Bo меѓувремето, напоредно со француската филозофија на XVIII век и по неа, се разви поновата германска филозофија и го доживеа својот крај во Хегела. Нејзината најголема заслуга беше повторното прифаќање на дијалектиката како највисока форма на мислењето. Старите грчки филозофи сите беа родени, природни дијалектичари, а најуниверзалниот ум меѓу нив, Аристотел, ги испита веќе и најсуштествените форми на дијалектичкото мислење. Поновата филозофија пак, иако дијалектиката и во неа имаше сјајни претставници (на пр. Декарт и Спиноза), сѐ повеќе и повеќе потонуваше, особено поради англиското влијание, во таканаречениот метафизички начин на мислење, што речиси исклучиво надвладеа и кај француските филозофи на XVIII век, барем во нивните специјални филозофски дела. Надвор од вистинската филозофија тие беа исто така способни да творат дијалектички ремек-дела; да се потсетиме само на „Внукот на Рамо” од Дидро и на расправата за „Потеклото на нееднаквоста меѓу луѓето” од Русо. — Овдека накусо ќе ја изнесеме суштината на двата метода на мислење.
Ако ја набљудуваме природата со размислување, или историјата на човештвото, или нашата духовна дејност, тогаш прво ни се покажува сликата на едно бескрајно испреплетување на нештата кои се во зависност едни од други и дејствуваат едни врз други, и во таа смисла тоа што било не останува така како што било и таму каде што било, туку сѐ се движи, се менува, настанува и исчезнува. Значи, прво ја гледаме целосната слика во која деталите, повеќе или помалку, се повлекуваат на заден план; обрнуваме внимание повеќе на движењето, на преодите, на врските, отколку на тоа што се движи, што преоѓа и што стои во врска. Овој првобитен, наивен, но всушност правилен поглед на светот ѝ е својствен на старата грчка филозофија и прв јасно го изразил Хераклит: Сѐ постои и во исто време не постои, зашто сѐ тече, сѐ се наоѓа во постојана промена, во постојано настанување и исчезнување. Но, овој поглед макар колку точно да го доловува општиот карактер на целосната слика на појавите, сепак не е доволен да ги објасни деталите од кои е составена таа целосна слика; а додека не ги знаеме нив, не ни е јасна ни целосната слика. За да ги спознаеме тие детали, мораме да ги истргнеме од нивната природна или историска поврзаност и да ги испитуваме, секој одделно, според нивните особености, според нивните посебни причини и дејства итн. Тоа е пред сѐ задача на природните науки и на историјата, т. е. на научните гранки што кај Грците од класичното време, поради многу оправдани причини заземаа само споредно место, зашто Грците пред сѐ мораа да соберат материјал за нив. Дури откако природонаучната и историската материја до извесен степен беше насобрана, стана можно да се започне со критичкото одбирање, споредување, односно со делењето на класи, родови и видови. Затоа почетоците на егзактното испитување на природата се развиваат понатаму дури кај Грците од александрискиот период[16] и подоцна, во средниот век, кај Арабјаните; а вистинските природни науки, пак, датираат дури од втората половина на 15 век, и оттогаш наваму постојано напредуваат со сѐ поголема и поголема брзина. Расчленувањето на природата на нејзините одделни делови, делењето на различните природни процеси и предмети во определени класи, испитувањето на внатрешниот состав на органските тела според нивните разновидни анатомски структури — сето тоа беше основниот услов за гигантските успеси што ни ги донесоа последните четири века во запознавањето на природата. Но тоа ни го остави во наследство и навикот предметите и појавите во природата да ги сфаќаме во нивната изолираност, надвор од нивната голема општа поврзаност, па затоа нив не ги сфаќаме во нивното движење, туку во нивната неподвижна состојба; не како суштински менливи, туку како стабилни, не живи, туку мртви. А кога овој начин на набљудување беше пренесен од природните науки во филозофијата, како што го сторија тоа Бекон и Лок, се создаде специфичната ограниченост на последните векови — метафизичкиот начин на мислење.
