Извор: Карл Маркс, „Капиталот“, том III, Скопје: Мисла, 1976, 739-754 стр.
Транскрипција: Томислав Захов
Онлајн верзија: октомври 2023
Капитал — профит (претприемачка добивка плус интерес), земја — земјишна рента, труд — наемнина, ова е тројната формула, во која се опфатени сите тајни на општествениот процес на производството.
Понатака, бидејќи интересот, како што порано беше покажано,[2] се појавува како својствен, карактеристичен производ на капиталот, а претприемачката добивка спротивно на тоа како наемнина независна од капиталот, таа тројна формула се сведува на ова:
Капитал — интерес, земја — земјишна рента, труд — наемнина, каде што профитот, формата на вишокот на вредноста која специфично го карактеризира капиталистичкиот начин на производство, среќно е избегнат.
Ако сега поблиску се погледне ова економско тројство, тогаш ќе се најде:
Прво, божемските извори на годишното расположиво богатство им припаѓаат на сосем диспаратните сфери и немаат една со друга ни најмала аналогија. Тие една спрема друга се однесуваат нешто како нотаријални такси, цвекло и музика.
Капитал, земја, труд! Но капиталот не е никаков предмет, туку еден определен, општествен производствен однос, кој `и припаѓа на некоја определена историска општествена формација, однос кој се претставува во еден предмет и му дава на овој предмет специфичен општествен карактер. Капиталот не е сумата од материјални и произведени средства за ироизводство. Капиталот, тоа се средствата за производство претворени во капитал, кои само по себе исто така не се капитал, како што златото и среброто сами по себе не се пари. Тие се средствата за производство кои се монополизирани од еден дел на општеството, тие се производите и условите за дејноста на живата работна сила кои се осамостоени токму спрема оваа работна сила, оние што преку ова спротивност се персонифицирани во капитал. Не се тоа само производите на работниците, претворени во самостојна сила, производите како господари и купувачи на своите производители, кои истапуваат против нив како својства на нивните производи, туку тоа се и општествените сили и идните ... {? нечитливо} форма[3] на овој труд. Според тоа, ние овде имаме една определена, на прв поглед многу мистериозна, општествена форма на еден од факторите на еден историски создаден општествен процес на производство.
А сега по ред земјата, неорганска природа како таква, rudis indigestaque moles со целата нејзина прашумска дивина. Вредноста е труд. Поради тоа вишокот на вредноста не може да биде земја. Апсолутната плодност на земјата не постигнува ништо друго освен тоа, дека некое извесно количество труд дава некој извесен производ условен од природната плодност на земјата. Диференцијата во плодноста на земјата го постигнува тоа, дека истото количество труд и капитал, значи истата вредност, да се изрази во различни количества производи од земјата; значи дека овие производи имаат различни индивидуални вредности. Израмнуваљето на овие индивидуални вредности во пазарната вредност, доведува до тоа, што
„предноста на плодната земја над понеплодната... се пренесува од обработувачот или потрошувачот на сопственикот од земјата.“ (Ricardo, „Principles“, р. 62.)
И најпосле како трет во сојузот едно просто сениште — „тој“ труд, кој не е ништо друго освен една апстракција и за себе земен воопшто не егзистира или ако тој... {нечитливо} се земе,[4] производната дејност на човекот воопшто, со која тој врши размена на материјата со природата, која е лишена не само од секоја општествена форма и карактерна определеност, туку дури и само во нејзиното природно битие, независно од општеството, откинато од секакво општество и како изразување на животот и потврдување на животот му е заедничка воопшто уште на неопштествениот човек со човекот кој има каква било општествена определба.
Капитал — интерес; земјишна сопственост, приватна сопственост на земјината топка, и навистина модерна што му е соодветна на капиталистичкиот начин на производство — рента; наемен труд — наемнина. Значи, во оваа форма треба да постои поврзаноста меѓу изворите на доходот. Како што е капиталот, така се и наемнината и земјишната сопственост историски определени општествени форми; едната на трудот, другата на монополизираната земјина топка, а навистина и двете сс форми што се соодветни на капитал и кои `и припаѓаат на истата економска општествена формација.
Прво што паѓа в очи во оваа формула е тоа, дека покрај капиталот, покрај оваа форма на еден елемент од производството, кој му припаѓа на еден определен начин на производство, на еден определен историски лик од општествениот процес на производството, покрај еден елемент од производството поврзан со определена социјална форма и кој се изразува во таа форма, без понатака да бидат редени: земјата на едната страна, трудот на другата, два елемента на реалниот процес на трудот, кои во оваа материјална форма се заеднички на сите начини на производство, кои се материјалните елементи од секој процес на производство и со неговата општествена форма немаат никаква врска.
