Извор: Карл Маркс, „Капиталот“, том III, Скопје: Мисла, 1976, 195-212 стр.
Транскрипција: Томислав Захов
Онлајн верзија: јуни 2020
При дадена наемнина и работен ден, еден променлив капитал, на пример, од 100, претставува еден број работници ставени во движење; тој е индекс на овој број. На пример, 100 ф. ст. нека бидат наемнина за 100 работници, да речеме, за една недела. Ако овие 100 работници изработат исто толку потребен труд колку и вишок на труд, значи ако работат дневно толку време за самите себе, т.е. за препроизводството на својата наемнина, колку за капиталистот, т.е. за производството на вишок на вредност, тогаш нивниот вкупен производ-вредност би бил = 200 ф. ст., а вишокот на вредност, што го создале изнесува 100 ф. ст. Нормата на вишокот на вредноста m/v би била = 100%. Оваа норма на вишок на вредност сепак би се изразувала, како што видовме, во многу различни профитни норми, веќе според различниот обем на постојаниот капитал с, а со тоа и на вкупниот капитал К, бидејќи профитната норма е = m/K. Кога нормата на вишокот на вредноста е 100%.
ако е с = 50, v = 100, тогаш е p' = 100/150 = 66 2/3%,
ако е с = 100, v = 100, тогаш е p' = 100/200 = 50%,
ако е с = 200, v = 100, тогаш е p' = 100/300 = 33 1/3%,
ако е с = 300, v = 100, тогаш е p' = 100/400 = 25%,
ако е с = 400, v = 100, тогаш е p' = 100/500 = 20%.
Истата норма на вишок на вредност, при неизменет степен на експлоатација на трудот, би се изразувала во смалувачка профитна норма, зашто со материјалниот обем на постојаниот капитал, иако не во ист размер, расте и неговата вредност, а со тоа и вредноста на вкупниот капитал.
Понатака, ако сега се земе дека ова постепено изменување во составот на капиталот не се случува само во одделни гранки на производството, туку повеќе или помалку во сите или барем во главните сфери на производство, значи дека тоа ги вклучува измените во средниот состав на органскиот состав на вкупниот капитал од некое определено општество, тогаш ова постепено нараснување на постојаниот капитал во однос на променливиот, нужно мора да има за резултат еден постепен пад во општата профитна норма при неизменета норма на вишокот на вредноста или при неизменет степен на експлоатацијата на трудот од страна на капиталот. Но, сега се покажа како закон на капиталистичкиот начин на производство, дека заедно со неговиот развиток се случува релативното смалување на променливиот капитал во однос спрема постојаниот капитал, а со тоа и во однос спрема вкупниот капитал кој е ставен во движење. Ова само значи дека истиот број работници, истото количество работна сила, која е земена на располагање од еден променлив капитал со даден обем на вредност, како резултат од специфичните производни методи што се развиваат во рамките на капиталистичкото производство, става во движење, обработува, производно троши во истото време една постојано растечка маса средства за работа, машинерија и основен капитал од секаков вид, суровини, помошни материјали – па оттука и еден постојан капитал со обем на вредност што постојано расте. Ова прогресивно релативно паѓање на променливиот капитал во однос спрема постојаниот, а според тоа и спрема вкупниот капитал, е идентично со прогресивното повишување на органскиот состав на општествениот капитал во неговиот просек. Ова е, исто така, само инаков израз за прогресивниот развиток на општествената производна сила на трудот, која се покажува токму во тоа, што со посредство на растечкото применување на машинерија и на основен капитал воопшто, истиот број работници за истото време, т.е. со помалку труд, претворуваат повеќе суровини и помошни материи во производи. На овој растечки обем од вредноста на постојаниот капитал – иако тој само оддалеку го претставува растењето на вистинската маса употребни вредности, од кои постојаниот капитал материјално се состои – му одговара сè поголемо поевтинување на производите. Секој индивидуален производ, разгледуван за себе, содржи помала сума труд отколку на некој пониски стапки на производство, каде што капиталот авансиран во труд е во несрамниво поголем однос спрема капиталот авансиран во средства за производство. Редот кој во почетокот хипотетички го поставивме, ја изразува, значи, вистинската тенденција на капиталистичкиот начин на производство. Ова, заедно со прогресивното релативно смалување на променливиот капитал спрема постојаниот, создава еден сè повисок органски состав на вкупниот капитал, од што непосреден резултат е дека нормата на вишокот на вредноста при неизменет, па дури и при растечки степен на експлоатација на трудот, се изразува во една постојано сè пониска општа профитна норма. (Понатаму ќе се покаже во глава 14 „Причини со спротивно дејство“ зошто ова паѓање не се појавува во апсолутна форма, туку повеќе во тенденција кон прогресивен пад.) Прогресивната тенденција на општата профитна норма кон паѓање, значи, е само израз својствен на капиталистичкиот начин на производство за прогресивниот развиток на општествената производна сила на трудот. Тоа не значи дека профитната норма привремено не може да падне од други причини, но со тоа е докажано од самата сушност на капиталистичкиот начин на производство како една нужност која сама од себе се разбира, дека во неговото напредување општата средна норма на вишокот на вредноста мора да се изрази во една општа профитна норма што се намалува. Бидејќи масата на применетиот жив труд постојано се смалува во однос спрема масата на опредметениот труд која таа ја става во движење, која производно ги троши средствата за производство, тогаш и делот од овој жив труд, кој е бесплатен и се опредметува во вишок на вредност, мора постојано да се смалува во однос спрема обемот од вредноста на применетиот вкупен капитал. Овој однос на масата вишок на вредност спрема вредноста на применетиот вкупен капитал, значи, ја образува профитната норма, но таа поради тоа мора постојано да паѓа.
Иако според досегашното излагање овој закон изгледа прост, сепак, целата досегашна економија малку успеала да го открие, како што ќе се види во еден од следните оддели (Маркс го има предвид своето дело „Теориите за вишокот на вредноста“, дел II). Таа ја согледала појавата и се мачела во противречни обиди да ја протолкува. Но, при големата важност што овој закон ја има за капиталистичкото производство, може да се каже дека тој ја претставува мистеријата околу која се вртела целата политичка економија од А. Смит, и дека разликите меѓу различни школи од А. Смит наваму се состојат во различните обиди за нејзиното решавање. Но, од друга страна, ако земеме предвид дека досегашната политичка економија, вистина, ја допирала разликата меѓу постојаниот и променливиот капитал, но никојпат не умеела определено да ја формулира; дека таа не го претставила вишокот на вредноста одвоено од профитот, а профитот никогаш не го претставила воопшто во чист вид, што не е случај со неговите меѓусебно различни осамостоени составни делови – како што се индустрискиот профит, интересот, земјишната рента; дека никогаш не извршила основна анализа на различноста во органскиот состав на капиталот, а поради тоа ни на образувањето на општата профитна норма – тогаш престанува да биде загадочно тоа што таа никогаш не успеала да најде решение за оваа загатка.
