Ние го проследивме разлагањето на гентилниот строј на три големи одделни примери -- кај Грците, Римјаните и Германците. Да ги иследиме во заклучок општите економски услови кои ја поткопале гентилната организација на општеството уште на вишото стапало на варварството, а со појавата на цивилизацијата наполно ја отстраниле. Овдека Марксовиот „Капитал“ ќе ни биде исто толку неопходен колку и книгата на Морган.
Израснат на средното стапало на дивјаштвото, понатаму развиен на вишото стапало на дивјаштвото, генсот го достигнал, доколку нашите извори дозволуваат да се суди за тоа, својот процут на ниското стапало на варварството. Затоа и започнуваме со тоа стапало.
Ние наоѓаме овдека, каде што како пример мора да ни служат американските црвенокошци, наполно развиен гентилен строј. Племето се делело на повеќе генсови, најчесто на два; секој од овие првобитни генсови, со растежот на населението, се делел на повеќе генсови-подници спроти кои матичниот генс се јавува како фратрија; самото племе се распаѓа на повеќе племиња, а во секое од нив во повеќето случаи пак ги наоѓаме старите генсови; сојузот вклучува, барем во одделни случаи, сродни племиња. Оваа проста организација наполно е доволна за општествените услови од кои изникнала. Таа не е ништо друго освен нејзино сопствено, стихиски настанато групирање: таа е во состојба да ги изглади сите конфликти кои можат да искрснат во рамките на така организираното општество. Надворешните конфликти се решаваат со војна; таа може да заврши со уништување на племето, но никогаш со негово подјармување. Величината, но и ограниченоста на гентилниот строј е во тоа што во него нема простор за господарење и поробување. Во генсот уште нема разлика меѓу правата и должностите; за Индијанецот не се поставува прашање дали учеството во јавните работи, во крвната одмазда или во нејзината сопирачка е право или должност; таа нему можела да му се чини толку апсурдна како прашањето дали е право или должност да се јаде, да се спие, да се лови. Исто така не е можно и делењето на племето и генсот на различни класи. А тоа нѐ води кон испитување на економската база на таа општествена состојба.
Населението е извонредно ретко: погусто е само во местото на живеењето на племето, околу кое во широк круг се простираат најпрво областите на ловот, потоа неутралната заштитна "шума која го одвојува од другите племиња. Поделбата на трудот е чисто природна, таа постои само меѓу половите. Мажот војува, оди на лов и риболов, прибавува суровини за храна и за тоа потребното орудие. Жената се грижи за куќата и за приготвување на храна и облека, готви, ткае, шие. Секој од нив е господар во својата област: мажот во шумата, жената дома. Секој е сопственик на орудијата што сам ги изработил и со кои се служи: мажот на оружјето, на приборот за лов и риболов, жената на покуќнината. Домаќинството е комунистичко за неколку, често многу семејства.[1] Она што заеднички се прави и користи е заедничка сопственост: куќата, градината, чамецот. Овдека, значи, и само уште овдека важи измислената од правниците и економистите на цивилизираното општество „самосработена сопственост“, последниот правен изговор врз кој сѐ уште се потпира современата капиталистичка сопственост.
Но луѓето насекаде не останале на ова стапало. Во Азија тие нашле животни кои можеле да се припитомат и како припитомени понатаму да се одгледуваат. Дивата биволица морала да се лови, припитомената пак давала секоја година теле и згора на тоа млеко. Кај извесен број најнапреднати племиња -- Ариевците, Семитите, можеби веќе и Туранците -- најнапред главно занимање им станало припитомувањето, а потоа само уште одгледувањето и вртењето добиток. Пастирските племиња се изделиле од останатата маса варвари: првата голема општествена поделба на трудот. Пастирските племиња произведувале не само повеќе, туку исто така и поинакви животни средства од останатите варвари. Тие имале предимство во однос на останатите варвари не само во млеко, млечни производи и месо, туку и во кожи, волна, козина и сѐ понаголемувани количества предено и ткаенини, благодарение на масата суровини. Со тоа станала можна за првпат и редовната размена. На поранешните стапала биле можни само случајни размени; особена извештеност во изработувањето на оружје и орудија може да доведе до примена на поделба на трудот. Така се најдени несомнено остатоци од работилници на камено орудие од подоцнежната камена епоха на многу места; мајсторите кои овдека ја усовршувале својата вештина, работеле, веројатно, за сметка на заедницата, како што тоа уште го прават постојните занаетчии на индиските гентилни заедници. На ова стапало никако не можело да се појави поинаква размена освен онаа во рамките на племето, а и таа останала исклучителна појава. Овдека, напротив, по изделувањето на пастирските племиња, ги наоѓаме речиси сите предуслови за размена меѓу членовите на разни племиња, за нејзино усовршување и зацврстување како редовна институција. Размена првобитно изведувало племе со племе со посредство на гентилните старешини; но кога стадата почнале да преминуваат во засебна сопственост, сѐ повеќе и повеќе надвивала размената меѓу поединците, и најпосле таа станала единствена форма. А главен артикал што го давале пастирските племиња за размена на своите соседи бил добитокот; добитокот станал стока со која се проценувале сите други стоки и која секаде се примала на драго срце за размена со секоја друга стока -- накусо, добитокот се здобил со функцијата на пари веќе на ова стапало. Уште во самиот никулец на стоковната размена се развила со таква неопходност и брзина потребата за парична стока.