За метафизичарот предметите и нивните идејни одрази се поими, изолирани, неподвижни, скаменети, еднаш за секогаш дадени предмети на испитувањето што треба да се разгледуваат еден по друг и независно еден од друг. Тој мисли само во непосредни спротивности; неговиот говор се состои од: „да-да, не-не”, а сѐ што е над тоа, доаѓа од нечестивиот. За него еден предмет или постои или не постои: исто така, за него еден предмет не може да биде едновремено и она што е и нешто друго. Позитивното и негативното се исклучуваат апсолутно едно со друго; причината и последицата се исто така во меѓусебна статичка спротивност. Овој начин на мислење ни се чини на прв поглед наполно јасен, затоа што е тоа начин на мислење на таканаречениот здрав човечки разум. Но здравиот човечки разум, макар колку да е за почит достоен другар додека е дома меѓу своите четири ѕида, доживува многу чудни авантури штом ќе се осмели да навлезе во далечниот свет на научното испитување; и метафизичкиот начин на гледање, колку и да е оправдан па дури и потребен во толку опширни и обемни области спрема природата на предметот, сепак порано или подоцна секогаш се судрува со една препрека зад која станува едностран, ограничен, апстрактен, и се заплетува во неразрешливи спротивности, зашто зад одделните нешта заборава на нивната заемна врска, зад нивното суштествување — на постанокот и исчезнувањето, зад нивното мирување — на нивното движење; зашто поради самите дрвја не ја гледа шумата. На пример, во секојдневните случаи знаеме и можеме сигурно да кажеме дали некое животно постои или не; но при поточно испитување откриваме дека е тоа понекогаш и премногу заплеткана работа, како што тоа многу добро го знаат правниците, кои попусто се мачеа да откријат разумна граница зад којашто усмртувањето на детето во мајчината утроба е убиство; исто така, не е можно да се констатира моментот на смртта, зашто физиологијата ни докажува дека смртта не е еднократен, моментален настан, туку многу долготраен процес. Исто така, секое органско суштество во секој момент е истото и не е истото; во секој момент тоа ги преработува материите што ги добива однадвор и излачува други; во секој момент одумираат едни клетки на неговото тело и се создаваат нови; и по подолго или покусо време материјата на ова тело наполно е обновена, заменета со други атоми на материјата, така што секое организирано суштество секогаш е истото, а сепак е друго. Исто така, при поточно испитување откриваме дека двата пола на некоја спротивност. позитивниот и негативниот, се неразделени едниот од другиот, како што се и спротивни едниот на другиот, и дека, и покрај сета спротивност, тие меѓусебно се проникнуваат; или пак дека причината и последицата се претстави што важат како такви само во нивната примена на поединечниот случај, но дека тие, штом поединечниот случај го набљудуваме во неговата општа врска со вселената, се совпаѓаат, се разрешуваат во претставата за универзалното заемно дејствување, при кое причините и последиците постојано ги менуваат своите места, така што тоа што сега или овде е последица, тогаш или таму станува причина, и обратно.
Сите овие процеси и методи на мислењето не се вклопуваат во рамките на метафизичкото мислење. За дијалектиката што нештата и нивните поимни одрази ги сфаќа суштински во нивната заемна врска, во нивното испреплетување, во нивното движење, во нивното создавање и исчезнување, процесите како горенаведените, напротив, се исто толку потврди на нејзиниот сопствен метод на испитување. Природата е пробен камен за дијалектиката, и ние мораме на современите природни науки да им признаеме дека за таа проба дадоа извонредно богат материјал, што од ден на ден сѐ повеќе и повеќе се натрупува, и со тоа докажаа дека во природата, во крајна инстанца, тој материјал се менува дијалектички, а не метафизички, дека природата не се движи во вечно еднаков круг што постојано се повторува, туку дека доживува вистинска историја. Тука треба пред сѐ да се спомене Дарвин, кој на метафизичкото сфаќање на природата му нанесе најсилен удар со својот доказ дека сета денешна органска природа, растенијата и животните, а со тоа и човекот, е производ на развојниот процес што траел милиони години. Но бидејќи на прсти можеме да ги наброиме досегашните испитувачи на природата што научија да мислат дијалектички, затоа со овој конфликт меѓу откриените резултати и традиционалниот начин на мислење се објаснува безграничната збрка што владее сега во теоретските природни науки и ги доведува до очаеност како учителите така и учениците, како авторите така и читателите.