Ние со намисла го изложуваме овој закон пред да го изложиме разлагањето на профитот во меѓусебно различни осамостоени категории. Независноста на ова излагање од раздвојувањето на профитот во различни делови, кои им припаѓаат на различни категории лица, однапред ја докажува независноста на овој закон во неговата општост од она раздвојување и на заемните односи на категориите профит кои оттука произлегуваат. Профитот, за кој овде говориме, е само инакво име за самиот вишок на вредност кој е претставен само во однос спрема вкупниот капитал, наместо во однос спрема променливиот, од кој тој произлегува. Значи, паѓањето на профитната норма го изразува постојано смалуваниот однос на самиот вишок на вредноста спрема авансираниот вкупен капитал и поради тоа е независно од која и да е расподелба на овој вишок на вредност меѓу различните категории.
Видовме дека на една стапка од капиталистичкиот развиток, каде што составот на капиталот е с : v како 50 : 100, норма од вишок на вредност од 100% се изразува во профитна норма од 66 2/3%, а на една повисока стапка, каде што е с : v како 400 : 100, истата норма на вишок на вредност се изразува во профитна норма само од 20%. Она што важи за различните стапки на развитокот во некоја земја кои следуваат една по друга, важи и за различните стапки на развитокот кои постојат едновремено една крај друга во разни земји. Во неразвиените земји, каде што првиот состав на капиталот го образува просекот, општата профитна норма би била = 66 2/3%, додека во земјите од друг состав, со многу повисока стапка на развиток, би била = 20%.
Разликата на двете национални профитни норми би можела да исчезне, или дури да се преобрне, поради тоа што во помалку развиената земја трудот би бил понепроизводен, оттука едно поголемо количество труд би се претставувало во едно помало количество од исти стоки, поголема разменска вредност во помала употребна вредност, значи, работникот еден поголем дел од своето време би употребувал за препроизводство на своите сопствени средства за издржување или за нивната вредност, а еден помал дел за производство на вишок на вредност, би давал помалку вишок на труд, така што нормата на вишокот на вредноста би била пониска. Ако, на пример, во помалку развиена земја работникот работи 2/3 од работниот ден за себе, а 1/3 за капиталистот, тогаш, под претпоставката од горниот пример, истата работна сила би била платена со 133 1/3 и би давала еден одвишок од 66 2/3. На променливиот капитал од 123 1/3 му одговара постојан капитал од 50. Значи, нормата на вишокот на вредноста сега би изнесувала 133 1/3 : 66 2/3 = 50%, а профитната норма 183 1/3 = 66 2/3 или приближно 36 1/2.
Бидејќи досега не сме ги разгледувале различните составни делови на кои се раздвојува профитот, значи за нас тие сè уште не постојат, само за да се одбегнат недоразбирања претходно ќе го забележиме следново: при споредувањето на земјите со различни стапки на развиток – особено на земји со поразвиено капиталистичко производство и земји каде што трудот сè уште не е формално потчинет под капиталот, иако во дејствителноста работникот е експлоатиран од капиталист (на пример во Индија, каде што рајата стопанисува како самостоен селанец, значи нејзиното производство како такво сè уште не е потчинето под капиталот, иако лихварот може да ѝ го откине под форма на интерес не само нејзиниот вишок на труд, туку дури – да зборуваме по капиталистички – еден дел од нејзината наемнина), би било погрешно, кога некој би сакал да ја мери висината на националната профитна норма според висината на нормата од интересот. Во оној интерес е вклучен целиот профит и повеќе од профитот, наместо да изразува, како што е во земјите на развиено капиталистичко производство, само еден аликвотен дел од произведениот вишок на вредност односно од профитот. Од друга страна, нормата на интересот главно се определува од односи (заеми кои лихварите им ги даваат на големците, на сопствениците на земјишна рента) кои немаат никаква врска со профитот, туку само покажуваат во кој однос лихварот ја присвојува земјишната рента.
Во земјите со различна стапка на развиток на капиталистичкото производство, и, поради тоа, со различен органски состав на капиталот, нормата на вишокот на вредноста (еден од факторите што ја определуваат профитната норма) може да биде повисока во земјата во која нормалниот работен ден е покус, отколку во онаа каде што е тој подолг. Прво: ако англискиот работен ден од 10 часа, поради неговиот повисок интензитет, е еднаков со еден австриски работен ден од 14 часа еднаква поделба на работниот ден, 5 часа вишок на труд на Англичанецот можат да претставуваат на светскиот пазар една повисока вредност отколку 7 часа на Австриецот. Второ, во Англија вишокот на трудот може да сочинува поголем дел од работниот ден отколку во Австрија.
Законот за смалувачката норма на профитот, во која се изразува иста или дури една растечка норма на вишокот на вредноста, поинаку искажан значи: ако земеме кое било определено количество од општествениот среден капитал, на пример, еден капитал од 100, тогаш сè поголем негов дел ќе се претставува во средства за работа, а сè помал во жив труд. Според тоа, бидејќи вкупната маса од живиот труд придодадена на средствата за производство паѓа во однос на вредноста на овие средства за производство, и неплатениот труд, и делот од вредноста во кој тој се претставува, паѓа во однос на вредноста од авансираниот вкупен капитал. Или: еден постојано сè помал аликвотен дел од вкупниот капитал се преобрнува во жив труд, а поради тоа овој вкупен капитал исцицува, во однос на својата големина, сè помалку вишок на труд, иако односот меѓу неплатениот дел од применетиот труд спрема неговиот платен дел може едновремено да расте. Релативното смалување на променливиот и зголемувањето на постојаниот капитал, иако обата дела апсолутно растат е, како што рековме, само еден инаков израз за зголемената производност на трудот.