Градинарството, кое веројатно им било непознато на азиските варвари на нижото стапало, се појавило кај нив најдоцна на средното стапало, како претходник на полјоделството. Климата на Туранската Висорамнина не допушта никаков пастирски живот без залихи од добиточна храна за долгата и остра зима; затоа овдека неопходен услов биле ливадарството и културата на житни растенија. Истото се однесува и на степите северно од Црно Море. Но штом еднаш е добиено жито за добитокот, тоа набргу станало и човечка храна. Обработената земја останала уште племенска сопственост, дадена на користење најнапред на генсот, подоцна на куќните заедници, најпосле на поединци; тие можеле да имаат извесни поседовни права на неа, но не и повеќе.
Од индустриските придобивки на ова стапало две се особено важни. Првата е разбојот, а втората е топењето на металните руди и обработката на метали. Бакарот и калајот и од нив составената бронза биле каде-каде најважни; бронзата давала употребливи орудија и оружје, но не можела да го потисне каменото орудие; тоа можело само железото, но добивањето железо уште било непознато. Златото и среброто почнале да се употребуваат како китило и веројатно веќе имале голема вредност го однос на бакарот и бронзата.
Наголемувањето на производството во сите гранки -- во сточарството, земјоделството, самоделството -- ја оспособило човечката работна сила да произведе повеќе одошто е потребно за нејзината издршка. Тоа истовремено го наголемило дневното количество труд кое му се паѓало на секој член на генсот, на куќната заедница или единично семејство. Привлекувањето на нови работни сили станало пожелно. Војната ги доставувала: воените пленици почнале да ти претвораат во робови. Првата голема општествена поделба на трудот со своето наголемување на производноста на трудот, значи, на богатството, и со своето проширување на полето на производството, при целоста ма дадените историски услови, оо неопходност го влечела по себе ропството. Од првата голема општествена поделба на трудот произлегол првиот голем расцеп на општеството на класи: господари и робови, експлоататори и експлоатирани.
Како и кога стадата од заедничкиот посед на племето и генсот преминале во сопственост на одделни семејни старешини, за тоа досега не знаеме ништо. Но, бездруго, тој премин мора да се случил на ова стапало. Со појавата на стада и останатите нови богатства се извршила револуција во семејството. Стопанисувањето секогаш било работа на мажот кој ги производел средствата за стопанисување и тие биле негова сопственост. Стадата биле нови средства за стопанисување, нивното првобитно припитомување, а подоцна нивното чување -- негова работа. Поради тоа нему му припаѓал добитокот, а исто така и стоката и робовите добиени за размена со добитокот. Сиот вишок што сега доаѓал од стопанисувањето му припаѓал на мажот; жената учествувала во неговото трошење, но немала никаков дел во сопственоста. „Дивиот“ воин и ловец бил задоволен со второто место дома, по жената; „кроткиот“ пастир, што се петелел со своето богатство, се пробил на прво место, а жената ја истиснал на второ. А таа не можела да се поплакува. Поделбата на трудот во семејството ја регулирала распределбата на сопственоста меѓу мажот и жената; таа останала иста а сепак сега го поставила на глава односот во куќата, единствено затоа што поделбата на трудот надвор од семејството станала поинаква. Истата причина што на жената ѝ го обезбедувало нејзиното поранешно господство во куќата: нејзиното ограничување на куќната работа, истата причина сега му го осигурувала на мажот господството во куќата: женината куќна работа сега се губи пред мажовата работа во стопанисувањето; работата на мажот била сѐ, а на жената незначителен придаток. Овдека веќе се покажува дека ослободувањето на жената, нејзиното изедначување со мажот е и останува невозможно додека жената е исклучена од општествениот производен труд и си останува ограничена на домашниот приватен труд. Ослободувањето на жената ќе биде можно дури тогаш кога таа ќе смогне да учествува во производството во големи општествени размери, а куќната работа ќе ја оптоварува уште само во незначителна мера. А тоа станало можно дури со модерната крупна индустрија која не само што допушта во големи размери женски труд, туку формално го бара и која настојува сѐ повеќе и повеќе и приватниот куќен труд постепено да го претвори во јавна индустрија.
Со фактичката превласт на мажот во куќата паднале последните пречки на неговиот апсолутизам. Овој апсолутизам е потврден и овековечен со паѓањето на мајчинското право, со воведувањето на татковското право, со постепениот преод на синдијазмичкиот брак во моногамија. Но со тоа настана пукнатина во стариот гентилен поредок: единичното семејство стана сила и заканувачки се издигна наспроти генсот.
Следниот чекор нѐ води на вишото стапало на варварството, периодот на кој сите културни народи го преживуваа своето херојско време: времето на железниот меч но и железен плуг и секира. Железото сега беше ставено во служба на човекот, последната и најважна суровина од сите кои одиграле револуционерна улога во историјата, последна -- од појавувањето на компирот. Железото овозможило полјоделство на големи површини, копачење на пространи шумски делови; тоа на занаетчијата му даде орудие со таква цврстина и острина што не му се опираше ни каменот, ни некој друг познат метал. Сето тоа постепено; првото железо често било уште помеко од бронзата. Затоа каменото оружје полека исчезнувало. Не само во „Песната за Хилдебранд“, туку дури и кај Хестингс, во 1066 година, во борбата уште се употребувале камени секири. Но напредокот сега одел понатаму незадрживо, помалку испрекинато и побрзо. Градот со куќи од камен и плитари, окружен со зидишта, кули и забести отвори, станал средиште на племето или на сојузот на племиња; тоа е огромен напредок во градежништвото, но и знак за наголемена опасност и потреба од заштита. Богатството растело брзо, но како богатство на поединци; ткаењето, обработката на метали и другите занаети, кои се повеќе се одвојувале, развивале во сѐ поголем обем разнообразност и вештина на производството; поледелството давало покрај жито, мешунести плодови и овошје, сега давало и масло и вино кои луѓето научиле да ги приготвуваат. Толку разнообразната дејност не можел повеќе да ја врши еден ист поединец; настапила втората голема поделба на трудот: занаетчиството се одделило од земјоделството. Постојаното покачување на производството и со него производноста на трудот ја издигна вредноста на човечката работна сила; ропството на претходното стапало уште во зачеток и спорадично, сега станало суштествен составен дел на општествениот систем; робовите повеќе не се помошници, сега на дузини ги гонат на работа на полиња и во работилници. Со поделбата на производството на две големи гранки, земјоделството и занаетчиството, настанува производство директно за размена, стоковно производство; со него се јавува трговијата не само во внатрешноста и на племенските граници, туку веќе и прекуморската трговија. Но сето тоа е мошне неразвиено; благородните метали стануваат преовладувачка и општа парична стока, ама уште се разменуваат нековани, само според чистата тежина.
