Живоин Павловиќ
Билансот на советскиот термидор


Четврта глава

Коминтерната и странските партии

1. Коминтерната

Термидорското лудило премина и на Коминтерната, а потоа и на сите странски партии, нејзини членки. Јавното мислење во странство го осудуваше Димитров, секретарот на Коминтерната, како „иницијатор“ на стрелањето на голем број на нејзини угледни членови. Всушност, Димитров, како формален шеф на Коминтерната, во својство на нејзин генерален секретар, беше противник на ваквиот начин на уништување на старите болшевички кадри, зашто беше добро пласиран за да се увери во лажноста на обвинувањата со кои се послужи Сталин за да ги отера во смрт своите стари сопатници. Покрај Димитров, во Коминтерната против ваквото „чистење“ стана и Пјатницки, а особено германскиот претставник Вили Минценберг.[1] Првиот поради тоа противење е стрелан, додека Минценберг остана во Париз, а што се однесува до Димитров, тој двапати добиваше „отсуство“ по шест месеци, што инаку таму значи привремено интернирање.

Поради тоа неколкупати се пренесуваа вести дека Димитров е во немилост или дека е стрелан. Засега изгледа дека овие вести се произволни, зашто нема веројатност дека Сталин ќе се осмели да го ликвидира и Димитров, чија популарност во Русија е огромна и зашто тоа во самата Коминтерна би довело до уште поголеми триежи, а евентуално и до распад, зашто сè уште се држат до чувствителноста одредени легални партии, во кои понекогаш може да се зборува за демократијата во истите. Од друга страна, Димитров е некој вид симбол на антифашистичката борба не само во Русија, туку и во целиот свет, зашто е познат фамозниот процес во Берлин[2] и јуначкото држење на Димитров на истиот.

Меѓутоа, сите тие верзии во втората половина на 1939 година изгледа дека добиваат потврда. Димитров повеќе воопшто не се гледа на советските свечености и конгреси, каде секогаш заземаше место на главната трибина покрај Сталин и останатите болшевички шефови и членови на владата. Понатаму, Советско-германскиот пакт може исто така да игра пресудна улога во судбината на Димитров, кога се знае позитивно дека оној што провел толку време во германските затвори не е во состојба да се помири со ова нагло откажување на Сталин од својата досегашна антифашистичка политика.

Но, ако можеби Димитров сепак дефинитивно не паднал во немилост, страдаа најеминентните членови на Коминтерната, како претставниците на руската партија, така и на останатите партии. Најголемиот дел е стрелан без судење, додека останатите се депортирани, или сè уште се наоѓаат по затворите. Запрепастувањето е дотолку поголемо што делегатите на руската, на Болшевичката партија беа назначени од страна на самиот Сталин, што значи дека тој таму делегираше исклучиво луѓе во кои тој лично има доверба и преку кои може да ја спроведува својата политика и на меѓународен терен.

Меѓу првите е ликвидиран првиот помошник на Димитров, познатиот руски болшевик Пјатницки, стварниот шеф на Коминтерната, нејзиниот организациски секретар и благајник, а по отстранувањето на Бухарин во 1928 година, и нејзин идеолог и теоретичар.

Пјатницки никогаш не бил троцкист, ниту припаѓаше кон која било опозициска група. Напротив, со оглед на својата положба која ја заземаше, изгледаше дека е непосреден соработник на Сталин во Коминтерната, па оттука беше помистериозно неговото стрелање. Всушност, Пјатницки е стрелан зашто застана отворено и енергично против ваквиот начин на ликвидација на партиските кадри, кога имаше преостанато и похумани. Тој негов став, како и на Серго Орџоникидзе, го чинеше животот.

Пјатницки на местото организациски секретар и благајник го заменува чекистот Јежов во својство на комесар на полицијата за да може непосредно да ги контролира сите акции на членовите на Коминтерната. Меѓутоа, и тој подоцна, откако стрела две третини од членовите на Коминтерната, паѓа во немилост. На оваа задача го заменува друг делегат на Болшевичката партија, Мануилски, кој по некоја чиста случајност досега се одржа во Коминтерната. Тој е единствениот болшевички делегат кој го преживеа термидорското истребување.

Покрај Пјатницки, се пренесуваат вести дека е стрелан и Бела Кун, еден од најеминентните и најслушаните странски членови на Коминтерната. Бела Кун по потекло е Евреин. За време на Унгарската комуна[3] е претседател на советот во Пешта, а оттогаш целото време беше на работа во Коминтерната, значи, полни 17 години. Важеше за „човек на силната рака“, па секогаш е испраќан онаму каде што беа потребни извонредни организациски способности. Од сите емигранти во Москва, тој беше најпопуларната личност. Веста за неговото стрелање излегуваше неколкупати во странскиот печат и никогаш не е демантирана од советскиот печат, па во ваквите случаи молчењето значи потврда.

Падот на Бела Кун е во тесна врска со падот на Пјатницки, зашто и тој се противеше на политиката на клање и зацврстување на личната Сталинова диктатура.

