приоѓа исклучиво од гледна точка на репродукцијата на капиталот и нему својствениот стремеж за зголемување на профитот, многу се мали изгледите да се решат овие проблеми. Во соочувањето со овие проблеми современиот свет, порано или подоцна, ќе мора да надмине некои важни принципи, односно логиката на репродукција на капиталот. Ќе мора да се покаже поголема подготвеност да се почитуваат и некои принципи на човечка солидарност. Иако не сме подготвени да ги прифатиме оценките на оние теоретичари кои одговорноста за растечката беда на светскиот југ исклучиво им го припишуваат на развиените капиталистички земји, истовремено сметаме дека овие земји, односно нивните системи на глобална општествена репродукција, не се сосема „невини“ за она што се случува со нашиот планетарен амбиент (со растечкиот јаз помеѓу Северот и Југот, богатите и сиромашните).

Петто, историскиот пораз, а во поголемиот број од земјите и крахот на системот на реалсоцијализам во овој момент е несомнено тежок удар не само за владејачките сили во тие земји, туку и за многу други социјалистички сили. Како што е кажано претходно, ваквиот тек на општествените случувања во тие земји несомнено силно ги охрабри силите на општествената и политичката десница, противници на социјализмот во светски размери. Меѓутоа, ова е само една страна од меѓународните и историските последици од овие случувања. Од друга страна, со доста основаност би можело да се каже дека овие случувања, долгорочно гледано, ќе имаат последици од друг вид. Имено, сосема е можно тие да имаат и некои позитивни последици, кои ќе се пројават во облик на ослободување на светот на социјализмот од тешката хипотека која за него, во последните децении, претставуваше стварноста на реалсоцијализмот или таканаречената теорија и практика на тамошните владејачки или до неодамна владејачки комунистички партии. Со протекот на времето оваа „теорија и практика“ навистина стануваа тешко оптоварување за многу други социјалистички сили и тоа поради две причини: прво, затоа што стварноста на овие земји стануваше сè понеприфатлива и одбивна за широките народни слоеви во многу други делови од светот и, второ, затоа што овие земји често беа истакнувани, а неретко и прифаќани, како „пример“ на остварен социјализам. Добро е познато дека многу противници на социјализмот во последните децении ја користеа стварноста во тие земји како еден од своите најсилни адути. Имено, од овие средини доста често се упатуваа предупредувања до јавноста (особено во развиените западни земји) да не си „поигруваат“ со идеите или илузиите за социјализмот, зашто секој оној што ќе тргне во тој правец, порано или подоцна, мора да се најде онаму каде што се наоѓаат земјите на реалсоцијализмот. Кога рековме дека крахот на овој модел може, долгорочно, да има и некои позитивни последици, сакавме да кажеме дека со овие драматични случувања барем донекаде се поттикнати размислувањата и трагањата за некои друг, поинаков проект на социјализмот. Со ова, се разбира, не се сака да се каже дека тие трагања ќе бидат и успешни, туку само тоа дека многу социјалистички сили барем донекаде се ослободуваат од многу идеолошки заблуди и дека се создадени нешто поповолни услови за вакви размислувања.

Шесто, со претходното е тесно поврзана сè поизразената појава на нови, понекогаш и радикално нови приоди кон проблемите на социјализмот кај многу важни сегменти на социјалистичките и некои други прогресивни сили. Дојде време кога на радикално критичко преиспитување се подложуваат дури и многу, сè до неодамна (за овие сили) неприкосновени идеолошки и политички постулати. Сè пошироко, во овие средини, се прифаќа проценката дека многу од овие постулати паднаа на испитот на историјата и дека треба да се пристапи кон радикални промени, дека треба темелно да се модернизира идејата на социјализмот. Ваквите размислувања, се разбира, се најмногубројни во средините блиски на одредени комунистички партии (или доскорешни комунистички партии), но ги има и кај некои други. Многу индикативно и значајно е што последните години дојде до силен подем на т.н. нови општествени движења.[3] Овие движења најчесто не настапуваат со традиционална социјалистичка платформа, но се залагаат за промени кои неретко ги надминуваат рамките на постојното класно општество. Во секој случај, тие често се залагаат за програми и промени кои би требало да донесат уште повеќе човечка солидарност, подобри и похумани односи, проширување на демократските права и слободи на граѓаните, а неретко и за повеќе социјална правда и рамноправност во односите помеѓу луѓето. Ваквите размислувања и расположенија, се разбира, не се некаква гаранција за обнова на социјализмот, но сето ова што овде го изложивме може да послужи како поттик за таков развиток.

