Напишано: 1979
Првпат објавено: "Monthly Review", 31.1979/80 (3) pp. 63-86.
Извор и превод: Crvena kritika
Корекции: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: август 2010
Конечно Пол Свизи почна да дискутира за марксистичката традиција – која, тој признава е, главно, претставена од троцкизмот – во однос на Руската револуција и нејзината понатамошна судбина. Тој, сепак, сè уште ја отфрла таа интерпретација. Но, барем е спремен за дискусија, а неговите први коментари во „Мантли ривју“ (октомври 1978) се од провизорен карактер. Со нивното одговарање се надеваме дека ќе придонесеме за конструктивна дебата – и со Пол Свизи и со уредниците на „Мантли ривју“ и со читателите на овој магазин – околу она што останува клучна тема за иднината на меѓународното работничко движење.
Свизи нè води кон повторување – четириесет години по анализата на Троцки во 1939 – на тезата дека судбината на Советскиот Сојуз и, според тоа, прашањето за природата на бирократијата сè уште не се утврдени. Троцки, тврди Свизи, имал смисла бидејќи го поставил прашањето во краткорочна перспектива. Мандел, тој продолжува, само го повторува Троцки без да сфати дека временската скала за која тој зборува го руши кредибилитетот на теоријата.
Поентата што Свизи ја пропушта е дека во проблемите што Троцки ги постави не е во прашање временската скала, туку основните насоки на развој на современиот свет. Ова станува јасно ако ги повториме двата пасуса од статијата „СССР во војна“ од Троцки цитирани од Свизи:
„Ако, сепак се дозволи дека сегашната војна ќе предизвика не револуција, туку пад на пролетаријатот, тогаш преостанува друга алтернатива: понатамошен распад на монополистичкиот капитализам, негова понатамошна фузија со државата и замена на демократијата секаде каде што останала со тоталитарен режим. Неспособноста на пролетаријатот да го раководи општеството може тогаш под овие услови да води во раст на нова експлоатирачка класа од бонапартистичката фашистичка бирократија.“
И повторно:
„Ако, спротивно на сите можности, Октомвриската револуција не успее во текот на сегашната војна, или веднаш потоа, да најде свое продолжение во некоја од развиените земји; и ако, напротив, пролетаријатот е бутнат назад насекаде и на сите фронтови, тогаш ние без сомнение треба да ги ревидираме нашите поими за сегашната епоха и за движечките сили. Во тој случај не е во прашање лепењето на назнака за копирајт врз СССР или сталинистичката банда, туку преоценка на светската историска перспектива за следните декади, ако не и векови: дали влеговме во епоха на социјална револуција и социјалистичко општество или, напротив, во епоха на пропаѓачко општество на тоталитарната бирократија?“
Сега, нагласува Свизи, нема нова победа на пролетерска револуција во некоја развиена земја, ниту во текот на Втората светска војна ниту веднаш потоа. Ова е несомнено точно. Но, Свизи заборава на вториот дел на прашањето поставено од Троцки: имаше ли „пад на пролетаријатот“? Во бројки? Во вештина? Во нивото на организација или милитантност? Како може некој да брани такви тези по мај 1968, кога беа видени трипати повеќе штрајкувачи кои ги превземаа фабриките во Франција од претходното рекордно ниво во јуни 1936? По есента 1969 во Италија, каде имаше шест пати повеќе работници кои ги завземаа фабриките од познатиот штрајкувачки бран во ноември 1920? По првите шест месеци во 1976 во Шпанија, со три пати повеќе штрајкувачи отколку во врвот на револуцијата во 1936? И тоа е покрај Британија, Јапонија, помалите европски земји, Португалија и на други места, каде борбите на работничката класа далеку ги надминаа највисоките предвоени нивоа.
Дали пролетаријатот беше „бутнат назад насекаде и на сите фронтови“? Дали (буржоаската) демократија, каде што беше останата во 1939-40, се замени со тоталитарен режим? Повторно, јасно не. Значи не се држиме до тезата на Троцки од 1939 од рутина или претераната почит за „учителот“. Дојдовме до овој заклучок бидејќи се базираме на трезвена пресметка на она што се случило во изминатите 40 години.