Второ. Во формулата: капитал — интерес, земја — земјишна рента, труд — наемнина, капитал, земја, труд, се јавуваат респективно како извори на интерес (наместо профит), земјишната рента и наемнината како нивни производи, плодови, првите се основата, вторите последицата, првите се причината, вторите се резултатот; и навистина така, што секој одделен извор се однесува спрема неговиот производ како на нешто што од себе го откинал и го произвел. Сите три доходи, интерес (наместо профит), рента, наемнина, се три делови од вредноста на производот, значи воопшто делови од вредност, или изразени во пари, се извесни делови од пари, делови од цена. Формулата: капитал — интерес, сега е навистина најирационалната формула на капиталот, но сепак таа е негова формула. Но како може земјата да создаде некоја вредност, т.е. да создаде некое општествено определено количество труд, а сега дури и одделен дел од вредноста на нејзините сопствени производи, кој ја сочинува рентата? Земјата е, на пример, активна како агент на производството при создавањето на некоја употребна вредност, на некој материјален производ, на пченицата. Но таа нема никаква врска со производството на вредноста од пченицата. До колку вредноста се претставува во пченица, пченицата се разгледува само како некое определено количество опредметен општествен труд, сосем независно од особената материја во која се претставува трудот, или од особената употребна вредност на оваа материја. Ова не му е противречно на тоа, 1. што, при инаку неизменети околности, евтиноста или скапоста на пченицата зависи од производноста на земјата. Производноста на земјоделскиот труд е поврзана со природните услови, и според нивнита производност истото количество труд ќе се претстави во многу или малку ироизводи, употребни вредности. Колку е големо количеството труд кое се претставува во едно кило, зависи од масата кила што ги дава истото количество труд. Oвде зависи од производноста на земјата, во какви количества производи ќе се претстави вредноста; но оваа вредност e даден, независно од оваа поделба. Вредноста се претставува во употребна вредност; а употребната вредност е еден услов за создавање на вредноста; но глупо е да се направи некоја спротивност, каде што на едната страна стои некоја употребна вредност, земјата, а на другата страна некоја вредност, а притоа уште и некој одделен дел на вредноста. 2. {Овде ракописот завршува.}
Вулгарната економија всушност и не прави ништо друго, отколку доктринерски да ги протолкува, систематизира и оправдува агентите на ова производство кое е зафатено од буржоаските производствени односи. Значи, ништо не треба да не` зачудува, дека вулгарната економија токму во оттуѓената појавна форма на економските односи, во која се тие prima facie[5] бесмислени и наполно противречни — а секоја наука би била излишна, ако непосредно се совпаднуваат појавната форма и битието на стварта — дека таа толку овде се чувствува како дома и дека нејзе овие односи толку повеќе `и се чинат сами од себе разбирливи, колку е повеќе скриена нивната внатрешна поврзаност, а кои на простото гледање му се чинат разбирливи. Оттука нејзе ни на ум не `и паѓа, дека тројството од кое таа трга: земја – рента, капитал — интерес, труд — наемнина или цена на трудот, се три prima facie неможни композиции. Прво пред нас ја имаме употребната вредност-земјата, која нема вредност, и разменската вредност-рента: така што еден социјален однос, разбран како ствар, е ставен во некоја пропорција спрема природата; значи две несомерливи големини би требало да имаат некој однос една спрема друга. Потоа, капитал-интерес. Ако капиталот се сфаќа како некоја извесна сума на вредност претставена самостојно во пари, тогаш е prima facie бесмисленост, дека некоја вредност би требало да има поголема вредност отколку што таа вреди. Токму во формата: капитал-интерес отпаднува секое посредување и капиталот се сведува на својата општа, но оттука и неразбирлива само по себе и апсурдна формула. Токму поради тоа вулгарниот економист ја претпоставува формулата калитал-интерес, со таинствениот квалитет на некоја вредност да не биде еднаква сама на себе, спрема формулата капитал – профит, зашто овде повеќе се приближува кон вистинскиот капиталистички однос. Тогаш пак, со немирно чувство, дека 4 не се 5 и дека 100 талири не можат да бидат 110 талири, тој побегнува од капиталот како вредност кон материјалната супстанција на капиталот; кон неговата употребна вредност како услов за производство на трудот машинерија, суровини итн. Така тој пак успева, наместо првиот неразбирлив однос каде што е 4=5, да извади едеп сосем несомерлив однос меѓу некоја употребна вредност, на некој предмет, од една страна, и некој определен општествен пронзводствен однос спрема вишокот на вредноста, од друга страна; како при земјишната сопственост. Штом тој дојде до оваа несомерливост, на вулгарниот економист му е се` јасно, и тој повеќе не чувствува потреба, понатака да му мисли. Зашто е тој веќе дојден при „рационалното“ на буржоаската претстава. Најпосле, труд-наемнина, цена на трудот, е, како што покажуваме во книга I,[6] еден израз кој prima facie му противречи на поимот за вредноста, а исто така и на поимот за цената, која, општо земено, самата е само еден определен израз на вредноста; а „цената на трудот“ ирационална како жолт логаритам. Но вулгарниот економист дури овде се чувствува задоволен, бидејќи тој сега довтаса до длабокиот поглед на буржујот, дека тој плаќа пари за трудот, и дека токму противречноста на формулата спрема поимот на вредноста го ослободува од задолжението да го разбере последниов поим.
