Напишано: 1996
Извор: Nebojša Popov, “Univerzitet u ideološkom omotaču” u Nebojša Popov (ur.), “Srpska strana rata: Trauma i katarza u istorijskom pamćenju”, Samizdat B92, Beograd, 2002, I, 384-388 str.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: март 2018
...
Одредени отпори на новиот поредок се јавуваат, додуша, уште во првите повоени години, но тие не оставија подлабока трага (види B. Pekić, “Godine koje su pojeli skakavce”, 1987, 1989). Избиваат демонстрации на студентите – во Белград 1954 година и Загреб 1959 година – но ниту тие не оставаат подлабока трага, освен во личниот живот на жртвите на репресијата. Поизвесни траги во културата и политиката оставија протестите на студентите во Љубљана (1963/64), демонстрациите против војната во Виетнам – во Белград, Сараево и Загреб, 1966 – а уште повеќе „јунските настани“ во 1968 година, на речиси сите југословенски универзитети, во прв ред на Белградскиот универзитет.
Јунските настани, всушност, се дел од случувањата во светот, кои понекогаш со упадлива доза на патетика се набљудуваат како „планетарна појава“ на бунт на младите кој ги зафати „сите три светови (Њујорк, Париз, Берлин и Токио; Варшава, Прага и Белград; но и Каиро). Протестите против ограничувањето на слободата на говорот, дури и во најразвиените демократии, се протегаа и на оспорување на идеологијата на продуктивистичката и потрошувачка цивилизација. Особено се огорчени протестите против војната во Виетнам.
„Јунските настани“ почнаа во Белград, 2/3 јуни 1968 година, со демонстрациите на студентите поради фалсификувањето на фактите за еден настан од страна на режимските гласила и бруталната сила кон студентите (види N. Popov, “Društveni sukobi – izazov sociologiji”, 1983 судски забрането, повторено 1990).
За време на седумдневниот штрајк, кој го прогласи Советот на Универзитетот, како и во подолгиот период после тоа (сè до 1974 година), Универзитетот беше средиште на културни и политички случувања. Повеќе отколку во редовната настава, на зачестените трибини, во весниците и списанијата – меѓу кои предничеа „Студент“, „Сусрет“ и „Видици“ – траеше дијалогот за идеите на контракултурата и „новата левица“. Не се бараше само, туку е и изборена фактичка слобода на печатот – студентските гласила беа забранувани, но и слободно циркулираа. Слободата на политичкото делување исто така не беше само барана, туку и таа е изборена, макар и еднократно и со големи жртви. Автономијата на универзитетот не беше само пожелна вредност, туку и изборен начин на живот, макар и на краток период.
Власта, инаку, е секогаш „чувствителна“ на универзитетот, веројатно поради тоа што бројни властодршци некогаш беа „бунџии“ на Универзитетот. Се применуваа различни стратегии, од фактичката превентивна цензура, преку заташкување на споровите и судирите, до брутална репресија. Склоноста кон репресијата растеше со опаѓањето на чувството на сигурност, особено по првите работнички штрајкови (1958 година), најавата на стагнацијата на економијата (1961 година) и сè поострите судири во рамките на номенклатурата (1962 година); во еден од нив (во 1966 година) „соборен“ е [Александар] Ранковиќ, но не и политичката полиција која тој ја симболизираше, иако таа повеќе не беше така доверливо средство за „втерување монолитност“. Под опсесијата на постојаните завери,[1] во времето на „јунските настани“ врвовите на власта ги зафати вистинска паника од божемното формирање на „привремена влада“ и забрзаниот пад на поредокот.[2] Иако целото време милицијата беше околу „окупираните“ факултети, а војската „во приправност“, власта грозничаво формираше своја „паралелна структура“ („штабови“, стражи“, „тројки“) за да ги изолира „бунтовниците“ и да ги заштити фабриките („верна на работничката класа“), установите („чесната интелигенција“) и останатите „здрави поданици“. Искористен е и авторитетот на маршалот Тито, кој и самиот беше исфрлен од рамнотежа на апсолутен владетел,[3] за да се смират студентите и да се разотидат, така што главно „ќе им даде за право“ – во говорот емитуван преку државната (единствената) телевизија – за потоа да ги покрене сите расположливи сили на поредокот за трајно да се пресмета со целото движење и сето она што тоа со себе го носеше.
Со помош на партискиот апарат најпрво се отстранети сите облици на организирано политичко делување на студентите (собирите, акционите одбори, па и самиот Сојуз на студенти, во 1973 година); потоа се задушени студентските гласила – „Студент“, „Сусрет“, „Видици“ и „Фронтистерион“ – критички настроените списанија – „Филозофија“ и „Праксис“ – па се заредија судските процеси (на Владимир Мијановиќ, Милан Николиќ, Павлушко Имшировиќ, Јелка Кљаиќ, Данило Удовички, Лазар Стојановиќ и др.); дури и да не ги спомнуваме далеку побројните „пресуди“ на судиите за прекршоци, судските истраги против Миодраг Стојановиќ, Зоран Ѓинѓиќ, Лино Велјак, Марио Рубио, Дарко Штајн, Винко Залер итн. На крајот дојдоа на ред и „идејните виновници“ за сето тоа, професорите на многу факултети во земјата, од кои некои беа и судени – Михаило Ѓуриќ во Белград и Божидар Јакшиќ во Сараево, на пример.[4] Цели седум години се водеше кампања за исфрлање од Филозофскиот факултет во Белград на „осуммината професори“, кои, и покрај постојаните ургенции дури и од највисокото место на власта (Јосип Броз Тито), ќе бидат отстранети – дури преку одлука на Народното собрание на Србија (на 28 јануари 1975 година).[5]
Фактот дека власта делумно и со гола сила ги прогонуваше и казнуваше своите противници и дека не успеа да ги натера на „харикири“ („признавање на вината“), ниту органите на Универзитетот успеа да ги присили „самоуправно“ да применат репресија, покажува на силата на самата култура и на извесна традиција на борба за автономија на универзитетот, која не е лесно да се скрши.[6] Сепак, се покажа, и тоа не само во нашата земја (и еден Де Гол, државник од светски формат, против студентите ги примени сите апарати на насилството), колку власта е посилна од културата, особено таму каде што општеството е помалку развиено и каде што нема ниту елементарни облици на демократија.[7] Во пресметката со студентското движење, овде се добива забрзување на обновата на авторитарната власт, партиската држава и владејачката идеологија – нејзина главна норма станува „морално-политичката подобност“.