Точниот приказ на светската целина, на нејзиниот развиток и на развитокот на човештвото, како и на одразот на тој развиток во главите на луѓето, може да се постигне, значи, само по дијалектички пат, имајќи го постојано предвид општото заемно дејствување на постанокот и исчезнувањето, на прогресивните и регресивните промени. И во оваа смисла веднаш и истапи поновата германска филозофија. Кант ја започна својата дејност со тоа што стабилниот сончев систем и неговото вечно траење — откако веќе беше даден фамозниот прв поттик — го претвори во историски процес: во постанок на сонцето и на сите планети од една маглива маса што ротира. Притоа, тој веќе извлече заклучок дека со овој постанок, исто така, неминовно е дадено и идното пропаѓање на сончевиот систем. Неговото мислење, половина век подоцна, математички го образложи Лаплас, а уште половина век подоцна спектроскопот докажа дека во вселенскиот простор има такви вжештени гасни маси со различни степени на густината.
Оваа понова германска филозофија го најде својот крај во Хегеловиот систем во кој првпат беше претставен — а во тоа и е Хегеловата голема заслуга — целиот природен, историски и духовен свет како процес, т. е. во постојаното движење, изменување, преобразување и развиток, a беше направен и обид да се докаже и внатрешната врска во тоа движење и развиток. Од таа гледна точка, историјата на човештвото не изгледаше повеќе како дива збрка на бесмислени насилства, што пред судот на сега веќе узреаниот филозофски разум сите се еднакво за осудување и што треба да ги заборавиме колку што е можно побрзо, туку како развоен процес на самото човештво. И задачата на мислењето сега беше во тоа да ја следи бавната постапност на овој процес по сите застранети патишта и да ја докаже неговата внатрешна законитост преку сите привидни случајности.
Сосема е сеедно тука што Хегеловиот систем не ја реши задачата што си ја постави. Неговата епохална заслуга се состои во тоа што ја постави таа задача. Тоа е секако задача што не ќе може никогаш да ја реши одделна личност. Иако Хегел, покрај Сен-Симона, беше најуниверзалниот ум на своето време, сепак беше ограничен, прво, поради нужно ограничениот обем на неговите сопствени знаења, и второ, поради знаењата и погледите на неговата епоха кои, исто така, беа ограничени по обемот и длабочината. А кон тоа се придружи уште и нешто трето. Хегел беше идеалист, што значи за него мислите на неговиот ум не беа само, повеќе или помалку, апстрактни одрази на вистинските нешта и процеси, туку обратно — нештата и нивниот развиток беа само остварени одрази на „идејата”, што некако постоела уште пред да постои светот. Co тоа сѐ беше поставено ничкум, и вистинската поврзаност на светот беше наполно превртена. И затоа, макар што Хегел правилно и генијално сфати некои одделни врски меѓу појавите, сепак од приведените причини во деталите мораше да испадне и по нешто скрпено, извештачено, исконструирано, накусо — изопачено. Хегеловиот систем како таков беше колосално недоносен — но и последен од својот вид. Имено, тој систем боледуваше уште од една неизлечива внатрешна противречност: од една страна, за суштинска претпоставка го имаше историскиот поглед на светот, според кој човечката историја е еден развоен процес што по својата природа не може да го најде својот интелектуален крај со откривањето на таканаречената апсолутна вистина; но, од друга страна, тој систем претендира на тоа да биде олицетворение токму на таа апсолутна вистина. Еден сеопфатен, еднаш за секогаш заклучен систем на спознавањето на природата и на историјата е во противречност со основните закони на дијалектичкото мислење, што сепак, во никој случај не исклучува, туку, напротив, претпоставува дека систематското спознавање на сиот надворешен свет може да напредува со гигантски чекори од поколение до поколение.