Ние видовме[7], дека капиталистичкиот процес на производство е воопшто една општествено определена форма на општествениот процес на производство. Последниов е исто така процес на производство на материјалните услови за суштествување на човечкиот живот, како што е и процес кој се врши во специфично историско-економски производствени односи и кој ги произведува и препроизведува и самите овие производствени односи, а со тоа и носителите на овој процес, на нивните материјални услови за суштествување и на нивните заемни односи, т.е. на нивната определена економска форма. Зашто целоста на овие односи, во кои носителите на ова производство се најдуваат во однос спрема природата и меѓу себе, во кои тие произведуваат, оваа целост е токму општеството, гледано според неговата економска структура. Како и сите негови претходници така и капиталистичкиот процес на производство врви низ определени материјални услови, но кои едновремено се и носители на определени општествени односи, во кои индивидуите влегуваат во процес на производство на нивниот живот. Овие услови, како и овие односи, од една страна, се претпоставка, а од друга, резултат и производ на капиталистичкиот процес на производство; тој нив ги произведува и препроизведува. Понатака ние видовме: дека калиталот — а капиталистот е само персонифициран капитал, функционира во процесот на производството само како носител на капиталот — значи капиталот со нему соодветниот општествен процес на производство испумпува определено количество вишок на труд од непосредните производители или работници, вишок на труд што капиталот го добива без еквивалент и кој според својата сушност е присилен труд, па макар и колку да се покажува како резултат на слободно, договорно согласување. Овој вишок на труд се претставува во некој вишок на вредност, а овој вишок на вредност постои во некој вишок на производ. Вишокот на трудот воопшто, како труд над некоја мера од дадени потреби, секојпат мора да остане. Само што во капиталистичкиот систсм како и во робовладетелскиот систем итн. тој има антагонистичка форма и се дополнува со чисто безделништво на еден дел од општеството. Нужно е определено количество на вишок на труд за осигурување од случајности, за нужните потреби соодветно со развитокот и напредокот на населението, за прогресивното проширување на процесот на препроизводството, што од капиталистичка гледна точка се вика акумулација. Една од цивилизаторските страни на капиталот е таа што тој овој вишок на труд на сила го вади на еден начин и под услови, кои за развитокот на производните сили, на општествените односи и за создавањето на елементите за една повисока формација се подобри отколку под поранешните форми на робовладетелството, крепосништвото итн. Така тој, од една страна, доведува до степенот, каде што отпаднува присилбата и монополизирањето на општествениот развиток (вклучително и неговите материјални и интелектуални предности) од страна на еден дел од општеството за сметка на другиот; од друга страна, тој ги создава материјалните услови и никулецот за односи, кои во една повисока форма на општеството дозволуваат овој вишок на труд да се врзе со едно поголемо ограничување на времето кое воопшто е определено за материјалниот труд. Зашто вишокот на трудот, веќе според развитокот на производната сила на трудот, може да биде голем при мал вкупен работен ден и релативно мал при голем вкупен работен ден. Ако потребното работно време е = 3, а вишокот на трудот е = 3, тогаш вкупниот работен ден е = 6 часа, а нормата на вишокот на трудот е = 100. Ако потребното работно време е = 9, а вишокот на трудот е = 3, тогаш вкупниот работен ден е = 12, а нормата на вишокот на трудот е само = 33 1/3%. Но тогаш, зависи од производноста на трудот, толку ќе се произведе употребна вредност во определено време, значи и во определен вишок на работно време. Според тоа, вистинското богатство на општеството и можноста за постојано проширување на неговиот процес на препроизводство зависи не од должината на вишокот на трудот, туку од неговата производност и од повеќе или помалку богатите услови за производство, во кои тоа се врши. Царството на слободата всушност почнува дури таму, каде што престанува трудот кој е определен од нужда и од надворешна целесообразност; значи по самата природа на работата тоа лежи од онаа страна на сферата од вистинското материјално производство. Како што дивјакот мора да се бори со природата, за да ги задоволи своите потреби, за да го одржи својот живот и да препроизведува, така тоа мора да го прави и цивилизираниот човек, и тој тоа мора да го прави во сите општествени форми и под сите можни начини на производство. Со неговиот развиток се проширува и царството на природната нужност, зашто се зголемуваат и потребите; но едновремено се прошируваат и производните сили, кои ги задоволуваат овие потреби. Слободата во оваа област може да се состои само во тоа, што поопштествениот човек, здружените производители, рационално да ја регулираат неговата размена на материја со природата, да ја доведат под своја заедничка контрола, наместо таа нив да ги владее како некоја слепа сила; да ја вршат неа со најмалку трошење сила и под достојни и адекватни услови на природата од човекот. Но тоа секојпат си останува царство на нужноста. Но оданде од него почнува развитокот на човечката сила, која се појавува како самоцел, но кое може да се расцвета само врз она царство на нужноста како негова основа. Скусувањето на работниот ден е основниот услов.
Во капиталистичкото општество овој вишок на вредноста или овој вишок на производ се разделува — ако ние не ги земеме предвид случајните колебања од расподелбата и ако го разгледуваме нејзиниот регулативен закон, кој ги нормира нејзините граници — меѓу капиталистите како дивиденда сразмерно со делот од општествениот капитал кој секому му припаѓа. Во овој вид вишокот на вредности се појавува како среден профит, кој му се паѓа на капиталот, среден профит кој пак се расцепува во претприемачка добивка и интерес и под двете овие категории може да им се падне на различни сорти капиталисти. Сепак, ова присвојување и расподелување на вишокот на вредноста, односно на вишокот на производот од страна на капиталот има своја граница во земјишната сопственост. Како што капиталистот што функционира испумпува од работникот вишок на труд, а со тоа под формата на профит вишок на вредност и вишок на производ, исто така пак сопственикот на земјата испумпува еден дел од овој вишок на вредност или вишок на производ од капиталистот, под формата на рентата, според порано изложените закони.
