Напишано: 1881-1882.
Извор: Карл Маркс „Капиталот“, Том први, „Мисла“, Скопје, 1975, 699-709 стр.
Превод: Диме Бојановски
Онлајн верзија: ноември 2022
Вредност. Според господин Вагнер, Марксовата теорија на вредноста е „камен-темел на неговиот социјалистички систем“ (стр. 45). Бидејќи јас никогаш не сум поставил некој „социјалистички систем“, тоа ова е една фантазија на Вегнеровци, Шепловци, e tutti quanti [и сите како ли да се викаат]. Потака: зошто[2] Маркс „ја најдува заедничката општествена супстанца на разменската вредност која овде само тој ја замислува во трудот, ја најдува вистинската мера[3] на разменската вредност во општествено потребното работно време итн.“
Јас никаде не говорам за „заедничката општествена супстанца на разменската вредност“, велам напротив дека разменските вредности (разменската вредност без 2 најмалку не суштествува) покажуваат нешто што им е ним заедничко, нешто што „е сосем независно од нивните употребни вредности“ (т.е. овде од нивната натурална форма), имено „вредноста“, така се вели [во I книга од „Капиталот“]: „Според тоа, заедничкото што се покажува во односот на размената или во разменската вредност на стоката, е нејзината вредност. Натамошниот тек на испитувањето ќе нѐ врати на разменската вредност како на нужен начин за изразување или појавна форма на стоковната вредност, што сепак прво треба да ја поразгледаме независно од оваа форма.“ (13).[4]
Значи, јас не велам дека е „трудот“ „заедничката општествена супстанца на разменската вредност“; а бидејќи јас понашироко ја разгледувам во специјален оддел формата на вредноста, т.е. развитокот на разменската вредност, тогаш би било чудно оваа „форма“ да се сведе на „заедничка општествена супстанца“, на трудот. Господин Вагнep, исто така, заборава дека кај мене ни „вредноста“ ни „разменската вредност“ не се субјекти, туку субјект е стоката.
Потаму: „но оваа (Марксова) теорија не е нити некоја општа теорија на вредноста нити некоја теорија на чинењето, надоврзана кон Рикардо“. (ebd.) Господин Вагнер можеше да ја научи разликата меѓу мене и Рикардо исто така од „Капиталот“ како и од Зиберовото дело (ако знаеше руски), кој всушност се занимаваше со трудот само како со мера на големината на вредноста и поради тоа не најде никаква врска меѓу својата теорија на вредноста и сушноста на парите.
Ако господин Вагнер вели, дека ова „не е општа теорија на вредноста“, тогаш тој е во своја смисла наполно прав, бидејќи под општа теорија на вредноста тој го разбира цепењето на мозокот околу зборот „вредност“, а што го оспособува него да остане при германско-традиционалната професорска конфузија за „употребна вредност“ и „вредност“, бидејќи и на двата израза им е заеднички зборот „вредност“. Но тоа што тој потаму го вели, дека е тоа „теорија на чинењето“, се сведува пак на една тавтологија; стоките, до колку се тие вредности [т.е.] само нешто општествено, претставуваат човечки[5] труд и имено само до толку големината на вредноста од некоја стока е определена според мене со големината на работното време што е содржана во неа итн., значи со нормалната маса труд која се троши за производството на некој предмет[6] итн. А господин Вагнер го докажува спротивното со тоа, што тој уверува дека оваа итн. теорија на вредноста не е „општа“, оти ова не е разбирањето на господин Вагнер за „општата теорија на вредноста“. Или тој вели нешто погрешно: Рикардо (по Смит) ги меша вредноста и трошоците на производството: јас веќе во „Кон критиката на политичката економија“, а исто и во белешките кон „Капиталот“ изрично покажав на тоа, дека вредности и цени на производството (коишто се само трошоци на производството изразени во пари) не се совпаѓаат. Зошто не? — Јас не сум му одговорил на господин Вагнер.
