„Не постои ЕДНО човештво.
Постои човештво составено од класи:
робови и господари“
Како и сите претходни општества, современото буржоаско капиталистичко општество не е обединето. Тоа е поделено во два различни кампуси, остро разликувајќи се помеѓу нивната општествена позиција и општествена функција: пролетаријатот (во најшироката смисла на зборот) и буржоазијата.
Големиот дел од пролетаријатот со векови го носи товарот на тешкиот физички труд, чии плодови не се распределуваат кај него, туку кај друга, привилегирана класа што ужива во сопственоста, власта и продуктите на духовната култура (наука, образование, уметност) - буржоазијата.
Општественото поробување и експлоатацијата на работничките маси ја формираат основата на која стои модерното општество и без која не може да постои.
Овој факт бил поттик за со векови долгата класна борба, понекогаш во отворена, бурна форма, понекогаш во невоочлива и бавна, но секогаш фундаментално насочена кон трансформација на постоечкото општество во општество што ќе ги задоволи потребите на работниците, нивните побарувања и нивната концепција за правда.
Во општествени параметри, целата човечка историја претставува континуиран синџир од борби на работничките маси во потрага по нивните права, слобода и подобар живот. Во сето тоа време од историја на човечки општества, оваа класна борба била принципиелниот фактор кој ја одредувал формата и структурата на тие општества.
Општествено-политичкиот систем на било која земја е првенствено производ на класната борба. Структурата на било кое општество е показател за фазата на класната борба што е достигната. Најмалата промена во плимата на класната борба и во релативните сили на антагонистичките класи веднаш произведува промена во материјалот и структурата на класното општество.
Ова е генералното, универзално значење на класната борба во животот на класните општества.
Принципот на поробување и експлоатирање на масите преку сила лежи во коренот на модерното општество. Сите области на општеството - економија, политика, општествени односи - се потпираат врз класното насилство, чии официјални органи се државните тела, полицијата, војската и судовите. Се во ова општество, почнувајќи од секоја индивидуална фабрика до целосниот политички систем на државата, не е ништо друго освен тврдина на капитал, каде работниците секогаш се набљудувани, каде специјалните сили се секогаш на штрек за уништување на било какво работничко движење што може да биде закана на основите на денешното општество или пак да го наруши мирот на истото.
Во истовреме, структурата на денешното општество автоматски ги држи работничките маси во состојба на неписменост и ментална стагнација: со сила го спречува нивното образование и просветлување така што би било полесно да се контролираат.
Напредокот на денешното општество - технолошкиот развој на капиталот и усовршувањето на политичкиот систем - ја засилува моќта на владејачките класи и ја прави борбата против нив потешка, а со тоа се одложува клучниот момент кога трудот ќе ја достигне својата еманципација.
Анализите на современото општество покажуваат дека не постои поинаков начин за постигување на трансформација од капиталистичко општество во општество на слободните работници освен преку насилна општествена револуција.
Класната борба, родена во насилство од многу старата желба за слобода на работниот народ, даде поттик помеѓу угнетените за идејата на анархизмот - идеја на комплетна негација на општествениот систем базиран на класите и на државата, и негова замена со слободно, бездржавно општество на само-владеаните работници.
Анархизмот се разви не од апстрактните рефлексии на некој научник или филозоф, туку од директната борба на работниот народ против капиталот, од неговите потреби и побарувања, од неговата психологија, од неговата желба за слобода и еднаквост, аспирации што станаа особено живи во најхеројските фази на животот и борбата на работничките маси.
Истакнатите мислители на анархизмот - Бакунин, Кропоткин и други - не ја измислија идејата на анархизмот, туку тие ја открија помеѓу масите, тие помогнаа да се развие и да се пропагира преку моќта на нивната мисла и знаење.
Анархизмот не е производ на индивидуална креација, ниту пак објект од индивидуални експерименти.
