Првпат објавено: Zeitungskorrespondenz, no. 75. July 1909.
Извор: Socialist Standard, no. 1380, August 2019.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2019
Во научната литература има бројни поплаки околу сѐ поголемото уништување на шумите. Но не е само радоста што секој љубител на природата ја чувствува кон шумите она што треба да се земе предвид. Има и важни материјални интереси, всушност станува збор за виталните интереси на човештвото. Со исчезнувањето на изобилните шуми, земјите кои од древните времиња биле познати по својата плодност, кои биле густо населени и познати како житници за големите градови, станаа камени пустини. Дождот таму ретко паѓа освен како уништувачки поплави што ги носат со себе слоевите хумус кој дождот треба да ги нахрани. Таму каде што се уништени планинските шуми, пороите создадени од летните дождови предизвикуваат енормни маси камења и песок да се спуштаат надолу, а кои ги затрупуваат алпските долини, расчистувајќи ги шумите и уништувајќи села чии жители не се виновни „поради фактот дека личниот интерес и незнаењето ги уништија шумите и изворите во високите долини“.
Авторите силно инсистираат на личниот интерес и на незнаењето во нивниот елоквентен опис на оваа бедна ситуација, но тие не погледнуваат во нивните причини. Тие веројатно мислат дека нагласувањето на последиците е доволно за да се замени незнаењето со подоброто разбирање и со поправање на ефектите. Тие не гледаат дека ова е само дел од појавата, еден од бројните слични ефекти што капитализмот, овој начин на производство што е највисок стадиум на ловот по профит, го има врз природата.
Зошто Франција е земја сиромашна со шуми која мора секоја година да увезува од странство дрва вредни стотици милиони франци и да троши многу повеќе да ги поправа преку повторно пошумување катастрофалните последици од дефорестацијата на Алпите? Под Стариот режим имало многу државни шуми. Но, буржоазијата, која го презела кормилото на Француската револуција, во нив видела само средство за лично богатење. Шпекулантите расчистиле 3 милиони хектари за да го претворат дрвото во злато. Тие не размислувале за иднината, само за непосредниот профит.
За капитализмот сите природни ресурси не се ништо освен злато. Колку побрзо ги експлоатира толку повеќе се забрзува протокот на злато. Приватната економија резултира со тоа што секој поединец се обидува да извлече најмногу профит без воопшто да помисли ниту за момент на општиот интерес, на тој на човештвото. Како резултат, секое диво животно што има парична вредност и секое диво растение што го зголемува профитот веднаш станува предмет на трка до истребување. Слоновите во Африка речиси исчезнаа, жртви на систематско ловење за нивната слонова коска. Слично е и со дрвјата за гума, кои се жртва на предаторската економија во која секој ги уништува без да засади нови. Во Сибир, забележано е дека крзнените животни стануваат поретки поради интензивното ловење и дека највредните видови можат наскоро да исчезнат. Во Канада, огромни недопрени шуми се сведени на пепелишта, не само од доселениците кои сакаат да ја обработуваат почвата, туку и од „трагачите“ во потрага по рудни депозити, кои ги преобразуваат падините на планините во голи камења за да имаат подобар преглед на земјиштето. Во Нова Гвинеја, бил организиран масакр на рајските птици за да се задоволи скапиот каприц на една Американка милијардерка. Модното лудило, типично за капитализмот што се расфрла со вишокот на вредноста, веќе доведе до истребување на ретки видови; морските птици на источниот брег на Америка ѝ го должат својот опстанок само на стриктната интервенција на државата. Ваквите примери можат да се набројуваат по волја.
Но, зарем растенијата и животните не се тука за да бидат искористени од луѓето за нивни цели? Овде целосно го оставаме настрана прашањето за зачувувањето на природата онаква каква што би била без човечката интервенција. Знаеме дека луѓето се господари на Земјата и дека тие целосно ја преобразуваат природата за да си ги задоволат потребите. За да живееме, ние сме потполно зависни од силите на природата и од природните ресурси; мора да ги употребуваме и трошиме. Тоа не е прашањето тука, туку начинот како капитализмот ги користи нив.
Еден рационален општествен поредок ќе мора да ги користи достапните природни ресурси на таков начин што она што се троши треба истовремено и да се замени, со цел општеството да не се осиромаши себеси и да стане побогато. Една затворена економија која троши дел од своите пченкарни семиња се осиромашува себеси сѐ повеќе и повеќе и неизбежно мора да пропадне. Но, тоа е начинот на кој делува капитализмот. Ова е економија што не мисли на иднината, туку живее само во непосредната сегашност. Во денешниот економски поредок, природата не му служи на човештвото, туку на капиталот. Не се облеката, храната или културните потреби на човештвото она што го управува производството, туку апетитот на капиталот за профит, за злато.
Природните ресурси се експлоатираат како резервите да се бесконечни и неисцрпни. Штетните последици од дефорестацијата за земјоделството и уништувањето на корисните животни и растенија го разголуваат конечниот карактер на достапните резерви и неуспехот на овој вид економија. [Теодор] Рузвелт го признава овој неуспех кога сака да повика на меѓународна конференција за да се разгледа состојбата со сѐ уште расположливите природни ресурси и да се преземат мерки да се запре нивното расфрлање.
Се разбира, самиот план е залажување. Државата може да направи многу за да се запре безмилосното истребување на ретките видови. Но, капиталистичката држава во крајна линија е беден претставник на доброто за човештвото. Таа мора да запре пред суштинските интереси на капиталот.
Капитализмот е безглава економија која не може да ги регулира своите дејствија преку разбирање на нивните последици. Но, неговиот разорен карактер не произлегува само од овој факт. Со векови луѓето исто така ја експлоатирале природата на глупав начин, без да размислуваат за иднината на човештвото како целина. Но, нивната моќ била ограничена. Природата била толку огромна и толку моќна што со нивните слаби технички средства луѓето само по исклучок можеле да ѝ наштетат. Наспроти тоа, капитализмот ги заменил локалните потреби со светски потреби и создаде модерни техники за експлоатирање на природата. Така сега е прашање на енормни маси материја што е подложна на колосални средства на уништување и што се отстранува од моќните средства за транспорт. Општеството под капитализмот може да се спореди со огромно неинтелигентно тело; додека капитализмот ја развива својата моќ без граници, истовремено безобѕирно сѐ повеќе и повеќе ја уништува околината од која што живее. Само социјализмот, кој може да му даде свест на ова тело и разумно делување, истовремено ќе го замени уништувањето на природата со една рационална економија.