Навистина, прашањето за секуларниот тек е и останува такво какво што е поставено од Троцки во неговата статија од 1939. Сепак, временската скала е очигледно погрешна. И поради ова, „средната“ варијанта е изоставена, која точно објаснува зошто прашањето сè уште не е потврдено од историјата. Постоеше пораст на светска револуција во текот и по Втората светска војна. Имаше подем, а не пад на работничките борби. Но поради ефектите на просечната свест на работничката класа од дваесетте години на порази на револуцијата, ова издигање беше делумно и можеше затоа да биде канализирано главно од политичките сили на, или кои потекнуваа од, бирократијата на традиционалното работничко движење (Британската лабуристичка партија, француската, италијанската, грчката комунистичка партија, титоизмот, маоизмот итн.)
Во некои полуколонијални земји ова не ги спречи новите победнички социјалистички револуции, иако тие од старт беа изобличени од бирократијата (Југославија, Кина, Виетнам). Од друга страна, во империјалистичките земји, каде буржоазијата е далеку помоќна, а поради тоа е потребно повисоко ниво на свест и водство на пролетаријатот за револуционерна победа, тоа водеше до кастрација на антикапиталистичкиот потенцијал на масовна борба, но не без работничката класа да стекне нови и важни реформи внатре во буржоаското општество и да ја спречи буржоазијата да посегне по отворени диктатури.
Заради причини кои не може да се изложат тука, таму следеше нов период на забрзан економски раст во империјалистичките земји, водејќи кон нов раст на пролетаријатот. Како последица се поставија основите на нов револуционерен потенцијал на Западот – при што експлозијата од мај 1968 беше првиот израз. Со други зборови, немаше „повлекување на пролетаријатот на сите фронтови“, туку раст, недоволен за симнување на капитализмот, но доволен за спречување на слизнувањето кон „пропаѓачко општество на тоталитарната бирократија“. Но, по „големиот бран на експанзија“ на повоениот капитализам, пресвртот во доцните 1960-ти неумоливо го инаугурираа новиот период на длабока и долга криза која го поставува проблемот во Троцкиевите поими.
Да додадеме дека Троцкиевата статија од 1939 беше само првичен нацрт на историската перспектива во врска со Втората светска војна. Во попрограмскиот документ, неговиот вистински политички тестамент, „Манифестот на вонредната конференција на Четвртата интернационала“ (мај 1940), Троцки го поставува проблемот на далеку пореалистичен начин:
„Нема ли револуцијата да се предаде и овојпат, при две Интернационали во служба на империјализмот, додека вистинските револуционерни елементи конституираат ситно малцинство?... Со цел правилен одговор на прашањето, потребно е правилно да се постави. Природно, ова или она востание можат и сигурно ќе бидат поразени поради незрелоста на револуционерното водство. Но не е тоа прашање на едно востание. Тоа е прашање на една цела револуционерна епоха.
Потребно е да се припремиме на долги години, ако не декади, на војни, востанија, кратки интермеца со примирје, нови војни и нови востанија. Една млада револуционерна партија мора да се темели врз оваа перспектива. Историјата ќе и` обезбеди многу можности за да се испроба, да акумулира искуство и да зрее („Документи на Четвртата интернационала“).
Во таа смисла, повоената временска скала на Свизи спротивставена на Троцкиевите тези е истата онаа во која Троцки ја увиде на попрограмски и помалку пропагандистичка формулација на прашањето. Но, ќе праша некој, што има сето ова врска со класната природа на советската бирократија? Во одговорот на ова, ние сме во историското срце на „троцкизмот“ т.е. на современиот револуционерен марксизам. Работниците и сиромашните селани, вели троцкизмот, треба да ја преземат власта секогаш кога им се пружа можност. Во епохата на империјализмот можноста може да се пружи во некоја помалку развиена земја пред да се пружи во поразвиените. Но, земањето на власт (и потиснување на приватната сопственост на средствата на производство) е само еден потребен но за и по себе недоволен предуслов за градење на социјализам. Овој процес може успешно да се постигне само во интернационални рамки. (Секако дека треба да биде инициран насекаде каде е извлечена власта од капиталистите).