Валецки, угледен член на Коминтерната и личен пријател на Роза Луксембург, е стрелан, како што се чини, со останатите членови на Коминтерната поради истите причини.

Абрамски, делегат на Руската болшевичка партија во Коминтерната, беше шеф на балканскиот отсек, а потоа и шеф на ОМС (Отсек за меѓународни врски). Стрелан е како шпион. Тој беше личен пријател на Бети Глан, директорката на московскиот парк на културата „Максим Горки“ и жена на Милан Горкиќ [Јосип Чижински], последниот секретар на Комунистичката партија на Југославија.

Во врска со стрелањето на Абрамски, стрелан е и Гргур Вујовиќ, шефот на техничкиот отсек на ОМС.

Покрај овие, уапсени се или стрелани Волф Киш, Јулиј Н... [Јулиус Новицки], полски делегат во Коминтерната и поранешен секретар на полската партија, [Едвард] Прухњак, Кошчева [Марија Кошутска], [Херман] Ремеле итн.

Според исказите на извесни коминтеровци, кои успеаја да им избегаат на своите џелати, во Коминтерната се стрелани 2/3 од нејзините членови, особено Руси. Исто така е уапсен и голем број претставници и помошни членови на Коминтерната од разни странски партии, кои се наоѓаа во Москва како политички емигранти.

2. Странските партии

Комунистичката партија на Југославија. По руската и полската партија, секако Комунистичката партија на Југославија приложи најмногу жртви на московската Љубјанка. Може да се каже дека таму е уништен речиси целиот стар партиски кадар, речиси сите вистински шефови на КПЈ, кои ја имаа таа несреќа во времето на термидорот да се наоѓаат во Москва како емигранти. Макар што вестите што ни доаѓаа од Москва беа доста ретки, а понекогаш дури и противречни, сепак, главно, се знае барем приближниот број на уапсени југословенски комунисти. Главно, листата на уапсени во Москва ни ја даде органот на КПЈ „Пролетер“ од мај 1939 година. Тоа е листа на исклучени од партијата, но се знае дека тоа е и листа на уапсените, или дури и на стреланите во Москва, зашто откако започна хајката на старите партиски кадри, сите оние што се исклучени од партијата во најмала рака беа депортирани.

Според тоа уапсени се или стрелани три поранешни генерални секретари на партијата[3a] и два секретари на младината и голем дел членови на ЦК и Политбирото.

Меѓу првите е уапсен Милан Горкиќ, последниот секретар на КПЈ.

За време на општата хајка на комунисти, странски и домашни во Москва, Горкиќ со своите соработници живееше во Париз. (Писателот на овие редови исто така беше еден од неговите поблиски соработници во својство: секретар на партијата за целата имиграција; уредник и издавач на весникот „Против Главњача“[4] и секретар на Патронатот на Црвената помош кај меѓународните органи во Париз; издавач и администратор на партискиот орган „Пролетер“, на Работничката библиотека и сопственик и администратор на партиската книжарница). Кон крајот на јули 1937 година, токму во екот на нашата најголема кампања против „троцкистичките и бухаринските хиени“, Коминтерната го повикува во Москва Милан Горкиќ. Не сомневајќи се во она што таму го чека, а и премногу сметајќи на своите големи врски во Коминтерната, без одлагање отпатува за Москва и на самата станица е уапсен.

Неколку дена подоцна, партијата доби налог од Москва да ми се одземат сите партиски и останати работи како „горкиќевец“. Тогаш ни беше јасно што се одиграло со него таму. Во партијата настана вистинска паника. Суспендирано е целото Политбиро, а во партијата поставениот „комесар“[5] по налог од Москва веднаш почна хајка на „горкиќевците“, „бухаринистите“, „троцкистите“ и останатите „народни непријатели“. Претходно е повлечена од продажба книгата на Милан Горкиќ „По новите патишта“, која содржела „провокаторски“ испади. Всушност, во оваа книга е укажано на грешките во работата во минатото и се истакнати новите методи на работа во иднина. Повлечена е и последната „Класна борба“, партиско списание, зашто статиите беа напишани од страна на нас неколку „горкиќевци“ и Милан Горкиќ. Најпосле, повлечена е и „Почетницата на ленинизмот“ од П. Вуковиќ [Родољуб Чолаковиќ], како „плагијат“. Сите овие книги се запалени по налог на Коминтерната.