Освен тоа, јас „постапувам самоволно“, оти „ги сведувам овие трошоци само на таканаречениот работен ефект во тесна смисла. Секој пат тоа претпоставува еден доказ, кај досега го немаше, имено дека процесот на производството е возможен сосем без посредство на капиталот кој ја создава и применува дејноста на приватни капиталисти“. (стр. 45.)
Наместо да ми натоварува такви докази за во иднина, господин Вагнер напротив прво би морал да докаже, дека не суштествувал еден општествен процес на производството, дури и да не говориме за процес на производството воопшто, во прилично многубројни заедници кои суштествуваа пред појавата на приватните капиталисти (староиндиската општина, јужнословенската домашна задруга итн.) Освен тоа, Вагнер можеше само да каже: експлоатацијата над работничката класа од страна на капиталистичката класа, кусо, карактерот на капиталистичкото производство, како што го поставува Маркс, е правилен, но тој греши во тоа, што го смета ова стопанство за преодно, додека напротив Аристотел грешел во тоа, што го сметал робовското стопанство како непреодно.
Сѐ додека не се даде еден таков доказ alias [инаку речено], сѐ додека суштествува капиталистичкото стопанство, всушност и (овде се покажува куцата нога или магарешкото уво) печалбата на капиталот е „конститутивен“ елемент на вредноста, а не според социјалистичкото разбирање само одземање или „грабање“ од работникот. (45, 46.) Не може да се разбере што е „одземање од работникот“ дали дерење на неговата кожа итн. Сега во „моето излагање всушност и печалбата на капиталот“ не е „само одземање или грабање“ од работникот“. Јас напротив го поставувам капиталистот како нужен функционер на капиталистичкото производство и покажувам многу нашироко, дека тој не само „одзема“ или „граба“, туку сосила го обезбедува производството на вишокот на вредноста, значи придонесува најнапред да се создаде она што треба да се одземе; потака јас исцрпно покажувам, дека во самата стоковна размена се разменуваат само еквиваленти, капиталистот — штом му ја платил на работникот вистинската вредност на неговата работна сила со полно право, т.е. со право што произлегува од овој начин на производства, ќе го добие вишокот на вредноста. Но сево ова не ја прави „печалбата на капиталот“ „конститутивен“ елемент на вредноста, туку само докажува, дека во вредноста која не е „конституирана“ со трудот на капиталистот се најдува еден дел, што може тој „со право“ да го присвои, т.е. без да го наруши правото што произлегува од стоковната размена.
„Онаа теорија премногу едностранчиво го зема за определувањето на вредноста само овој еден момент: (1. Тавтологија. Теоријата е погрешна, зашто Вагнер има една „општа теорија на вредноста“, која не се согласува со тоа, поради што „вредноста“ бидува определувана со „употребната вредност“, како што го докажува тоа имено потплатата на професорството; 2. Господин Вагнер ѝ ја поттура на вредноста секогашната „пазарна цена“ или стоковната цена што се отклонува од неа, нешто што е сосем различно од вредноста) трошоците, не другото, употребливоста, полезноста, моментот на нуждата. (Т.е. таа не ја фрла „вредноста“ и употребната вредност на еден куп, што е сепак така пожелно за вродениот конфузионер каков што е Вагнер.) Таа не само што не одговара на образувањето на разменската вредност во денешнава циркулација[7] (тој мисли на образување на цената, кое апсолутно ништо не го изменува образувањето на вредноста: секако во денешната циркулација certainly [сигурно] се врши образување на разменската вредност, како што знае секој шпекулант, фалсификатор на стоки, итн., кој нема ништо заедничко со образувањето на вредноста, но тој има остро око на „образуваните“ вредности; меѓу другото, на пример, при определувањето на вредноста на работната сила јас тргнувам од тоа, да биде навистина плаќана нејзината вредност, што всушност не е случај. Господин Шефле мисли во „Капитализмот etc.