Разликата меѓу богатите и сиромашните настапува напоредно со разликата меѓу слободните и робовите -- со новата поделба на трудот ново разделување на општеството на класи. Имотните разлики меѓу одделните семејни старешини ја уриваат старата комунистичка куќна заедница насекаде каде што дотогаш се држела; со неа се урива и заедничкото обработување на земјата за сметка на заедницата. Ораницата им се доделува на единичните семејства на користење отпрво привремено, подоцна еднаш за секогаш, преминот во целосна приватна сопственост се врши постепено и паралелно со преминот на синдијазмичкиот брак во моногамија. Единичното семејство станува стопанска единица во општеството.
Позгустеното население принудува на потесно сплотување како однатре така и нанадвор. Сојузот на роднинските племиња сега станува неопходност; набргу доаѓа и до нивното слевање, а со тоа и до слевање на оделени племенски области во една општа област на народот. Војсководецот на народот -- rex, basileus, thiudans -- станува неопходен, постојан чиновник. Народното собрание се јавува таму каде што уште не постоело. Војсководецот, советот, народното собрание, се органи на гентилното општество кое се развило во воена демократија. Воена -- зашто војната и организацијата за војна сега станале редовни функции на народниот живот. Богатствата на соседите предизвикуваат алчност на народите кај кои стекнувањето богатство станува една од првите животни цели. Тие се варвари: грабежот им е полесен та дури и почесен од стекнувањето со труд. Војната, која порано е водена само заради одмазда на некое насилство или за проширување на областа што станала недоволна, сега се води просто напросто заради грабеж, станува постојана гранка на стопанисувањето. Не стојат тукутака втренчено зидиштата околу новите утврдени градови; во нивните шанци зјае гробот на гентилниот строј, а нивните кули стрчат веќе во цивилизацијата. А истото се случува и однатре. Грабачките војни ја наголемуваат моќта на врховниот војсководец, како и моќта на пониските заповедници; изборот во сообразност со обичаите на наследникот од исти семејства постепено преминува, особено по воведувањето на татковското право, во наследност, која отпрво се поднесува, потоа, изискува, најпосле се узурпира; положена е основата на наследното кралство и на наследното благородништво. Така органите на гентилниот строј постепено се откинуваат од својот корен во народот, во генсот, фратријата, племето, и целиот гентилен строј се пресвртува во својата спротивност: од организација на племиња за слободно уредување на своите работи тој станува организација за грабеж и угнетување на соседите, соодветно на тоа неговите органи од орудие на народната волја стануваат самостојни органи за господарење и угнетување кон сопствениот народ. Но тоа не ќе беше никогаш можно ако алчноста по богатство не беше ги расподелила гентилните другари на богати и сиромаси, ако „имотната нееднаквост во рамките на еден ист генс не го претворела единството на интересите во антагонизам на гентилните другари“ (Маркс) и, ако следствие на ширењето на ропството не почнало веќе да се смета дека здобивањето на средства за живот со труд е дејност достојна само за робовите, посрамна од грабежот.
Така стигнавме до прагот на цивилизацијата. Таа се отвора со новиот чекор напред во поделбата на трудот. На најнижото стапало луѓето произведувале само директно за сопствена потреба; она малкуто акти на размена што се вршеле, биле единични и се однесувале само на вишокот кој случајно се јавувал. На средното стапало на варварството наоѓаме веќе меѓу пастирските народи сопственост на добиток, која при извесна големина на стадото редовно дава вишок над сопствените потреби, и истовремено се јавува поделба на трудот меѓу пастирските народи и заостанатите племиња без стада, а со тоа и две различни стапала на производство кои постојат еднододруго, со што се создадени услови за редовна размена. Вишото стапало на варварството ни дава понатамошна поделба на трудот меѓу земјоделството и занаетчиството што условува создавање на сѐ поголем дел на производи на трудот директно за размена, а со тоа издигање на размената меѓу одделните производители на стапалото на општествена животна неопходност. Цивилизацијата ги затврдува и засилува сите овие заварени поделби на трудот, особено со заострувањето на спротивноста меѓу градот и селото (при што е можно градот економски да владее со селото, како во стариот век, или пак селото со градот, како во средниот век), и им додава трета, нејзе својствена, особено важна поделба на трудот: таа раѓа класа која повеќе не се занимава со производство, туку само со размена на производи -- трговците. Сите досегашни зачетоци на формирање на класи беа сѐ уште исклучиво врзани за производството; тие ги делеле луѓето што учествуваат во производството, на оние што раководат и оние што извршуваат, или пак на производители од повисок и понизок ред. Овдека првпат се јавува класа која, не земајќи никакво учество во производството, го освојува раководењето со производството како целост и економски ги потчинува производителите; таа се вметнува како неизбежен посредник меѓу два производитела и ги експлоатира обајцата. Под изговор дека производителите ги ослободува од трудот и ризикот на размената, дека продажбата на нивните производи ја проширува до пооддалечените пазари и со тоа дека станува најкорисна класа на општеството, се формира класа на паразити, вистински општествено готовански животни, која како награда за незначителни фактички услуги го вади кајмакот како од домашното така и од туѓото производство, брзо се здобива со огромни богатства и со соодветно општествено влијание, и токму за тоа се здобива во периодот на цивилизацијата со нови почести и сѐ повеќе завладува со производството, додека, најпосле, не го изнесе на бело видело дури и сопствениот производ -- периодичните трговски кризи.