Апсењето на Милан Горкиќ и останатите неволји во партијата вешто се криеја од партиското членство, па дури и од членовите на ЦК кои се наоѓаа во Париз. Кога сепак се дозна, тогаш „новите“ шефови започнаа со објаснувања, кои всушност беа тешки обвинувања против Милан Горкиќ. Меѓутоа, ова беа само непосредни поводи, но не и главната причина за неговото апсење. Еве ги тие причини:

Позната е аферата со францускиот брод во Котор, на кој е уапсен Адолф Мук, а која во Котор требаше да земе 400 доброволци и да ги превезе до Барселона. По налог на Коминтерната, нашата партија требаше да собере најмалку 3.000 доброволци за Шпанија од емиграцијата и Југославија. Во најголема „тајност“ во Марсеј е изнајмен францускиот брод „Корзика“, кој на 2 мај 1937 година тргна за Далмација. За оваа одлука знаеше само Политбирото и никој повеќе. Во Југославија се испратени специјални партиски функционери да подготват барем 400 доброволци. Меѓутоа, веќе на почетокот од април го добив од Белград, од еден мој пријател, следното писмо:

„Овде дознаваме дека подготвувате некој брод која ќе ги земе сите доброволци во Котор. Можам да ти јавам дека белградската полиција знае сè. Не знаеме на кој начин, но те предупредуваме веднаш да ги преземеш сите мерки да не се упропастуваат луѓето и таа авантуристичка акција да се запре.“

Веднаш го ставив до знаење текстот на писмото што го добив од Белград. На седницата на истиот никој не сакаше да ја сфати сета сериозност на оваа опомена. Напротив, еден од членовите изјави дека јас сум „паничар“ и дека без оглед на сето тоа, треба да се продолжи оваа акција. Тоа не беше ниту Горкиќ, ниту Мук, туку еден од оние што го обвинуваат Горкиќ како единствен виновник.[6]

Знаеме дека бродот замина и дека оваа афера заврши со апсење на Адолф Мук и стотина доброволци. Коминтерната ја чинеше преку 500.000 француски франци. Во врска со ова од мене е побарано писмено изјаснување дека она белградско писмо сум му го соопштил на Милан Горкиќ. Тоа всушност беше маневар на останатите совиновници во оваа афера целата вина да се фрли на Горкиќ. Тоа го одбив, зашто не сакав да бидам еден од соучесниците во лажните обвинувања против еден, а во извлекувањето на останатите виновници.

Второто и уште поопасно обвинение против Милан Горкиќ (која всушност излезе дури откако се дозна дека тој е уапсен) е дека тој бил ништо помалку туку „провокатор“. Од ова обвинение произлегува дека Горкиќ едноставно ги „предаваше“ на полицијата одредени членови на ЦК или Политбирото кои не му беа по волја. Така, според тоа обвинение, Горкиќ го „денунцира“ преку своите агенти од „Централната техника“ (кои „сите беа троцкисти“) словенечкиот комунист Ловро Кухар, кој е уапсен со добар дел од партиската архива. Истите денови е уапсен речиси целиот ЦК со И. Мариќ на чело. Горкиќ ги „денунцирал“, зашто ја критикуваа неговата работа.

Меѓутоа, тоа исто политбиро за оваа работа порано го обвинуваше Никола Црвенчиќ, агент на ГПУ кој е уапсен во станот на Мариќ во Виена. Поради ова Црвенчиќ требаше да биде „ликвидиран“. Врз него е извршен атентат во Париз, во која прилика тој е тешко ранет.

Која е вистината во оваа афера?

Едно е вистина, дека со ништо не е докажано ниту дека е „провокатор“ Горкиќ, ниту Никола Црвенчиќ. Според кажувањето на адвокатот што ги бранеше обвинетите во Виена, до апсењето дојде поради премногу неконспиративното делување на уапсените, кои цели часови поминуваа по виенските кафеани и на тој начин го свртеа на себе вниманието на виенската полиција.

Најпосле, третото обвинение против Милан Горкиќ е аферата на неговата жена во Москва, познатата комунистка Бети Глан, директорка на паркот за култура и одмор во Москва, „Максим Горки“.

Тоа беше (ако не се лажам) во јуни месец 1937 година. Во московска „Правда“ излезе вест дека Бети Глан е уапсена како „шпион на Гестапо и на Интелиџенс сервис“. Денунцијацијата дојде од страна на Радек, кој беше нејзин добар пријател. При претресот на нејзиниот стан, пронајден е еден дел од архивата на КПЈ, кој таму, во својата соба, го остави Горкиќ. Се разбира дека ГПУ веднаш „претпостави“ дека таа архива им е предадена на странските шпиони. Всушност, тоа беа документи без никаква актуелна вредност, зашто станува збор само за стари партиски одлуки на пленумите, а кои немаа никаков таен карактер.

Ова беше доволно обвинение, односно непосреден повод за апсење и на Бети Глан и на Милан Горкиќ како „шпиони“. Всушност, апсењето на Бети Глан лежи на друго место. Таа е сестра на втората жена на отруениот Серго Орџоникидзе, која е уапсена и стрелана изутрината по труењето на нејзиниот маж. Бети Глан беше запознаена на кој начин беше ликвидиран Серго, како и нејзината друга сестра Розинели, која е вдовица на поранешниот комесар за просвета Луначарски. Сите три се уапсени и стрелани[7] за да исчезнат заедно со лекарот Плетњев, единствен надвор од Сталиновата клика кој е запознаен со злосторството на кремљските терористи.

