Владимир Мајаковски

Владимир Илјич


Напишано: 1918
Извор: Блаже Конески, „Препеви“, МАНУ, Скопје, 2013, 165-166 стр.
Препев: Блаже Конески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2018



Знам –
на хероите ја истураат
револуцијната лава.
Сказната за херои е –
интелигентска каша!
Но кој е тој
што ќе се воздржи
да не му се вознесе слава
на Илјича, гордоста наша?
Нозе без мозок – штури се.
Без мозок
рацете – тага.
Претни, чинеше, нурни се
де ваму де таму
на светот безглавата снага.
За закол
кој не нè продаде?
Рукаше воено време, –
кога
над светот
се подаде
Ленин
со огромно теме.

И земји
седнаа на оски.
Секој е вопрос – прост.
И се изделија
два во хаосот
света
во сета вишина – простум.
Едниот –
мешиште врз мешиште клал.
Другиот –
цврст гранит –
милиони збрал.
Станува –
мускулест рид.

Сега
нема непогодување.
Познат е нишанот!
Нозете знаат
со чии трупови
да одат
им е пишано.
Нема место за сомнежи и плачки.
Долу полжавското – „да почекаме“.
Рацете знаат
кого
со смртен дожд да го штрекаме.

Со пожари земја здиме,
сегде,
кај што народот пленик,
избувнува
како бомба
тоа име:
Ленин!
Ленин!
Ленин!

Не е
ветрилото на стихот
за тихо јубилар да лади. –
Јас
во Ленина
на светот верата
ја славам
и верата на моите гради.

Ни поет би бил јас,
да не го
пеев тоа:
во ѕвезди петокраки небото јасно
на безмерниот свод на РКП моја.