Сталинизмот, победата на бирократијата во Советскиот Сојуз, е резултат на делумните порази на светската револуција. Светската револуција не се прошири во развиените земји. Но исто така не беше поразена до точка каде капитализмот можеше да се реставрира (империјалистите се обидоа да го сторат тоа, во 1918-21, во 1941-44, и повторно, иако помалку директно, во 1948-51). Конечната судбина на СССР зависи од исходот на светската борба помеѓу капиталот и трудот. Ако пролетаријатот значително биде поразен, тогаш бирократијата ќе стане владејачка класа (дали нова или капиталистичка е друго прашање). Ако, пак, социјалистичка револуција триумфира на Запад или политичката револуција триумфира во Источна Европа, тогаш за кратко време советскиот пролетеријат ќе ја симне бирократската власт во СССР пред бирократијата да добие шанса да стане таква владејачка класа.
Нагласуваме: „или политичката револуција триумфира во Источна Европа“. За другиот аргумент на Свизи, идејата дека работничката класа на сталинистичките земји го прифаќа режимот, иако нерадо, е во контрадикција со спектакуларните настани на кој тој воопшто не се повикува: на работничкото востание во ДР Германија во 1953, на Унгарската револуција во 1956, на Прашката пролет во 1968 и на постојаните масовни востанија на полските работници. И, нели „апстрактната“ идеја за политичка револуција, искажана од Троцки и Четвртата интернационала пред 45 години, доби реална „конкретна“ содржина со овие историски настани?
Хипотезата дека советската бирократија е нова владејачка класа не кореспондира со сериозна анализа на вистинскиот развиток и на вистинските противречности на советското општество и економија за последниве педесет години. Таквата хипотеза мора да содржи, од гледиште на историскиот материјализам, дека се појавил нов експлоатирачки начин на производство во таа земја. Да беше така, за прв пат во историјата ќе се соочевме со „владејачка класа“ чие општо однесување и приватни интереси (кои се разбира го диктираат однесувањето) се водат спротивно на потребите и внатрешната логика на постоечкиот општествено-економски систем. Навистина, една од главните карактеристики на советската економија е неможноста за помирување на потребите од планирање, од оптимизација на економскиот раст (не од „апсолутна“ точка на гледање, туку во рамките на логиката на самиот систем) со материјалниот себе-интерес на бирократијата.
Сите последователни економски реформи воведени во СССР под бирократијата – од повторното воведување на сметководството на трошоци базирано врз претпријатијата под Сталин (хозразхот) до експериментот на Хрушчов со совнархозот, до Либермановата проектирана употреба на профитот како показател на целокупното стопанско исполнување, до Косигиновото воведување на „мешаните показатели“ за мерење на истото – беа дизајнирани да се надмине таа противречност, но без траен успех. Некој може да го објасни овој очигледен парадокс со потенцирање на паразитската природа на бирократијата која се однесува спротивно на логиката на системот. Некој може да додаде, исто така, дека општественото планирање може да иде глатко само под управа на здружени произведувачи, материјално заинтересирани во „социјалната дивиденда“, а не во одделните разделни придобивки кои поставуваат фабрика против фабрика, град против град, регион против регион. Но, сето тоа укажува дека бирократијата, која бара такви придобивки, не е нова владејачка класа, која води продажно-репродуктивен нов начин на производство, туку рак на општеството при преминот од капитализам во социјализам. Бирократската управа не е само растечки штетна. Таа исто го спречува системот на планска економија, базиран на социјализирана сопственост, успешно да функционира. И овој неспорен факт не е во сооднос со карактеризацијата на бирократијата како владејачка класа и со СССР како нов „експлоатирачки начин на производство“ чии „закони на движење“ никогаш не биле одредени.