Еден капитал од 100 нека се состои од 80с = 20v последниве се = 20 работници. Нормата на вишокот на вредноста нека биде 100%, т.е. работниците работат половина ден за себе, половина ден за капиталистот. Во една помалку развиена земја капиталот нека биде = 20с = 80v, а овие последниве се = 80 работници. Само што на овие работници им треба 2/3 од работниот ден за нив, а за капиталистот работат само 1/3. Ако земеме дека е сè друго еднакво, тогаш работниците во првиот случај произведуваат една вредност од 40, во вториот случај од 120. Првиот капитал произведува 80с + 20v + 20m = 120; профитната норма = 20%; вториот капитал 20с + 80v + 40m = 140; профитна норма = 40%. Значи, таа е во вториот случај двојно поголема отколку во првиот случај, иако во првиот случај нормата на вишокот на вредноста е = 100%, двојно поголема отколку во вториот, каде што е само 50%. Но, затоа во првиот случај капитал од еднаква големина присвојува вишок на труд само од 20, а во вториот случај од 80 работници.
Законот на прогресивното паѓање на профитната норма или релативното смалување на присвоениот вишок на труд, во споредба со масата опредметен труд која живиот труд ја става во движење, воопшто не го исклучува растењето на апсолутната маса труд која општествениот капитал ја става во движење и ја експлоатира, поради што расте и апсолутната маса на вишок на труд што тој го присвојува; исто така не го исклучува ни тоа дека капиталите кои стојат под командата на одделните капиталисти командуваат една растечка маса труд, оттука и вишок на труд, а последново се случува дури кога не расте бројот на работниците командувани од нив.
Ако земеме некое дадено работничко население, на пример, од два милиона, потоа ако земеме дека се дадени должината и интензитетот на средниот работен ден, како и наемнината, а со тоа е даден и односот меѓу потребниот труд и вишокот на трудот, тогаш и вкупниот труд од овие два милиона, а исто така и нивниот вишок на труд, кој се изразува во вишок на вредност, произведува постојано иста големина на вредност. Но, со растечката маса на постојаниот – основен и обртен – капитал, кој го става овој труд во движење, паѓа односот на оваа вредносна големина спрема вредноста на овој капитал, која нараснува заедно со неговата маса, иако не во ист сразмер. Овој однос и профитната норма паѓаат, иако, како и порано капиталот ја командува истата маса жив труд и исцицува иста маса вишок на труд. Односот се менува не поради тоа што паѓа масата жив труд, туку зашто расте масата на веќе опредметен труд која тој ја става во движење. Паѓањето е релативно а не апсолутно, и всушност нема врска со апсолутната големина на трудот ставен во движење и вишокот на трудот. Паѓањето на профитната норма не настанува од некое апсолутно, туку само од едно релативно паѓање на променливиот составен дел од вкупниот капитал, од неговото паѓање во споредба со постојаниот составен дел.
Она што важи за некоја дадена маса труд и вишок на труд, сега важи за растечкиот број работници и поради тоа, под дадените претпоставки, и за една растечка маса командуван труд воопшто, а за нејзиниот неплатен дел, за вишокот на трудот посебно. Ако работничкото население порасне од два милиона на три, ако и променливиот капитал кој му е исплатуван во наемнина, исто така, порасне од поранешните два, сега на три милиони, а постојаниот капитал, напротив, од 4 се качи на 15 милиони, тогаш придадените претпоставки (постојан работен ден и постојана норма на вишок на вредност) расте масата вишок на труд, вишокот на вредноста за една половина, за 50%, од 2 милиона на 3. И покрај овој пораст на апсолутната маса од вишокот на трудот, а поради тоа и на вишокот на вредноста за 50%, сепак односот на променливиот капитал спрема постојаниот од 2 : 4 падна на 3 : 15, а односот на вишокот на вредноста спрема вкупниот капитал би бил следниов (во милиони):
I. 4c + 2v + 2m; K = 6, p' = 23 1/3%.
II. 15c + 3v + 3m; K = 18, p' = 16 2/3%.
Додека масата на вишокот на вредноста порасна за половина, профитната норма падна на половина од поранешната. Профитот е вишок на вредност но сметан само на вкупниот капитал, и масата профит, по својата апсолутна големина, поради тоа, општествено гледано, е еднаква со апсолутната големина на вишокот на вредноста. Според тоа, апсолутната големина на профитот, неговата вкупна маса, би била за 50% нарасната и покрај огромното смалување на односот на оваа профитна маса спрема авансираниот вкупен капитал или и покрај огромното смалување во општата профитна норма. Значи, бројот на работниците применети од капиталот, апсолутната маса труд која тој ја става во движење, поради тоа и апсолутната маса вишок на труд која тој ја исцицува, и масата вишок на вредност која тој ја произведува, апсолутната маса профит што го произведува, може да расте, да расте прогресивно, и покрај прогресивното паѓање на профитната норма. Ова не само може да биде. Тоа мора да биде – кога ќе се одбијаат преодните колебања – врз основа на капиталистичкото производство.
Капиталистичкиот процес на производството всушност е едновремено процес на акумулација. Покажуваме како во развитокот на капиталистичкото производство стоковната маса која мора просто да се препроизведува, одржува растеж заедно со растењето на производноста на трудот, дури ако применетата работна сила остане постојана. Но, со развитокот на општествената производна сила на трудот расте уште повеќе масата на произведените употребни вредности, од кои еден дел сочинуваат средствата за производство. А дополнителниот труд, со чие присвојување може ова дополнително богатство повторно да се претвори во капитал, не зависи од вредноста, туку од масата средства за производство (вклучително и средства за живот), бидејќи работникот во процесот на трудот не ја ползува вредноста туку употребната вредност на средствата за производство. Но, акумулацијата, и со неа дадената концентрација на капиталот, и самата е едно материјално средство за зголемување на производната сила. А во ова растење на средствата за производство е вклучено растењето на работничкото население, создавањето на едно население кое одговара на вишокот капитал, кое неговите потреби сосем ги задоволува и дури постојано ги надминува, значи создава пренаселеност од работници. Еден моментен одвишок од дополнителен капитал преку работничкото население кое тој го командува би имал двојно дејство. Од една страна со кревањето на наемнината, а оттука и со ублажувањето на условите кои го ретчат и уништуваат прирастот на работниците, со олеснувањето на браковите, тој постепено го зголемува работничкото население, но, од друга страна, со применување на методите кои создаваат релативен вишок на вредност (воведување и подобрување на машинеријата), тој уште побргу би создал една вештачка, релативна пренаселеност, која, од своја страна, пак, – бидејќи во капиталистичкото производство бедата раѓа население – ја потстоплува лејата за едно вистинско брзо умножување на бројот на жителите. Поради тоа од природата на капиталистичкиот процес на акумулација, – кој е само еден момент од капиталистичкиот процес на производство, – произлегува, само по себе, дека на зголемената маса на средства за производство, кои се определени да бидат претворени во капитал, секојпат им се наоѓа при рака едно соодветно зголемено, дури презголемено, работничко население готово за експлоатација. Според тоа, со напредокот на процесот на производството и на акумулацијата мора да расте и масата на вишок на труд која може да се присвојува и е присвоена, а оттука и апсолутната маса профит која се присвојува од општествениот капитал. Но, истите закони на производството и акумулацијата побргу ја зголемуваат, заедно со масата, и вредноста на постојаниот капитал од вредноста на променливиот дел на капиталот кој е разменет за жив труд во растечка прогресија. Значи, истите закони произведуваат за општествениот капитал една растечка апсолутна маса профит и една профитна норма која паѓа.