Исто така и за Милан Горкиќ ова беше само непосреден повод за апсењето. Главната причина лежи во тоа што тој во 1926 година беше најинтимен пријател и соработник на Бухарин, кога истиот беше претседател на Коминтерната. Бидејќи сега во очите на московските бирократи е најголем злочин да се биде дури и пред 20 години личен пријател на некој од стреланите „шпиони“, тоа беше доволна, а и единствена причина за апсењето и евентуалното стрелање на Милан Горкиќ.

Со апсењето на Милан Горкиќ е уапсено и целото партиско претставништво на КПЈ во Коминтерната. На прво место, уапсен е првиот претставник „Флајшер“ [Иван Гржетиќ], а потоа и останатите негови соработници. Се пренесуваат вести дека и сите тие се стрелани.

Нешто подоцна, по апсењето на Милан Горкиќ, уапсен е и др. Сима Марковиќ, поранешен генерален секретар на КПЈ, поранешен народен пратеник и шеф на србијанскиот пролетаријат.

Сима емигрира во Советската Унија пред неколку години по налог на Коминтерната за да го оневозможи секој допир со работниците во Србија. Извесно време беше професор во Москва, а потоа во Одеса, што веќе претставуваше немилост. Во Москва воопшто не беше на партиска работа поради своите стари „гревови“, па според тоа ниту соработуваше со Милан Горкиќ ниту со дотогашното партиско раководство, кои водеа остра борба против него. Сима е уапсен само затоа што некогаш поинаку гледаше на фамозното „национално прашање“ од Сталин и Коминтерната. Тој го застапуваше гледиштето дека националното прашање донекаде може да се реши и во рамките на буржоаската држава, по пат на уставни реформи, преку давање на широки национални слободи, кои можат да одат до автономија во рамките на сегашните граници. Тогаш Коминтерната и КПЈ по секоја цена бараа „самоопределување до отцепување“. За тие стари „гревови“, како и останатите стари болшевици во Русија, уапсен е и Сима Марковиќ, иако Сталин и Коминтерната денес го имаат истиот став по националното прашање во Југославија како Сима Марковиќ некогаш.

Неговата судбина е неизвесна. Меѓутоа, упорно се пренесуваат вести дека е стрелан заедно со останатите.

Покрај Сима, уапсен е и Филип Филиповиќ „Стари“, поранешен народен пратеник и поранешен претседател на белградската општина. Филип рано емигрира во Советската Унија. Не беше на партиска работа во последните десетина години. Работеше во Аграрниот институт, таму каде што обично ги фрлаат во „архивата“ оние што повеќе никогаш нема да се вратат на активна партиска работа. Во издание на овој институт Филиповиќ објави неколку забележителни дела по разни аграрни прашања.

Тешко е да се сфати апсењето на Филип Филиповиќ, дотолку повеќе што тој никогаш не беше троцкист, ниту опозиционер од лево или од десно. Никогаш не припаѓаше на ниту една фракција во КПЈ, па важеше за еден од најсовесните „линијаши“. Него помладите комунисти го исмеваа во Москва бидејќи при секоја дискусија почнуваше со воведот: „Јас, другари, мислам како и Коминтерната.“ Само, денес е голем злочин да се мисли како Коминтерната на Зиновјев, Бухарин и Пјатницки. По своја прилика, Филип изразил негодување при стрелањето на руските болшевици, па е денунциран од страна на агентите провокатори во служба на ГПУ, па поради тоа и затворен.

Апсењето на Ѓука Цвииќ, поранешен секретар на партијата и еден од најдобрите комунистички новинари, исто така предизвика сензација во југословенската колонија во Москва. Ѓука беше еден од најголемите Горкиќеви ривали и негов огорчен противник. Кога падна Горкиќ, се пренесе вест дека на позицијата ќе го замени Ѓука Цвииќ. Наместо тоа, тој е уапсен. Причината? Бидејќи неговата критика против Милан Горкиќ почиваше на „нездрава основа“. Тоа беше само изговор. Главната причина за неговото апсење лежи во тоа што тој своевремено беше „левичар“. И за него се пренесуваат вести дека е стрелан.

Заедно со Ѓука Цвииќ е упасен и неговиот брат Стјепан, поранешен секретар на Комунистичката младина на Југославија, кој исто така се наоѓаше во емиграција во Москва.

Од партијата уште се исклучени, а секако и уапсени во Москва: Сима Миљуш и Никола Ковачевиќ, поранешни народни пратеници; Камило Хорватин и неговата жена Јованка, Коста Новаковиќ, исто така поранешен народен пратеник итн.

Според сигурни вести стрелан е и Воја Вујовиќ, поранешниот секретар на Комунистичката младинска интернационала, познат зиновјевист, кој беше депортиран, а откако се покаја, повторно е затворен во 1934 година. Неговиот брат Гргур, како што спомнавме, е стрелан заедно со Абрамски. Тој е поранешен секретар на СКОЈ.

Неизвесна е судбината на „Мартиновиќ“ [Јован Малишиќ], кој во Шпанија цело време во текот на граѓанската војна беше еден од главните членови на ГПУ.