Од друга страна, би се соочиле, повторно по прв пат во историјата, со владејачка класа која на е способна да се обновува преку делувањето на самиот општествено-економски систем. Нема гаранција дека бирократот ќе остана бирократ. Уште помала гаранција дека нејзиниот или неговиот син или ќерка ќе останат бирократи. Се согласувам дека вертикалната подвижност во советското општество, една од главните општествени сигурносни уреди под Сталин, значително се опаднати во изминатите декади. „Геронтократијата“ на Президиумот е симбол на она што навистина се случува во советското општество. „Сигурноста на закупнината“ на бирократите недвосмислено е зголемена. Но, сево ова води до зголемување на општествените тензии (на пр. притисок за пристап кон високото образование), а не кон вистинско решение на проблемот на бирократската неспособност да се гарантира трајноста на нивната положба на моќ и привилегии. Уште повеќе, овие позиции продолжуваат да бидат поврзани првенствено со одделните функции и зависат од политички одлуки (познатата номенклатура), а не од посебната улога во процесот на општествено производство. Оттука бирократскиот притисок да се задржат врските со посебни фабрики, претпријатија, трустови (т.е. да се реставрира приватната сопственост во економска смисла пред да се реставрира во правна). Оттука постојаните притисоци на големи слоеви на бирократијата да стекнат квалитативно повисок степен на автономија на ниво на фабрики или гранки (т.е. да се избегне од железната рамка на централизираниот план). Оттука нивната тенденција за акумулација на приватен капитал, преку подмитување, корупција, „сива“ или црноберзијанска активност, трупање на странски валути или злато итн. Оттука и трендот на растечка „симбиоза“ со нивните сродници од Западот, вклучувајќи и отворање на банкарски сметки во западните банки (посебно забележителни во „народните демократии“).
Сево ова води кон потенцијална појава на „нова владејачка класа“, не „нова“ туку добрата стара капиталистичка класа, базирана на приватната сопственост. Но, пред овој процес да се оплоди, треба да се срушат две цврсти препреки: отпорот на работничката класа, која, со текот на таква реставрација, ќе го загуби она што го цени најмногу во сегашната поставеност (всушност, веројатно единствената работа што ја цени): гарантираната работна сигурност, т.е. право на работа, полна вработеност и, следствено, многу помалку трескавично работно темпо отколку на Запад; и отпор на клучните сектори на државниот апарат (забележете го начинот на кој Тито ги стегна југословенските „милијардери“ во раните седумдесетти, кога опасноста од реставрација беше вистинска). Затоа тврдењето дека постои и владее нова владејачка класа ги промашува реалните општествени борби кои се случуваат во тие земји. Тоа го претпоставува, како веќе разрешен во минатото, исходот на борбата која е сè уште отворена.
На трето место, ќе се соочиме, исто за прв пат во историјата, со „владејачка класа“ претставник на „начин на производство“ чие „соборување“ би ја оставило основната економска структура недопрена. Во добро познатиот пасус од третиот том на „Капиталот“, Маркс пишува дека секој начин на производство се карактеризира со посебна форма на апропријација на општествениот вишок производ. Сега во СССР, општествениот вишок производ се апроприра во двојна форма: во форма на употребна вредност, во онаа мера во која е составена во својот поголем дел од додатната опрема и суровините; и во форма на стока, во онаа мера во која е составена во својот помал дел од луксузните добра (и посебните услуги) купени од страна на бирократијата со привилегиран приход. Но со соборувањето на бирократската диктатура, ова двојна форма на апропријација на општествениот вишок нема да се промени – барем поради тоа што советските работници сигурно нема да ги претворат средствата за производство во стоки (а тоа би значело реставрирање на капитализмот!); но тие исто така ќе бидат неспособни брзо да го потиснат стоковниот аспект на природата на потрошувачките добра (нова револуција во СССР нема да го дозволи градењето на социјализам во една земја). Исто, ниту потиснувањето на приватната сопственост на средствата за производство, ниту централизираното планирање, ниту државниот монопол на странската трговија нема да се променат со таква револуција (која ние затоа преферираме да ја нарекуваме политичка). Ако се спојат сите овие фактори, очигледно ја добиваме економската структура која останува во основа непроменета.