“, дека е „великодушен“ или така нешто слично. Тој мисли само на една научно нужна постапка, (туку точно како и Шефле во „Квинтесенцијата“ а особено во „Социјалното тело“ совршено и сосем заклучно (!) покажува, не со[8] односите, како тие нужно би морале да се образуваат во Марксовата хипотетичка социјална држава. (Значи социјалната држава, која господин Шефле беше така љубезен, да ја „образува“ за мене, се претвори во „Марксова (не во Шефлеовата хипотеза што му e поттурена на Маркса) социјална држава“. Тоа имено јасно може да се докаже на примерот со житото и сл., чија разменска вредност поради влијанието на нееднаквите жетви при готово еднаква потреба нужно мора да биде регулирана и во еден систем на „социјални такси“ поинаку одошто само според трошоците“. Толку многу зборови, толку многу бесмислици. Прво јас никаде не сум говорел за „социјални такси“, а при испитувањето на вредноста се работи за граѓански односи, но не се применува оваа теорија на вредноста врз „социјалната држава“ која не е конструирана од мене, туку од господин Шефле за мене. Второ: ако при лоша жетва цената на житото се крене, тоа се крева прво нејзината вредност [на жетвата], бидејќи е реализирана дадена маса труд во помалку производ; второ уште повеќе се крева нејзината продажна цена. Каква врска има ова со мојата теорија на вредноста? Токму за колку повеќе ќе се продаде житото[9] над неговата вредност, токму за толку под нивната вредност ќе се продадат другите стоки било да се тие во натурална форма, или во парична форма, па дури нивната сопствена парична цена и да не падне. Сумата вредности ќе остане иста, дури и кога би пораснал паричниот израз на целата оваа сума вредности, значи кога ќе се крене според господин Вагнер сумата на „разменската вредност.“ Таков е случајот, ако претпоставиме дека цената на надвредноста (Überwertpreis) (вишокот над цената Preisüberschuss) на житото не го покрие падот на цената во сумата на другите стоки. Но во овој случај разменската вредност на парите pro tanto [за толку] паднала под нивната вредност; не само што останала иста сумата на вредностите од сите стоки, останал ист дури и паричниот израз, кога парите се сметаат пониско заедно со стоките. Потака: кревањето на цената од житото над тоа што е дадена со кревањето на неговата вредност поради лошата жетва секако ќе биде помала во „социјалната држава“, отколку со денешното лихварење со житото (Kornwuchern). Но тогаш „социјалната држава“ однапред ќе го уреди производството така, што годишниот прилив на жито само сосем минимално да зависи од измените на времето. Обемот на производството — приливот и употребата со тоа ќе бидат рационално регулирани. Најпосле, што треба да докаже „социјалната такса“, за или против мојата теорија на вредноста под претпоставка да се реализираат Шефлеовите фантазии во врска со тоа? Толку малку имаат врска со вредноста, колку соодветните присилни регулативни мерки при недостиг на средства за живот на брод или во тврдина или за време на Француската револуција итн. А страшното за „социјалната држава“ е да го наруши законот на вредноста на „капиталистичката[10] држава“. Значи, и теоријата на вредноста не е ништо друго освен детинско дрдорење!)
Истиот Вагнер го цитира од Рау местото што му одговара нему: „за да се избегнат неразбирањата, потребно е, цврсто да се постави, што треба просто да се разбере под вредност, а тоа ѝ одговара на германската јазична употреба, да се одбере за ова употребната вредност“. (стр. 46.)
Понатамошни изводи од поимот на вредноста:
Субјективна и објективна вредност. Субјективна: во најопштата смисла на вредноста на доброто = значење кое „ќе му се придава на доброто поради неговата полезност... не е својство на предметот само по себе, и покрај тоа што ја има објективно за претпоставка полезноста на некој предмет (значи ја има за претпоставка „објективната“ вредност)... Во објективна смисла под „вредност“ се разбираат „вредности“ потоа и добрата што имаат вредност каде што (!) добро и вредност, добра и вредности стануваат всушност идентични поими“ (46, 47.)