Исто така, анархизмот не е ни производ на генералните човечки аспирации. Не постои „едно“ човештво. Секој обид да се направи анархизмот атрибут на целото човештво, како што претставително стои, или да се кредитира со генерален човечки карактер, би било историска и општествена лага што неизбежно би резултирала со оправдувањето на денешниот поредок и свежата експлоатација.
Анархизмот е широко хуманитарен само во онаа смисла каде идеалите на работничките маси би ги подобриле животите на сите луѓе, и дека судбината на човештвото денес или утре е врзана со судбината на поробениот труд. Доколку работничките маси се покажат победоносни, целото човештво би се преродило. Ако пак потфрлат, тогаш насилство, експлоатација, ропство и угнетување ќе преовладеат во светот како порано.
Зачетокот, развојот и реализацијата на анархистичките идеали се вкоренети во животот и борбата на работничките маси и се нераскинливо врзани со општата судбина на истите.
Анархизмот цели да го претвори денешното буржоаско капиталистичко општество во општество што ќе ги гарантира плодовите на трудот, слободата, независноста, општествената и политичка еднаквост на работните луѓе. Ова општество е анархистички комунизам. Во анархистичкиот комунизам ќе биде најизразена не само општествената солидарност, туку и идејата за слободна индивидуалност и овие два поими ќе се развиваат заедно одблиску во совршена хармонија.
Анархистичкиот комунизам верува дека единствениот креатор на сите општествени средства е трудот - физичкиот и интелектуалниот - и како резултат, само трудот го има правото на управување со целиот економски и јавен живот. Ете затоа анархистичкиот комунизам не го оправдува или подржува постоењето на не-работнички класи.
Доколку овие класи би опстанале и би коегзистирале со анархистичкиот комунизам, тогаш анархистичкиот комунизам нема да презема одговорност кон нив. Само кога не-работничките класи ќе станат продуктивни и ќе сакаат да живеат во општествениот систем на анархистичкиот комунизам, на исто рамниште како и другите, тие ќе заземат место, т.е. место на слободни членови на општество еднакво за сите, уживајќи во истите права на тоа општество и имајќи ги истите генерални одговорности.
Анархистичкиот комунизам бара искоренување на сета експлоатација и насилство, без разлика дали се однесува на индивидуа или пак работнички маси. Со таа цел тој создава економска и општествена основа што ќе го обедини економскиот и општествениот живот на земјата во хармониско единство и ќе ја гарантира сечија индивидуална еднаквост и ќе овозможи максимално добро за сите. Оваа основа е заеднички посед во формата на социјализација на сите средства и инструменти на производство (индустрија, транспорт, земја, сурови материјали итн.) и создавање на националните економски агенции врз база на еднаквост и самоуправување на работничките класи.
Во параметрите на самоуправувачкото работничко општество, анархистичкиот комунизам го поставува принципот на еднаква вредност и еднакви права на секоја индивидуа (не на „апстрактна“ индивидуалност, или „мистична“ индивидуалност, или пак концептот на „индивидуалност како идеја“).
Од овој принцип на еднаква вредност и еднакви права на секоја индивидуа, исто така и фактот дека вредноста на трудот обезбеден од секоја индивидуална личност не може да се мери или оцени, следат суштинските економски, општествени и судски принципи на анархистичкиот комунизам: „Секој според способностите, секому според потребите".
Демократијата е една од формите на буржоаското капиталистичко општество.
Основата на демократијата е во задржувањето на двете антагонистички класи на современото општество - трудот и капиталот - и нивната соработка врз основа на капиталистичката приватна сопственост. Парламентот и националната претставничка власт се изрази на оваа соработка.
Формално, демократијата прокламира слобода на говор, на печат, на здружување, како и универзална еднаквост пред законот.
Во реалноста, сите слободи се од релативна природа: тие се толерирани се додека не се спротивставуваат на интересите на владејачката класа, т.е. буржоазијата.