Вистина е дека ќе има радикална промена во modus operandi на системот. Масата на производители ќе добие одлучувачка реч за што се произведува и како треба да се произведува. Општествената нееднаквост радикално ќе се намали. Огромниот отпад што го прави бирократијата со своето лошо управување ќе престане. Организацијата на работата и нејзината хиерархиска структура ќе бидат радикално обновени. Но самата горенаведена структура, посебната форма на апропријација на општествениот вишок производ, останува во основа иста.
Четврто, хипотезата дека бирократијата е нова владејачка класа нè води кон заклучокот дека, за прв пат во историјата, сме соочени со „владејачка класа“ која не постои како класа пред фактички да владее. Од каде доаѓа? Свизи одговара: „Новата експлоатирачка класа се развива од услови создадени од самата револуција.“ Но, ова е испитување на прашањето. Класите се групи на човечки битија вклучени во посебни односи кои потекнуваат од процесот на производство („производни односи“). Општествените трансформации може да ги трансформираат; но не можат да ги создадат ex nihilo. Во реалноста, конзистентна теорија на „нова експлоатирачка класа“ во Советскиот Сојуз има смисла само ако се претпостават секторите на работничката класа (работничката бирократија и работничката аристократија) и на интелигенцијата (ситната буржоазија и високите државни функционери). Тука е новата владејачка класа дури и пред да ја „земат власта“, те., пред „револуцијата“[1]. Од ваквата претпоставка се креваат јаки последици, вклучувајќи ги практично сите аспекти на современата класна борба низ целиот свет, а и ревизија на сите конститутивни елементи на марксистичката теорија. А без таквата претпоставка, поимот за „нова владејачка класа“ издигната „од историскиот процес“ станува крајно апсурдна – на крајот на краиштата, бирократијата ја превзема власта, а како може „непостоечки“ општествен слој да ја превземе власта?
Идејата дека советската бирократија (како синдикалната бирократија на Западот) не ја пресекла папочната врвка со работничката класа, а дека нејзините посебни интереси и политички одлуки може да се видат во рамките на тој посебен - паразитски однос со пролетаријатот, води кон заклучокот дека класната борба во капиталистичките земји продолжува да биде биполарен процес: капиталот против трудот (со бирократијата која делува како „работнички полковници на капиталот“).
Идејата дека советската бирократија е нова владејачка класа и неодминливиот заклучок дека комунистичките партии кои не се на власт – барем што се однесува до централниот апарат – се јадро на нова експлоатирачка класа, ја имплицира потребата од потполна ревизија на начинот на гледање на целокупната историја на дваесеттиот век. Класната борба сега ќе биде триполарна: капиталот против трудот против потенцијалната „нова експлоатирачка класа“.
Ова не е просто прашање на измена на историската анализа (која по себе и за себе веќе ја крева косата и која, барем според доказите што ги поседуваме, е невозможна задача). Тоа има политички последици од најголем и најтемен карактер. Ние сме препуштени на избор помеѓу две зла, при што обете нè водат кон заклучоци, поставувајќи ги конзистентните застапници на теоријата на „нова експлоатирачка класа“ против борбата на меѓународната работничка класа за еманципација. Зашто всушност постојат само два начина да се гледа на новата „експлоатирачка класа“. Или таа е, општо и суштински, прогресивна во однос на капиталистичката класа, т.е. таа стои во ист однос кон буржоазијата како што буржоазијата стоеше кон полуфеудалната аристократија пред и за време на буржоаските револуции. Таква хипотеза се разбира дека е совршено конзистентна со острата критика за нејзиниот експлоатирачки карактер. Но тоа ќе значи во сите изнесени конфликти помеѓу буржоазијата и „потенцијалната нова класа“, треба да се даде истата онаа „критичка поддршка“ која во „Комунистичкиот манифест“ е предвидена за прогресивната буржоазија. И тогаш ќе треба да ги ограничиме, барем делумно, ако не целосно, анти-бирократските борби на работничката класа за да на ја попречиме победата на „прогресивната“ бирократија над реакционерната буржоазија.