Бидејќи Вагнер, она што обично се наречува „употребна вредност“, напросто го прогласил за „вредност воопшто“, за „поим на вредноста“, нема што да му пречи да се потсети, дека „значи (така! така!) изведената (!) вредност“ е „употребната вредност“. Откога ја именува најнапред „употребната вредност“ за „поим на вредноста“ воопшто, за „проста вредност“, тој открива отпосле, дека ломотеше само за „употребната вредност“, значи неа тој ја „изведе“, бидејќи денес дрдорењето и изведувањето се „всушност“ идентични операции на мислата. Но при овој случај ние разбираме, колку е субјективна работата со досегашната „објективна“ заплетканост на поимите на Вагнер итн. Имено тој ни откри една тајна. Родбертус беше му пишал една писмо, што може да се прочита во Тибингенското „Списание“ од 1878, каде што тој (Родбертус) разјаснува, зошто има „само еден вид вредност“, употребна вредност. „Јас“ (Вагнер) „се приклучив кон ова разбирање, чиешто значење веќе еднаш го подвлеков во првото издание“. За она што вели Родбертус, Вагнер вели: „Сосем правилно и нужно е да се изврши измена на обичната и нелогичната „поделба“ на „вредноста“ на употребна вредност и разменска вредност, како што веќе јас тоа и сум го извел во параграф 3 од првото издание“ (48, белешка 4.) И истиот Вагнер ме клава мене во ранг на луѓе (стр. 49, белешка) според кои би требала „употребната вредност“ сосем да се „отстрани“ „од науката“.
Сето тоа се „дрдорења.“ De prime abord [пред сѐ] јас не тргам од „поими“, значи не и од „поим на вредноста“, а оттука немам задача на никаков начин него да го „разделувам“. Тоа од што јас тргнувам, е најпростата општествена форма, во која се покажува производот на трудот во сегашното општество, а тој се покажува како „стока“. Неа ја анализирам јас, и тоа прво во формата во која таа се појавува. Овде јас сега најдувам, дека таа од една страна во нејзината натурална форма е еден предмет за употреба, alias [инаку речено] е употребна вредност, од друга страна е носител на разменската вредност, а од оваа гледна точка самата е „разменска вредност“. Натамошната анализа на последново ми покажа, дека разменската вредност е само една „појавна форма“, еден самостоен начин на покажување на вредноста која е содржана во стоката, и тогаш јас пристапувам кон анализата на последнава. За тоа се говори изрично, стр. 36, 2 издание. „Кога во почетокот на оваа глава рековме, како што е влезено во обичај да се вели: стоката е употребна вредност и разменска вредност, тогаш тоа, беше вистински речено, неточно. Стоката е употребна вредност, односно употребен предмет и „вредност“. Таа се претставува како нешто двојствено, каква што си е таа штом нејзината вредност ќе добие сопствена појавна форма различна од нејзината природна форма, форма на „разменска вредност“ etc. Значи, јас не ја делам вредноста на употребна вредност и разменска вредност како спротивности, во што се расцепува апстрактното, вредноста, туку конкретниот општествен облик од производот на трудот, „стоката“ е од една страна употребна вредност, а од друга страна „вредност“, не разменска вредност, бидејќи оваа разменска вредност е само појавна форма, без своја сопствена содржина.
Второ: Само еден vir obscurus [мрачен човек] кој не разбрал ни еден збор од „Капиталот“, може да заклучи: бидејќи Маркс во една белешка кон првото издание на „Капиталот“ ги отфрла сите германски професорски дрдорења за употребната вредност воопшто и читателот, кој сака нешто да знае за вистински употребни вредности, го упатува на „упатството за познавање на стоката“, поради тоа кај него употребната вредност не игра никаква ролја. Разбирливо, таа не ја игра ролјата на својата спротивност, „вредноста“, која нема ништо заедничко со неа освен што „вредноста“ се појавува во име на „употребна вредност.“ Тој можеше исто така убаво да каже, дека „разменската вредност“ кај мене е оставена настрана, бидејќи е таа само појавна форма на вредноста, но не е „вредност“, бидејќи за мене „вредноста“ на некоја стока не е ни нејзина употребна вредност, ни нејзина разменска вредност.