Демократијата го остава нечепнат принципот на капиталистичката приватна сопственост. Со тоа, го зачувува правото на буржоазијата да ја контролира целосната економија на земјата, како и на печатот, образованието, науката и уметностите, кои во пракса ја прават буржоазијата апсолутен господар на земјата. Додека ужива во монополот во сферата на економските работи на земјата, буржоазијата е слободна да воспостави своја целосна и неограничена власт исто така и во политичката сфера. Навистина, парламентот и претставничката власт се само извршни органи на буржоазијата во демократиите.
Како резултат, демократијата е само една варијанта на буржоаско диктаторство, нејзините фиктивни политички слободи и демократски гаранции се само завеса од чад дизајнирана за затскривање на нејзиниот вистински идентитет.
V. Негација на државата и авторитетот
Буржоаските идеологии ја дефинираат државата како орган што ги регулира комплексните социо-политички, граѓански и општествени односи на луѓето во современото општество, заштитувајќи го законот и редот на ова општество. Анархистите се во целосна согласност со таа дефиниција, но додаваат дека законот и редот врз кои е втемелено ова општество го кријат поробувањето на широкото мнозинство на луѓе од страна на незначајно малцинство и дека модерната држава служи да го одржи ова поробување.
Државата е и организираното насилство на буржоазијата над работниците и системот на нејзините извршни органи.
Левите социјалисти и особено болшевиците исто така гледаат на буржоаската власт и на буржоаската држава како алатки на капиталот. Но тие веруваат дека, во рацете на социјалистичките партии, државната власт може да стане силно оружје во борбата за еманципацијата на пролетаријатот. Тие се за социјалистичка власт и пролетерска држава. Некои од нив (социјалдемократите) се надеваат дека ќе дојдат до позиција на власт со мирни, парламентарни средства, додека другите (комунистите, левите социјалисти-револуционери) се надеваат да ја зграбат власта со револуционерни средства.
Анархизмот смета дека овие две позиции се фундаментално погрешни и штетни за еманципацијата на трудот.
Државната власт секогаш оди рака под рака со експлоатацијата и поробувањето на масите. Се воздигнува од таа експлоатација, или се креира за неа. Државната власт без насилство и експлоатација ја губи секоја смисла за постоење.
Државата и авторитетот ги ограбуваат масите од нивните иницијативи и го убиваат нивниот дух на независно делување, негувајќи го ропскиот менталитет на покорување, исчекувања и верувања во владетелите и шефовите. Оттука, еманципацијата на работниците е само можна преку процесот на директна револуционерна борба од страна на работничките маси и нивните класни организации против капиталистичкиот систем.
Освојувањето на власта од страна на социјалдемократските партии преку парламентарни методи во рамките на сегашниот систем нема да ја унапреди еманципацијата на трудот ни најмалку, од едноставна причина што вистинската власт, а со тоа и вистинскиот авторитет, ќе остане во буржоазијата, која има целосна контрола врз економијата и политиката на земјата. Улогата на социјалистичките влади во тој случај ќе биде сведена на реформи, подобрувајќи го истиот буржоаски систем (види го примерот на [Рамзи] Мекдоналд социјалдемократските партии на Германија, Шведска и Белгија кои се стекнаа со државна власт под капиталистички систем).
Ниту освојувањето на власта по пат на општествена револуција, ниту организацијата на таканаречената пролетерска држава, не можат да ја унапредат каузата за изворна еманципација на трудот. Државата, под претпоставка создадена за да ја брани револуцијата, неизбежно акумулира сопствени специфични потреби и станува цел за самата себе, мрестејќи привилегирани општествени касти врз кои се потпира, и со сила ги потчинува масите според сопствените потреби како и потребите на привилегираните касти, со што ќе ги реставрира основите на капиталистичкиот авторитет и капиталистичката држава: поробување и експлоатација на масите со насилство (пример е „работничката и селанската држава“ на болшевиците).
Главните сили на општествената револуција се во градската работничка класа, селанството, делумно и во работничката интелигенција.