Самата идеја за социјалистичка револуција и преземање на власта од работничката класа ќе бидат ставени под знак прашање. Потврдно: може да се каже дека декадентиот капитализам може да води кон социјализам или кон основање на нов класен систем, прогресивен во однос на капитализмот. Но во тој случај сите победоносни револуции кои се постигнати до сега треба да се пре-карактеризираат како „бирократски револуции“, а не како пролетерски. Тогаш, тврдењето дека идејата за директен премин од капитализам во социјализам била утописка концептуална грешка на Маркс и марксистите ќе биде кредибилна, во најмала рака.
Ако „новата владејачка класа“ е попрогресивна од капитализмот, тогаш од тоа ќе следи дека класното општество, спротивно на Марксовата мисла, не го потрошила својот прогресивен потенцијал со подемот на капитализмот; дека нов и историски развиток на силите за производство – водејќи на долг период кон поширок развој на „општествената индивидуа“, т.е. на човековата слобода – бил сè уште можен без укинување на класното општество. Социјализмот тогаш би бил единствено морална претпоставка, а не историска потреба да се спречи варварството и падот на човековата цивилизација.
И така, иако започнувајќи со клетви кон бирократијата како нови експлоататори, крвопијци, смртни непријатели на работничката класа и човековата слобода итн, итн, - и несомнено 99% од вистинските мотиви на самопрогласените марксисти кои ја нарекуваат бирократијата како нова експлоатирачка класа се засноваат на таква разбирливо морална индигнација наместо на студената научна анализа – ќе заврши парадоксално во историско оправдување на истата таа бирократија, ако не и отворен апологет на сите нејзини злодела.
Тоа не е случајно. Во концептуалните рамки на класичниот марксизам, класите, вклучително и владејачките, се барем во некое време од нивното постоење историски неопходни, т.е. неопходни инструменти на општествената организација. Ако советската бирократија е нова владејачка класа, и прогресивна во однос на капиталистичката, тогаш заклучокот е неспорен: таа одиграла, барем привремено, потребна и прогресивна улога во советското општество. Па, по долго шетање може да се заврши онаму каде е почнато. Потврдено: гулагот не е баш добар, најтешките трудови закони на светот беа пред сè одвратни, но дали навистина имало избор? На крај, Русија мора да се индустријализира и модернизира, и така не се прави кајгана без да се скршат неколку јајца, а да се совлада назадноста потребни се варварски средства. Вчера „ние“ го нарековме тоа градење социјализам со „варварски средства“. Денес „ние“ го нарекуваме тоа градење на класно општество напредно во однос на капитализмот со „варварски средства“. Но денес, како и вчера, „ние“ мораме „објективно“ да ја одобриме бирократијата, со сите нејзини деспотски злостори, како историски потребни. И така натаму ad nauseam.
Таа јама лесно се избегнува со марксистичка т.е. троцкистичка интерпретација на советската историја и улогата на бирократијата. Сè што е прогресивно во развојот на Русија, Кина итн. е производ на социјалистичката револуција. Сè што е реакционерно е производ на владеењето на бирократијата. Не постои логичко мешање, туку јасна контрадикција меѓу нив. Следува дека бирократијата не е класа туку паразитски рак во пролетерското тело: советското општество не е нов деспотски начин на производство, туку општество во транзиција помеѓу капитализмот и социјализмот, затворено во својот прогресивен развој, смрзнато, од страна на бирократската диктатура, која мора да биде отфрлена за да повторно се отвори патот кон социјализмот.
Но, ако претпоставката дека бирократијата, како нова експлоатирачка класа, е прогресивна споредено со буржоазијата нè води до сериозни заклучоци, претпоставката дека е реакционерна во однос на капиталистите има десетина пати полоши импликации. Тоа ќе значи дека кога постои конфликт меѓу „новата класа“, или потенцијално „новата класа“, и буржоазијата, треба да се даде критичка поддршка на последнава против првата.