На она стапало од развитокот со кое сега се занимаваме младиот трговски сталеж секако уште немал никакво претчувство за тие големи работи кои му претстоеле. Но тој се формирал и се сторил себеси неопходен, а тоа е доволно. Но со него се појавуваат металните пари, кованата монета и со металните пари едно ново средство за господарење на непроизводителите над производителите и нивното производство. Откриена е стоката на стоките, која во себе ги содржи во скриен вид сите други стоки, волшебното средство кое по желба може да се претвори во се што се посакува и што ти душа сака. Кој го имал него, владеел со светот на производството, а кој го имал пред сите? Трговецот. Во неговата рака бил осигуран култот на парите. Тој се грижел за тоа да стане очевидно како сите стоки, а со тоа и сите производители на стоки, мораат да паднат ничкум наземи, боготворејќи ги парите. Тој практично докажа колку сите други форми на богатството стануваат само обична привидност спрема ова овоплотување на богатството како такво. Моќта на парите се нема повеќе никогаш појавено со таква првобитна суровост и насилство како во тој период на нивната младост. По купувачката стока за пари дојде заемот на пари, а по овој каматата и лихварството. И ниедно законодавство од подоцнежно време не го фрлило должникот толку безобѕирно и безнадежно пред нозете на лихварскиот доверител како законодавството на старата Атина и на стариот Рим -- и едното и другото никнале спонтано како обичајно право, без подруга принуда освен економската.
Покрај богатството во стоки и робови, покрај богатството во пари, сега стапи и богатството во земја. Правото на поседување на поединците на земјишните парцели кои навидум им ги отстапува генсот или племето, сега толку зајакнало што овие парцели им припаднале наследно. Она кон што тие во последно време пред сѐ се стремеле било ослободувањето од правото на гентилната заедница на парцелата, бидејќи тоа им станало опкова. Тие се ослободиле од опковите -- но наскоро потоа и од новата земјишна сопственост. Полна, слободна сопственост на земјата тоа ќе рече не само можност целосно и неограничено да се поседува таа, туку значела и можност да се отуѓи. Додека земјата била сопственост на генсот таа можност не постоела. Но штом новиот земјовладелец дефинитивно ги отфрлил опковите на постарото право на сопственост на генсот и племето, тој ја раскинал и врската која него дотогаш нераскинливо го врзувала за земјата. Што значело тоа, нему тоа му го изјасниле парите кои биле пронајдени истовремено со приватната земјишна сопственост. Земјата сега можела да биде стока која се продава и заложува. Штотуку била воведена земјишната сопственост, веќе била пронајдена и хипотеката (види Атина). Како што хетеризмот и проституцијата одат по петиците на моногамијата, така по петиците на земјишната сопственост оди хипотеката. Сакавте да имате полна, слободна, отуѓива земјишна оопственост, па добро имајте ја -- “tu l'as voulu, Georges Dandin.” [Сам си го бараше, Жорж Дандене!“]
Така, со проширувањето на трговијата, со парите и паричното лихварство, со земјишната сопственост и хипотеката брзо растела концентрацијата и централизацијата на богатството во рацете на малубројната класа, а покрај нив се поголемото осиромашување на масите и сѐ поголемата маса од сиромаси. Новата аристократија на богатството дефинитивно го потиснала во заднина старото племенско благородништво (во Атина, Рим, кај Германците), доколку таа уште порано не се совпаѓала со него. А истовремено со таа поделба на слободни луѓе на класи според богатството, огромно се наголемил, особено во Грција, бројот на робовите,[2] чиј принуден труд ја претставувал основата врз која се издигала надградбата на сето општество.
Да погледнеме сега што се случило во тој општествен пресврт со гентилниот строј. Тој се нашол немоќен спроти новите елементи кои израснале без негово содејство. Претпоставката за неговото постоење била членовите на генсот или на племето да бидат на едно исто подрачје населено исклучиво со нив. Тоа одамна веќе го немало. Генсовите и племињата насекаде биле испомешани, насекаде меѓу граѓаните живееле робови, штитеници, туѓинци. Населеноста, која е постигната дури кон крајот на средното стапало на варварството, била непрекинато кршена од подвижноста и променливоста на местото на живеењето, што било условено од трговијата, од промената на занимањата и од размената на имотите. Членовите на гентилните тела не можеле повеќе да се состануваат за разгледување на своите сопствени заеднички работи; само некои неважни работи, како религиозните празненства, како-годе сѐ уште се опслужувале. Покрај потребите и интересите за кои биле повикани и оспособени да се грижат гентилните тела, како резултат на пресвртот на стопанските односи и промената на општествената структура, која оттука произлегла, настанале нови потреби и интереси, кои на стариот гентилен строј не само што му биле туѓи, туку во секој однос се судирале со него. Интересите на занаетчиските групи, кои настанале со поделбата на трудот, и посебните потреби на градот наспроти селото, изискувале нови органи; но секоја од овие групи била составена од луѓе на различни генсови, фратрии и племиња, тие дури вклучувале и туѓинци; поради тоа овие органи морале да се формираат надвор од гентилниот строј, покрај него, а со тоа и против него. -- А тој конфликт на интересите доаѓал на показ, пак, во секое гентилно тело, достигајќи го својот врв во обединувањето на богатите и сиромасите, лихварите и должниците во ист генс и во исто племе. -- Згора на тоа дошла маса ново, на гентилната заедница туѓо население, кое, како во Рим, можело да стане сила во земјата, а притоа да биде премногубројно за постапно да се вклучи во родовите и племињата од крвно роднинство. Спроти таа маса стоеле гентилните заедници како затворени, привилегирани корпорации; првобитната природно изникната демократија се претворила во омразена аристократија. -- Најпосле, гентилниот строј беше израснал од едно општество кое не познавало никакви внатрешни спротивности, та било приспособено само кон едно такво општество. Тоа немало никакви принудни средства освен јавното мислење. Меѓутоа, овде настанало општество кое поради сите свои економски животни услови морало да се раздели на слободни и робови, на експлоататорски богатници и експлоатирани сиромаси, општество кое не само што не можело да ги помири овие спротивности туку морало се повеќе да ги заострува. Таквото општество можело да постои само во едностојна борба на овие класи, или под владеење на некоја трета сила, која, навидум, стоејќи над класите што се борат една спроти друга, ќе го задушува нивниот отворен конфликт и ќе допушта во најдобар случај класната борба да се случува на економско подрачје, во таканаречената законска форма. Гентилниот строј одживеал. Тој бил разнесен од поделбата на трудот, и нејзиниот резултат, разделувањето на општеството на класи. Него го заменила државата.