Ако „стоката“ — најпростата економска конкретност треба да се анализира — има да се отстранат сите односи, кои немаат врска со дадениот објект на анализата. Но што може да се каже за стоката, до колку е таа употребна вредност, јас за тоа сум кажал во малку редови, но од друга страна сум ја подвлекол карактеристичната форма, во која овдека се појавува употребната вредност — производот на трудот, имено: Некој предмет[11] може да биде полезен и производ на човечкиот труд, а да не биде стока. Секој оној што со својот производ ја задоволува својата потреба вистина создава употребна вредност, но не и стока. За да произведува стока, мора да произведува не само употребна вредност, туку употребна вредност за други, општествена употребна вредност“ (с. 15) (Овој е коренот на Родбертусовата „општествена употребна вредност“.) Со тоа употребната вредност[12] како употребна вредност на „стоката“ — има самата еден историски специфичен карактер. Во примитивните заедници, каде што на пр. средствата за живот заеднички се произведуваат и делат меѓу членовите на заедницата, заедничкиот производ директно ги задоволуваше животните потреби на секој член од заедницата, на секој производител, општествениот карактер на производот, на употребната вредност, тука лежеше во неговиот заеднички карактер. Господин Родбертус напротив ја претвора „општествената употребна вредност на стоката во просто „општествена употребна вредност“, и затоа дрдори.)
Значи би било, како што произлегува од горното, чисто дрдорење, при анализата на стоката — оти таа од една страна се покажува како употребна вредност или добро, од друга страна како „вредност“ — при овој случај да се „надоврзат“ сега разноразни банални рефлексии за разменската вредност или доброто, кои не спаѓаат во областа на стоковниот свет, како што се „државно добро“, „општинско добро“ итн., како што тоа го прават Вагнер и германските професори in general [воопшто], или за доброто „здравственост“ etc. Каде што самата држава е капиталистички производител, како што е при експлоатацијата на рудниците, шумите etc., нејзиниот производ е „стока“ и затоа го има специфичниот карактер на секоја друга стока.
Од друга страна vir obscurus пропуштил да види, дека кај мене веќе во анализата на стоката не ќе се застане при двојствениот начин, во кој таа се покажува, туку дека ќе се оди со тоа понатаму, дека но ова двојно суштествување на стоката се покажува двородниот карактер на трудот чиј производ е таа; на полезниот труд, т.е. на конкретните modi [начини] на видовите труд што создаваат употребни вредности, и на апстрактниот труд, на трудот како трошење работна сила, сосем сеедно во каков „полезен“ начин се троши тој (врз што подоцна ќе почива претставувањето на процесот на производството); дека во развитокот на формата на вредноста на стоката, во последната инстанца на нејзината парична форма, значи на парите, вредноста на една стока се претставува во употребната вредност на другата, т.е. во натуралната форма на другата стока; дека самиот вишок на вредноста ќе биде изведен од една „специфична“ употребна вредност на работната сила, а која исклучиво нејзе ѝ припаѓа итн., значи дека кај мене употребната вредност игра една сосем друга важна ролја отколку во досегашната економија, но дека таа nota bene [добро забележете] доаѓа во обѕир само таму, каде што такво разгледување произлегува од анализата на дадена економска структура, не од резонирањето ваму-таму за поимите или зборовите „употребна вредност“ и „вредност“.
Поради тоа, веднаш при анализата на стоката, а не при случајот на нејзината „употребна вредност“ се надоврзани дефинициите на „капиталот“, кои секако мораат да бидат чиста бесмислица, сѐ додека ние стоиме одвај при анализата на елементите на стоката.