Ако буржоаското општество не водело и нема да води – барем во догледно време – до пролетерски револуции туку до „бирократски“; ако во дузина земји капитализмот не е заменет со работнички држави (нека се и тешко бирократизирани), туку со ново деспотско класно општество, тогаш очигледно нешто во основа има погрешно во историските проекции и перспективи на Маркс и класичните марксисти. Исто така, очигледно нешто било погрешно и со нивните општествени, економски и политички анализи на самото буржоаско општество, со природата на нивните внатрешни противречности и посебно со природата на современиот пролетаријат.
Марксовиот поим за социјализмот – кој го споделуваа речиси сите социјалисти до 1920-тите – беше за слободно општество на здружени произведувачи кое се развило од посебни економски, општествени, политички, културни и дури психолошки карактеристики на работничката класа (класата која заработува надница), скициран во „Комунистичкиот манифест“ и понатака подобрен во следните дела на Маркс и Енгелс на оваа тема.
Ако се верува дека капитализмот може да води во ново класно општество, како и, или подобро наместо, социјализмот, дека работничката класа може да си стави нова „експлоатирачка класа“, а не да води кон процес на општа човекова еманципација, тогаш се појавува прашањето: дали анализата за револуционерниот и ослободителен потенцијал на современата работничка класа од самиот почеток била погрешна? Не толку многу теоретичари отишле дотаму, Баран-Свизиевото последно поглавје на „Монополскиот капитал“ е прво и најпрочуено според напорите да се изоди тој пат. Неодамна, источно-германскиот опозициски комунист Рудолф Баро ја публикуваше својата книга „Алтернативата“, далеку најдлабоката марксистичка критика која потекнува од земја доминирана од сталинистичка бирократија по Троцкиевата „Предадена револуција“, со уште погласен и посинтетички суд од овој вид: „Пролетаријатот се бори спонтано само да го прифати начинот на живот на буржоазијата, или барем на ситната буржоазија која е најблиску до него.“ Херберт Маркузе, како што може да се претпостави, секако изрази согласност за овој суд.
Да не се задржуваме на прашањето дали од ваквото отфрлање на класичната марксистичка анализа на работничката класа, од Западот или од Советскиот Сојуз, сеедно, следи или не следи дека социјализмот и бескласното општество станале невозможни. Разните обиди да се пронајде супститутен „револуционерниот субјект“ како замена за современиот пролетаријат, селанството од Третиот свет, револуционерните студенти, интелигенцијата, или дури маргинализираната сиромаштија, заборава да вклучи она што Маркс го постигна за социјалистичкото движење: дека природата на општеството што треба да се создаде е барем поврзано со општествената природа, стопанската моќ, општествено-политичкиот потенцијал и материјалните интереси на „револуционерниот субјект“, а не со степенот на морална индигнација и индивидуална победа против постоечкиот ред на оваа или онаа група на луѓе. Никој не може да покаже како некој од горе-спомнатите општествени слоеви можат да развијат некој од потребните материјални и општествени услови за подигање на вистинско бескласно општество на повисоко ниво од современата работничка класа. Но, дали е точно дека 150 години на класна борба на современиот пролетаријат (настрана оставајќи ги побуните на гладните во пораните стадиуми, кои Баро коректно не ги зема предвид во неговата анализа и карактеризација) можат да се сведат на формула на стремеж „спонтано... само да го прифати начинот на живот на буржоазијата, или барем на ситната буржоазија“?
Колку ли треба да е некој слеп на раскошната, многуобразна и страсна историја на борбите на работничката класа, каде поглавјата на здодевниот „конформизам“ стојат веднаш до поглавјата со зачудувачкиот капацитет на имагинација, со големи откритија, со неспоредливиот хероизам, за да се направи таква непотребна генерализација! Дали работниците од Париската комуна, револуционерните работници од Русија 1917-21, на Германија 1918-23, на Шпанија 1936-37, на Југославија 1941-45, на Унгарија октомври-ноември 1956, на Куба 1959-65, на Франција мај 1968, на Прага 1968-69, на Италија во есента 1969, на Португалија во 1975, на Иран во 1979, само се стремеле „спонтано да го прифатат начинот на живот на буржоазијата, или барем на ситната буржоазија“? И повторно: дали работниците на Шпанија во 1975-76 се однесуваа согласно перцепциите на Баро, каде за прв пат во историјата бевме сведоци, во екот на недопрениот фашистички угнетувачки апарат, неколку политички регионални генерални штрајкови за тие типичните барања од „начин на живот на буржоазијата,“ - одбрана и ослободување на политичките затвореници? А ова се само најпознатите примери кои доаѓаат на памет. Некој може да додаде дузина други примери кон оваа листа, па и од историјата на американската работничка класа.