***

При размислувањата и трагањето по нов социјализам, во настојувањето да се обликува и афирмира еден суштински нов концепт, нова визија на социјализмот, мора да се има предвид не само фактот дека многу од она што досега претставуваше важна компонента и одредница на социјализмот не го издржа тестот на времето. Исто така важно е и тоа постојано да се има предвид дека темелно се промени и капиталистичкиот „начин на производство“, односно дека се променија и општествата во кои овој општествено-економски систем сè уште е основата на општествениот развиток во целина. Општествено-економскиот систем со кој што се соочуваат социјалистичките сили во овие земји и во современиот свет во целина повеќе не е капитализмот од времето на Маркс и Ленин. Во овој систем се вградени многу важни нови компоненти кои што со некои свои својства и содржини во значителна мерка ги надминуваат параметрите на класичниот капитализам. Како што истакнавме претходно, во овие системи се вградени и некои нови компоненти, кои што се многу поблиску до вредностите на социјализмот отколку до оние од кои тргнуваше раниот, либерален капитализам. Социјалистичките сили, ширум светот, доживеаја многу тешки неуспеси и порази во значителна мера и поради тоа што не беа подготвени или способни да се соочат со овие реалности на светот во кој живеат и делуваат. Во потфатот на радикална обнова на идејата и визијата на социјализмот мора од темел да се надмине традиционалната, поедноставена „црно-бело“ оптика според која новото општество се проектира како тотален антипод на она што се означува како капитализам, кој што во секој случај претставува олицетворение на лошите или погрешните идеи т.е. „инкарнација на злото“, а социјализмот - сè спротивно и затоа најдобро. Потребно е ослободување од заблудата дека социјализмот и денес подразбира и претпоставува „рушење“ на сè постоечко и „изградба“ на новото општество врз неговите „урнатини“. Наместо ваквиот историски „дисконтинуитет“ (раскин), во новата визија и проект мора да се прифати и елементот на континуитетот. Во проектот на социјализмот соодветен за ова време нагласокот треба да биде не врз „раскинот“, туку врз понатамошното развивање на сите позитивни достигнувања и цивилизациски придобивки вградени во овие општества, мора да се прифати и постојано да се уважува фактот дека многу од она што претставува важни, неретко и некои од најважните компоненти на општествениот напредок е остварено во поновата историја - стана составен дел од општествената стварност токму на овие средини (земји). И не само што е нивен составен дел, туку токму тие земји имаа крупна, а неретко и пресудна улога во освојувањето на овие нови простори во општествениот и цивилизациски напредок во целина.

Тргнувајќи од овде изложените моменти, за кои сметаме дека претставуваат доста сериозни аргументи против тезата за „конечниот крај“ на социјализмот, заклучуваме дека социјалистичките сили во светски размери се соочуваат со проблемот и задачата на радикална обнова и модернизација на идејата за социјалистичка алтернатива. Ова е, несомнено, историски испит пред кој се наоѓаат овие сили. Денес речиси повеќе и не е спорно дека моделот на реалсоцијализмот го доживеа својот „конечен крах“. Меѓутоа, важно е тоа дека ова не е само крах на соодветните историски решенија. На испитот на историјата паднаа и некои важни идеи кои, на еден или на друг начин, се вградени во самите темели на овој модел на социјализмот. Исто така важно е да се истакне дека мора да бидат подложени на критичко преиспитување и некои идеи кои не можат да се поистоветат со теоријата и практиката на реалниот социјализам. И многу други сегменти од денешниот социјализам се наоѓаат пред историското прашање: „каде понатаму“, односно, „што да се прави?“. Ова поради тоа што, како што покажавме, комунистите немаат „монопол“ на оваа кризна состојба, на неуспесите и поразите.

Нашата проценка е дека во оваа кризна состојба значително помалку се погодени социјалистичките и социјалдемократските партии. Историското искуство упатува на заклучокот дека тие, не во сè, но во многу што, често беа многу поблиску до историските реалности, дека нивната политика и стратегија во поголем број земји донесоа резултати кои претставуваат несомнено крупна придобивка на општествениот напредок, па дури и на современата цивилизација во целина. Од друга страна, како што претходно покажавме, кризните трендови сосема не ја заобиколија ниту оваа значајна групација на светот на социјализмот. И овие партии се соочуваат со многу отворени проблеми и тие ќе мораат да пристапат кон одредени критички преиспитувања, кон модернизација на својата програмска платформа.