Павле Бастаиќ, отповикан во Москва, побрзо се согласи на белградската „Главњача“ отколку на московската „Љубјанка“.

Од поранешните троцкисти, кои се депортирани уште од 1939 година се слуша дека се стрелани: Станко Драгиќ, поранешен член на ЦК од Загреб; Мустафа Дедиќ, секретар на синдикатот за Херцеговина; Стефан Еберлинг, родум од Војводина. Тие заедно со др. Анте Цилига, претставникот на Коминтерната во Виена, беа осудени на три години робија, а потоа беа депортирани. Во депортација поради своите троцкистички убедувања по своја прилика се стрелани. Др. Цилига во последен момент по издржувањето на робијата и депортацијата, непосредно пред советскиот термидор, успеа со помош на италијанскиот пасош (чиј е поданик) да се оттргне од Советската Унија.

Откако се извршени стрелањата и апсењата во Москва, година дена подоцна сите уапсени или стрелани се исклучени од партијата. „Пролетер“, партискиот орган, од мај 1939 година, ја донесува следната листа на исклучени југословенски комунисти.

„Поради разорното партиско делување, групаштво, обидите за обновување на фракциските борби во КПЈ и ширењето на забуна во редовите на Партијата во земјата и ширењето лажни гласини од странство, поради врски со троцкистичките и други сомнителни елементи итн. од редовите на КПЈ се исклучуваат: И[ван] Мариќ и М[аргита] Мариќ, Лабуд Кусовац и неговата жена. Како туѓ и непартиски елемент се исклучува Бобо ([Борис] Божиќ). Поради групашко и антипартиско делување, поради тесни врски со троцкистите и поради известување на истите за партиските тајни, како на пример Дарсула [Шимун Лалиќ] во Франција, од Партијата е исклучен И[ван] Б[аљкас] (Жак). Поради недисциплина, групаштво и непокорување на одлуките на Партијата, од Партијата е исклучен В[ицко] Ј[еласка] (Стари). Како туѓ и сомнителен елемент од Партијата е исклучен Л[азар-Филип] Ч[ули]ќ.

Како елементи кои на нашата Партија и на работничката класа им нанеле големи штети во текот на низа години преку своите фракциски и групашки борби, преку врските со класниот непријател, ја лажеа КИ, со своето деструктивно делување го кочеа развојот на Партијата и на тој начин го обезглавија движењето на работничката класа на Југославија и така му помагаа на класниот непријател, од редовите на КПЈ се исклучени: Милан Горкиќ, Флајшер, С. Марковиќ, С[имо] Миљуш, [Антун] Маврак, Крешиќ [Ѓуро Цвииќ], Андреј [Стјепан Цвииќ], Петровски [Камило Хорватин], Сењко [Владимир Ќопиќ], Мартиновиќ, Шварцман [Вилим Хорвај], Шварц [Гојко Самарџиќ], Драгачевац [Коста Новаковиќ], Бергер [Акиф Шеремет], Лихт [Радомир Вујовиќ], Граберица [Јованка Хорватин], Дреновски [Јанко Јовановиќ], Гргур В[ујовиќ] и З[ора] Миљуш.

Поради обид за создавање фракции во Партијата, поради недисциплина и непокорување на одлуките на Партијата, внесување на збрка во партиските редови и неискреност пред ЦК и предавничко држење пред класниот непријател, поради што ја доведе во заблуда не само КПЈ, туку и целата работничка класа, од редовите на КПЈ е исклучен Петко Милетиќ. Поради фракционерство, недисциплина и антипартиско делување се исклучени [Борис] Војнилович и [Иван] Корски.“

Ова е единственото објаснение за исклучувањето на партиските функционери кое е упатено на партиското членство и на самите исклучени.

Но неопходно се потребни неколку коментари и објасненија.

Мариќ и Кусовац сè до 1938 година беа во Париз. Додека Кусовац беше секретар на Шпанскиот комитет, Мариќ работеше во емигрантските организации. Кога се повикани во Москва, воопшто не им беше објаснето зошто ги повикуваат, за што полесно да бидат одведени на губилиште. Никогаш во Париз не се повикувани на одговорност да се изјаснат во што се состои „ширењето лажни гласини од странство“ и какви се нивните „врски“ со троцкистите и со кои. Дотолку повеќе што ниту во Париз а ниту на друго место немаше троцкисти со кои тие би можеле да одржуваат врски. Второ, тие воопшто не одржуваа врски со земјата, освен со своите семејства. Исто така и нивните жени. Тие се исклучени само затоа што им се исклучени мажите.

Исто така, исклучувањето на Иван Баљкас поради „тесни врски со троцкистите и поради известување на истите за партиските тајни, како на пример Дарсула во Франција“. Кога Баљкас беше во Париз, партијата му наложи да се сретне со др. Анте Цилига, кој тие денови се врати од Сов. Унија. Тој тоа го направи. Дискусијата која тие ја водеа преку „Слободна реч“ и „Нова Европа“ ниту најмалку не му оди во прилог на тезите на оние што го исклучија Баљкас. Понатаму, Баљкас дојде во Париз од Јужна Америка и во Париз го затекна Дарсула на партиска работа во Емиграцискиот комитет, така што Дарсула знаеше многу повеќе „партиски тајни“ отколку Баљкас, кој одамна е надвор од движењето. Всушност, и тој е жртва на старите „гревови“. Баљкас исто така своевремено соработуваше со Цилига во Загреб. Тоа е главната причина, останатото се само цинични изговори.