Овде воопшто не се зема предвид дека истата големина на вредност, во напредокот на капиталистичкото производство и нему соодветниот развиток на производната сила на општествениот труд и умножувањето на гранките на производство, а поради тоа и на производите, претставува една прогресивно растечка маса на употребни вредности за уживање.
Одот на развитокот на капиталистичкото производство и на акумулацијата условуваат процес на труд во сè поголем размер, а со тоа и во сè поголеми димензии и соодветно на тоа, сè поголеми аванси на капитал за секое одделно претпријатие. Поради тоа растечката концентрација на капиталот (едновремено следена, сепак во помала мера, од сè поголем број капиталисти) е исто така еден од нејзините материјални услови како што е и еден од резултатите што таа сама ги произведува. Рака за рака, во заемно дејство со тоа, оди напредокот на експропријацијата на повеќе или помалку независните производители. Така, што се однесува до одделните капиталисти, само од себе се разбира, тие да командуваат сè поголема армија работници (макар колку и да паѓа за нив променливиот спрема постојаниот капитал), да расте масата на вишокот на вредноста што тие ја присвојуваат, а со тоа и профитот, едновремено со паѓањето на профитната норма и покрај тоа паѓање. Истите причини, кои ги концентрираат масите од работнички армии под командата на одделни капиталисти, се токму оние, што ги зголемуваат во растечка пропорција и масата на применетиот основен капитал, суровините и помошните материи, спрема масата на применетиот жив труд.
Овде е нужно понатака да се забележи само тоа дека при дадено работничко население, кога нормата на вишокот на вредноста расте, поради продолжувањето или интензивирањето на работниот ден, или поради снижувањето на вредноста на наемнината како резултат од развитокот на производната сила на трудот, масата на вишокот на вредноста, и, оттука апсолутната маса на профит, мора да расте и покрај релативното смалување на променливиот капитал во однос на постојаниот.
Истиот развиток на производната сила на општествениот труд, истите закони, кои се претставуваат во релативното паѓање на променливиот капитал спрема вкупниот капитал и со тоа се изразува во забрзаната акумулација, додека, од друга страна, акумулацијата со обратно дејство станува излезна точка на натамошниот развиток на производната сила и на натамошното релативно паѓање на променливиот капитал, истиот тој развиток, без да се земат предвид привремените колебања, се изразува во растечкото зголемување на применетата вкупна работна сила, во сè поголем пораст на апсолутната маса вишок на вредност, а поради тоа и на профитот.
Во каква форма мора да се претстави овој двојствен закон, според кој паѓањето на профитната норма и едновременото зголемување на масата профит произлегуваат од истите причини? Како може во еден закон, кој е заснован врз тоа дека под дадените услови расте присвојуваната маса вишок на труд, а поради тоа и вишокот на вредноста и дека, разгледуван вкупниот капитал или одделниот капитал разгледуван само како дел од вкупниот капитал, профитот и вишокот на вредноста да се идентични големини?
Да го земеме аликвотниот дел од капиталот на кој му сметаме профитна норма, на пример, од 100. Овие 100 претставуваат среден состав на вкупниот капитал, да речеме, 80с + 20v. Во вториот оддел од оваа книга видовме дека средната профитна норма во различните гранки на производството не е определена од составот на капиталот во секоја одделна гранка, туку од неговиот општествен среден состав. Со релативното паѓање на променливиот дел спрема постојаниот, а според тоа и спрема вкупниот капитал од 100, паѓа профитната норма при неизменет, дури и при сè повисок, степен на експлоатацијата на трудот, паѓа релативната големина на вишокот на вредноста, т.е. неговиот однос спрема вредноста од авансираниот вкупен капитал од 100. Но, не се снижува само оваа релативна големина. Големината на вишокот на вредноста или профитот, која го исшмукува целиот капитал од 100 паѓа апсолутно. При вишок на вредност од 100% еден капитал од 60с + 40v произведува вишок на вредност и маса профит од 40; капитал од 70с + 30v маса профит од 30; при капитал од 80с + 20v профит од 20. Ова паѓање се однесува на масата од вишокот на вредноста, а поради тоа и на профитот, а оттука следува дека вкупниот капитал од 100, поради тоа што става во движење помалку жив труд, при неизменет степен на експлоатација става во движење и помалку вишок на труд и поради тоа произведува помалку вишок на вредност. Ако се земе било кој аликвотен дел од општествениот капитал, значи од капиталот со општествен среден состав, како мерна единица за мерење на вишокот на вредноста – а ова се случува и при секое пресметување на профитот – тогаш релативното паѓање на вишокот на вредноста и неговото апсолутно паѓање воопшто е идентично. Во горните случаи профитната норма паѓа од 40% на 30% и на 20%, зашто и масата на вишокот на вредноста, а според тоа и на профитот, која ја произведува истиот капитал, всушност апсолутно паѓа од 40 на 30 и на 20. Бидејќи големината на вредноста од капиталот, спрема која го мериме вишокот на вредноста е дадена, рамна е на 100, паѓањето на пропорцијата на вишокот на вредноста спрема оваа неизменета големина може да биде само инаков израз за паѓањето на апсолутната големина на вишокот на вредноста и на профитот. Ова е всушност една тавтологија. Но, дека ова смалување настапува, произлегува од самата природа на развитокот на капиталистичкиот процес на производство, како што беше докажано.