Но тоа што на господин Вагнер ennuyiert [му досадува] при моето разложување, е што јас не му одам нему по ќефот, со тvа што не го следам германско-патриотскиот, професорски „стремеж“, и не ги мешам употребната вредност и вредноста. Иако германското општество мошне post festum [отпосле], сепак тоа малку по малку излегува од феудалното натурално стопанство, и достасува до капиталистичкото, но професорите или барем неговиот претежен дел, сѐ уште стојат со едната нога во старото ѓубре; што е разбирливо. Од крепосници на поседниците тие се претвориле во крепосници на државата, vulgo [просто] на владата. И затоа вели нашиот vir obscurus, кој ниеднаш не забележал дека мојот аналитички метод, кој не трга од луѓето, туку од економски дадените општествени периоди, нема ништо заедничко со професорски-германскиот метод на поимно поврзување („со зборови може успешно да се води препирка, со зборови може систем да се подготвува“), поради тоа тој вели: „Јас сум во согласност со Родбертусовото, а и со Шефлеовото разбирање на употребната вредност како карактер на сета вредност [однапред] и до толку повеќе ја нагласувам употребната вредност како благо, оти, оценувањето со разменска вредност на многу најважни економски добра напросто дури не може да се примени (што го присилува него да применува значи како државен слуга тој се смета задолжен, да меша употребна вредност и вредност!), така не може да се примени на државата и на нејзиниот производ (Seistung), ни на други општо-стопански односи“. {стр. 49, белешка.) (Ова нѐ потсетува на старите хемичари пред научната хемија; бидејќи кравјото масло, кое во обичниот живот се вика просто масло (според северниот обичај), има мек состав, ние го нарекуваме хлорид, цинкова маст, антимонова маст etc. Маслениот сок, значи е содржан, да зборуваме со начинот на vir obscurus во маслениот карактер на сите хлориди, цинкови, антимонови — (соединенија). Дрдорењето излегува на ова: бидејќи извесни добра, имено државата (добро!) и нејзините „производи“ (имено производите на нејзините професори по политичка економија) не се стока, затоа мораат спротивните карактери што се содржат во самата „стока“ (кои изречно се појавуваат и во стоковната форма на производот на трудот) да бидат измешани еден со друг! Меѓутоа, за Вагнер и за неговата компанија тешко е да се потврди, дека тие нешто повеќе ќе добијат, ако нивните производи бидат „ценети“ според нивната „употребна вредност“, според нивната материјална „содржина“ (определена со „социјални такси“, како што се изразува Вагнер), т.е. според нивната плата.
(Единствената јасна работа што се наоѓа во основата на германската будалштина, е дека јазично зборовите: вредност или достоинство отпрво биле применети на самите полезни предмети, кои долго време суштествувале, дури и како „производи на трудот“, пред тие да станат стоки. Но ова има со научното определување на „стоковната вредност“ токму толку многу заедничко, колку околноста, што зборот сол при старите најнапред бил употребуван за готварска сол, а оттука и шеќер итн. Од Плиниус како видови сол фигурираат (indeed [всушност]) сите безбројни цврсти тела растворливи во вода, а со специфичен вкус, поради тоа хемиските категории „сол“ опфаќаат во себе шеќер итн.)
Сега доаѓаме до гарантот на vir obscurus, до Родбертус (чија статија може да се види во Тибингенското „Списание“.) Таа што vir obscurus го цитира од Родбертус, е следново:
Во текстот стр. 48: „Има само еден вид вредност и тоа е употребната вредност. Оваа е или индивидуална употребна вредност или социјална употребна вредност. Првата стои спроти индивидуата и неговите потреби без секакви обѕири на некоја социјална организација“. (Ова е веќе будалштина.) Според „Капиталот“, стр. 171, каде што е речено: дека процесот на трудот како целесообразна дејност за создавање употребни вредности etc. „им е еднакво заеднички на сите негови (од човечкиот живот) општествени форми“ и „е независен од секоја од нив.“ (Прво спроти индивидуата стои не збирот „употребна вредност, туку конкретната употребна вредност и како таква му „стои спроти“ него (кај овој човек сѐ стои; сѐ е „неподвижно“), наполно зависи од степенот на општествениот процес на производството, значи не одговара на „една социјална организација“. Но ако сака Родбертус да каже само плиткости, дека употребната вредност вистински ѝ спротистои на една индивидуа како предмет за употреба, ѝ спротистои како индивидуална употребна вредност за неа, тогаш таа е една плитка тавтологија или пак грешно, бидејќи не може да се говори за такви предмети, иако ориз, царевка, пченица или месо (на еден Индус ништо друго не му спротистои освен средствата за исхрана), потребите што ги има една професорска титула или титулата на таен советник или некој калуѓер достапни ѝ се [на] една индивидуа само во сосем определена „социјална организација.) „Второто е употребната вредност, која е една социјална организација што се состои од многу социјални организми (односно индивидуи)“. (стр. 48, текст). Убаво германски речено! Дали се работи за „употребна вредност“ на „социјалниот организам“, или за една употребна вредност која се најдува во посед на еден „социјален организам“ (како на пр. земјата во примитивната заедница), или за определена „социјална“ форма на употребната вредност, во еден социјален организам, како на пр. таму, каде што стоковното производство може да биде владејачка, употребна вредност, која еден производител ја произведува како „употребна вредност за другите“, а во оваа смисла мора да биде „општествена употребна вредност?“ Со таква ситна плева не се може.