Др. Сима Марковиќ е исклучен како и Горкиќ поради „групашки борби“ и ... „врски со класниот непријател“ (?!). Меѓутоа, се знае дека др. Сима Марковиќ е надвор од секаква партиска работа од пред 12 години и дека е во Москва од пред неколку години. Се поставува прашањето како тој таму можеше да води групашки борби кога речиси целосно беше изолиран од останатите. Како можеше да биде во „врска со класниот непријател“ кога цело време во Русија беше на око на ГПУ? Значи, сепак, според оваа вест, др. Марковиќ беше, во најмала рака, „шпион“. Да му застане паметот на човек!

И потоа во „врски со класниот непријател“ Коста Новаковиќ, Владо Ќопиќ, Цвииќ, Хорватин, Филиповиќ и др. (кои се наоѓаат како исклучени под псевдоними)?!

И потоа исклучувањето на Петко Милетиќ. Во сите странски илегални партии Петко Милетиќ е земан како пример за јунаштво во држењето пред „класниот непријател“. Како таков се земаше за пример во нашата партија. Петко Милетиќ сега е исклучен „поради предавничко држење пред класниот непријател“.

Писателот на овие редови ја напушти партијата по апсењето на Милан Горкиќ и останатите, спорејќи му го правото на ГПУ и на советската држава да ги апси и стрела не само странските, туку и домашните комунисти само затоа што сакаа да ги користат правата што им ги даваат статутите. Поради тоа и особено поради состојбата во партијата која настана по апсењето на Горкиќ, му го упатив на ЦК КПЈ следното писмо:

„Одредени мои другари, иселеници, ме известија дека им е кажано дека сум исклучен од партијата и дека треба да ги прекинат сите врски со мене. Не навлегувајќи во тоа дали овие вести се вистинити или не, досегашниот став на партиското раководство кон мене јасно ми докажа дека всушност сум исклучен, иако можеби сите формалности не се исполнети. Макар што му го спорам правото на КПЈ да може да ме исклучи, зашто формално сум член на КП Франција, сепак сметам дека таквиот став на КПЈ ме присилува да се повлечам од редовите на КПФ, што овие денови и го направив.

Причините што ме водеа да се повлечам од редовите на партијата на која и’ служев речиси 20 години се следните:

1. Апсењето на Милан Горкиќ во Москва. Длабоко сум уверен дека Милан Горкиќ, како ниту останатите што се уапсени во Москва не се шпиони. Нивното апсење го сметам за нелегално. Според статутите на партијата само партиските инстанци на онаа партија на чие чело се наоѓаа се надлежни да ја иследуваат вината на своите функционери и за истите да ги казнува. Истовремено сметам дека само партиските инстанци можат да ги избираат своите функционери и да ги тргаат од работите.

2. Недовербата на партијата кон мене. Новоименуваниот секретар ми изјави, без тоа да го поткрепи со причини, дека „партијата“ нема доверба во мене. Кога за 20 години од мојата работа не успеав да ја стекнам довербата на партијата, сметам дека ми е невозможно да останам во нејзините редови сè дотогаш додека не се престане со арбитрерните постапки на нејзините функционери кон членовите на партијата.

3. Мојот „троцкизам“. Одредени членови на ЦК јавно ме обвинија дека сум „троцкист“, макар што никогаш и никој не беше во состојба да поткрепи со докази дека имало што било троцкистичко, дали во мојата работа, статии или во разговорите со другарите.

4. „Шпионажа“. На една од седниците на веќе отстранетото партиско раководство, по повод моите односи со професорот на Сорбона, покојниот Домино, изразено е сомневање во мојата исправност како партиец, зашто покојниот Домино беше „агент на друго биро“. Меѓутоа, моите односи со проф. Домино не одеа подалеку од услугите што тој нам ни ги правеше, а кои партијата преку мене ги бараше од него. Останатите партијци, кои со него имаа врски, поради тоа не се воопшто вознемирувани.

5. „Проневера на пари“. Истите луѓе, а особено нивните жени, раструбија дека сум проневерил партиски пари (книжарница, патронат, администрација итн.), иако контролната комисија ги завери моите сметки како исправни. На моите протести партиското претставништво во Париз ништо не направи за сузбивање на овие клевети, потхранувајќи ја со тоа бајката за „проневерата“.

6. Соработката во „Слободна мисла“. Партиското претставништво во Париз и’ наложи на редакцијата на „Слободна мисла“ во Торонто да ми ја откаже соработката (иако истата не ја држам од партијата и иако „Сл. м“ не е орган на партијата) со цел да ме лиши и од последните средства за живот, а соработката му ја предаде на човек кој располагаше со доволно средства за живот.