Но, од друга страна, истите причини, кои произведуваат едно апсолутно паѓање на вишокот на вредноста, а поради тоа и на профитот на некој даден капитал и на профитната норма сметана процентуално, доведуваат и до едно растење во апсолутната маса вишок на вредност и на профитот што ги присвојува општествениот капитал (т.е. вкупноста на капиталистите). Како мора сега тоа да се претстави, како може тоа единствено да се претстави, или какви услови се вклучени во оваа привидна противречност?
Ако секој аликвотен дел = 100 од општествениот капитал, поради тоа секој капитал по 100 од општествениот среден состав, е една дадена големина, и поради тоа за неа паѓањето на профитната норма се совпаѓа со паѓањето на апсолутната големина на профитот, токму поради тоа што овде капиталот, со кој таа се мери, е една постојана големина, тогаш напротив, големината на општествениот вкупен капитал, како и големината на капиталот кој се наоѓа во рацете на одделни капиталисти, е променлива големина, која, за да биде соодветна со претпоставените услови, мора да се менува во обратен сразмер спрема паѓањето на нејзиниот променлив дел.
Во поранешниот пример процентуалниот состав беше 60с + 40v, вишокот на вредноста или профитот на тоа беше 40, а поради тоа профитната норма 40%. Да земеме, дека на оваа стапка од составот од вкупниот капитал имало еден милион. Тогаш вкупниот вишок на вредност, а поради тоа и вкупниот профит, би изнесувал 400.000. Но, ако подоцна составот биде = 80с + 20v, тогаш вишокот на вредноста или профитот, при неизменет степен на експлоатацијата на трудот, е на секои 100 = 20. Но, бидејќи вишокот на вредноста или профитот во апсолутната маса расте, како што порано укажавме, и покрај оваа сè пониска профитна норма или сè помало производство на вишок на вредност од страна на еден капитал од 100, на пример, да речеме, од 400.000 расте на 440.000, тогаш ова е можно само ако вкупниот капитал, кој е образуван едновремено со овој нов состав, е нараснат на 2.200.000. Масата на вкупниот капитал, кој е ставен во движење, е нарасната на 220%, додека профитната норма е падната за 50%. Да пораснеше капиталот само двојно, тогаш тој со профитна норма од 20% би можел да ја произведе истата маса вишок на вредност и профит како стариот капитал од 1.000.000 со 40%. Да пораснеше на помалку отколку двојно, тогаш тој ќе произведеше помалку вишок на вредност или профит отколку поранешниот капитал од 1.000.000, кој при неговиот поранешен состав му требаше да порасне од 1.000.000 на 1.100.000, за да му се качи неговиот вишок на вредност од 400.000 на 440.000.
Овде се покажува веќе порано изложениот закон дека со релативното паѓање на променливиот капитал, значи со развитокот на општествената производна сила на трудот, потребна е сè поголема маса вкупен капитал, за да се стави во движење исто количество работна сила и за да се исцица истата маса вишок на труд. Поради тоа во истиот однос, како што се развива капиталистичкото производство, се развива и можноста на едно релативно прекубројно работничко население, не затоа што производната сила на општествениот труд паѓа, туку затоа што таа расте, значи не од некоја апсолутна несразмерност меѓу трудот и средствата за егзистенција, туку од една несразмерност, која произлегува од капиталистичката експлоатација на трудот, од несразмерност меѓу сè поголемото растење на капиталот и неговата релативно сè помала потреба за растење на населението.
Ако падне профитната норма за 50% таа, значи, паднала за половина. Поради тоа, ако треба масата на профитот да остане иста, тогаш капиталот мора да се вудвои. При смалувачката профитна норма за да остане профитната маса иста, мултипликаторот, кој го покажува растењето на вкупниот капитал, мора да биде еднаков со делителот, кој го покажува паѓањето на профитната норма. Ако профитната норма падне 40 на 20, вкупниот капитал мора да порасне во обратниот однос од 20 : 40, за да остане резултатот ист. Ако профитната норма падне од 40 на 8, тогаш капиталот мора да расте во однос од 8 : 40, т.е. на пет пати. Капитал од 1.000.000 по 40% произведува 400.000, а капитал од 5.000.000 по 8%, исто така, произведува 400.000. Тоа важи за резултатот да остане ист. Напротив, ако тој треба да расте, тогаш капиталот мора да порасне во поголема пропорција одошто паѓа профитната норма. Инаку речено: променливиот составен дел од вкупниот капитал не само за да остане апсолутно ист, туку апсолутно да порасне, иако неговиот процентен однос како дел од вкупниот капитал паѓа, мора вкупниот капитал да нарасне во поголем сразмер, одошто паѓа процентниот однос на променливиот капитал. Тој треба така да порасне, што во неговиот нов состав да му треба за купување работна сила не само стариот променлив дел од капиталот, туку уште повеќе од него. Ако променливиот дел од некој капитал = 100 падне од 40 на 20, тогаш мора вкупниот капитал да порасне повеќе од 200, за да може да примени променлив капитал поголем од 40.
Дури и ако експлоатираната маса од работничкото население остане постојана, а се измени само должината и интензитетот на работниот ден, тогаш масата на применетиот капитал би морала да расте, зашто таа мора да расте, дури и за да ја применува истата маса труд под старите односи на експлоатација а при изменет состав на капиталот.
Значи, истиот развиток на општествената производна сила на трудот се изразува со напредокот на капиталистичкиот начин на производство, од една страна, во тенденцијата за прогресивно паѓање на профитната норма и, од друга страна, во постојаниот пораст на апсолутната маса на присвојуваниот вишок на вредност или профит; така што, во целост, на релативното паѓање на променливиот капитал и на профитот му одговара едно апсолутно зголемување и на едниот и на другиот. Ова двострано дејство, како што беше покажано, може да се претстави само во пораст на вкупниот капитал во побрза прогресија од онаа во која паѓа профитната норма. За да се примени некој апсолутно нараснат променлив капитал при повисок состав или при релативно поголемо зголемување на постојаниот капитал, мора вкупниот капитал да расте не само сразмерно со повисокиот состав, туку и уште побргу. Од ова следува дека, колку повеќе се развива капиталистичкиот начин на производство, толку е потребно сè поголемо количество капитал, за да ја вработи истата работна сила, а уште повеќе за да се вработи зголемена работна сила. Според тоа, растечката производна сила на трудот, врз капиталистичка основа, нужно произведува една перманентно привидна работничка пренаселеност. Ако променливиот капитал сега сочинува 1/6 од вкупниот капитал наместо порано 1/2, тогаш вкупниот капитал, за да ја вработи истата работна сила, мора да се зголеми три пати; но ако треба да се земе на работа двојно поголема работна сила, тогаш тој мора да се зголеми шестпати.