Во времето кога вака широко, а често и неодложно се отвора прашањето на радикалните промени, на темелната обнова, неизбежно се јавуваат многу крупни теориски и политички прашања. Се јавуваат многу различни одговори на централното прашање - каде, во која насока да се тргне, што треба да се промени? Овде многу сумарно ќе го изложиме нашето видување на овие прашања, ќе укажеме на најважните иновации кои, според нашата проценка, ги бара секој сериозен обновувачки потфат:

а) Прашањето на поопштествување на средствата за производство - историското искуство покажува дека социјалистичките сили мораат да се ослободат од погрешниот став според кого социјализмот се поистоветува со целосно поопштествување (во практиката тоа најчесто беше подржавување) на сите облици и делови од економската дејност. Уште поважно е да се сфати дека е погрешен и неодржлив ставот според кого подржавувањето/поопштествувањето на економијата мора да биде „прв чекор“ во процесот на „изградба“ на новото општество. Стекнатите историски искуства упатуваат на заклучок дека поширокото поопштествување побрзо би можело да биде завршен отколку почетен чекор во процесот на социјалистичка преобразба. Основните критериуми од кои се тргнува при остварувањето на оваа компонента на проектот на социјализмот би морале да бидат оние што се поврзани со економската рационалност, а не идеолошките. Ваквиот приод бара и подразбира во значителна мерка да се ревидира традиционалниот социјалистички, особено комунистички став кон приватната сопственост и претприемништвото. Социјализмот мора да се проектира како општество кое не само што дозволува и „толерира“, туку и што подразбира плурализам на сопственичките односи. Економиите на општествата кои тргнаа по патот на социјалистичката преобразба мораат да се проектираат како општества со „мешовити“, а не со еднообразни државни економии. На оние што предупредуваат дека тоа е неприфатливо за социјализмот, затоа што основната појдовна точка на овој проект на посткапиталистичка алтернатива претставува определбата на социјалистичките сили да ги надминат и укинат односите на експлоатација, при кои поседничките класи одземаат вишок на вредноста од произведувачите, треба да им се одговори дека поновата историја ни пружи полно докази дека приватната сопственост не е единствена основа од која се раѓаат односи на експлоатација. Денес речиси и да не е спорно дека произведувачите можат да бидат подложени и на погруби облици на експлоатација во системите во кои воопшто нема приватна сопственост, во кои сите средства за производство се во рацете на државата. Како што е познато, во некои социјалистички земји непосредните произведувачи добиваат помал дел од новосоздадената вредност отколку што тоа се случува во некои развиени капиталистички земји. Треба исто така да се нагласи дека спомнатиот „мешовит“ карактер на социјалистичката економија не може да се концепира како некое привремено, нужно зло. Тоа е реалност на која мора да се смета како на долготрајно обележје на економската структура и економската политика на земјите кои тргнале по овој (социјалистички) пат на развитокот.

б) Примат на производството над распределбата - со претходното тесно е поврзана нужноста социјалистичките сили да се ослободат од заблудите дека новото општество првенствено се потврдува со тоа што ќе обезбеди подобар т.е. поправеден систем на распределба. Мора да се сфати дека живееме и делуваме во време кога алтернативните проекти мораат во прв ред да се потврдуваат преку своите перформанси во производството, а не преку распределбата. За да има шанси во натпреварувањето со модерниот капитализам, социјализмот мора да се покаже и да се докаже како поефикасен, порационален и во целина поуспешен во сферата на производството, а дури потоа, односно во согласност со тоа да нуди и поинаков (поправеден) систем на распределба. Ако во практиката се покаже дека ова не е можно, тоа би бил непобиен доказ во прилог на проценката дека социјализмот повеќе нема никакви историски шанси.