Кога ние овде говориме за профит како дел од вишокот на вредноста кој му се паѓа на капиталот, тогаш ние мислиме на средниот профит (еднаков на претприемачката добивка плус интерес), кој е веќе ограничен со одбивката на рентата од вкупниот профит (кој е во својата маса идентичен со вкупниот вишок на вредност); одбивката на рентата е претпоставена. Профитот на капиталот (преприемачката добивка плус интерес) и земјишната рента, значи, не се ништо освен одделни составни делови од вишокот на вредноста, категории, од кои вишокот на вредноста се разликува според неговата припадност на капиталот или на земјишната сопственост, но рубрики кои со ништо не го изменуваат неговото битие. Собрани заедно ја сочинуваат сумата од општествениот вишок на вредност. Капиталот го испумпува вишокот на трудот, кој се претставува во вишокот на вредноста и вишокот на производот, непосредно од работниците. Значи, во оваа смисла тој може да се смета како производител на вишок на вредност. Земјишната сопственост нема никаква врска со вистинскиот процес на производство. Нејзината ролја се ограничува на тоа, еден дел од произведениот вишок на вредност да го пренесе од џебот на капиталистот во својот сопствен. Сепак земјишната сопственост игра некоја ролја во капиталистичкиот процес на производство, не само преку притисокот што таа го врши врз капиталот, а не само и со тоа што крупната земјишна сопственост е една претпоставка и услов на капиталистичкото производство, зашто е таа експропријација на условите за работа од работникот, туку специјално поради тоа, што земјишната сопственост се појавува како персонификација на еден од најсуштествените услови на производството.
Најпосле, работникот, како сопственик и продавач на својата лична работна сила, добива под името на наемнина еден дел од производот, во кој се претставува делот од неговиот труд, кој ние го наречуваме потребен труд, т.е. нужниот труд за одржување и препроизводство на неговата работна сила, пак било условите на ова одржување и препроизводство да се посиромашни или побогати, поблагопријатни или понеблагопријатни.
Макар колку инаку овие односи сега да се појавуваа различни, сите тие имаат едно заедничко: капиталот од година на година му дава на капиталистот профит, земјата на сопственикот од земјата му дава земјишна рента, а работната сила — под нормални услови и се` додека работната сила останува употреблива — на работникот му дава наемнина. Овие три делови од вредноста на годишно производената вкупна вредност и ним соодветните делови од годишно произведениот вкупен производ можат – акумулацијата ние засега не ја земаме предвид – да бидат потрошени во текот на годината без да пресуши изворот за нивното препроизводство. Тие се појавуваат како плодови од едно многугодишно дрво, или дури од три дрва, кои треба годишно да се потрошат, тие го сочинуваат годишниот доход од трите класи, капиталистот, сопственикот на земјата и работникот, доходи што ги разделува активниот кагшталист како непосреден исцицувач на вишокот на трудот и како применувач на трудот воопшто. Така му се покажува на капиталистот неговиот капитал, на сопственикот од земјата неговата земја и на работникот самиот негов труд (бидејќи тој вистински ја продава работната сила само како сила што дејствува, а цената на работната сила, како што ние порано покажавме, врз основа на капиталистичкиот начин на производство, нему нужно му се претставува како цена на трудот) како три различни извори на нивните специфични доходи, профитот, земјишната рента и наемнината. Тие всушност тоа и се во смислата, дека за капиталистот каниталот е една долготрајна пумпна машина на вишок на труд, земјата за сопственикот на земјата е еден долготраен магнет за повлекување еден дел од вишокот на вредноста испумпан од капиталот и најпосле трудот како услов кој постојано се обновува и како средство кое постојано се обновува за да добие работникот еден дел од вредноста што сам ја создал под името на наемнина, а со тоа и еден дел од општествениот производ мерен според овој дел од вредноста, нужните средства за живот. Понатака, тие се тоа во смислата, дека капиталот фиксира еден дел од вредноста, а поради тоа и од годишниот труд во формата на профитот, сопственикот на земјата еден друг дел во формата на рентата, а наемниот труд еден трет дел во формата на наемнината и токму преку ова претворување се преобрнуваат во доходи на капиталистот, на сопственикот на земјата и на работникот, но без да се создава самата супстанција, која се претворува во овие различни категории. Напротив, расподелбата претпоставува дека оваа супстанција ја има, имено вкупната вредност на годишниот производ, кој не е ништо друго освен опредметен општествен труд. Сепак на агентите на производството, на носителите на различните функции од процесот на призводството, работата не им се претставува во оваа форма, туку, напротив, во една превртена форма. Зашто ова се случува, ние ќе го изложиме во продолжение на испитувањето. Капиталот, земјишната сопственост и трудот им се појавуваат на овие агенти на производството како три различни, независни извори, од кои како такви произлегуваат три различпи составни делови од годишио произведената вредност а оттука и производот во кој таа егзистира; значи од која произлегуваат не само различните форми на оваа вредност како доходи кои им се паѓаат на одделните фактори од општествениот процес на производството, туку самата оваа вредност произлегува, а со тоа и супстанцијата на овие форми од доходи.
{Овде во ракописот нема еден фолио-табак}
...Диференцијалната рента е поврзана со релативната плодност на почвата, значи со својства кои произлегуваат од земјата како таква. Но, прво, до колку таа почива на различните индивидуални вредности од производот на различни видови земја, тогаш е тоа само определба која штотуку ја спомнавме; второ, до колку таа почива врз регулативната општа пазарна вредност, различна од овие индивидуални вредности, тогаш тоа е еден општествен закон спроведуван преку конкуренцијата, која нема врска ниту со земјата ниту со различните степени од нејзината плодност.
Би можело да се чини, дека е изречен некој рационален однос барем во формулата: „труд-насмнина“. Но случајот е истиот како и со: „земја-земјишна рента“. До колку трудот создава вредност и се претставува во вредноста од стоките, тогаш тој нема никаква врска со расподелбата на оваа вредност меѓу различни категории. До колку тој го има специфичниот општествен карактер на наемен труд, тогаш тој не создава вредност. Воопшто порано беше покажано, дека наемнината или цената на трудот е ирационален израз за вредноста или цената на работната сила; а определените општествени услови, под кои се продава оваа работна сила, немаат никаква врска со трудот како општ агент на производството. Трудот се опредметува и во составниот дел од вредноста на стоката, кој како наемнина ја сочинува цената на работната сила; само што тој во овој дел не се опредметува повеќе или поинаку отколку во деловите, кои ја сочинуваат рентата или профитот. И воопшто, ако трудот ние го фиксираме како создавач на вредност, тогаш ние не го разгледуваме него во неговиот конкретен вид како услов за производство, туку во некоја општествена определеност, која е различна од определеноста како наемен труд.