Сознанието за потполната наопачност на досегашниот германски идеализам неминовно доведе до материјализмот, но треба да се запомни, не просто до метафизичкиот, исклучиво механички материјализам на XVIII век. Наспроти наивно-револуционерното, простото отфрлање на сета поранешна историја, современиот материјализам го гледа развојниот процес на човештвото во историјата и неговата задача е да ги открие законите на движењето. Наспроти претставата што владееше како кај Французите од XVIII век така и кај Хегела, а според која природата е целина што се движи во тесни кругови и секогаш останува еднаква на себеси, со вечни вселенски тела, како што учеше Њутон, и со неменливи видови органски суштества, како што учеше Лине, — современиот материјализам ги воопштува поновите успеси на природните науки, според кои и природата ја има својата историја во времето, според кои небесните тела, како и видовите организми што ги населуваат во поволни услови, настануваат и исчезнуваат, а кружните движења, доколку воопшто можат да се сметаат можни, добиваат бескрајно повеличествени димензии. И во двата случаи тој материјализам е битно дијалектички и не му е потребна повеќе никаква филозофија која стои над другите науки. Штом на секоја одделна наука ќе ѝ се постави барањето да си го определи своето место во општата поврзаност на нештата и во познавањето на нештата, тогаш секоја одделна наука за општата поврзаност станува излишна. Она што од сета досегашна филозофија останува сѐ уште самостојно е учењето за мислењето и неговите закони — формалната логика и дијалектиката. Сѐ друго влегува во позитивната наука за природата и историјата.
Меѓутоа, додека пресвртот во набљудувањето на природата можеше да се врши само во онаа мера во која испитувањето даваше соодветна позитивна сознајна материја, дотогаш уште многу порано се појавија историските факти кои предизвикаа решителен пресврт во сфаќањето на историјата. Во 1831 година во Лион избувна првото работничко востание[17]; од 1838 до 1842 година првото национално работничко движење, движењето на англиските чартисти[18], го достигна својот врв. Класната борба меѓу пролетаријатот и буржоазијата стапуваше на преден план во историјата на најразвиените европски земји, и тоа во иста мера во која се развиваше во нив, од една страна, крупната индустрија, а од друга страна, новооснованата политичка власт на буржоазијата. Фактите со сѐ поголема острина ја покажуваа сета лажност на учењата на буржоаската економија за идентичноста на интересите на капиталот и на трудот, за општата хармонија и општата народна благосостојба како последица на слободната конкуренција. Сето тоа не можеше повеќе да се отфрла, како што не можеше да се отфрлат ни францускиот и англискиот социјализам, што беа нивни теоретски, иако до крајна мера несовршен израз. Но, старото идеалистичко сфаќање на историјата, што сѐ yштe не беше потиснато, не знаеше за никакви класни борби што би се основале врз материјалните интереси, ниту воопшто за некакви материјални интереси; производството како и сите економски односи се споменуваа во него само патем, како споредни елементи на „културната историја”.
Новите факти присилија на тоа сета досегашна историја да се подложи на едно ново испитување, и тогаш се покажа дека сета досегашна историја, со исклучок на првобитната состојба, беше историја на класните борби и дека тие општествени класи што се борат една со друга се секогаш резултат на производните и прометните односи, со еден збор — на економските односи на својата епоха; значи, дека секоја економска структура на општеството секогаш сочинува реална основа со која, во крајна линија, треба да се објасни целокупната надградба на правните и политичките установи, како и на религиозните, филозофските и другите претстави на секој одделен историски период. Хегел го ослободи сфаќањето на историјата од метафизиката, го направи дијалектичко, но сепак неговото сфаќање на историјата беше во суштина идеалистичко. Сега идеализмот беше отстранет од своето последно засолниште, од сфаќањето на историјата; сега беше создадено материјалистичко сфаќање на историјата и беше пронајден пат да се објасни свеста на луѓето со нивното битие, наместо нивното битие да се објаснува со нивната свест, како што тоа досега се случуваше.
