Напишано: 1967
Извор и превод: L'AMI DU PEUPLE
Онлајн верзија: ноември 2019
Ние презентираме три традиционални докази на трудовата теорија на вредност.
Првиот од овие е аналитичкиот доказ, којшто доаѓа од разделувањето на цената на една стока на нејзините составни елементи и којшто демонстрира дека ако процесот се прошири доволно далеку, ќе се пронајде само труд.
Цената на секоја стока може да се сведи на одреден број сочинители: амортизација на машинеријата и зградите, којашто ја нарекуваме обнова на постојаниот капитал; цената на суровините и додатните опреми; платите; и на крајот, сè што е вишок вредност, како што се профитот, рентата, даноците, итн.
Доколку последните два сочинители се земаат предвид, платите и вишокот вредност, веќе беше покажано дека тие се чист и прост труд. Во поглед на суровините, најголемиот дел од нивната цена во голема мера се сведува на трудот; на пример, повеќе од 60 проценти од рударската цена на јагленот се состои од плати. Ако почнеме да ја делиме просечната мануфактурна цена на стоките на 40% за плати, 20% за вишок вредност, 30% за суровини и 10% за постојан капитал; и ако претпоставиме дека 60% од цената на суровините може да се редуцира на труд, тогаш веќе сме редуцирале 78% од вкупната цена за трудот. Остатокот од цената на суровините се дели на цена на други суровини – сведливи обратно за 60% труд – плус цената на амортизирање машини.
Цената на машините се состои во голема мера од труд (на пример, 40%) и суровини (на пример, исто така 40%). Делот на трудот во просечната цена на сите стоки значи успешно достигнува 83%, 87%, 89,5%, итн. Очигледно е дека кога уште понатаму ќе се спроведува ова делење, толку повеќе сета цена ќе тежнее да биде сведена на самиот труд.
Вториот доказ е логичкиот доказ, којшто е презентиран во почетокот на Марксовиот „Капитал“. Тој има збунето бројни читатели, бидејќи се разбира дека не е наједноставниот педагошки приод кон прашањето.
Маркс го поставува прашањето на следниов начин. Бројот на стоки е многу голем. Тие се разменуваат меѓу себе, што значи дека тие мора да имаат заедничка вредност, бидејќи сè што е разменливо може да се споредува и сè што може да се споредува мора да има барем една заедничка вредност. Нештата коишто немаат заедничка вредност, по дефиниција, не можат да се споредуваат едно со друго.
Ајде да ја испитаме секоја од овие стоки. Какви вредности тие поседуваат? Пред сè, тие имаат неограничено мноштво на природни својства: тежина, должина, густина, боја, големина, молекуларна природа; накратко, сите нивни физички, хемиски и други својства. Дали постои едно од физичките својства кое може да биде основа за нивно споредување како стоки, односно да служи како заедничка мерка на нивната разменска вредност? Би можело ли тоа да биде тежината? Очигледно дека не, бидејќи пола килограм путер не ја има истата вредност како пола килограм злато. Дали тоа е волуменот или должината? Примерите веднаш ќе покажат дека ниедна од нив не може да биде. Накратко, сите тие нешта кои го прават природното својство на една стока, сè што е физичко или хемиско својство на оваа стока, се разбира ја определува нејзината употребна вредност, нејзината релативна корисност, но не и нејзината разменска вредност. Разменската вредност мора поради тоа да биде издвоена од сè што се содржи од природно физичко својство на стоката.
Заедничкото својство мора да се пронајде во сите овие стоки коешто не е физичко. Марксовиот заклучок е дека единственото заедничко својство на овие стоки коешто не е физичко е нивното својство кое ги прави производи на човечки труд, на апстрактен човечки труд.
Човечкиот труд може да биде замислен на два различни начини. Тој може да се разгледува како специфичен конкретен труд, како што е трудот на пекарот, касапот, чевларот, шивачката, ковачот итн. Но, сè додека тој се замислува како специфична, конкретна работа, сè дотогаш на него ќе се гледа од тој аспект како на труд којшто произведува само употребни вредности.
Под овие услови ние се занимаваме само со физичките својства на стоките и овие се токму својствата кои не можат да се споредуваат. Единствено нешто коешто стоките го имаат како заедничко од гледна точка на нивно разменување е тоа дека сите тие се произведени од апстрактен човечки труд, односно, од производители кои се во меѓусебен однос врз основа на еквиваленција како резултат на фактот дека сите тие произведуваат стоки за размена. Заедничкото својство на стоките, поради тоа, се состои од фактот што тие се производи на апстрактен човечки труд и ова е тоа што ја нуди мерката на нивната разменска вредност, на нивната разменливост. Поради тоа, својството на општествено потребен труд во производството на стоки е она што ја определува нивната разменска вредност.
Ова размислување на Маркс е како апстрактно така и тешко и е барем подлежно на сомневање, поента за којашто многу противници на марксизмот се фаќаат и се обидуваат да ја употребат, но сепак, без никаков забележлив успех.
Дали е факт дека апстрактниот човечки труд од којшто се произведени сите стоки е навистина единствено својство кое го имаат како заедничко, со исклучок на нивните природни својства? Не се малку авторите коишто мислеле дека откриле други [заеднички својства]. Воопшто, сепак, овие секогаш биле сведливи на физички својства или на фактот дека тие се производи на апстрактен труд.
Трет и последен доказ на точноста на трудовата теорија на вредност е доказот со редукција до апсурд. Покрај тоа, тоа е најелегантниот и „најмодерниот“ доказ.
Замислете за момент општество во кое живиот човечки труд целосно исчезнал, односно, општество во кое сето производство е 100 проценти автоматизирано. Се разбира, сè додека ние остануваме во сегашната посредна фаза, во која одреден труд веќе е целосно автоматизиран, што ќе рече, во фазата во која фабриките кои не вработуваат работници постојат покрај други во коишто сè уште се користи труд, не постои посебен теоретски проблем, бидејќи прашањето е само на пренос на вишокот на вредност од едно претпријатие до друго...
Но, ајде да замислиме дека овој развој е истуркан до неговата крајност и дека човечкиот труд е целосно отстранет од сите форми на производство и услуги. Може ли вредноста да продолжи да постои во овие услови? Може ли да постои општество во коешто никој нема приход, а стоките продолжуваат да имаат вредност и да се продаваат? Очигледно една таква ситуација би била апсурд. Огромна маса на производи би се произведувала без ова производство да создава приход, бидејќи ниеден човек не би бил вклучен во ова производство. Но, некој би сакал да ги „продава“ овие производи за коишто повеќе не постојат купувачи!
Очигледно е дека распределбата на производите во едно такво општество не би била повеќе вршена во формата на продажба на стоки и фактички продавањето би станало екстра апсурдно поради изобилството произведено од општата автоматизација.
Поинаку кажано, општеството во кое човечкиот труд би бил целосно отстранет од производството, вклучително и од услугите, би било општество во кое разменската вредност исто така би била отстранета. Ова ја докажува валидноста на теоријата, зашто кога човечкиот труд исчезнува од производството, вредноста исто така исчезнува со него.