Дури и изразот: „капитал-профит“ овде е некоректен. Ако капиталот се земе во единствениот однос, во кој тој произведува вишок на вредност, имено во неговиот однос спрема работникот, во кој тој истиснува вишок на труд преку присилба која ја врши врз работната сила, т.е. врз наемниот работник, тогаш овој вишок на вредност покрај профитот (претприемачка добивка плус интерес) ја опфаќа и рентата, кусо речено, целиот неподелен вишок на вредност. Овде, напротив, како извор на доход, капиталот се става во однос само спрема делот кој му се паѓа на капиталистот. Ова не е вишокот иа вредноста, што тој воопшто го извлекува, туку е само делот, што го извлекува само за капиталистот. Уште повеќе отпаднува секаква врска, штом формулата ќе се претвори во оваа формула: „капитал-интерес“.
Ако ние прво ја разгледувавме различноста на трите извори, тогаш сега, второ, гледаме, дека спротивно на нивните производи, нивните потомци, доходите, сите `и припаѓаат на истата сфера, на сферата од вредноста. Меѓутоа, ова се израмнува со тоа (овој однос не само меѓу несомерливи големини, туку меѓу сосем нееднакви работи, кои меѓу себе немаат никаков однос и се неспоредливи), дека всушност капиталот, исто како земјата и трудот, се зема само по својата материјална супстанција, значи просто како произведено средство за производство, при што од него се апстрахира исто така како од односот спрема работникот и од него како вредност.
Трето. Според тоа, во оваа смисла формулата: капитал-интерес (профит), земја-рента, труд-наемнина, дава рамномерно и симетрично несовпаѓање. Всушност, бидејќи наемниот труд не се појавува во некоја општествено определена форма на труд, туку секој труд по својата природа се појавува како наемен труд (така му се претставува на оној што е опфатен во капиталистичките производствени односи), тогаш и определените, специфични општествени форми, кои предметните услови за работа – произведените средства за производство и земјата – ги земаат спрема наемниот труд (како што тие, напротив, од своја страна го претпоставуваат наемниот труд) бездруго се совпаднуваат со материјалното битие на овие услови за работа, или со видот, кој тие воопшто го имаат во вистинскиот процес на трудот, независно од секоја историски определена општествена форма, дури независно од секоја негова општествена форма. Поради тоа, оттуѓената форма на трудот, осамостоена спрема него и со тоа преобразена форма на услови на трудот, значи во која произведените средства за производство се претворуваат во капитал, а земјата во монополизирана земја, во земјишна сопственост, оваа форма која му припаѓа на определен историски период се совпаднува со битието и функцијата на произведените средства за производство и земјата во процесот на производството воопшто. Тие средства за производство се сами по себе, од природа, капитал. Капиталот не е само некакво „економско име“ за тие средства за производство: а така е и земјата сама по себе, од природа, земја која е монополизирана од еден извесен број сопственици на земја. Како што во капиталот и капиталистот — кој всушност не е ништо друго освен персонифициран капитал — производите стануваат самостојна сила спрема производителот, така во сопственикот на земјата е персонифицирана земјата, кој исто така се пропнува и како самостојна сила го бара својот дел од производот што е произведен со негова помош; така што земјата не го добива делот од производот што нејзе `и припаѓа за надоместување и покачување на нејзината производност, туку наместо неа сопственикот на земјата добива еден дел од овој производ за да го пропие и пројаде. Јасно е, дека капиталот го претпоставува трудот како наемен труд. Но исто така е јасно, дека, ако се тргне од трудот како наемен труд, така што совпаднувањето на трудот воопшто со наемниот труд се чини само по себе разбирливо, тогаш и капиталот и монополизираната земја мораат да се чинат како природна форма на условите за работа спрема трудот воопшто. Да се биде капитал се појавува сега како природна форма на средствата за работа, а оттука како чисто предметен карактер, а кој произлегува од неговата функција во процесот на трудот воопшто. Капиталот и произведените средства за производство така стануваат идентични изрази. Исто така, стануваат идентични изрази земјата и монополизираната земја од приватната сопственост. Средствата за работа како такви, кои од природа се капитал, поради тоа стануваат извор на профит, како што земјата како таква станува извор на рента.