Со години после 1968-ма, кога и многу учесници испозаборавија што сè се случуваше, траеше кампањата против „виновниците“ за еден од најсилните нарушувања на идеолошката слика за хармонијата на „самоуправниот социјализам“. Покрај агилните режимски кадри кои правеа забрзани универзитетски кариери (Фуад Мухиќ и многу други), режимско-универзитетски „полутани“ (Стипе Шувар, на пример) и ветераните во идеолошките пресметки (Драган Марковиќ, Саво Кржевац, Воислав Миќовиќ), во сето тоа голем е уделот на вечерниот и ревијалниот печат, од сараевските „Ослобоџење“ и „Свијет“, преку загрепскиот „Вјесник“, „ВУС“ и „Старт“, до белградската „Борба“, „Дуга“,[8] „Зум репортера“, дури и „Нин“ (види Života Đorđević, “Franjevci u Montekarlu, “NIN”, br. 1127 i 1128, 1972), за на пепелиштето на веќе заборавеното поприште да буи новата – „безбедносна култура“, специјализирана за „специјална војна“, која ќе влезе и во задолжителната универзитетска литература, како учебник за Предвојничка обука или за Општонародна одбрана. Како некогашните „буџоносци“, кои се движеа во пресметка против малубројните „школарци“, „новите батинаши“ му ги нудеа своите услуги на режимот за овој да ги прифати како „перспективни кадри“ или да ги толерира нивните „матни работи“.
Понекогаш изгледаше дека зајакнатата идеолошка јамка успева да ја задуши речиси секоја „непожелна“ идеја и критичка мисла, дека идеологијата на моќта ја надмина моќта на идеологијата и дека е сè потешко да се најде „глувчја дупка“ во која прогонетиот би се засолнал. Тааков впечаток наметнуваа медиумите кои од еден до последен беа во служба на политичкиот режим (освен чесните исклучоци).
...
Фусноти
[1] Дража Марковиќ, еден од највисоките државни и партиски функционери во Србија, бележи во својот интимен дневник дека слушнал – „и сигурен сум дека тоа е точно“ – дека постоеше план, додека Добрица Ќосиќ зборува на седницата на ЦК СКС (на 29 мај), професорот Љуба Тадиќ да зборува на митинг пред Сојузното собрание, но таквиот план не е тогаш остварен, туку е искористен првиот „инцидент“ за „планот“ да се оствари (D. Marković, “Život i politika 1967-1978”, 1987, knj. I: 74).
[2] Највисоките функционери на СУП [Секретаријат унутрашњих послова], Радован Стијачиќ и Славко Звечевиќ, се согласуваа со оценката на шефот на СБ ЈНА Иван Мишковиќ дека „студентите ја преземаат власта во Белград“ и дека треба да се бара интервенција на војската (Zdravko Vuković, “Od deformacija SDB do maspoka i liberalizma”, 1989: 191).
[3] Еден од неговите најблиски и најдолготрајни соработници забележа, на лице место, дека Тито е лут како ретко кога, особено заради „попустливоста“: „Ние моравме таму да имаме ‘цврста рака’, да ги пратиме тие луѓе некаде, се знае каде, па понатаму да не роварат“, додавајќи – „јас сум првиот што ќе бара најстроги санкции“ (S. Vukmanović Tempo, “Memoari (1966-1969)”, 1985, knj. II: 301-302).
[4] За пресметката со „виновниците“ за јунскиот судир ’68-ма, види поподробно во N. Popov, 1990.
[5] Тогашниот претседател на Народното собрание Дража Марковиќ, во својот дневник, оваа одлука ја набљудува во контекст на „психолошката специјална војна против нашата земја“, како „самоодбрана“ (види D. Marković, knj. II: 90).
[6] Одредени властодршци, на пример, Дража Марковиќ, во тоа гледаат монопол на „непријателите“ во културата, дека „непријателот во областа на културата има повеќе легални институции од нас“ (види Z. Vuković, 1989: 676).
[7] Параноидноста на властодршците е изразена и во гледиштетот на Петар Стамболиќ, со децении еден од најмоќните политичари во Србија, дека се обединуваат „непријателите од сите бои“ – „и ранковиќевците и ѓиласовците и бирократите и либералите“ (Z. Vuković, 185).
[8] Во циничната школа на журнализмот, на исто рамниште се набљудуваат удбашите и „праксисовците“, подеднакво одговорни дури и за тортурата на Голи Оток (види D. Jovanić, 1990: 72).