в) Односот на пазарот и државната регулатива - во потрагата по нов проект на социјализмот ќе биде особено важно да се понуди и афирмира една сосема нова, оригинална синтеза на овие две димензии во обликувањето на неговите економски компоненти. Како што е познато, сите досегашни обиди да се оствари таква синтеза во земјите на реалсоцијализмот завршија со неуспех. Сепак, тоа не е доказ дека ваквата синтеза не е можна. Дека оваа проценка е точна, зборува и искуството на некои развиени капиталистички земји. Како што е познато, во овие земји државата, по Втората светска војна, презеде одредени, макроекономски регулативни функции. Остварена е одредена синтеза помеѓу пазарот, кое ја задржа централната улога, и државното насочување. Застапниците на спротивната теза (дека планирањето и пазарот се неспоиви) најчесто го поткрепуваат ова свое гледиште со тврдењето дека спомнатата синтеза е можна во системите во кои е доминантна приватната сопственост, односно дека е невозможна онаму каде што разните облици на државна или општествена сопственост имаат централно значење. Нашето гледиште е дека не е толку пресудно прашањето каква е сопственоста, туку каква е природата на односите помеѓу политиката и економијата. Синтезата помеѓу пазарот и државната регулатива навистина не е можна во системите во кои политиката така суверено и апсолутно доминира со економијата и со сите други области на општествениот живот, но денес би требало да биде јасно дека тоа не е некој „универзален закон на социјализмот“, туку пред сè одраз на одредени историски околности, а потоа и на идеолошките и политичките определби кои го одбележуваа досегашниот развиток на земјите во кои на власт беа комунистички партии. Ако беше така во минатото, тоа сè уште не е доказ дека така мора да биде секогаш и дека така мора да биде и во сите останати социјалистички потфати.

г) Класната димензија на проектот на социјализмот - овде се потребни две иновации. Во прв ред е неопходно социјалистичките сили да се ослободат од поедноставената визија според која новото општество се редуцира на решавањето на судирот помеѓу капиталот и трудот. Ова несомнено беше и останува важна компонента, но проектот на социјализмот како радикална алтернатива на постојното класно општество не може да се сведува само на оваа димензија на проблемите со кои се соочува денешниот свет, вклучувајќи ги и развиените капиталистички земји. Проектот на социјализмот нужно мора да се прошири и збогати со нови содржини. Ова пред сè е неопходно поради тоа што во денешно време е сè пораширено сознанието и уверувањето дека не само развиените капиталистички земји, туку современиот свет во целина се соочува и со многу други проблеми, од кои некои можат да имаат дури и многу поголемо значење за севкупните изгледи и иднината на човекот и човечката заедница воопшто. Во таа смисла, на пример, сè повеќе се укажува на тоа дека „прекинувањето на војната помеѓу човекот и природата“ може да има многу поголемо значење за севкупните изгледи и иднината на човештвото отколку надминувањето на „класната борба помеѓу капиталот и трудот“. Втората важна иновација се однесува на традиционалната социјалистичка, особено комунистичка теза дека работничката класа може и мора да има позиција на главна, па дури и исклучива социјална база во процесот на социјалистичката преобразба, значи, дека таа може да биде доволно широка и силна социјална потпора на овие процеси на општествена преобразба. Практиката на досегашните револуции главно не ја потврди оваа теза. Времето кое е пред нас дава уште помалку изгледи за таа да се потврди. Можностите и изгледите на социјализмот, особено во развиените земји, во голема мера ќе зависат од тоа колку социјалистичките сили ќе бидат подготвени и способни да се изборат за еден многу поширок социјален блок составен од различни општествени слоеви и класи подготвени да се ангажираат во борбата за општествена преобразба.

 Овде е посебно важно социјалистичките сили да се отворат кон таквите социјални слоеви и групации како што се творечката интелигенција, потоа разните други категории на образовани и стручни луѓе, сè помногубројните слоеви вработени во разните сектори на услужните дејности, пред сè кон оние кои се ангажирани во сè поважните информатички служби и дејности. Сè поголемо значење имаат еманципаторските потенцијали поврзани со стремежите да се отворат поголеми можности за младите и да се оствари суштинска и вистинска еманципација на жените. За социјалистичките сили исклучително важно е дали и колку ќе бидат подготвени и способни да придобијат на своја страна и позначителни сегменти од ситните и средните сопственички слоеви. Дека ова не е невозможно покажува искуството на Италија, каде тамошната КП во тоа веќе постигна многу важни резултати.

Во времето кое е пред нас не е реално да се предвидува дека проблемот на социјалниот или класниот субјект би можел да се реши на тој начин што кој било од спомнатите слоеви би можел да го „преземе знамето“ од традиционалниот пролетаријат. Единственото реално решение е во тоа да се гради широка коалиција, сојуз на сите општествени слоеви заинтересирани за промени во правец на надминување на постојното класно општество. Политиката на ваквите сојузи има изгледи да успее само во случајот ако се оди на сојуз на целосно рамноправни - значи, сојуз во кој никоја социјална групација не би можела да има некоја посебна, водечка, раководна или авангардна положба.

