Фридрих Енгелс
Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата


Предговор кон првото издание 1884 год.

Главите што следат во извесна мера претставуваат извршување на едно завештание. Никој друг ами токму Маркс беше со мисла да ги изложи резултатите на истражувањата на Морган во врска со резултатите на своето -- во извесна мера можам да речам, нашето -- материјалистичко иследување на историјата и дури со тоа да го разјасни сето нивно значење. Та нели Морган, на свој начин, повторно го откри материјалистичкото сфаќање на историјата во Америка, кое Маркс го откри пред четириесет години, и раководен од него дојде, при споредувањето на варварството и на цивилизацијата, во главните точки, кон истите резултати како и Маркс. И како што луѓето од еснафот на економистите во Германија со години прилежно го препишуваа "Капиталот“, толку тврдокорно премолчувајќи, токму така и претставниците на "историската“ наука во Англија постапуваа со Моргановото “Ancient Society”[1]. Мојов труд може само да послужи како скромна замена за тоа што на мојот покоен пријател не му беше судено да го стори. Но на располагање ми стојат неговите исцрпни извадоци од Морган со критички забелешки кои овдека ги приведувам каде што ќе биде згодно.

Според материјалистичкото сфаќање, решавачки момент во историјата е, во крајна инстанца, продукцијата и репродукцијата на непосредниот живот. Но самата таа, пак има двоен вид. Од една страна, производството на средства за живот, предмети за исхрана, за облекување, за домување и на неопходните за тоа орудија; а од друга страна -- производство на самите луѓе, продолжување на родот. Општествените установи под кои живеат луѓето од една определена историска епоха и на една определена земја се условени од двата вида производство: од развојното стапало на трудот, од една страна, на семејството, од друга. Колку е понеразвиен трудот, колку е поограничено количеството на неговите производи, па, значи, и богатството на општеството, толку понадмоќно се пројавува доминирачкото влијание на родовските врски врз општественото уредување. Меѓутоа, внатре во овој општествен склоп, заснован врз родовските врски, се развива се повеќе и повеќе продуктивноста на трудот; со него се развива приватната сопственост и размената, разликите во богатството, можноста за искористување на туѓа работна сила, а со тоа основата на класните спротивности: новите социјални елементи кои во текот на генерациите настојуваат да го приспособат стариот општествен строј кон новите услови, додека најпосле нивната неспоивост не доведе до полен преврат. Старото општество, засновано врз родовските врски, се парчосува во судирот со новоразвиените општествени класи; на неговото место застанува ново општество, организирано во држава чии пониски единици не се повеќе родовските, туку територијалните заедници, општество во кое семејниот строј е наполно потчинет на односите на сопственоста и во кои сега слободно се разгрнуваат класните спротивности и класните борби, што ја чинат содржината на сета досегашна пишувана историја.

Големата заслуга на Морган се состои во тоа што тој ја откри и во главни црти ја реконструира оваа предисториска основа на нашата пишувана историја и во родовските заедници на северноамериканските Индијанци го најде клучот за решавање на најважните, досега нерешливи загатки на најстарата грчка, римска и германска историја. Но неговиот опис не е дело на еден ден. Четириесетина години тој се бореше со својот материјал додека наполно не го совлада. Но затоа и неговата книга е еден од ретките современи трудови што прават епоха.

Во излагањето што следи читателот општо земено лесно ќе го разликува она што произлегува од Морган од она што го придодадов јас. Во историските оддели за Грција и Рим не се ограничив на доводите на Морган та ги надополнив со она што ми беше на располагање. Одделите за Келтите и за Германците главно ми припаѓаат мене; Морган овдека располагаше речиси само со извори од втора рака, а за германските услови -- освен со Тацит -- само со лошите либерални фалсификати на господин Фриман. Повторно ги обработив сите економски излагања, кои во Моргановата книга беа доволни за неговата цел, но сосема недоволни за мојата. И, најпосле, се разбира, јас сум одговорен за сите заклучоци изведени без директно цитирање на Морган.



Фусноти

[1] Ancient Society, or Researches in the Lines of Human Progress from Savagery, through Barbarism to Civilization, by Lewis H. Morgan, London, Macmillan & Co., 1877. Книгата е отпечатена во Америка, а во Лондон, за чудо, тешко може да се најде. Авторот е умрен пред неколку години.