Напишано: 1918
Извор: Литература блог
Препев: Емил Ниами, од руски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: мај 2018
Ох, тоа е сосема неподносливо!
Сиот каков што сум полн со злоба.
Се лутам онака, како што не можете вие,
како куче на лицето на ќелавата месечина –
би ја зел
и би ја растегнал.
Нерви, би требало...
Излегувам,
шетам.
И на улица никој не ме смири.
Некоја си се развика за добра вечер.
Треба да се одговори:
таа ми е пријателка.
Сакам.
Чувствувам –
не можам по човечки.
Какво е тоа безобразие?
Спијам, што ли е?
Се прегледувам:
истиот сум како што си бев,
лицето ми е исто како што сум навикнал да е.
Ги допрев усните,
а под нив –
песјак.
Брзо го скрив лицето, небаре го шмркам носот.
Тргнав накај дома, со двојно поголеми чекори.
Внимателно ја заобиколувам полициската станица,
и одеднаш со задушлив глас:
„Городовој![*]
Опашка!”
Поминав со раката и се здрвив.
Тоа
со песјакот само започна,
не забележав во бесниот трк:
под моето палто
се развеала опашка
и се вие одзади,
голема, кучешка.
И што сега?
Еден се развика, толпа се стори.
На вториот му се придружи трет, четврти.
Ја збришаа старицата.
Таа, крстејќи се, врескаше нешто за ѓаволот.
И кога, на лицето ми се наежија мустаќи-венци,
толпата навали,
огромна,
лоша,
застанав на четири
и почнав да лаам:
Ав! ав! ав!
Забелешки
[*] Городовој – службеник со низок чин во градската полиција во Русија пред Револуцијата.