д) Надминување на некои традиционални, сè уште присутни утописки идеи и елементи - во таа смисла нужно е, помеѓу останатото, да се отфрлат и таквите идеи како што се оценките на социјализмот како целосно хармонично, бесконфликтно општество или, пак, општество во кое ќе биде можно истовремено да се задоволат сите потреби на човекот, односно истовремено да се решаваат и да се решат сите општествени проблеми. И во социјализмот општеството ќе мора да се соочува со прашањата на општествените приоритети т.е. со дилемата на кои проблеми да им се даде предност при ангажирањето на расположливите општествени средства. Истото мора да се каже и за постулираните (социјалистички) цели и вредности. И во социјализмот општеството ќе мора да врши соодветни избори - давањето приоритет на одредени цели и вредности многу често не е можно без соодветно „потиснување во втор план“ на некои други цели и вредности.

ѓ) Проблемот на задоволување на потрошувачките потреби - од самиот почеток претставниците на социјализмот истакнуваа дека алтернативата која тие ја нудат ќе биде општество во кое ќе биде обезбедена благосостојба за сите граѓани, и, уште попрецизно, општество кое поуспешно ќе ги задоволува сите потреби на граѓаните отколку што тоа е можно во капитализмот. Меѓутоа, денес сè повеќе се наметнува прашањето кои и какви потреби. Кога станува збор за т.н. потрошувачки потреби, тогаш треба да се истакне дека социјалистичката алтернатива не може да се редуцира на ветувањето за поуспешно задоволување на постојните потрошувачки потреби, кои во многу што не се само израз на достигнатиот развиток во високоразвиените капиталистички земји (т.н. општества на масовна потрошувачка), туку исто така и израз на системот на вредности кој е вграден во темелите на овие општества и, се разбира, израз на интересите на постојниот систем на општествена репродукција во целина. Овој вид „натпреварување“ помеѓу капитализмот и социјализмот можеше да се прифати во минатиот или на почетокот на овој [20-ти] век, но денес тоа повеќе не може да биде главна содржина на социјалистичката алтернатива кога се работи за економските услови на животот. Влеговме во планетарни размери во фазата на развиток, кога сè повеќе како пресудно ќе се наметнува не прашањето кој систем поуспешно ќе ги задоволува постојните потрошувачки потреби, туку кој ќе биде поуспешен во обликувањето и афирмирањето на новиот систем на потреби, таков систем на потреби кој не би имал како цена вакво уништување на човечката средина, уништување на расположливите ресурси и кој, поради тоа, би им одговарал не само на интересите на денешните генерации, туку и на оние што доаѓаат.

е) Колективизам - индивидуализам - на социјализмот многу штета му нанесе поистоветувањето, пред сè во теоријата и практиката на комунистичките партии, со колективизмот, со истовремено отфрлање на секој индивидуализам за кого се тврдеше, а често и денес се тврди, дека е својствен само, на сега веќе „надминатото“, класно општество и нему својствениот систем на вредности. Колективизмот во практиката најчесто се пројавуваше како наметната еднообразност, „единство на погледите и интересите“, што речиси неизбежно со себе повлекуваше, меѓу останатото, крајно загрижувачка пасивизација на најшироките слоеви од населението, вклучувајќи и многу сериозно нарушување на работната мотивација. Во сегашната потрага по нов социјализам ќе биде неопходно да се осмисли еден целосно нов пристап кон овие проблеми, да се пронајдат системски решенија кои ќе отворат пат кон поуспешно поврзување, синтеза на индивидуалните и пошироките, општествени интереси. Наместо традиционалната идеја дека социјализмот е општество во кое преовладува единство на интересите, мора да се разбере дека и во социјализмот не се само неизбежни, туку и сосема легитимни разликите во интересите, а во склад со тоа и разликите во погледите и ставовите. Овде особено големо значење има поврзувањето и ускладувањето на личните (поединечните) и пошироките општествени интереси. Историското искуство упатува на заклучок дека овде капитализмот беше многу поуспешен отколку неговата досегашна социјалистичка алтернатива. Истовремено треба да се истакне дека самата идеја на социјализмот, во принцип, не ја исклучува можноста да се оствари оваа „средба“. Ова е важно поради тоа што без лична мотивација, без системски решенија кои им отвораат широки простори и можности на мнозинството граѓани, па и на сите граѓани, во што поголема мера да ги остваруваат своите различни интереси и творечки потенцијали - никој општествен систем нема во денешно време изгледи поуспешно да се развива и на тој начин да се потврдува. „Западот“ ја доби битката со „Истокот“ во голема мера и поради тоа што неговите системски рамки поттикнуваат неспоредливо поголем број од граѓаните решението на своите проблеми и остварувањето на своите интереси да го бараат во поголемото работно ангажирање, а не да очекуваат тоа да го направи некој друг, односно да ги решава државата.