Досегашната економија, која не знаеше да го објасни законот за смалувачката профитна норма, ја наведува растечката маса профит, порастот на апсолутната големина на профитот, било тоа за одделниот капиталист, било за општествениот капитал, како некој вид утеха, но и тоа почива само врз општи места и можности.
Дека масата профит е определена од два фактора: прво од профитната норма и второ од масата капитал, кој се применува по оваа профитна норма, е само тавтологија. Дека поради тоа, што по можност масата профит може да расте, и покрај тоа што профитната норма едновремено паѓа, е само израз на оваа тавтологија, и не помогнува ни стапка понатака, бидејќи е исто така можно капиталот да расте, без да расте масата профит, и дека тој може уште да расте дури кога масата профит паѓа. 100 при 25% дава 25, а 400 при 5% дава само 20. Но, ако истите причини, кои прават профитната норма да паѓа, ја унапредуваат акумулацијата, т.е. образувањето на дополнителен капитал и ако секој дополнителен капитал става во движење дополнителен труд, произведува и дополнителен вишок на вредност; ако, од друга страна, самото снижување на профитната норма го вклучува фактот дека е пораснат постојаниот капитал, а заедно со него и вкупниот стар капитал, така целиот овој процес престанува да биде мистериозен. Подоцна ќе се види, кон какви смислени фалсификувања на сметки се прибегнува за да се скрие можноста за зголемување на масата профит при едновремено паѓање на профитната норма.
Покажавме како истите причини, кои произведуваат едно тенденциско паѓање на општата профитна норма, условуваат една забрзана акумулација на капиталот и поради тоа растење на апсолутната големина или на вкупната маса на вишок на труд (вишок на вредност, профит) што тој го присвојува. Како што во конкуренцијата, а оттука и во свеста на агентите на конкуренцијата, сè се претставува опаку, така и овој закон, мислам на оваа внатрешна и нужна врска меѓу две појави кои навидум си противречат. Се гледа дека во рамките на погоре изложените пропорции некој капиталист, кој располага со голем капитал, прави поголема маса профит, отколку некој мал капиталист, кој навидум прави повисок профит. Површното разгледување на конкуренцијата покажува, натаму, дека, под извесни околности, кога крупниот капиталист си создава простор на пазарот, а ситните сака да ги истисне, како во времињата на кризи, тој ова практички го ползува, т.е. смислено ја снижува својата профитна норма, за да ги истисне ситните од пазарот. И трговскиот капитал, кој подоцна ќе се разгледа поблиску, особено покажува појави, кои снижувањето на профитот го претставуваат како следство од раширувањето на работата, а со тоа и на капиталот. Вистинскиот научен израз на ова неточно гледање ќе го дадеме подоцна. Слични погрешни погледи се добиваат и од споредувањето на профитните норми кои се прават во одделните гранки на производството, според тоа дали тие подлежат под режимот на слободна конкуренција или под монопол. Целата плитка претстава, каква што живее во главите на агентите на конкуренцијата, се најдува кај нашиот Рошер, имено, дека ова снижување на профитната норма е „поумно и почовечно“. Паѓањето на профитната норма се покажува овде како следство од зголемувањето на капиталот и од сметките на капиталистите во врска со тоа, дека при помала профитна норма вадат поголема маса профит. Сево ова (со исклучок кај А. Смит, за што ќе стане збор подоцна) почива врз целосното неразбирање за тоа, што е воопшто општата профитна норма, и врз грубата претстава, дека цените вистински се определуваат со додавање една повеќе или помалку произволна квота профит над вистинската вредност на стоката. Колку и да се груби овие претстави, сепак тие нужно произлегуваат од изопачениот вид и начин во кои се претставуваат во рамките на конкуренцијата внатрешните закони на капиталистичкото производство.
Законот според кој со развитокот на производната сила причинетиот пад на профитната норма е следуван од пораст во масата профит, се изразува и во тоа дека падот на цените на стоките произведувани од капиталот е следен од едно релативно зголемување на масата профит која е во нив содржана и која се реализира со нивната продажба.
Бидејќи развитокот на производната сила, и нему соодветниот повисок состав на капиталот, става во движење постојано сè поголемо количество средства за производство со едно постојано сè помало количество труд, секој аликвотен дел од вкупниот производ, секоја одделна стока или секоја определена одделна стоковна мера од произведената вкупна маса апсорбира помалку жив труд и понатака содржи помалку опредметен труд, како во абењето на применетиот основен капитал така и во потрошените суровини и помошни материи. Значи, секоја одделна стока содржи помала сума труд опредметен во средствата за производство и новододаден за време на производството. Поради тоа, цената на одделната стока паѓа. Масата профит, која е содржана во одделната стока, и покрај тоа може да порасне, ако порасне нормата на апсолутниот или релативниот вишок на вредност. Таа содржи помалку новододаден труд, но неплатениот дел од него расте спрема платениот дел. Сепак, ова е случај само во определени рамки. Со огромното зголемување на апсолутното паѓање на сумата жив труд новододаден во одделната стока, кое се врши во текот на развитокот на производството, ќе се смали апсолутно и масата на неплатениот труд содржан во неа, колку таа релативно и да пораснала во однос спрема платениот дел. Масата профит на секоја одделна стока многу се смалува со развитокот на производната сила на трудот, и покрај растењето на нормата од вишокот на вредноста; а ова смалување, токму така како и со паѓањето на профитната норма, само се забавува со поевтинувањето на елементите од постојаниот капитал и со други околности образложени во првиот оддел од оваа книга, кои ја повишуваат профитната норма при дадена, па дури и при снижена норма на вишокот на вредноста.