Трудот како таков, во неговата проста определност како целесообразна производна дејност, се доведува во однос спрема средствата за производство не во определеноста на нивната општествена форма, туку во нивната материјална супстанција, како материјал и средство за работа, кои исто така се разликуваат едно од друго само материјално, како употребни вредности, земјата како непроизведено средство за работа, другите како произведени средства за работа. Според тоа, ако трудот се совпаднува со наемниот труд, тогаш и определената општествена форма, во која условите за работа сега стојат спрема трудот, се совпаднува со нивното материјално битие. Тогаш средствата за работа како такви се капитал, а земјата како таква е земјишна сопственост. Тогаш формалното осамостојување на овие услови за работа спрема трудот, особената форма на ова осамостојување, која тие ја имаат спрема наемниот труд, е едно својство кое е неразделиво од нив како предмети, како материјални услови за производство, како иманентно сраснат за нив карактер кој нужно им припаѓа како на елементи за производство. Нивниот социјален карактер, определен со една определена историска епоха во капиталистичкиот процес на производство, е нивниот материјален карактер, кој им е природен, и така да се речи од вечноста, како на елементи од процесот на производството. Поради тоа тогаш мора да се чини, дека соодветното учество кое земјата го зема во процесот на производството како првобитно поле за дејноста на трудот, како царството на природните сили, како затекнат арсенал на сите предмети за работа, и другото соодветно учество што во тоа воопшто го земаат произведените средства за производство (орудија, суровини итн.), се изразуваат во соодветните учества делови кои ним им се паѓаат како на капитал и земјишна сопственост, т.е. на нивните социјални претставници во формата на профит (интерес) и рента, како на работникот во наемнина, како учество што неговиот труд го зема во процесот на производството. Така се чини како рента, профит, наемнина да произлегуваат од ролјата што ја играат во простиот процес на трудот земјата, произведените средства за производство и трудот, дури и до колку се разгледува овој процес на трудот само како процес кој се врши меѓу човекот и природата без оглед иа секаква историска определеност. Тоа е пак истата работа само во инаква форма, како кога би се рекло: производот, во кој трудот од наемниот работник се претставува за самиот него како негов принос, негов доход, е само наемнината, делот од вредноста (а оттука од социјалниот производ мерен со оваа вредност) кој ја претставува неговата наемнина. Значи, ако наемниот труд се совпаднува со трудот воопшто, тогаш се совпаднува и наемнината со производот на трудот, а делот од вредноста што ја претставува наемнината со вредноста што ја создава трудот воопшто. Но со тоа другите делови од вредноста, профитот и рентата, истапуваат исто така самостојно спрема наемнината и мораат да произлегуваат од сопствени извори, кои се специфично различни од трудот и независни од него; тие мораат да произлегуваат од елементите на производството кои соучествуваат, кои им се паѓаат на нивните сопственици, значи профитот произлегува од средствата за производство, од материјалните елементи на капиталот, а рентата од земјата или природата која ја претставува сопственикот на земјата. (Рошер.)[Roscher, System der Volkswirtschaft, Band I, Die Grundlagen der Nationalökonomie, Stuttgart und Augsburg, 1858.]
Поради тоа земјишната сопственост, капиталот и наемниот труд од извори на доход во смисла, дека капиталот му донесува на капиталистот еден дел од вишокот на вредноста, што тој го извлекува од трудот, во формата на профитот, дека монополот над земјата му привлекува на земјишниот сопственик еден друг дел во формата на рентата, и дека трудот му го дава на работникот последниот уште расположивиот дел од вредноста во формата на наемнината, од извори со чие посредство еден дел од вредноста се претворува во формата на профитот, еден втор во формата на рентата, а еден трет во формата на наемнината – се преобразуваат во вистински извори од кои произлегуваат самите овие делови од вредноста, соодветните делови од производот, во кои тие постојат или за кои можат да се разменат и од кои, поради тоа, како од последен извор произлегува и вредноста на самиот производ. [8]
Веќе уште при најпростите категории од каппталистичкиот начин на производство, а дури и на стоковното производство, при стоката и парите, ние укажавме на мистифицираниот карактер, кој општествените односи, чии материјални елементи на богатството служат како носители при производството, ги претворуваат во својства на самите овие предмети (стоки), а уште понагласено го претворуваат самиот производствен однос во предмет (пари). Сите општествени форми, до колку тие довтасаат до стоковно производство и парична циркулација, учествуваат во ова изопачување. Само што во капиталистичкиот начин на производство и при капиталот, кој ја образува неговата владејачка категорија, неговиот определувачки производствен однос, уште повеќе се развива овој меѓосан и изопачен свет. Ако се разгледува капиталот пред се` во непосредниот процес на производството — како исцрпувач на вишок на вредност, тогаш овој однос се` уште е многу прост, а вистинската врска им се наложува на носителите од овој процес, на самите капиталисти, и се` уште им се најдува во свеста. Жестоката борба за границите на работниот ден тоа очигледно го докажува. Но дури ни во рамките на оваа непосредна сфера, во сферата на непосредниот процес меѓу трудот и капиталот, не останува при оваа едноставност. Со развитокот на релативниот вишок на вредност во вистинскиот специфично капиталистички начин на производство, со што се развиваат општествените производни сили на трудот, овие производни сили и општествените врски на трудот во непосредниот процес на трудот се појавуваат како пренесени од трудот во капиталот. Со тоа капиталот веќе станува многу мистично битие, зашто сите општествени прозводни сили на трудот се покажуваат како да му припаѓаат нему, а не на трудот како таков и како да произлегуваат од неговиот сопствен скут. Потоа на среде влегува и циркулациониот процес, во чија размена на материјата и менувањето на формите влегуваат сите делови на капиталот, дури и на земјоделскиот капитал, во истиот степен, во кој се развива спецификниот капаталистички начин иа производство. Ова е една сфера, во која односите на првобитното производство на вредност наполно стапуваат во заднината. Веќе во непосредниот процес на производството капиталистот е едновремено активен и како производител на стоки и како управник на производството на стоки. Поради тоа овој процес на производство нему не му се претставува како процес на производство на вишок на вредност. Но, каков и да е вишокот на вредноста, кој капиталот го испумпа во непосредниот процес на производството и го претстави во стоки, но вредноста и вишокот на вредноста кои се содржани во стоките мораат да бидат реализирани дури во процесот на циркулацијата. И како што надоместувањето на авансираните вредности во производството, така и особено вишокот на вредноста содржан во стоките, се чини дека тие не само се реализираат во циркулацијата, туку како од неа и да произлегуваат; еден привид, кој особено го зацврстуваат две околности: прво, профитот при оттуѓување, кој зависи од измами, лукавства, познавање на работата, итрост и од илјади пазарни коњунктури; а тогаш и околноста, дека покрај работното време придојдува еден втор определувачки елемент, времето на циркулацијата. Навистина, ова функционира само како негативна граница за образувањето на вредноста и на вишокот на вредноста, но се појавува привидот, како да е тоа позитивна основа како и самиот труд за нивното образување, и како тоа да внесува определба, која произлегува од природата на капиталот, независно од трудот. Во II книга ние природно имавме да ја прикажеме сферата на циркулацијата само во однос на определбите на формите кои таа ги создава, да се укаже на натамошниот развиток на формите од капиталот што се врши во оваа сфера. Но во дејствителноста оваа сфера е сфера на конкуренција, со која, ако се гледа секој одделен случај, владее случајноста; значи каде што внатрешниот закон, кој се спроведува во овие случајности и ги регулира нив може да се види само ако овие случајности се разгледуваат во големи маси, но каде што овој закон, значи, останува невидлив и неразбирлив за самите одделни агенти на производството. Но, понатака: вистинскиот процес на производството, како единство на непосредниот процес на производство и на процесот на циркулација, создава нови форми, во кои се` повеќе се губи нишката на внатрешната поврзаност, производствените односи се осамостојуваат еден спрема друг, а составните делови од вредноста се закостенуваат еден спрема друг во самостојни форми.
