Шантал Муф

Левo-популистичка стратегија за пост-КОВИД-19


Извор: Chantal Mouffe, "A Left populist strategy for post-COVID-19", "openDemocracy", 15 September 2020.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: септември 2020


Целта на Зелената демократска трансформација е заштита на општеството и неговите материјални услови на постоење на начин што ги оснажува луѓето.

Неодамна беше објавен крајот на левиот популизам од страна на неколку од неговите критичари, кои тврдат дека, бидејќи левите популистички партии не успеаја да ги постигнат своите цели, време е за враќање на традиционалната класна концепција на политиката. Сакам да го предизвикам ова гледиште и да тврдам дека во сегашната констелација лево-популистичката стратегија е порелевантна од кога и да било. КОВИД-19 ги зголеми постојните нееднаквости и ја нагласи органската криза на неолиберализмот. Нема да има враќање на „бизнисот по старо“ по пандемијата.

Точно, токму ова се случи по економската криза од 2008 година. Но, тогаш хегемонијата на неолиберализмот поминуваше речиси непредизвикана, а денес политичкиот контекст е поинаков. Кризата од 2008 година ги изнесе на виделина границите на финансискиот капитализам, а неолибералната глобализација престана да се смета за наша судбина. По годините на „пост-политика“, кога немаше суштинска разлика помеѓу десничарските и левичарските политики, ние сега сме сведоци на „враќањето на политичкото.“ Денес во неколку земји постојат радикални левичарски движења што го предизвикуваат социјал-либерализмот на партиите од левиот центар и бујат различни облици на активизам во многу сфери. „Петоците за иднината“, младинското движење во одбрана на климата, како и антирасистичките мобилизации на „Црните животи се важни“ им донесоа интернационална видливост на овие борби.

Конкурентни стратегии

Мислам дека она што ќе го видиме како последица од КОВИД-19 ќе биде конфронтација околу различните стратегии за тоа како да се справиме со економската, општествената и еколошката криза што пандемијата ја изнесе на виделина. Неолибералите без сомнение ќе се обидат да ја употребат државната власт за повторно да ја наметнат доминацијата на капиталот. Овој „државен неолиберализам“ во одредени земји би можел да биде потпомогнат преку авторитарни мерки, потврдувајќи ја тезата на Волфганг Штрек дека демократијата и капитализмот станаа некомпатибилни. Неолибералниот авторитаризам би можел да добие дигитална форма, како во „екранскиот њу дил“ [Screen New Deal],[1] каков што го предвиде Наоми Клајн. Како што сведочи тековната дебата околу прикладниот технолошки одговор на санитарната криза, постои растечка тенденција да се смета дека решението се состои во обезбедувањето апликации за да се контролира здравјето на населението. Кризата предизвикана од коронавирусот претставува одлична прилика за дигиталните гиганти да се етаблираат себеси како репрезенти на целосно компјутеризираната здравствена политика. Нивната амбиција да ја прошират својата контрола и во другите области може да се легитимизира преку активното промовирање на помодниот „технолошки солуционизам“, кого го анализираше Евгениј Морозов. Во неговата книга „Да се спасите сѐ, кликнете овде,“[2] Морозов нѐ предупредува за опасностите од оваа идеологија на солуционизам, промовирана од Силиконската Долина, според која сите проблеми, дури и политичките, имаат технолошко решение. Тој посочува дека солуционистите застапуваат пост-идеолошки мерки и ја применуваат технологијата за да ја избегнат политиката.

Верувањето дека дигиталните платформи би можеле да бидат темел за политичкиот поредок го одгласува тврдењето на политичарите на Третиот пат дека политичките антагонизми се надминати и дека левицата и десницата се „зомби категории“. Солуционизмот, всушност, е технолошка верзија на пост-политичката концепција што стана доминантна во текот на 1990-тите. Тој го олеснува прифаќањето на пост-демократските форми на техно-авторитаризмот, кои остануваат имуни на демократската контрола. Неолибералната верзија на техно-авторитаризмот можеби сѐ уште не е техно-тоталитарната држава на надзор од која некои се плашат, но може да го претставува првиот чекор во таа насока.