Значи, да минеме кон друг дел од Вагнеровиот Фауст: „Разменската вредност е само историскиот додаток и перде на социјалната употребна вредност од определен историски период. Додека на употребната вредност ѝ спротистои една разменска вредност како логична спротивност, на еден логичен поим му спротистои еден историски поим во логична спротивност, што не оди логички“. (стр. 48, белешка 4) „Тоа е“, се восхитува [истиот] Вагнерус, тоа е совршено правилно!“ Кој е „човекот“, што ќе го изврши тоа? Дека Родбертус мислеше на мене е сигурно, бидејќи тој, според Р. Мауер, негов школски слуга, напишал еден „голем дебел ракопис против „Капиталот“. Кој стои во логична спротивност? Господин Родбертус, за кого „употребната вредност“ и „разменската вредност“ се обете од природа само „поими“. Всушност секој поединечен вид стока го поминува во секој ценовен оптек овој нелогичен процес, како добро, како употребна вредност, како памук, преѓа, железо, жито итн. Тоа се разликува од другото, од другите toto coelo [во секој поглед] тоа се претставува како квалитативно различно „добро“, но едновремено неговата цена, квалитативно иста, но квантитативно различна од истата сушност. Таа се претставува во нејзината природна форма, за тој што таа му треба и до колку претставува како разменска вредност таа се претставува во сосем различна форма од оваа, во вредносна форма што ѝ е нејзе „заедничка“ со сите други стоки. Тука се работи за една „логична“ спротивност само при Родбертус и при нему сродните германски професорски педанти кои тргаат од „поимот“ вредност, не од „социјалниот предмет“, „стоката“, и пуштаат овој поим да се расцепи на два со самиот себе, а после се караат околу тоа, која од двете измислици е вистинскиот Јаков.
Но тоа што лежи во темната заднина на рашепурените фрази, е просто бесмртното откритие, дека човекот во сите состојби мора да јаде, пие итн. (не можел дури ни да продолжи: да се облекува или да има нож и виљушка, или кревет или живеалиште, бидејќи тоа не било случај под сите состојби); кусо, дека во сите состојби човекот ги најдува надворешните предмети за задоволување на своите потреби готови во природата и тој си ги присвојувал или морал да си ги приготвува [нив] од најденото во природата; во овие свои реални постапки, значи тој фактички постојано се однесувал кон извесни надворешни предмети како „употребни вредности“, т.е. тој постојано нив ги третирал како предмет за своја употреба. Оттука употребната вредност, според Родбертус, е „логичен“ поим: следствено, бидејќи човекот мора и да дише, тогаш „дишењето“ е „логичен“ поим, но никако не е „психолошки“. Но целата плиткост на Родбертус се покажува во неговата спротивност на „логичен“ и „историски“ поим! Тој ја разбира „вредноста“ (економската во спротивност со употребната вредност на стоката) само во нејзината појавна форма, во разменската вредност, а бидејќи оваа се појавува само таму, каде што барем еден каков бил дел од производот на трудот, предметот за употреба, функционира[13] како „стока“, но ова не се случува во почетокот, туку во[14] некој извесен општествен период од развитокот, значи на еден определен степен од историскиот развиток; така разменската вредност е еден „историски“ поим! Кога би ја анализирал Родбертус сега — јас после подолу ќе кажам, зошто тој тоа не го видел — потака разменската вредност на стоките — оти овие суштествуваат само таму, каде што стоките се појавуваат во множина, каде што има различни