НБ: Исто како и градскиот и селанскиот пролетаријат, угнетена и експлоатирана класа, работничката интелигенција е составена од повеќе слоеви, за разлика од работниците и селаните, благодарение на економските привилегии со кои буржоазијата наградува одредени свои членови. Ете затоа, во раните денови на општествената револуција, само помалку богатиот слој од интелигенцијата ќе земе активно учество во револуцијата.
Улогата на масите во општествената револуција и во изградбата на социјализмот е забележливо различна од она што за нив го предвидуваат етатистичките партии. Додека болшевизмот и неговите сродни струи ја заземаат линијата дека работничките маси поседуваат само деструктивни револуционерни инстинкти и дека се неспособни за креативна и конструктивна револуционерна активност - што е нивната главна причина зошто власта треба се стави во рацете на луѓето кои ја сочинуваат владата или партискиот централен комитет - анархистите сметаат дека работничките маси носат во себе голем, креативен и конструктивен потенцијал и тие тежнеат да ги отстранат пречките што го спречуваат ова манифестирање.
Анархистите всушност гледаат на државата како главна пречка, бидејќи ги узурпира сите права на масите и ги лишува од нивните функции во општествениот и економскиот живот. Државата мора да исчезне, но не да биде тоа еден убав ден во општество од иднината. Таа мора да се уништи од работниците на денот на нивната победа и не смее да се реставрира во било каков облик. На нејзино место ќе биде систем од самоуправувачки работнички организации на производители и потрошувачи, обединети на федеративна база. Овој систем ги отфрла организацијата на државната власт и на диктатура на било каква партија.
Руската револуција од 1917 дава пример за овој пристап со процесот на општествена еманципација преку создавањето на систем од работнички и селански совети и фабрички комитети. Тажната грешка беше во неликвидирањето на државната организација во раната фаза - прво власта на Привремената влада, а потоа и на болшевиците. Вторите, искористувајќи ја довербата на работниците и селаните, реорганизирајќи ја буржоаската држава според околностите во тоа време, со помошта на државата ја уби креативната активност на револуционерните маси задушувајќи го слободниот систем на советите и фабрички комитети што ги претставуваа првите чекори кон создавање на бездржавно општество.
Активноста на анархистите е поделена во две фази: предреволуционерниот период и револуционерниот период. Во двата случаи, анархистите можат да ја извршат сопствената улога како организирана сила ако имаат јасно разбирање на целите на нивната борба и на методите што водат кон нивно остварување.
Во предреволуционерниот период, основната задача на Генералниот анархистички сојуз е да ги подготви работниците и селаните за општествената револуција.
Со одбивање на формалната (буржоаска) демократија и државната власт и со прокламирање на целосната еманципација на трудот, анархизмот го сместува најважниот акцент на ригорозните принципи на класна борба, будејќи и негувајќи ја револуционерната класна свест и револуционерната класна непопустливост на масите.
Анархистичката едукација на масите мора да се спроведе во духот на класната непопустливост, анти-демократизам, анти-етатизам и во духот на идеалите на анархистичкиот комунизам, но само едукацијата не е доволна. Потребен е и одреден степен на анархистичка организација на масите. Ако ова треба да се постигне, ние треба да работиме на две линии: на едната страна, селекција и групирање на револуционерни работнички и селански сили врз основа на анархистичка теорија (експлицитно анархистички организации) и, од друга страна, нивото на групирање на револуционерни работници и селани врз основа на производство и потрошувачка (револуционерни работнички и селански производствени организации и слободни работнички и селански кооперативи, итн.).
Работничките и селанските класи, организирани на база на производство и потрошувачка и исполнети со идеологијата на револуционерниот анархизам би биле првенствени помеѓу силните точки на општествената револуција и колку повеќе се воведи анархистичка свест и анархистичка организација кај нив сега толку повеќе ќе се демонстрира анархистичката цел, анархистичката цврстина и анархистичката креативност во часот на револуцијата.