Сите овие причини, покрај скандалот околу интервенцијата околу моето протерување од Франција, ме наведоа да се повлечам од редовите на партијата сè дотогаш додека не ми се пружи можност да можам да се бранам пред нејзините инстанци од обвинувањата за кои воопшто не се чувствувам виновен.“

Доста подоцна, на барање на КПЈ, КПФ ме исклучи од своите редови, иако истите ги напуштив неколку месеци порано.

Тоа главно се исклучените и „тргнатите“ од активностите во странство и во земјата, а чие исклучување е објавено во „Пролетер“. Меѓутоа, голем број членови на партијата во Југославија се тргнати по налог од Париз или се отстранети од партиските работи и од партиското членство. Партиските организации добија налог да ги отстранат од активностите сите „горкиќевци“, „цвииќевци“, „симоновци“; сите поранешни „групаши“, секташи и „фракционери“. Значи, отприлика целиот партиски кадар, зашто се ретки оние партијци кои не можат да се стават во една од овие категории.

Тоа, значи, се исклучените. Но многумина, кои уште одамна требаше да излетаат од партијата, останаа во неа. Неколку примери:

Еден човек, кој и денес е партиец, со некои сомнителни индивидуи изврши во Виена „експропријација“ на пари и работи од вредност на некоја балерина, поради што го бараше виенската полиција. Партијата, односно токму оние што денес се наоѓаат на нејзино чело, го испрати во Париз на „поправка“. При исказот што ми го даде по налог на партијата ми рече дека тоа е дозволено, бидејќи и самиот Сталин го правеше тоа.[8]

Друг пример. Еден од поранешните членови на Политбирото,[9] кого Горкиќ го тргна од активностите, а кој денес токму поради тоа што беше антигоркиќевец е персона грата [пожелен човек] на партијата, беше причината за една тешка провала во која пропадна целиот партиски материјал кој беше упатен во земјата. Пред неколку години требаше да се упати во Словенија одреден важен материјал. За тоа требаше сигурно лице. Меѓутоа, тој и’ нареди на партиската организација да му ја испрати неговата љубовница за тој материјал. Таа, изгледа, или беше во врска со полицијата или се расприкажа дека оди во Виена за да пренесе материјал. Полицијата дозна за ова, ја пратеше до Виена и во Виена, дозна за многу адреси и при преминувањето преку границата, го плени сето она што таа го носеше.

Исто така, не е исклучен ниту „Јанковиќ“,[10] кој беше познат горкиќевец до падот на Горкиќ и кој благодарение на него уживаше специјални парични повластици од касата на партијата и од Црвената помош, на кои другите немаа право. Ова сè со цел на неговото „лечење“, макар што воопшто не беше болен. Не е тргнат, зашто како благодарност за оваа работа беше главниот тужител против Милан Горкиќ.

Ја лажеше партијата Сима Марковиќ, Петко Милетиќ, иако никој, па ниту оние што исклучуваа не знаат во што се состои тоа лажење. Меѓутоа, еден од неисклучените ја лажеше партијата при емиграцијата од земјата дека воопшто нема пари, па примаше помош од Црвената помош. Подоцна се утврди дека имал „чекмеџе“ кое му го пронајде ГПУ и поради тоа, иако интелектуалец, партијата го испрати на физичка работа, по казна.

*

Спомнавме дека партиското членство воопшто не се известува за сите тие интриги кои по наредба од Москва се практикуваат кај нас. Исто така вешто се кријат сите вести за апсењето и стрелањето на југословенските комунисти во Москва. Напротив, на прашањето на одделни членови дали тие вести одговараат на вистината им се одговара дека сето тоа „не е точно“, дека тие исклучувања не значат апсење и стрелање. Меѓутоа, едно знаеме, дека сите оние што се обвинети во Москва како „шпиони“ или дека „одржувале врски со класниот непријател“ се стрелани. Така беше не само со Русите, туку и со Полјаците, Германците итн.

*

Најпосле, не е на одмет исто така да спомнеме како и кај нас се водеше „антитроцкистичката“ кампања, дури и во времето на самиот Горкиќ. Лажните обвинувања, подметнувањата и клеветите беа главните, ако не и единствените аргументи со кои се служеа партиските шефови.

Оваа кампања започна по налог од Москва уште од почетокот на термидорот. Претходно е поведена кампања против „троцкистите“ во Југославија. Во очите на овие луѓе сите оние кои ја напуштија партијата или биле исклучени за што било, беа „троцкисти“, а како такви, се разбира, „агенти на полицијата“. Редовно се спомнуваа неколку имиња меѓу кои имаше луѓе кои никогаш не работеле во работничкото движење, или уште одамна се наоѓаа дури и во владините партии. Ова се правеше поради тоа што кај нас воопшто не постоеше троцкистичко движење, па требаше „троцкистичката опасност“ по секоја цена да се надува, па да докажеме дека и ние знаеме да ги гониме тие „троцкистички хиени“. Оттука се измислувани имиња, измислувани акции.