Погоре одделно ги разгледавме трите главни форми во кои државата се издига врз урнатините на гентилниот строј. Атина претставува најчиста, класична форма: овдека државата се раѓа директно и предимно од класните спротивности што се развиваат во рамките на самото гентилно општество. Во Рим гентилното општество станува затворена аристократија поради многубројниот плебс, кој е надвор од него и има должности, но нема права; победата на плебсот го урива стариот гентилен строј и ја подига врз неговите урнатини државата во која набргу исчезнуваат и аристократијата и плебсот. Најпосле, кај германските победници на Римската империја, државата се раѓа непосредно од освојувањето на големи области, каде што гентилниот строј не нуди никакво средство за владеење со нив. Но бидејќи со ова освојување не е сврзана ни сериозна борба со поранешното население ни понапредната поделба на трудот, бидејќи и освоените и освојувачите се речиси на исто стапало на развитокот, па економската база на општеството, значи, си останува онаа старата, тоа гентилниот строј можел да се додржи уште многу векови во променлив, територијален облик како уредување на марка и дури за едно време да се обнови во позаслабната форма во подоцнежните благороднички и патрициски родови, дури и во селанските родови како во Дитмаршен.[3]
Државата, значи, не е никако сила однадвор наметната на општеството; уште помалку не е ни „стварност на моралната идеја“, „слика и стварност на умот“ како што тврдел Хегел. Таа е, напротив, производ на општеството од определено стапало на развитокот; таа е признание дека тоа општество се заплеткало во неразрешлива противречност со себе самото, дека се расцепило на непомирливи спротивности кои е неспособно да ги совлада. Но за да не се уништуваат себеси и општеството во бесплодна борба, овие спротивности, класи со спротивни економски интереси, стана неопходна сила која навидум стои над општеството и која треба да го ублажува конфликтот, да го држи во рамките на „поредокот“; и оваа сила, која произлегла од општеството, но која се ставила над него и сѐ повеќе се отуѓува од него, е државата.
Наспроти старата гентилна организација, државата се одликува, прво, со поделбата на државјаните според територијата. Како што видовме, старите гентилни заедници, формирани и одржувани со крвната врска, станале недоволни најмногу зашто претпоставувале врзаност на членовите на една определена територија а тоа одамна престанало. Територијата останала, но луѓето станале подвижни. Значи, територијалната поделба е земена како излезна точка, а на граѓаните им е оставено да ги остваруваат своите јавни права и должности таму каде што се населиле, без оглед на генсот или племето. Оваа организација на државјаните според месната припадност им е заедничка на сите држави. Затоа таа ни се чини природна; но ние видовме, какви упорни и долготрајни борби биле потребни пред таа да успее во Атина и во Рим да го заземе местото на старата организација според родовите.
Втора одлика е установата на јавната власт која повеќе не се совпаѓа непосредно со населението што само се организирало како вооружена сила. Оваа посебна јавна власт е неопходна, бидејќи самоактивната вооружена организација на населението станала невозможна откако општеството се раскинало на класи. И робовите спаѓаат во населението; 90.000 атински граѓани наспроти 365.000 робови претставуваат само привилегирана класа. Народната војска на атинската демократија била аристократска јавна власт наспроти робовите и ги држела во покорност; но, како што се кажа погоре, и за држење на граѓаните во покорност била потребна жандармерија. Оваа јавна власт постои во секоја држава; таа не се состои само од вооружени луѓе, туку и од материјални додатоци, од затвори и од принудни установи од секаков вид, за кои не знаеше гентилното општество. Таа може да биде мошне незначителна, речиси безначајна, во општествата со уште неразвиени класни спротивности и во оддалечените подрачја, како што е случај тоа одвреме навреме и наместа во Соединетите Американски Држави. Но јавната власт јакне во мера на заострувањето на класните спротивности во рамките на државата и со наголемувањето на територијата и бројот на населението на државите што се граничат меѓу себе -- нека се погледне само нашата денешна Европа каде што класните борби и завојувачката конкуренција ја издигнале јавната власт на височината од која се заканува да го проголта сето општество, па дури и државата.