Што се однесува на работничката класа на Русија, после осум години на болшевичко диктаторство, што го заузда природниот апетит на масите за независна активност и заслепувачки ја демонстрираше вистинската природа на сиот авторитет, јасно е дека класата во себе сокрива енормен потенцијал за формирање на масовно анархистичко и анархо-синдикалистичко движење. Организираните анархистички борци мора веднаш и со сите расположливи ресурси да го култивираат тој апетит и потенцијал, пред да се дозволи да дегенерираат во меншевизам.
Анархистите затоа мораат, без одложување да го насочат сиот свој труд во организирањето на сиромашното селанство, кое е угнетено од авторитетите, но ја бара сопствената еманципација и крие енормен револуционерен потенцијал.
Анархистичката улога во револуционерниот период не може да се затвори на проповедање на анархистички слогани и идеи.
Животот може да се гледа како арена не само за проповедање на оваа или онаа идеја, туку и како арена за борба, каде силите што се стремат да влијаат врз општеството маневрираат со цел да добијат идеолошки подобра позиција. Повеќе од било кој друг, анархизмот мора да стане водечка идеја во општествената револуција, бидејќи само благодарение на анархистичките идеи општествената револуција ќе ја постигне комплетната еманципација на трудот.
Водечката позиција на анархистичките идеи во револуцијата имплицира, во исто време, дека анархистите и анархистичката теорија играат влијателна улога во текот на настаните. Сепак, ова влијание не смее да биде забуна за политичко лидерство на етатистичките партии, кои само кулминираат во државната власт.
Анархизмот не цели да ја заземе политичката власт, да создаде диктаторство. Главната аспирација на анархизмот е да им помогне на масите при избирањето на уникатен пат до општествена револуција и општествена изградба. Но, не е доволно само за масите да натежнат кон патот на општествената револуција. Мора да се осигура дека револуцијата се држи до својот пат и до својата цел - отфрлање на капиталистичкото општество во име на општеството на слободните работници. Како што ни покажува искуство од Руската револуција од 1917, не постои лесна задача, главно поради многуте партии кои се обидуваа да го насочуваат движењето во спротивната насока од онаа на општествената револуција.
Иако масите на општествените пресврти се поттикнати длабоко од анархистички тенденции и слогани, тие не се координирани на било кој начин и како резултат тие ја немаат кохерентноста и привлечноста за да станат водечки идеи, што е суштинско доколку општествената револуција сака да ги задржи анархистичката ориентација и цели. Оваа движечка сила на идеи може само да најде израз во специфичен колектив воспоставен од масите за таа изразна цел. Организираните анархистички елементи и организираното анархистичко движење ќе го конституираат тој колектив.
За време на револуцијата, тој колектив, т.е. Генералниот сојуз на анархисти, ќе сноси големи теоретски и практични одговорности.
Ќе треба да покаже иницијатива и да демонстрира комплетна посветеност на секој аспект во општествената револуција, насочувајќи ја ориентацијата и карактерот на револуцијата, граѓанската војна и одбраната на револуцијата, позитивните задачи на револуцијата, новиот систем на производство, потрошувачка, аграрното прашање итн.
За сите овие и многу други прашања, масите ќе бараат јасни и прецизни одговори од анархистите. И откако анархистите ќе го донесат концептот на анархистичка револуција и на анархистичка структура на општеството во јавноста, тие ќе мораат да презентираат прецизен одговор за секое такво прашање, да го поврзат решавањето на тие проблеми со генералниот концепт на анархизмот и да ги сместат сите ресурси за нивна ефективна реализација.
Само така Генералниот сојуз на анархисти и анархистичкото движење можат успешно да ја одиграат сопствената улога како водечка сила на идеи во општествената револуција.
Социјалистичките политички партии го користат терминот „преоден период“ што се однесува за одредена фаза од животот на луѓето, суштинските карактеристики кои се одделуваат од стариот поредок и се вовед на новиот економски и политички систем, кој сеуште не е спроведен, целосната еманципација на сите работници.
Од овој аспект сите минимални програми на социјалистичките политички партии, на пример демократската програма на опортинистичките социјалисти, или комунистичката програма на „диктатурата на пролетаријатот“, се програми за преодниот период.