Прашањето „зошто немаше победоносна социјалистичка револуција на Западот?“ со оглед на вистинската слика на работничката борба преку едно столетие и повеќе, како и преобемното историско наследство, треба да се преформулира на историски вистинскиот начин: зошто сè уште нема таква победа, со оглед на пролетерските периодични спонтани обиди за реконструкција на општеството на социјалистичка основа, обиди кои очигледно ја потврдуваат возможноста од таква победа? Тогаш одговорот мора да се побара сметајќи на тешкотиите на потфатот, улогата на субјективниот фактор, потребата за револуционерно лидерство, нерамномерниот развој на пролетерската класна свест, улогата на намерно кочење која ја одигра прво социјалдемократијата (Германија 1918-19), потоа сталинистичките партии (Шпанија 1936-37), т.е. вистинската историска дијалектика на објективните и субјективните предуслови за светски социјализам, кои единствено може да се случат како свесен потфат на општеството објективно и материјално подготвено за негова реализација. Нема поинаква сила во овој вид на буржоаското општество освен современиот пролетаријат.
Марксистите не се религиозни луѓе. Нашата убеденост во револуционерниот потенцијал на пролетаријатот е базиран на научни анализи и внимателна проверка на историските записи, не на ирационална верба и схоластички силогизми. Ако обемната историска евиденција покаже дека Марксовите претпоставки се погрешни, тогаш нема друг избор од признавањето на вистината, во вистинскиот дух на самиот Маркс кој, не само како досетка, тврдеше дека негово омилено мото е de omnibus dubitandum.
Но, ние тврдиме дека доказите оставени од историјата до сега не обезбедуваат таква брзоплета генерализација. И капитализмот и бирократската диктатура се во длабока и неразрешлива општествена криза, а не марксизмот. Ако некој сака да го избегне повлекувањето во проста рационализација или своето разочарување од релативната преспорост на историскиот процес, или одвратноста против погрешните политички водачи, или својата измореност и деморализираност, тогаш треба да ја зачува смислата за сразмерност и да каже: ајде да почекаме и да видиме како работниците ќе се борат во наредните декади, или половина век. И да не чекаме пасивно, туку да правиме сè што можеме да осигураме овие работнички борби да завршат со победоносна социјалистичка револуција, пред да утврдуваме крајни биланси или пред варварството да ја преземе власта.
Се вративме назад од каде започнавме, но со освета. Да, прашањето дали советската бирократија е нова владејачка класа е директно поврзано со прашањето за иднината на светската револуција и затоа, со иднината на човештвото. Тоа е поврзано, исто така, директно со прашањето на револуционерниот социјалистички потенцијал на работничката класа, со самата можност за социјализам, т.е. со научниот социјализам како таков. Затоа што овие прашања се во самиот центар на Марксовата анализа и на „марксистичкиот систем“. И нема никакви докази кои сугерираат дека овој систем повеќе не е така цврсто и силно втемелен како што некогаш беше.
Забелешки
[1] Заземањето на властa од страна на бирократијата не се „развива просто од условите создадени од самата револуција“ – исказ кој го избегнува земањето на став околу конкретните политички борби во дваесеттите во СССР! Тоа се развива од победоносната политичка контрареволуција („контрареволуција во рамките на револуцијата“, ако некој сака, класичен претходник е Термидорот за време на Француската револуција). Во светлината на тој факт, Свизи ѝ нанесува голема неправда на Левата опозиција, поради тоа што не спомнува дека уште од 1923 – навистина, можеби неколку години предоцна – започна конзистентна борба за советска демократија и поголеми политички права за работничката класа.