Еден поинаков одговор доаѓа од десничарските популистички партии. Тврдејќи дека се гласот на народот, тие ги обвинуваат неолибералните елити дека се одговорни за кризата поради нивната политика на глобализација и нивното напуштање на националниот суверенитет. За да го обноват овој суверенитет, тие застапуваат политика на имунизација што ќе ги заштити државјаните преку драстично ограничување на демократијата на одредени категории и преку наметнување на многу строги бариери на имиграцијата. Нивниот антиестаблишментски дискурс и нивното отфрлање на владеењето на транснационалните корпорации наидуваат на добар прием во одредени кругови и имаат одек кај народните сектори. Тие можат да претставуваат сила на отпор против пост-политичкото владеење на хај-тек авторитаризмот, но по цена од наметнување на националистички тип на авторитаризам од ксенофобна и општествено конзервативна природа.

Самозаштита

За да се спротивстави на овие два облика на авторитаризам и да има некакво влијание во поглед на насоката во која ќе се движат нашите општества по пандемијата, на левицата ѝ е потребно нешто повеќе од добри политики. Таа исто така треба да разбере како КОВИД-19 создава емоционални реакции што можат да бидат експлоатирани за да се зацврстат антидемократските продори.

Карл Полањи овде ни дава вредни согледувања. Во неговата книга „Големата трансформација“, анализирајќи ги разорните последици од потезите на либерализмот на 19 век да се третираат земјата, трудот и парите како стоки, Полањи изнел на виделина како едно општество, загрозено од дислоцирањето создадено од продорите на комодификацијата, во 1930-тите реагирало преку одбранбено контра-движење за да се заштити себеси, прилагодувајќи ја економијата на општествените потреби преку повторно вградување на пазарот во општествените структури. Тој исто така посочил дека отпорите на дислоцирањето произведено од продорите на комодификацијата нужно не мора да добијат демократска форма. Впрочем, во 1930-тите тие воделе до Рузвелтовиот њу дил, но исто така и до фашизмот или сталинизмот.[3]

Идејата на Полањи за контра-движење последниве години доби голема важност за објаснувањето на глобалниот подем на современите социјални движења кои пружаат отпор на неолиберализмот. Аспектот од неговиот аргумент што би сакала да го нагласам е важноста која тој му ја припишува на елементот на самозаштита кој тој го гледа како двигател на контра-движењето. Неговата анализа покажува дека кога општествата искусуваат сериозни нарушувања во нивниот начин на постоење, потребата за заштита станува централно барање и дека луѓето веројатно ќе ги следат оние за кои веруваат дека најдобро ќе ја обезбедат неа.

Посочувам на Полањи во врска со ова, бидејќи мислам дека денес се најдуваме себеси во една слична ситуација. Всушност, една од последиците од пандемијата е што таа ја зголеми потребата од заштита. Оваа потреба за заштита објаснува зошто многу луѓе во моментов се подготвени да ги прифатат дигиталните облици на контрола на кои досега се спротивставувале. Тоа без сомнение ќе им оди во прилог на десните популисти, ако успеат да ги убедат луѓето дека заштитата бара промовирање на такво гледиште на сувереноста по линија на ексклузивниот национализам.

Борбата околу суверенитетот

Соочени со опасноста од авторитарни решенија на кризата, претставува императив левицата да го адресира ова барање за заштита. За жал, важни сектори од левицата го прифатија неолибералниот пост-политички светоглед, кој постулира крај на конфронтацискиот модел на политиката и го сфаќа моралниот прогрес како создавање на свет без граници, во кој сѐ се движи слободно и без препреки. Одбраната на слободната трговија за нив претставува верска догма и тие се склони да бидат сомничави кон желбата за заштита на народните класи, гледајќи во тоа отфрлање на космополитските вредности што тие ги слават.