За да се одржи таа јавна власт неопходни се придонеси на граѓаните -- даноци. Тие биле наполно непознати во гентилното општество. Но ние денес би имале за тоа доста да кажеме. Со развитокот на цивилизацијата ни даноците не се повеќе доволни; државата издава меници за иднината, склучува заеми, државни долгови. И за тоа старата Европа знае да ни испее песничка.
Држејќи ја јавната власт и правото за налагање даноци, чиновниците како органи на општеството сега стојат над општеството. Слободното, доброволно уважување кое им се укажувало на органите на гентилниот стој ним не им беше доволно, дури и кога би можеле да го имаат; како носители на власт што се отуѓува од општеството, тие мораат да се здобијат со респект со извонредни закони според чија сила тие уживаат посебна светост и неприкосновеност. Најокаениот полициски служител на цивилизираната држава има повеќе „авторитет“ од сите органи на гентилното општество земени заедно, но најмоќниот кнез и најголемиот државник или полководец од епохата на цивилизацијата може да му позавиди на најнезначителниот гентилен старешина на неизнуденото и неоспоруваното уважување кое му е укажувано. Едниот се наоѓа токму сред општеството, додека вториот е принуден да настојува да претставува нешто над и надвор од општеството.
Бидејќи државата настанала од потребата да се држат за узда класните спротивности, а пак бидејќи таа истовремено настанала сред конфликтот на тие класи, тоа таа, по правило, претставува држава на најмоќната, економски владејачката класа која со нејзина помош станува и политички владејачка класа, та така се здобива со нови средства за угнетување и експлоатација на потиснатата класа. Така античката држава била пред сѐ држава на робовладелците за потиснување на робовите, како што феудалната држава била орган на благородништвото за потиснување на крепосниците и зависните селани, а модерната репрезентативна држава орудие за експлоатација на наемниот труд од страна на капиталот. Меѓутоа, по исклучок има периоди кога класите што се борат, со своите сили се толку близу до рамнотежата што државната власт, како божемна посредничка, моментално се здобива со извесна самостојност спроти обете. Таква е апсолутната монархија на XVII и XVIII век која едностојно го урамнотежува благородништвото и буржоазијата; таков е бонапартизмот на Првото и Второто француско царство кој го издигна пролетаријатот против буржоазијата и буржоазијата против пролетаријатот. Најновото достигање од овој вид, каде што оние што владејат и владејаните изгледаат еднакво комично е новото германско царство на Бизмарковата нација: овде капиталистите и работниците се балансираат едни против други и се подложуваат на еднакво измамништво во корист на пропаднатите провинциски јункери.
Освен тоа, во повеќето историски држави на граѓаните им се признати права сразмерно на нивниот имот, и со тоа е директно речено дека државата е организација на имотната класа за заштита од неимотната класа. Така било уште со атинските и римските имотни класи. Така во средновековната феудална држава каде што политичката моќ се распределувала според земјопоседот. Така е со изборниот ценс на модерните претставнички држави. Меѓутоа, тоа политичко признание на имотните разлики никако не е суштинско. Напротив, тоа означува едно пониско стапало на државниот развиток. Највисоката државна форма, демократската република, која во нашите модерни општествени односи станува се повеќе и повеќе неизбежна неопходност и што претставува државна форма во која единствено може да се доведе до крај последната решителна борба меѓу пролетаријатот и буржоазијата -- демократската република официјално не знае повеќе за имотни разлики. Во неа богатството ја користи својата власт индиректно, но дотолку посигурно. Од една страна, во формата на директна корупција на чиновништвото, за што е Америка класичен пример, од друга страна, во форма на алијанса на владата со берзата која дотолку полесно се остварува доколку повеќе растат државните долгови и доколку повеќе акционерските друштва во свои раце го концентрираат не само транспортот, туку и самото производство и пак своето средиште го наоѓаат во берзата. За тоа, освен Америка, уверлив пример ни дава и најновата Француска република, а исто така и чесната Швајцарија на ова поле го има сторено своето. Но дека за тој братски сојуз на владата и берзата не е потребна демократска република потврдува, покрај Англија, новото Германско царство каде што не може да се каже кого општото право на глас го издигнало повеќе -- Бизмарк или Блајредер. И, најпосле, имотната класа владее директно со посредство на општото право на глас. Додека угнетената класа -- значи, во нашиот случај, пролетаријатот -- сѐ уште не биде зрела за ослободување на самата себе, дотогаш таа, во мнозинството, ќе го признава постојниот општествен поредок како единствено можен, и политички ќе се наоѓа на опашката на капиталистичката класа, ќе го претставува нејзиното лево крило. Но во мерата во која созрева за своето самоослободување, таа се конституира како посебна партија, избира свои сопствени, а не капиталистички претставници. Општото право на глас на тој начин е показател на зрелоста на работничката класа. -- Повеќе од тоа не може и нема да биде никогаш во денешната држава, но и тоа е доволно. Оној ден кога термометарот на општото право на глас ќе ја покаже точката на вриење кај работниците, тие, како и капиталистите, ќе знаат на што се.
Државата, значи, не постои од вечнина. Имало општества кои излегувале на крај без неа, кои си немале претстава за држава и државна власт. На определено стапало од економскиот развиток кое беше неопходно поврзано со разделувањето на општеството на класи, со ова разделување државата стана неопходност. Сега се доближуваме со брзи чекори до развојното стапало на производството на кое постоењето на тие класи не само што ќе престане да биде неопходност, туку ќе стане вистинска пречка на производството. Тие ќе исчезнат исто така неминовно како што порано настанале. Со исчезнувањето на класите неминовно ќе исчезне и државата. Општеството кое ќе го организира производството одново врз основата на слободната и еднаква асоцијација на производителите, ќе ја премести целата државна машина таму каде што ќе и биде местото; во музејот на старините, заедно со роданот и бронзената секира.