Суштинската карактеристика на овие минимални програми е дека тие се однесуваат на комплетната реализација на работничките идеали - нивната независност, слободата и еднаквоста - идеали кои не можат да се реализираат на краткорочен период, и како резултат тие задржуваат цела низа институции од капиталистичкиот систем: принципот на државна принуда, приватната сопственост на средствата и инструментите за производство, наемно ропство и многу други, согласно целите на секоја програма на политичките партии.
Анархистите секогаш биле принципиелни противници на такви програми, заземајќи го ставот дека создавањето на преодни системи ги задржува принципите на експлоатација и принуда над масите што неизбежно води назад кон ропство.
Наместо политички минимални програми, анархистите настојуваат на општествена револуција која би ја лишиле капиталистичката класа од политичките и економските привилегии и би ги сместиле средствата и инструментите на производство, и сите други функции на општествениот и економски живот, во рацете на работниците.
И таа позиција на анархистите стои цврсто и до ден денес.
Идејата за преодниот период, во кој општествената револуција треба да кулминира не во анархистичко општество, туку во некоја друга форма на систем што ќе ги задржи елементите и реликтите на стариот капиталистички систем, во суштина е анти-анархистичка. Таа во себе ја содржи заканата од поткрепување и развивање на овие елементи во нивните претходни пропорции, а со тоа насочувајќи ги настаните во спротивната насока.
Еден јасен пример за ова е режимот „диктатура на пролетаријатот“ воспоставен од болшевиците во Русија, што според нив претставуваше преодна фаза во маршот кон комплетен комунизам, но кој всушност резултираше со реставрација на класното општество, на чие дно, како и порано, ги наоѓаме индустриските работници и најсиромашните селани.
Главниот фокус во изградбата на анархистичкото општество не се состои од гарантирањето на секоја индивидуа, веднаш од денот на револуцијата, неограничена слобода да бара задоволување на нејзините потреби, туку во освојувањето на општествените основи на тоа општество и во воспоставувањето на принципите на односите меѓу луѓето. Прашањето на поголемо или помало изобилство на ресурси не е принципиелно, туку е од техничка природа.
Основниот принцип врз кој ќе биде изградено новото општество, правилото над кое ќе се потпира, така да се каже, и кое не смее да биде ограничено ни на најмал степен е еднаквоста во односите, слободата и независноста на работниците. Овој принцип го содржи основното барање на масите, во чие име тие ќе се кренат на општествена револуција.
Или општествената револуција ќе заврши со пораз на работниците, во кој случај треба се да се започне одново за подготовки на друга борба, свежа офанзива против капиталистичкиот систем; или тоа ќе биде победа на работниците, во кој случај, освојувајќи ги потребните средства за одбрана на самите себе - земјата, производството и општествените функции - тие ќе го втемелат градењето на слободно општество.
Тој момент ќе биде почетокот на изградбата на анархистичко општество, кое еднаш започнато, ќе се развива континуирано, собирајќи сила и константно ќе се подобрува.
Затоа, заземањето на производството и општествените функции ќе биде делбена линија помеѓу државните и не-државните ери.
Со цел да стане собирна точка на борбените маси и на револуционерната епоха, анархизмот не смее да ги крие сопствените основни принципи, ниту пак да ја прилагодува својата програма за асимилација на белезите на стариот поредок, опортунистичките тенденции на преодните системи и периоди; наместо тоа, мора да ги развива своите принципи и да ги рафинира што е можно повеќе.
Тенденцијата да се контрастира анархистичкиот комунизам со синдикализмот и обратно е тенденција што ја сметаме за тотално вештачка и лишување на сите основи и значења.
Идеите на комунизмот и синдикализмот зафаќаат две различни рамнини. Каде комунизмот, т.е. слободното општество на еднакви работници, е целта на анархистичката борба, синдикализмот, т.е. револуционерното движење на индустриските работници базирано на занаети, е една од формите на револуционерната класна борба.