Сметам дека доколку левицата ги напушти поимите како суверенитет и протекционизам во корист на десницата, тоа ќе биде сериозна политичка грешка. Тоа ќе ја спречи разработката на таков политички проект кој ќе може да понуди слух за барањата на народните класи. Поради тоа е ургентно да се поведе идеолошка борба за повторно да се нагласи важноста на суверенитетот и протекционизмот, тие да се артикулираат со клучните вредности на демократската традиција со цел да се деактивираат нивните авторитарни конотации. На ова не треба да се гледа како на „угодување“ на десниот популизам, за што некогаш се обвинуваат дека го прават левите популисти. Секогаш преку политичките борби се конструира значењето на клучните политички поими, а конфронтацијата околу нивното значење е клучна димензија на хегемонската борба.

Важноста на чувствата

Сегашната криза бара лево-популистичка стратегија што ќе биде способна да создаде колективна народна сила што ќе може да донесе нова хегемонија со цел да се обнови и продлабочи демократијата. Лево-популистичката стратегија прима до знаење дека политиката е пристрасна активност на заземање страна во која чувствата играат важна улога. Исцртувајќи политичка граница помеѓу „ние“ и „тие“, „народот“ и „олигархијата“, таа има способност да ја мобилизира чувствената димензија што е во игра при градењето на колективни облици на идентификација. Ова е нешто што не е способна да го земе предвид рационалистичката теоретска рамка која пречесто ја раководи левичарската политика. Правилните идеи не се доволни и, како што нѐ потсетува Спиноза, идеите имаат сила само кога ќе се сретнат со чувствата. Во политиката не е доволно да се има добро разработена програма. За да создаде лојалност и да ги придвижи луѓето да делуваат, таа мора да пренесува чувства кои ќе резонираат со нивните желби и лични искуства.

Двете главни страсти во политиката се стравот и надежта и за левицата е клучно да ги обедини луѓето околу таков политички проект кој нема да биде воден од стравот, туку од перспективата за поинаков свет во кој ќе се спроведат демократските принципи за еднаквост и народен суверенитет. Лево-популистичката контра-хегемонска офанзива против неолиберализмот треба да биде покрената во име на „Зелената демократска трансформација“, поврзувајќи ја одбраната на животната средина со разновидните демократски борби против различните облици на нееднаквост. Влогот е создавање на колективна волја, на „народ“ во кој многу борби, не само од општествено-економска природа, туку и на феминистите, антирасистите, ЛГБТИК+, ќе најдат свој израз.

„Зелена демократска трансформација“

Се разбира, овие барања се многу хетерогени и бараат некој облик на артикулација. Верувам дека зборувањето за една „зелена демократска трансформација“ и обмислувањето на еколошката транзиција како процес на продлабочување на демократијата може да го обезбеди овој артикулирачки принцип, бидејќи тоа е проект околу кој може да се кристализира разновидност од демократски барања. Тој е чувствената сила на демократската имагинација што ги насочуваше борбите за еднаквост и слобода во нашите општества. Визуелизирањето на нужната еколошка транзиција во облик на Зелена демократска трансформација може да ја активира демократската имагинација и да создаде моќни чувства помеѓу многу групи, цврсто насочувајќи ја нивната желба за заштита во егалитарна насока.

Целта на Зелената демократска трансформација е заштита на општеството и неговите материјални услови на постоење на начин што ги оснажува луѓето наместо да ги тера да се повлечат во одбранбениот национализам или во пасивното прифаќање на технолошките решенија. Тоа е заштита за мнозинството, а не за малцината, обезбедувајќи социјална правда и зацврстувајќи ја солидарноста.