Цивилизацијата, значи, според реченото, е она стапало на општествениот развиток на кое поделбата на трудот, размената меѓу поединците што произлегува од неа и стоковното производство кое ги обединува обата процеса, достигнуваат полн процут и предизвикуваат преврат во целото поранешно општество.
Производството на сите понапрежни стапала на општествениот развиток, всушност, било колективно, како што и потрошувачката се одвивала со директна распределба на производите во поголеми или помали комунистички заедници. Тоа колективно производство се остварувало во сосема тесни рамки; но тоа повлекувало по себе превласт на производителите над својот процес на производството и над своите производи. Тие знаат што ќе стане со производот; тие го трошат, тој не излегува од нивните раце; сѐ додека производството се извршува врз таа основа, тоа не може да им прерасте на производителите преку главата, не може да создаде, наспроти нив, никакви сенишни туѓи сили, како што тоа се случува редовно и неизбежно во цивилизацијата.
Но во овој процес на производството полека се вовлекува поделбата на трудот. Таа ја поткопува колективноста на производството и присвојувањето, го издига присвојувањето на поединци до висината на преовладувачко правило и со тоа раѓа размена меѓу поединци -- како се случува тоа, видовме погоре. Стоковното производство постепено станува владејачка форма. Со стоковното производство, производство кое повеќе не е за сопствена потрошувачка, туку за размена, производите неопходно преоѓаат од рака в рака. Производителот при размената го дава својот производ, тој повеќе не знае што ќе биде со него. Штом парите, а со парите трговецот, стапи како посредник меѓу производителите, процесот на размената станува уште позаплеткан, конечната судбина на производот уште понеизвесна. Трговци има многу, и никој од нив не знае што прави другиот. Стоката сега преоѓа веќе не само од рака в рака, таа преоѓа од пазар на пазар; производителите ја изгубија власта над севкупното производство на својата животна сфера а ни трговците неа не ја презедоа. Производите и производството се оставаат на случајот.
Меѓутоа, случајот е само еден пол на врската чиј друг пол се наречува неопходност. Во природата, каде такуѓере се чини дека владее случајот, веќе одамна во секоја одделна област утврдивме неопходност и законитост што се пробива низ тој случај. А она што важи за природата важи и во општеството. Колку повеќе општествената дејност -- низа општествени појави -- ѝ се измолкнува на свесната контрола на луѓето, им надраснува преку глава, толку повеќе таа се чини оставена на чистиот случај, толку повеќе во тој случај како со природна нужност се пробиваат внатрешните закони што ѝ се својствени на таа дејност. Таквите закони владејат и со случајностите на стоковното производство и стоковната размена; тие на поединецот што произведува и учествува во размената му се противставуваат како туѓа, отпрвин дури непозната сила, чија природа мора допрва со напор да се изучи и да се обоснове. Овие економски закони на стоковното производство се модифицираат на различните стапала на развитокот на таа форма на производството; но општо земено, севкупниот период на цивилизацијата е под нивната власт. Уште денес производот владее над производителите; сѐ уште и денес севкупното општествено производство не се регулира со заеднички промислен план, туку со слепите закони кои се пројавуваат со елементарна сила, во крајна инстанција, во луњите на периодичните трговски кризи.
Видовме погоре како се оспособила човечката работна сила на прилично раното развојно стапало на производството да дава значително поголем производ отколку што е потребно за издржување на производителот и дека ова развојно стапало главно ес истото она на кое се појавила поделбата на трудот и размената меѓу поединците. По тоа не минало многу време додека е откриена големата „вистина“ дека и човекот може да биде стока, човечката сила да може да биде предмет за размена и искористување, со тоа што човекот ќе се претвори во стока. Штом луѓето почнале да вршат размена, веќе станале и самите предмет на размена. Активот станал пасив, без оглед дали го сакале тоа луѓето или не.
Со ропството кое го достигнало својот најполн развиток за време на цивилизацијата, се појавил првиот голем расцеп на општеството на експлоататорска и експлоатирана класа. Ова разделување траело за време на целиот цивилизиран период. Ропството е првата форма на експлоатацијата; по него доаѓа крепосништвото во средниот век, наемниот труд во поново време. Тоа се три големи форми на поробување што се карактеристични за трите големи епохи на цивилизацијата; отворено, а го наши дни и затскриено, секогаш ти придружува ропството. Стапалото на стоковното производство, со кое почнува цивилизацијата, економски се одликува со воведувањето: 1) метални пари, а со тоа на паричниот капитал, каматата и лихварството; 2) трговци како посредничка класа меѓу производителите; 3) приватна земјишна сопственост и хипотека и 4) ропски труд како владејачка форма на производството. Формата на семејството што ѝ соодветствува на цивилизацијата и која со неа доаѓа дефинитивно до превласт е моногамијата, владеење на мажот над жената, и единичното семејство како стопанска единица на општеството. Заедничка врска на цивилизираното општество е државата, која во сите типични периоди без исклучок е држава на владејачката класа и во сите случаи, всушност, си останува машина за држење во покорност на угнетената, експлоатираната класа. За цивилизацијата е карактеристично уште: од една страна --- затврдување на спротивноста меѓу градот и селото како основа на севкупната општествена поделба на трудот; од друга страна -- воведување тестамент со помош на кој сопственикот може да располага со својата сопственост дури и по својата смрт. Оваа установа која е директно противречна на стариот гентилен строј, била непозната во Атина сѐ до Солон; во Рим е воведена уште рано, но не знаеме кога,[4] кај Германците ја вовеле поповите за чесниот Германец без пречки да ѝ го завештува на црквата својот имот.