Дека паѓа цената на одделните стоки, од чиј збир се состои вкупниот производ на капиталот, ништо друго не значи освен тоа, дека определено количество труд се реализира во поголема маса стоки, значи дека секоја одделна стока содржи помалку труд отколку порано. Таков е случајот дури и кога ќе се качи цената на еден дел од постојаниот капитал, суровини итн. Со исклучок на одделни случаи (на пример, кога производната сила на трудот рамномерно ги поевтинува сите елементи на постојаниот, како и на променливиот капитал) профитната норма се снижува и покрај повишувањето на нормата на вишокот на вредноста, 1. зашто дури еден поголем неплатен дел од помалата вкупна сума на новододадениот труд е помал, отколку што беше еден помал аликвотен неплатен дел од поголемата вкупна сума, 2. зашто повисокиот состав на капиталот во одделната стока се изразува со тоа што делот од нејзината вредност, во кој воопшто се претставува новододадениот труд, паѓа спрема делот од вредноста во кој се претставува суровината, помошните материи и абењето на основниот капитал. Оваа измена во односот на различните составни делови на цената од одделната стока, паѓањето на делот од цената во кој се претставува новододадениот жив труд, и растењето на делот од цената во кој се претставува порано опредметениот труд – е формата, во која се изразува во цената на одделната стока паѓањето на променливиот капитал спрема постојаниот. Како што е ова паѓање апсолутно за некоја дадена мера на капитал, на пример од 100, така е тоа апсолутно и за секоја одделна стока како аликвотен дел од препроизведениот капитал. Сепак, профитната норма, кога би се пресметувала само на елементите на цената од одделната стока, би се претставувала поинаку отколку што е вистински.
{Профитната норма се пресметува на применетиот вкупен капитал, но само за едно определено време, фактички за една година. Односот на вишокот на вредноста или на профитот, направен и реализиран во една година спрема вкупниот капитал, пресметано процентуално, е профитната норма. Значи, таа не е нужно еднаква со некоја профитна норма, која за основа на сметката не ја зема годината, туку обртниот период на спомнатиот капитал; само ако овој капитал се обрнува токму еднаш годишно, тогаш и двете се совпаѓаат.
Од друга страна, профитот направен во текот на една година е само збир од профити на стоки кои се во текот на истата година произведени и продадени. Ако сега го пресметаме профитот на цената на чинењето од стоките, тогаш ќе добиеме една профитна норма = р/k, каде што е p профит реализиран во текот на годината, а k збирот на цените на чинењето од стоките кои се во истото време произведени и реализирани. Очевидно е дека оваа профитна норма р/k може да се совпадне со вистинската профитна норма р/K, масата профит поделена со вкупниот капитал, само тогаш, ако k = K, т.е. ако капиталот се обрне точно еднаш во годината.
Да земеме три различни состојби од некој индустриски капитал.
I. Капиталот од 8.000 ф. ст. произведува и продава годишно 5.000 парчиња стоки, по 30 шилинзи парчето, значи има годишен обрт од 7.500 ф. ст. Тој прави на секое парче стока профит од 10 шилинзи = 2.500 ф. ст. годишно. Значи, во секое парче се наоѓаат 20 шилинзи авансиран капитал и 10 шилинзи профит, значи профитната норма на парче е 10/20 = 50%. На обртната сума од 7.500 ф. ст. идат 5.000 ф. ст. авансиран капитал и 2.500 ф. ст. профит; профитната норма на обртот, p/k, е исто така = 50%. Напротив, профитната норма сметана на вкупниот капитал е p/K = 2.500/8.000 = 31 1/4%.
II. Капиталот нека се качи на 10.000 ф. ст. Поради зголемената производна сила на трудот нека биде тој оспособен, годишно да произведува 10.000 парчиња стоки за цена на чинење од по 20 шилинзи парчето. Тој нив ги продава со по 4 шилинзи профит, значи по 24 шилинзи парчето. Тогаш цената на вкупниот годишен производ е = 12.000 ф. ст. од кои 10.000 ф. ст. аванс на капиталот и 2.000 ф. ст. профит. Профитот по едно парче p/K е 4/20, за годишниот обрт = 2.000/10.000 значи во двата пати = 20%, а бидејќи вкупниот капитал е еднаков на збирот од цените на чинењето, имено 10.000 ф. ст., тогаш е p/К, вистинската профитна норма, овојпат = 20%.
III. Капиталот, при постојано растечка производна сила на трудот, нека се качи на 15.000 ф. ст. и нека произведува годишно 30.000 парчиња стоки за цена на чинење од по 13 шилинзи за парчето, кое со 2 шилинзи профит, значи, се продава по 15 шилинзи парчето. Значи, годишниот обрт е = 30.000 × 15 шилинзи = 22.500 ф. ст., од кои 19.500 аванс на капитал, а 3.000 ф. ст. профит. Значи, p/k е = 2/13 = 3.000/19.500 = 15 5/13%. Напротив p/К е = 3.000/15.000 = 20%.
Значи гледаме: само во случајот II, каде што обрнатата вредност на капиталот е еднаква на вкупниот капитал, профитната норма на парче стока или на обрнатата сума е еднаква како и профитната норма пресметана на вкупниот капитал. Во случајот I, каде што сумата на обртот е помала од вкупниот капитал, профитната норма, пресметана на цената на чинењето од стоката, е повисока; во случајот III, каде што вкупниот капитал е помал од сумата на обртот, таа е пониска од вистинската профитна норма, сметана на вкупниот капитал. Ова важи воопшто.
Во практиката на трговците обртот вообичаено се пресметува неточно. Се зема дека капиталот еднаш се обрнал, штом сумата на реализираните стоковни цени ќе ја достигне сумата на применетиот вкупен капитал. Но, капиталот може само тогаш да изврши еден цел обрт, кога сумата на цените на чинењето од реализираните стоки ќе биде еднаква со сумата на вкупниот капитал. – Ф.Е.}
И овде се покажува пак, колку што е можно тоа, при капиталистичкото производство одделната стока или стоковниот производ од некој кој било временски период да не се разгледува изолирано само за себе, само како стока, туку како производ на авансираниот капитал и во однос спрема вкупниот капитал, кој ја произведува оваа стока.
Иако сега профитната норма мора да се пресметува со мера на масата од произведениот и реализираниот вишок на вредност, не само со потрошениот дел од капиталот, кој повторно се појавува во стоките, туку со овој дел плус непотрошениот дел од капиталот, но кој е применет и кој продолжува да служи во производството, така масата профит сепак може да биде еднаква со масата профит или вишок на вредност која е содржана во самите стоки и која се реализира со нивната продажба.