Во обединувањето на индустриските работници врз база на производството, револуционерниот синдикализам, како и секое синдикално движење, нема одредена идеологија: нема светоглед кој ќе ги опфати сите комплексни општествени политички прашања во сегашнава ситуација. Тоа секогаш ги рефлектира идеологиите на одреден опсег од политички групирања, особено од оние кои најмногу работат во нивните редови.
Нашиот став во поглед на револуционерниот синдикализам следи од тоа што е досега кажано. Без да сакаме да го решиме однапред прашањето на улогата на револуционерните синдикалистички организации веќе во вториот ден од револуцијата (т.е. дали тие ќе бидат организатори на новиот систем на производство во целост, или ќе ја остават таа улога на работничките совети или фабричките комитети?), нашиот став е дека анархистите мора да бидат вклучени во револуционерниот синдикализам како една од формите на работничкото револуционерно движење. Сепак прашањето сега не е дали анархистите треба или не треба да земат улога во револуционерниот синдикализам, туку како и кон која цел треба играат улога.
Целиот период до денес, кога анархистите беа дел од револуционерното синдикалистичко движење како индивидуални работници или пропагатори, е период кога релациите со индустриското трудово движење беа аматерски.
Анархо-синдикализмот, кој се стреми цврсто да ги воспостави анархистичките идеи во левото крило на револуционерниот синдикализам преку создавањето на синдикати од анархистички тип, преставува чекор напред во овој поглед, но сеуште не е подобрен од аматерските методи. Ова е затоа што анархо-синдикализмот не се поврзува со „анархизирање“ на синдикалистичкото движење со организација од анархистички сили надвор од тоа движење. Само кога би била воспоставена таква врска, тогаш е можно да се „анархизира“ револуционерниот синдикализам за да се спречи било какво лизгање кон опортунизам.
Ние го сметаме револуционерниот синдикализам само како синдикално движење на работниците без одредени општествени и политички идеологии, а со тоа самото движење е неспособно самото по себе да ги реши општествените прашања; и како такво, нашето мислење е дека задачата на анархистите во редовите на тоа движење се состои во развивање на анархистички идеи во него и управувајќи го во анархистичка насока, така би се претворило во активна армија на општествената револуција. Важно е да се запомни дека ако синдикализмот не ја даде поддршката на анархистичката теорија во догледно време, тогаш ќе биде принуден да се потпре врз идеологијата на некоја етатистичка политичка партија.
Ударен пример за ова е францускиот синдикализам, кој еднаш заблеска на сметка на своите анархистички слогани и анархистички тактики, пред да падне под налетот на комунистите и, пред се десното крило на опортунистичките социјалисти.
Но, задачата на анархистите во редовите на револуционерното трудово движење може да се изведе само ако нивните напори се тесно поврзани и координирани со активноста на анархистичката организација надвор од синдикатот. Поинаку кажано, ние мора да влеземе во револуционерното трудово движење како организирана сила, одговорна пред генералната анархистичка организација за нашата работа внатре во синдикатите, и примајќи водство од таа организација.
Без да се ограничуваме себеси само на воспоставувањето на анархистички синдикати, ние мора да бараме да ги истакнуваме нашите теоретски влијанија на револуционерниот синдикализам како цело, во сите негови форми (Индустриските работници од светот, руските синдикати итн.). Но, ние ќе го постигнеме ова со работа како ригирозно организиран анархистички колектив, и секако не како мали аматерски групи, без организациони врски или без заедничка теоретска база.
Групите од анархисти на работните места, кои работат да создадат анархистички синдикати, кои се борат во рамките на револуционерниот синдикализам за превласт на анархистичките идеи во синдикализмот и неговата теоретска ориентација и самите водени во нивната активност од анархистичката организација на која припаѓаат - ова е значењето на врската помеѓу анархистите и револуционерниот синдикализам и со него поврзаните револуционерни синдикалистички движења (и формата која треба да ја заземат).