Претворувањето на вишокот на вредноста во профит, како што ние видовме, е определено исто така од процесот на циркулацијата како и од процесот на производството. Вишокот на вредноста, во формата на профитот, не се доведува повеќе во однос со делот од капиталог што е вложен во трудот, од кој тој и произлегува, туку спрема вкупниот капитал. Профитната норма се регулира од сопствени закони, кои дозволуваат пак дури и условуваат менување на профитната норма при неизменета норма на вишокот на вредноста. Сево ова се` повеќе ја скрива вистинската природа на вишокот на вредноста, а оттука и вистинскнот механизам на капиталот. Ова уште повеќе се врши со претворувањето иа профитот во среден профит и на вредноста во цена на производство, во регулативна пазарна цена. Се работи за еден комплициран општествен процес, процесот на израмнувањето на капиталите, кој ги одвојува релативните средни цени на стоките од нивните вредности, а средните профити во различните сфери на производство (сосем ги оставаме настрана индивидуалните вложувања капитал во секоја одделна сфера на производство) од вистинската експлоатација на трудот од страна на одделните капитали. Не само што тоа така се чини, туку всушност овде средната цена на стоките е различна од нивната вредност, значи од трудот што е во нив реализиран, а средниот профит од некој одделен капитал е различен од вишокот на вредноста, што овој капитал го извлекол од работниците земени од него на работа. Вредноста на стоките непосредно се појавува уште само во влијанието на изменливата производна сила на трудот врз паѓањето и качувањето на цените на производството, врз нивното движење, а не на нивната последна граница. Се чини дека профитот уште само ретко е определуван од непосредната експлоатација на трудот, имено до колку таа им дозволува на капиталистите, при регулативните пазарни цени, кои постојат привидно независни од оваа експлоатација, да реализираат некој профит што отстапува од средниот профит. Самиот нормален среден профит се чини како да му е иманентен на капиталот, независен од експлоатацијата; ненормалната експлоатација или дури средната експлоатација под исклучително благопријатни услови се чини дека ги условува само отстапувањата од средниот профит, а не самиот среден профит. Раздвојувањето на профитот во претприемачка добивка и интерес (а и да не зборуваме за навлегувањето меѓу нив на комерционалниот профит и профитот на трговијата со пари, кои се засновани врз циркулацијата и кои се чини дека целосно произлегуваат од неа, а не од самиот процес на производство) го довршува осамостојувањето на формата од вишокот на вредноста, закостенувањето на неговата форма спрема неговата супстанција, на неговото битие. Еден дел од профитот, во спротивност спрема другиот, сосем се одвојува од капиталскиот однос како таков, и се претставува како да не е произлезен од функцијата на експлоатацијата на наемниот труд, туку како да е тој произлезен од наемниот труд на самиот капиталист. Тогаш спротивно на тоа интересот се чини како да е независен, било од наемниот труд на работникот, било од сопствениот труд на капиталистот, како да произлегува од капиталот како од свој сопствен независен извор. Ако капиталот во почетокот, на површината од циркулацијата, се појавуваше како капиталски фетиш, како вредност што создава вредност, така тој сега пак се претставува во вид на интересоносен капитал во својата најоттуѓена и најсвојствена форма. Поради тоа и формата: „капитал – интерес“ како трета при „земја-рента“ и „труд-наемнина“ е многу поконсеквентна од „капитал-профит“, зашто во профитот се` уште има преостанато некој спомен за неговото потекло, кој во интересот не само што е избришан, туку е ставен во цврста спротивна форма на ова потекло.
Најпосле, покрај капиталот како самостоен извор на вишокот на вредноста настапува земјишната сопственост, како граница на средниот профит и како фактор што еден дел од вишокот на вредноста го пренесува на една класа, која ниту самата работи, ниту директно експлоатира работници, ниту може, како интересоносниот капитал, да се оддава на морално склепани утехи, иа пример, за ризик и за жртви при давањето калитал во заем. Бидејќи еден дел од вишокот на вредноста се чини дека овде не е непосредно врзан со општествените односи, туку со некој природен елемент, земјата, тогаш е наполно довршена формата на оттуѓувањето и на окостенувањето на различните делови од вишокот на вредноста еден спрема друг, внатрешната врска најпосле е раскината, на нејзиниот извор наполно запретан, токму со осамостојувањето на производствените односи еден спрсма друг поврзани со различните материјални елементи на процесот на производството.