ж) Суштината и смислата на социјалистичката алтернатива - од исклучителна важност е, особено за комунистичкото крило во работничкото и социјалистичкото крило, навистина, а не декларативно да се надмине и отфрли познатото редукционистичко толкување според кое социјализмот се сведува на државна, општествена сопственост, на монистичка „социјалистичка демократија“, во која власта во суштина ја врши една (комунистичка) партија „во име на работничката класа“, а слободата и правдата се остварува според едностраното толкување на „општите и заеднички интереси и цели“. Во новиот проект на социјализмот мора да се вградат такви вредности и содржини на економскиот и политичкиот живот кои ќе обезбедат плурализам на сопственичките односи, кои не само што ќе ја дозволат, туку и ќе ја поттикнуваат конкуренцијата на различните идеи и на различните поединечни интереси и ќе овозможат плурализмот на интереси да се изрази преку соодветен политички плурализам. Политичкиот и правниот систем на социјалистичкото општество мора да обезбеди целосни политички права и повеќе еднаквост, човечка солидарност и хуманизам.

Обликувањето и афирмирањето на еден ваков, нов концепт и проект на социјализмот несомнено е многу сложен и доста тежок потфат. За да се обликува и афирмира ваквиот проект, мора да се изврши доста радикален раскин со многу важни компоненти на идеолошкото и политичкото наследство, особено на она наследство врз кое се потпираат многу делови на социјалистичката левица. Ова е сериозен проблем не само поради тоа што се отвораат многу дилеми и неизвесности, туку и поради тоа што ваквите промени подразбираат и напуштање на некои доста важни одредници на самиот политички идентитет на соодветните струи и групации во склопот на социјалистичките сили. Ова особено тешко ги погодува комунистите, бидејќи неопходните прилагодувања и престројувања подразбираат доста радикални промени. Многу клучни идеи кои што се вградени во самите темели на ова крило на работничкото и социјалистичкото движење, идеи кои ја прават самата основа на нивниот политички идентитет, паднаа на испитот на историјата. И во нивните редови сè повеќе се слушаат проценки дека тие идеи повеќе немаат никакви изгледи да бидат прифатени како темели на новото посткапиталистичко општество. Овде треба да се истакне дека и самата идеја на комунизмот како „крајна цел“ на борбата за општествен напредок во толкава мера е разнишана и оспорена што практично изгуби секаков кредибилитет. И во круговите на социјалистичките сили сè повеќе се слушаат оценки и уверувања дека тоа, сепак, беше сосема нереална, па дури и утописка замисла, дека во денешно време и не е можно сериозно да се расправа за еден таков проект на општество. Тешкиот пораз на идејата на комунизмот и на комунистите како нејзини главни претставници никако не значи дека на ист начин можат да се „отпишат“ социјализмот и социјалистичките сили. Проектот на социјализмот и сите сили кои што се залагаат за негово остварување несомнено се многу тешко погодени од сегашните кризни трендови, но, како што е претходно кажано, и во оваа многу тешка ситуација сè уште не е сè изгубено. Социјалистичките сили го полагаат својот историски испит. Дали ќе го положат или не - тоа во најголема мера зависи од тоа ќе бидат ли и колку ќе бидат подготвени и способни да изградат и афирмираат радикално обновен проект на социјалистичка алтернатива. Задачата, како што покажавме, е многу сложена и тешка, но не е нерешлива. Ова е основниот проблем и предизвик на историскиот момент - време е тоа да се работи и да се сработи. Време, сосема сигурно, многу нема.


Фусноти

[1] Види повеќе околу ова прашање во книгата на Adam Schaff "Perspektive savremenog socijalizma", IC Komunist, Beograd, 1989.
[2] Francis Fukuyama "The End of History", "The National Interest", Summer, 1989.
[3] Види Pavlović "Poredak i alternativa: izazov novih pokreta", "Univerzitetska reč", 1987.


Архива на Бранко Прибичевиќ

марксистичка интернет архива