Со овој основен строј цивилизацијата извршила работи за кои ни оддалеку не било дораснато старото гентилно општество. Но таа беше ги извршила сподвижувајќи ги најнечистите нагони и страсти во човекот и развивајќи ги за сметка на сите останати негови склоности. Ниската алчност претставувала движечка сила на цивилизацијата од нејзините први дни до денес, нејзина единствена крајна цел била богатството, и уште еднаш богатството, и по трет пат богатството, богатството не на општеството, туку на одделната бедна индивидуа. Ако притоа и паднел во дел се посилниот развиток на науката и ако во нејзини пазуви се повторувале периоди на највиш процут на уметноста, тоа било зашто без нив не ќе можело во полна мера да се натрупаат богатствата на нашето време.
Бидејќи основата на цивилизацијата е експлоатацијата на една класа од друга класа, тоа сиот нејзин развиток се движи во едностојна противречност. Секој чекор напред на производството е истовремено чекор назад во положбата на експлоатираната класа, т.е. големото мнозинство. Секое добрување за едната е неопходно зло за другата, секое ново ослободување на едната класа е ново угнетување за другата класа. Најочебиен доказ за тоа дава воведувањето на машините, чии последства сега се познати на сиот свет. И ако кај варварите, како што видовме, одвај можело да се прави разлика меѓу правата и должностите, цивилизацијата разликата и спротивноста меѓу нив ја стори очебијна и за најглупавиот човек, давајќи ѝ ги на едната класа речиси сите права, а на другата речиси сите должности.
Но така не треба да биде. Она што е добро за владејачката класа треба да биде добро за сето општество со кое се идентификува владејачката класа. Значи, колку што цивилизацијата напредува понатаму, толку повеќе е принудена лошите состојби што самата со неопходност ги создава да ги прекрива со превезот на љубовта, да ги разубавува или одрекува -- да воведува конвенционално лицемерство што не им било познато ни на поранешните општествени форми, па дури ни на првите стапала на цивилизацијата, и кое, најпосле, го достига својот врв во тврдењето: експлоатацијата на угнетената класа ја врши експлоататорската класа единствено и исклучиво во интерес на самата експлоатирана класа; ако пак таа тоа не го разбира и дури крева бунт, тогаш тоа е најцрна неблагодарност кон добротворите, експлоататорите.[5]
И на крајот еве го мислењето на Морган за цивилизацијата:
„Од појавувањето на цивилизацијата растежот на богатството стана толку голем, неговите форми толку различни, неговата примена толку обемна и управувањето со него толку умешно во интерес на сопствениците, што ова богатство, наспроти на народот станало сила што не може да се совлада. Човечкиот дух стои беспомошен и сметен пред својата сопствена творба. Но сепак ќе дојде време кога човечкиот ум ќе зајакне за владеење над богатството, кога тој ќе го утврди како односот на државата кон сопственоста која ја заштитува така и границите на правата на сопствениците. Општествените интереси апсолутно одат пред поединечните и обата мораат да се доведат во справедлив и хармоничен однос. Самиот стремеж по богатството не е крајната цел на човештвото ако само прогресот треба да остане закон на иднината, како што бил во минатото. Времето што истекло од настапувањето на цивилизацијата е само незначителен дел од протекнатиот живот на човештвото, само мала одломка од оној што уште му претстои. Разлагањето на општеството стои заканувачки пред нас како завршок на едно историско поприште, чија единствена цел е богатството, зашто едно такво поприште ги содржи елементите на своето сопствено уништување. Демократијата во управата, братството во општеството, рамноправноста, општото образование ќе го воведат следното вишо стапало, за кое едностојно работат искуството, умот и науката. Тоа ќе биде повторно оживување -- но на повисоко стапало -- на слободата, еднаквоста и братството на старите генсови.“ (Morgan, „Ancient Society“, р. 552.)
Фусноти
[1] Особено на северозападното крајбрежје на Америка, види Банкрофт. Кај племето Хајда на Островот на Кралицата Шарлота постојат домаќинства со по 700 души под еден покрив. Кај племето Нутака живееле цели племиња под еден покрив
[2] За нивниот број види горе. Во Коринт, во времето на процутот на градот изнесувал 460.000, во Егина 470.000, и во двата случаја десетпати повеќе од бројот на слободните граѓани.
[3] Првиот историчар кој имал барем приближна претстава беше Нибур, а за тоа -- исто така како и за заблудите што отаде без двоумење ги пренел -- има да му благодари на своето познавање на дитмаршенските родови.
[4] Ласаловиот „Систем на здобиените права“ во вториот дел се задржува главно на тезата дека римскиот тестамент бил стар колку и Рим, дека во римската историја никогаш немало „време без тестамент“; дека тестаментот, напротив, настанал од култот на мртвите во времето пред Римјаните. Ласал, како верен старохегеловец, не ги изведува римските правни одредби од општествените односи на Римјаните, туку од „спекулативниот поим“ на волјата, и доаѓа на тој начин до тотално неисториско тврдење. На тоа не треба чудење во една книга која, врз основа на тој спекулативен поим, доаѓа до резултатот дека во римското право пренесувањето на имотот било сосема споредна работа. Ласал не само што верува во илузиите на римските правници, особено од порано време, тој дури ги надминува.
[5] Во почетокот бев со мисла брилјантната критика на цивилизацијата што се наоѓа распрсната по делата на Шарл Фурие да ја ставам покрај критиката Марксова и мојата сопствена. За жал, немам време за тоа. Забележувам само дека веќе Фурие ги смета моногамијата и земјишната сопственост за главни обележја на цивилизацијата и дека ги нарекува војна на богатите против сиромашните. Исто така веќе кај него се наоѓа длабокото сфаќање дека единичните семејства (les families incohérentes) се стопански единици во сите фалични општества, раскинати на спротивности.