Владимир Мајаковски

Ода на револуција


Напишано: 1918
Извор: Блаже Конески, „Препеви“, МАНУ, Скопје, 2013, 162-163 стр.
Препев: Блаже Конески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2018



Тебе,
исвиркана,
исмеана од батареите,
тебе,
изранета од злословен штик,
восторжено ти вознесувам
над руганта разреана,
на одата торжествен вик:
„О?“
О, ѕверска!
О, детска!
О, петпаречка!
О, велика!
Какво название уште не ти дале?
Како ќе се обрнеш уште, дволика?
Во стројна постројка,
во купишта развалини?
На машинистот
со прав од јаглен овеан,
на рударот, што ломи карпи руда,
му кадиш,
му кадиш благоговејно,
го славиш човечкиот труд.
А утре
Блажениј
кубињата шилести
залудно ги воздига
за милост со оклетија,
на твојте шестодујмовки бишките тапорилести
на Кремљ ги уриваат илјадалетијата.
„Слава“
во пресмртен исплов зајачува.
Пискотот на сирените придушено плаче.
Ти ги праќаш морнарите
на крајцер што се прекалачува,
таму,
каде што заборавено
мјаука маче.
А после!
Во пијана сурија зарика.
Мустаќ во форсот засукан улавечки.
Со кундаци ги гониш седите адмирали
од мостот во Хелсингфорс
удолу-главечки.
Вчерашните рани ги лиже и лиже,
и пак отворени гледам вени јас.
Тебе обивателското
– о, биди ти проклета триж! –
и моето,
поетово
– о, четириж славсја, благословенаја.