Зелениот нов договор, кој го застапува Александрија Окасио-Кортез и Движењето „Санрајс“ во САД, е добар пример за таков проект, бидејќи тој го поврзува намалувањето на емисиите на стакленички гасови со целта на поправање на општествените проблеми како нееднаквоста и расната неправда. Тој содржи неколку важни предлози кои, како универзалната гаранција од страна на државата за платено вработување во зелената економија, се клучни за обезбедувањето на приврзаноста на народните сектори чии работни места ќе бидат засегнати. Во Британија, Зелената индустриска револуција, која беше јадро на програмата на Лабуристичката партија предводена од Џереми Корбин, исто така тврдеше дека социјалната и економската правда не можат да бидат одвоени од еколошката правда. Таа промовираше мерки за брза декарбонизација на економијата, заедно со инвестиции во одржливи, добро платени и синдикално организирани работни места. Спротивно на многу други зелени предлози, обата овие проекти повикуваат на радикална системска промена и разбираат дека вистинската еколошка транзиција бара раскинување со финансискиот капитализам.

Класната борба и еколошката криза

Оние што се застапуваат за лево-популистичка стратегија често се обвинувани од марксистите дека го негираат постоењето на класната борба: но ова се темели на недоразбирање. Лево-популистичката стратегија разбира дека општеството е испресечено од антагонизми, при што некои од нив се од општествено-економска природа. Тие можат да се наречат „класни“ антагонизми, во случај овој термин да не се ограничи на антагонизмот помеѓу пролетаријатот и буржоазијата. Но, покрај тие општествено-економски антагонизми, постојат и други антагонизми, лоцирани во различни општествени односи, кои поттикнуваат борби против други облици на доминација. Поради тоа во 1985 година, во „Хегемонијата и социјалистичката стратегија,“[4] ние се заложивме за потребата да се артикулираат барањата на работничката класа со оние на социјалните движења, предлагајќи да се преформулира социјализмот како „радикализација на демократијата“, сфатена како проширување на демократските идеали на широк распон од општествени односи.

Денес, со еколошката криза, таквиот проект на радикализирање на демократијата стекна нова димензија. Во текот на 20 век она што беше во јадрото на социјалистичкиот проект беше прашањето на нееднаквоста, а борбата за социјална правда се разбираше во смисла на еднаква распределба на плодовите од растот. Борбите на новите социјални движења додадоа нови агли на прашањето на социјалната правда, но нивниот фокус беше врз автономијата и слободата и, со исклучок на некои еколошки движења, тие суштински не ја таргетираа природата на растот.

Во последните две децении ние влеговме во нова фаза со климатската ургентност, во која борбата за социјална правда бара да се доведе во прашање продуктивистичкиот и екстрактивистички модел. Растот престана да се смета како извор на заштита и стана опасност за материјалните услови на постоење на општеството. Повеќе не е можно да се обмисли процес на радикализација на демократијата што не го вклучува крајот на моделот на раст што го загрозува постоењето на општеството и чии разорни ефекти особено ги чувствуваат поранливите групи.

Оттука и важноста на лево-популистичката стратегија што бара да се артикулираат разновидните борби против угнетувањето и доминацијата околу Зелената демократска трансформација со поглед кон тоа да се направи демократски раскин со неолибералниот поредок. Тоа е начинот на кој „класната борба“ се случува денес.


Забелешки

[1] Naomi Klein, “Screen New Deal: Under Cover of Mass Death, Andrew Cuomo Calls in the Billionaires to Build a High-Tech Dystopia”, The Intercept, May 8 2020

[2] Evgeny Morozov, To Save Everything, Click Here. The Folly of Technological Solutionism, Public Affairs, New York, 2013

[3] Одлична анализа на важноста на Полањи за разбирање на сегашните популистички движења може да се најде кај Jorge Tamames, For the People. Left Populism in Spain and the US, Lawrence & Wishart, London 2020

[4] Ernesto Laclau and Chantal Mouffe, Hegemony and Socialist Strategy. Towards a Radical Democratic Politics, Verso, London, 1985


Тематска архива за капитализмот, природата и климатската правда

марксистичка интернет архива