Во капитал-профит, или уште подобро капитал-интерес, земја-земјишна рента, труд-наемнина, во ова економско тројство како врската на составните делови од вредноста и на богатството воопшто со неговите извори е довршена мистификацијата на капиталистичкиот начин на производство, опредметувањето на општествените односи, непосредната зараснатост на материјалните производствени односи со нивната историско-социјална определеност: маѓосаност, испревртен и на главата поставен свет, каде што Monsieur le Capital и Madame la Terre[9] како социјални карактери, а едновремено непосредно како прости ствари ја водат својата вампирска игра. Големата заслуга на класичната економија е во тоа, што таа го разбила овој лажен привид и измама, ова осамостојување еден од друг и вкостенисувањето на различните општествени елементи од богатството, ова олицетворување на предметите и опредметување на производствените односи, оваа религија на секојдневниот живот, во тоа што таа интересот го свела не еден дел од профитот, а рентата на надвишокот над средниот профит, така пгго интересот и рентата се совпаднуваат во вишокот на вредноста; со тоа што таа процесот на циркулацијата го претставува само како метаморфоза на формите, и најпосле што во непосредниот процес на производството вредноста и вишокот на вредноста од стоките ги сведува на трудот. Сепак, дури нејзините најдобри претставители си остануваат, како што инаку не би ни можело да биде од буржоаска гледна точка, повеќе или помалку прегрнати од светот на привидноста што тие критички го разчленуваа и поради тоа сите западнуваа повеќе или помалку во недоследност, половичност и нерешени противречности. Од друга страна, напротив, е исто така природно, што вистинските агенти на производството се чувствуваат како дома во овие оттуѓени и рационални форми на капитал — интерес, земја-рента, труд-наемнина, зашто се тие токму формите на привидот, во кој се движат овие агенти и со кои имаат секојдневна врска. Поради тоа е исто така природно, што вулгарната економија, која не е ништо друго освен дидактички, повеќе или помалку доктринарен превод на секојдневните претстави од внстинските агенти на производсгвото и кој меѓу нив внесува некој извесен разумен ред, ја најдува токму во ова тројство,. каде што е избришана целата внатрешна поврзаност, природната и без сомневање издигнатата основа на своето плитко перчење. Оваа форма едновремено им одговара на интересите од владејачките класи, зашто таа ја прокламира природната нужност и вечната оправданост на изворите од нивните приходи и ја подигнува до степен на догма.
При образложувањсто на опредметувањето на производствените односи и нивното осамостојување спрема агентите на производството, ние не завлегуваме во начинот, како поврзаноста преку светскиот пазар, неговите коњунктури, движењата на пазарните цени, периодите на кредитите, циклусите на индустријата и трговијата, сменувањата на просперитети и кризи, им се појавува ним како надмоќни природни закони, кои владеат со нив без нивната волја и кои се спроведуваат спрема нив како слепа нужност. Не завлегуваме тука поради тоа, зашто вистинското движење на конкуренцијата е надвор од нашиот план и што имаме да ја прикажеме само внатрешната организација на капиталистичкиот начин на производство, така да се рече, неговата идеална средина.
Во поранешните општествени форми оваа економска мистификација се појавува главно само во однос на парите и на интересоносниот капитал. Според природата на работата, таа е исклучена на прво место таму, каде што претегнува производството на употребната вредност, за непосредната сопствена потреба; второ, каде што, како во античкото време и средниот век, робовладетелството или крепосништвото ја сочинуваат широката база на општественото производство; господството на условите за производство над производителите овде е скриено од односите на господство и потчинетост, кои се појавуваат и се видливи како непосредни движечки сили на процесот на производството. Во првобитната заедница, каде што владее самоникнатиот комунизам, а дури и во античките градски заедници самата заедница со своите услови се претставува како база на производството, како што нејзиното препроизводство се претставува како крајна цел. Дури и во средновековниот еснафски систем ниту капиталот ниту трудот не се покажуваат како несврзани, туку нивните односи им се определени од кооперативниот систем и со него сврзаните односи и нему соодветните претстави за професионална должност, мајсторство итн. Дури во капиталистичкиот начин на производство...[10]
Фусноти
[1] Следниве три фрагменти се најдуваат на различни места во ракописот за VI. оддел. – Ф.Е.
[2] Види во том I од ова издание, глава 23.
[3] Во забелешка на германското издание е дешифрирано: die gesellschaftlichen Kräfte und zusammenhängende Form (општествените сили и соодветната на нив форма) зависна од нив.
[4] Во забелешката на германското издание е дешифрирано: wenn wir das Gemeinte nehmen (ако го земеме тоа што се мислело).
[5] Пред се`.
[6] Види го првиот том од ова издание, стр. 467.
[7] Почеток на г. XLVIII според ракописот.
[8] „Наемнината, профитот и земјишната рента се трите праизвори на секој доход како и на секоја разменска вредност.“ (A.Smith) – „Така причините на материјалното производство се едновремено изворите на првобитните доходи кои постојат.“ (Storch, “Cours d’économie politique”, St. Pétrerbourg 1815, I, стр. 259)
[9] Господин Капитал и госпоѓа Земја.
[10] Овде ракописот е прекинат.