Извори: Bolivia Rising; Grupo de Estudios Latinoamericanos
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2020
9 октомври 2008
Сестри и браќа, во име на боливискиот народ, ги поздравувам социјалните движења од овој континент присутни на овој чин на континентална солидарност со Боливија.
Ние тукушто го претрпевме насилството на олигархијата, чиј најбрутален израз беше масакрот во Пандо,[1] чин што нѐ учи дека обидите да се дојде на власт, засновани на парите и оружјето, со цел да се угнетува народот, не се одржливи. Тие лесно се соборуваат, ако не се втемелени на програмата и свеста на народот.
Гледаме дека обновата на Боливија ги загрозува подмолните интереси на неколку фамилии на големи земјопоседници, кои ги отфрлаат како агресија мерките усвоени во корист на народот, како порамномерна распределба на изворите на природен гас за нашите дедовци и баби, исто како и распределбата на земјата, кампањата за здравје и писменост и друго.
За да ги заштитат својата моќ и привилегии и да го избегнат процесот на промена, владејачката елита на големи земјопоседници од таканаречената полумесечина[2] се маскира себеси во движења за автономија на департманите и за расцепување на националното единство, служејќи им на јенки интересите да ѝ се стави крај на обновата на Боливија.
Сепак, на референдумот за отповикување од 10 август,[3] ние тукушто го добивме мандатот на 2/3 од боливискиот народ да го консолидираме овој процес на промена, со цел да продолжиме да го унапредуваме закрепнувањето на нашите природни ресурси и да ја обезбедиме благосостојбата на сите Боливијци, да ги обединиме различните сектори од општеството од селата и градовите, од истокот и западот.
Сестри и браќа, она што се случи со овој референдум за отповикување во Боливија е нешто што не е важно само за Боливијците, туку и за сите Латиноамериканци. Ние им го посветуваме на сите револуционери од Латинска Америка и од целиот свет, реафирмирајќи ја борбата за сите процеси на промена.
Јас ќе кажам како обновата на начинот на живот на нашите народи, кој се нарекува Добро живеење (el Buen Vivir), на обнова на нашата визија за Мајката Земја, што за нас е живот, бидејќи не е можно капиталистичкиот модел да ја претвори Мајката Земја во стока. Уште еднаш ги гледаме длабоките врски помеѓу домородното движење и организациите на социјалните движења, кои исто така се заложуваат за Доброто живеење. Ние ги поздравуваме за да можеме заедно да ја бараме соодветната рамнотежа во светот.
И во таа насока, сакам да споделам и да предложам за дебата едни десет заповеди за да се спаси планетата, за човештвото и за животот, не само на ова рамниште, туку да дебатираме и со нашите заедници и со нашите организации.
Прво, ако сакаме да ја спасиме планетата за да го спасиме животот и човештвото, должни сме да му ставиме крај на капиталистичкиот систем. Опасните ефекти од климатските промени, од енергетската, прехранбената и финансиската криза не се производ на човечките суштества општо земени, туку на капиталистичкиот систем онаков каков што е, нечовечен и со својата идеја за неограничен индустриски развој.
Второ, да се осуди војната, зашто војните не ги добиваат народите, туку ги добиваат само империјалните сили; не победуваат нациите, туку мултинационалните компании. Војните им користат на мала група фамилии, а не на народите. Трилионите милиони долари што се користат за војни треба да се пренасочат за да се обнови и излечи Мајката Земја, повредена од климатските промени.
Третиот предлог за дебата: свет без империјализам и колонијализам. Нашите односи треба да бидат ориентирани кон принципот на комплементарност и да ги земат предвид длабоките асиметрии што постојат од фамилија до фамилија, од земја до земја, од континент до континент.
Четвртата точка е ориентирана на прашањето на водата, која треба да биде гарантирана како човеково право за да се избегне нејзината приватизација во малку раце, имајќи предвид дека водата е живот.
Како петта точка, би сакал да кажам дека треба да му ставиме крај на енергетскиот дебакл. За сто години ние потрошивме фосилна енергија создадена во текот на милиони години. Додека некои претседатели одвојуваат земјишта за луксузни автомобили, а не за човечки суштества, треба да спроведеме политики за спречување на употребата на агро-горива и на тој начин да го избегнеме гладот и бедата на нашите народи.
Како шеста точка: во однос на Мајката Земја, капиталистичкиот систем ја третира Мајката Земја како суровина, но Земјата не може да се сфаќа како стока; кој може да ја приватизира или изнајмува, издава својата мајка? Предлагам да организираме интернационално движење во одбрана на Мајката Земја и повторно да воспоставиме хармоничен и одговорен живот со неа.
Централна тема како седма точка за дебата е тоа што основните услуги, без разлика дали станува збор за водата, струјата, образованието или здравството, мора да се земат предвид како човекови права.
Како осма точка, да се консумира она што е неопходно, да се приоретизира она што го произведуваме и консумираме локално, да се стави крај на консумеризмот, декаденцијата и луксузот. Мора да го приоретизираме локалното производство за локална потрошувачка, да го стимулираме потпирањето на самите себе и сувереноста на заедниците во границите што ги дозволуваат здравјето и преостанатите ресурси на планетата.
Како претпоследна точка, да се промовира различноста на културите и економиите. Да се живее во единство, почитувајќи ги нашите разлики, не само физички, туку и економски, преку економиите управувани од заедниците и асоцијациите.
Сестри и браќа, како десетта точка, предлагаме Добро живеење, не да се живее подобро на штета на другиот, Добро живеење втемелено врз начинот на живот на нашите народи, богатствата на нашите заедници, плодната земја, водата и чистиот воздух. Многу се зборува за социјализмот, но ние мора да го подобриме овој социјализам на 21-от век, да изградиме комунитарен социјализам, или едноставно Добро живеење, во хармонија со Мајката Земја, почитувајќи ги начините на живот на заедницата.
На крајот, сестри и браќа, сигурно ги следите проблемите што постојат. Дојдов до заклучок дека секогаш ќе има проблеми, но сакам да ви кажам дека јас сум многу задоволен, а не разочаран или загрижен, бидејќи оние групи коишто постојано ги поробуваа нашите фамилии во текот на колонијалното време, времето на републиката и овој период на неолиберализам, сѐ уште групирани во неколку фамилии, тие ни пружаат отпор.
Нашата борба е да се соочиме со овие групи што живеат во луксуз и што не сакаат да го изгубат својот луксуз, да ги изгубат своите земјишта. Тоа е историска борба и сѐ уште трае оваа борба.
Сестри и браќа, во надеж дека Континенталниот собир на Третиот социјален форум на Америките ќе кулминира со силни врски на единство помеѓу вас и со силен акционен план во корист на народот на Боливија и на сите наши народи, го повторувам мојот братски поздрав.
Забелешки на преведувачот
[1] Станува збор за масакрот во Порвенир, во Департманот Пандо, на северот од Боливија, каде на 11 септември 2008 година биле убиени 13 домородни демонстранти од страна на десницата во нејзините обиди да извршат државен удар против власта на чело со Моралес.
[2] Четири департмани во Боливија (Санта Круз, Бени, Пандо и Тариха), кои пружаа отпор на централната власт на Боливија, по изборот на Моралес за претседател на Боливија.
[3] На 10 август 2008 година во Боливија се одржа референдум за да се утврди дали Моралес, потпретседателот Алваро Гарсија и осум од деветте префекти на департманите ќе останат на власт. Моралес доби поддршка од 67% од гласачите и шест од осум префекти продолжија да ги вршат своите функции.
Тематска архива за капитализмот, природата и климатската правда