Ако се зголемува производноста на индустријата, тогаш паѓа цената на одделната стока. Во неа е содржан помалку труд, помалку платен и неплатен. На пример, истиот труд произведува три пати поголем производ; тогаш иде 2/3 помалку труд на одделниот производ. А бидејќи профитот може да сочинува само еден дел од оваа маса труд содржана во одделната стока, тогаш масата профит на одделната стока мора да паѓа и тоа, во рамките на извесни граници, дури кога нормата на вишокот на вредноста расте. Во сите случаи масата профит на вкупниот производ не паѓа под првобитната маса профит, штом капиталот ја употребува истата маса работници како и порано, при еднаква стапка на експлоатација. (Ова може да се случи, кога се применуваат помал број работници при повисока стапка на експлоатација.) Зашто во истиот однос, во кој се смалува масата профит на одделниот производ, се зголемува бројот на производите. Масата на профитот останува иста, само што инаку се расподелува на сумата стоки; ова со ништо не ја менува ниту расподелбата на создаденото со новододадениот труд количество вредност меѓу капиталистот и работникот. Масата профит може да расте, при примена на истата маса труд, само ако неплатениот труд расте, или при неизменета стапка на експлоатацијата на трудот, ако се зголеми бројот на работниците. Или ако дејствува и едното и другото. Во сиве овие случаи – кои, меѓутоа, согласно со претпоставките, претпоставуваат растење на постојаниот капитал спрема променливиот капитал и растечка големина на вкупно применетиот капитал – одделната стока содржи помала маса профит и паѓа профитната норма, дури и кога се пресметува на одделната стока; едно дадено количество дополнителен труд се претставува во едно поголемо количество стоки; цената на одделната стока паѓа. Апстрактно гледано, профитната норма може да остане иста, кога паѓа цената на одделната стока поради зголемената производна сила и, поради едновременото зголемување на бројот од овие поевтинети стоки, на пример, ако зголемувањето на производната сила рамномерно и едновремено дејствува на сите составни делови од стоките, така што вкупната цена на стоката да паѓа во ист сразмер, во кој се зголемува производноста на трудот, од друга страна да остане ист заемниот однос меѓу различните составни делови од цената на стоката. Профитната норма би можела да расте дури кога повишувањето на нормата на вишокот на вредноста би било поврзано со некое значително смалување на вредноста од елементите на постојаниот и особено на основниот капитал. Но, во дејствителноста профитната норма, како што порано видовме, во текот на времето ќе падне. Во никој случај самото паѓање на цената на одделната стока не овозможува да се прави некој заклучок за профитната норма. Сѐ се сведува на тоа, колку е голема вкупната сума на капиталот кој учествува во нејзиното производство. Ако, на пример, цената на еден аршин платно од 3 шилинзи падне на 1 2/3 шилинзи; ако се знае дека во него пред паѓањето на цената имало 1 2/3 шилинзи постојан капитал, преѓа итн., 2/3 шилинг наемнина, 2/3 шилинг профит, напротив, по падот на цената било за 1 шилинг постојан капитал, 1/3 шилинг наемнина и 1/2 шилинг профит, тогаш не се знае, дали профитната норма останала иста или не останала. Ова зависи од тоа, дали, и за колку е пораснат вкупниот капитал, и колку аршини произведува повеќе во дадено време.
Појавата која произлегува од природата на капиталистичкиот начин на производство, дека при растечката производна сила на трудот цената на одделната стока или на едно дадено количество стоки паѓа, дека бројот на стоките расте, дека масата профит на одделната стока и профитната норма на сумата стоки паѓа, но дека масата профит на вкупната сума стоки расте – оваа појава изразува на површината само паѓање на масата профит на одделната стока, паѓање на нејзината цена, растење на масата профит на зголемениот вкупен број од стоките, кои се произведени од вкупниот капитал на општеството или и од одделниот капиталист. Тогаш ова се разбира дека капиталистот по слободна волја удира помалку профит на одделната стока, но се обештетува со поголемиот број стоки што тој ги произведува. Ова гледање почива на претставата за оттуѓување на профитот (profit upon alienation), која од своја страна пак е извлечена од погледите на трговскиот капитал.
Порано видовме, во четвртиот и седмиот оддел од првата книга, дека масата стоки, која се зголемува со производната сила на трудот, и поевтинувањето на одделната стока како таква (до колку овие стоки не влегуваат во цената на работната сила како фактор кој неа ја определува), не го засегаат односот меѓу платениот и неплатениот труд во одделната стока, и покрај снижувањето на цените.
Бидејќи во конкуренцијата сѐ се претставува лажно, имено наопачки, одделниот капиталист може да вообрази: 1. дека тој си го смалува својот профит со снижувањето на цената од одделната стока, но дека прави поголем профит поради поголемата маса стоки што ги продава; 2. дека тој ја утврдува цената на одделните стоки и со множење ја определува цената на вкупниот производ, додека првобитниот процес беше делењето (види во том I, стр. 282/283), а множењето е точно само под претпоставка на она делење во втора рака. Вулгарната економија всушност не прави ништо друго освен што ги преведува на еден привидно повеќе теориски, воопштен јазик, чудните претстави на капиталистот заплеткан во конкуренцијата, и се мачи да ја исконструира правилноста на овие претстави.
Всушност паѓањето на стоковните цени и зголемувањето на масата профит на зголемената маса од поевтинети стоки е само еден инаков израз на законот за смалувачката профитна норма при едновремено зголемување на масата профит.
Испитувањето колку може смалувачката профитна норма да се совпадне со растечките цени, толку малку спаѓа овде, како и точката која беше порано разгледана при релативниот вишок на вредност, том I, стр. 282/283. Капиталистот, кој применува поусовршен начин на производство, но кој сѐ уште не е во општа употреба, продава под пазарната цена, но над својата индивидуална цена на производство; така профитната норма за него се крева, додека конкуренцијата неа не ја израмни; за време на периодот на израмнување се јавува втор реквизит, растење на авансираниот капитал; според степенот на ова растење капиталот е сега во состојба еден дел од порано вработената маса работници да земе на работа под новите услови, можеби целата маса работници или еден поголем дел, значи да произведе иста или поголема маса профит.