видови стока — тогаш зад оваа појавна форма тој ќе ја најдеше „вредноста“. Кога би ја испитувал тој потака вредноста, тогаш тој би нашол натаму дека овдека предметот, „употребната вредност“ важи, како чисто определување на човечкиот труд, како издавање еднаква човечка работна сила, и поради тоа оваа содржина е претставена како предметен карактер на предметот, како карактер кој си припаѓа на себеси, како што оваа предметност[15] не се појавува во нејзината [на стоката] натурална форма (што исто така прави нужна една особена вредносна форма). Значи, тој би нашол дека „вредноста“ на стоката е изразена само во една историски развиена форма, што исто така суштествува во сите други историски општествени форми, иако во инаква форма, имено во општествениот карактер на трудот, до колку суштествува таа како издавање на општествена работна сила. Штом е „вредноста“ на стоката само една определена историска форма, нешто, што суштествува во сите општествени форми, но тогаш тоа е „општествена употребна вредност“ како што тој ја карактеризира „употребната вредност“ на стоката. Господин Родбертус ја зел мерата на големината на вредноста од Рикардо: но исто така малку како Рикардо ја испитал или разбрал самата супстанца на вредноста; на пр. „заедничкиот“ карактер[16] на работните сили во примитивните заедници како целокупен организам што си припаѓаат една на друга и оттука [„заедничкиот“ карактер] на нивниот труд во трошењето на овие сили.
Во овој случај е излишно потака да се говори за Вагнеровото брборење.
Забелешки на уредникот на изданието
[1] „Маргиналиите кон Адолф Вагнер“ се последен Марксов економски труд. Тие се најдуваат во една тетратка за изводи од годините 1881/82, со заглавие: „Ökonomisches en général (X)”. Следниов избор ќе биде тука за првпат објавен во германски оригинал. За полесно разбирање редакцијата внесе во текстот неколку зборови во аглести загради. Точното заглавие на книгата на која се однесуваат Марксовите белешки гласи: Adolph Wagner, „Allgemeine oder theoretische Volkswirtschaftslehre, Teil 1: Grundlegung. Grundlagen der Volkswirtschaft. Volkswirtschaft und Recht, besonders Vermögensrecht.“ Второ, многу пати подобрено и многу зголемено издание, Лајпциг и Хајделберг, 1879. Таа се појави како I книга од „Учебникот по политичка економија, по поединечни, самостојни делови, обработена од А. Вагнер и Е. Наце.“
[2] „Зашто“ овде е јасно оти е заборавено да се избрише.
[3] Во оригиналот: das Größenmass, голема мера.
[4] Бројот на страницата се однесува на 2 издание од I книга на „Капиталот“.
[5] Човечки во оригиналот е избришано.
[6] Маркс покажува овде дека неговата теорија на вредноста е всушност „теорија на трошоците“, ако се разберат под „трошоци“ вистинските трошоци на стоката“ т.е. издадениот труд. „Капиталистичкиот трошок на стоката се мери со издавањето во капитал, вистинскиот трошок на стоката со издавањето во труд“. („Капиталот“, III книга, прва глава.)
[7] Кај Вагнер: денешнава слободна циркулација.
[8] Ракописна грешка: „со“ треба да се брише.
[9] Во оригиналот: „цената на житото“, очевидна ракописна грешка.
[10] Во Марксовиот оригинал одозгора напишано: граѓанска.
[11] Во ракописот грешно „производ“.
[12] Тука идат во оригиналот прецртаните зборови „во самото стоковно производство“.
[13] Во оригиналот: „функционираат“.
[14] Во оригиналот: „на“.
[15] Т.е. апстрактниот човечки труд.
[16] Тука по самата смисла би требало да се внесе процесот на трудот.