Случајот со др. Цилига е исто така интересен. Др. Цилига се обиде да влезе во Југославија со италијански пасош. На границата е затворен и спроведен во белградскиот затвор, зашто порано беше протеран од земјата како италијански граѓанин поради комунистичка пропаганда. Во една статија во партискиот орган „Пролетер“ се кажува дека др. Цилига слободно се шетка по Југославија, со благонаклонет став на полицијата и дека тој замина за Југославија поради „троцкистичка пропаганда“. Всушност, во тој момент Цилига беше во затвор и по два месеци е протеран од Југославија. Кога се дозна за ова, требаше да се вади. Во друга статија истиот писец на статии пишува дека полицијата сака од „предавниците“ да направи „маченици“ за да ги популаризира со цел тие да можат и понатаму да ги „заведуваат“ работничките маси.[11]

Всушност, др. Цилига уште од поодамна не е троцкист, што впрочем и го објасни зошто, во својата книга „Во земјата на големата лага“, која излезе на француски јазик во Париз.

Друг пример. Сцената се одигрува на седницата на Политбирото. „Чистењето на троцкистите“ е на дневен ред. Да, но кај нас нема троцкисти во Франција, а оние „троцкисти“ во Југославија веќе одамна се „приковани на столбот на срамот“. Еден од нив, со најдобро паметење, се сети дека во Москва, некогаш, наречениот „Дарсула“ беше некој вид левичар, како и сите останати што тогаш беа во Москва. Дарсула е во Шпанија на фронтот. Сеедно, потребна е барем една жртва, а засега се знае само за Дарсула. И Дарсула се исклучува како „троцкист“, иако не е земен на одговорност и иако никој жив не знаеше во што се состои неговиот „троцкизам“. За цинизмот да биде поголем, покрај разните партиски имиња под кои нелегално работеше во земјата, ставено е и неговото вистинско име. И тоа не беше во нивните очи никаква „провокација“.

Случајот на осуденикот Ивиќ е исто така интересен. Таа психоза на гонење на партиските кадри е пренесена од Москва на странските партии, на нејзините организации во земјата, па дури допре и на робија во [Сремска] Митровица. Одговорните за партиски работи во затворот го исклучија Ивиќ како „троцкист“. Неколкупати го тепаа, го исклучија од „колективот“ и на малтретирањето му немаше крај. Подоцна е утврдено дека Ивиќ не бил троцкист и затоа се исклучени оние што го исклучија, но тој не е вратен повторно во партијата. Така, речиси сите станаа „троцкисти“, иако помеѓу нив воопшто нема троцкисти.

...


Забелешки на преведувачот

[1] Вили Минценберг (1889 - 1940) е еден од лидерите на Комунистичката партија на Германија, прв генерален секретар на Комунистичката младинска интернационала. По потпишувањето на пактот со Нацистичка Германија, Минценберг станува критичар на Сталин. По освојувањето на Франција од страна на нацистите, тој е интерниран во Лион, а набрзо е убиен од страна на советските тајни агенти.

[2] Станува збор за Лајпцишкиот процес. Во врска со запалувањето на Рајхстагот, нацистите ги обвинуваат комунистите дека тоа го направиле и изведуваат пред суд неколку комунисти. Димитров многу храбро се држи во судскиот процес и стекнува светска слава поради тоа. Главно благодарение на неговата одбрана, тој и неговите соработници се ослободени од обвинението.

[3] Унгарската советска република од март до август 1919 година.

[3a] Всушност, дури петмина секретари на КПЈ загинаа во чистките: Филип Филиповиќ, Сима Марковиќ, Ѓуро Цвииќ, Јован Малишиќ и Милан Горкиќ.

[4] Главњача беше истражен затвор во Белград, каде беа мачени многу југословенски комунисти.

[5] Станува збор за Јосип Броз Тито, кој во тоа време беше поставен на чело на КПЈ.

[6] Не се знае точно на кого се мисли. Слободан Гавриловиќ, уредникот на изданието на книгата на Павловиќ од 1989 година, претпоставува дека се работи за Иван Мариќ или за Јосип Броз, бидејќи и двајцата по апсењето на Горкиќ станаа жестоки „антигоркиќевци“.

[7] Сепак, Бети Глан иако беше уапсена, не беше стрелана. Беше испратена во Сибир, од каде успеа и да се врати.

[8] Во периодот по Револуцијата од 1905 година болшевиците се ангажираа во она што Владимир Ленин го нарече „партизанска војна“. Се работеше за „експропријација“ на пари при класични грабежи на кочии кои превезувале пари. Помеѓу најистакнатите „експропријатори“ беше Сталин.

[9] Најверојатно се работи за Прежихов Воранц.

[10] Јанковиќ веројатно е псевдоним за Иван Крндељ.

[11] Според уредувачите на репринт изданието на „Пролетер“ автор на првата статија е Едвард Кардељ, а на втората Јосип Броз.


Содржина