Сега социјализмот не се појавува повеќе како случајно откритие на овој или оној генијален ум, туку како нужен резултат на борбата меѓу две историски настанати класи, пролетаријатот и буржоазијата. Неговата задача не беше повеќе да изработува што посовршен систем на општеството, туку да го испита историско-економскиот процес, чија што нужна последица беше појавата на оние две класи и нивниот антагонизам, и во економската положба што се создаваше на тој начин да ги пронајде средствата за решавање на овој конфликт. Но, досегашниот социјализам никако не можеше да се доведе во согласност со дијалектиката и поновите природни науки. Досегашниот социјализам, навистина го критикуваше постојниот капиталистички начин на производството и неговите последици, но не можеше да ги објасни, значи, не можеше ни да излезе накрај со нив; тој можеше само да ги отфрли како нешто лошо. Колку пожестоко стануваше тој против експлоатацијата на работничката класа, што е неразделно поврзана со тој начин на производство, толку помалку беше во состојба да покаже во што се состои експлоатацијата и како настанува таа. Меѓутоа, се работеше за тоа, од една страна, тој капиталистички начин на производството да се покаже во неговата историска поврзаност како неминовен за еден определен историски период, па, спрема тоа, и неминовноста на неговото пропаѓање, а од друга страна, да се открие и неговиот внатрешен карактер што сѐ уште беше скриен. Тоа беше сторено со откривањето на вишокот на вредноста. Беше докажано дека присвојувањето на неплатената работа е основната форма на капиталистичкиот начин на производство и на експлоатацијата на работникот што ја врши капитализмот; дека капиталистот, дури и кога ја купува работната сила на својот работник по нејзината полна вредност што ја има таа како стока на пазарот, сепак од неа извлекува повеќе вредност отколку што платил за неа и дека тој вишок на вредноста, во крајна линија, ја сочинува онаа сума на вредноста од која се натрупува во рацете на имотните класи сѐ поголема маса капитал. Co тоа беше објаснет и процесот, како на капиталистичкото производство, така и на производството на капиталот.
За двете тие големи откритија: за материјалистичкото сфаќање на историјата и за разоткривањето на тајната на капиталистичкото производство со помошта на вишокот на вредноста, треба да му заблагодариме на Маркса. Co нив социјализмот стана наука што сега треба понатаму да се разработува во сите нејзини детали и заемни врски.
Забелешки на уредникот
[16] Александрискиот период на развитокот на науката го опфаќа времето од III век пред нашата ера до IV век на нашата ера и своето име го добил од египетскиот град Александрија (пристаниште на Средоземното Mope), кој бил еден од најголемите центри на меѓународните стопански врски во тоа време. За време на александрискиот период низа науки достигнале голем развиток: математиката (Еуклид и Архимед), географијата, астрономијата, анатомијата, физиологијата и др.
[17] Востанието на лионските работници-ткаачи во 1831 година во Франција се појави како одговор на стрелбата врз работничката манифестација во време на штрајкот за определување на минималната заработувачка. Востанатите работници дигнале по целиот град барикади и во продолжение на неколку дни го држеле целиот град во свои раце; биле совладани само кога владата ѝ испратила на лионската буржоазија помош од редовните војски.
[18] Чартистичкото движење во Англија се појавило во 30-40-те години на минатиот [19-от] век. Тоа го опфатило огромното мнозинство на англиската работничка класа и било првото самостојно политичко движење на пролетаријатот. Токму во тоа, како што велат Маркс, Енгелс и Ленин, се состои неговото огромно историско значење. Своето име „чартистичко” движење го добило спрема подадената петиција (чартр) во која биле изнесени главните барања на движењето: 1. сеопшто изборно право, 2. секоја година парламентарни избори, 3. плаќање издршка на членовите на парламентот, 4. тајно гласање при парламентарните избори, 5. еднакви изборни окрузи, 6. укинување на имотниот ценз за депутатите. Работничката класа на Англија ја водела борбата за остварување на тие барања неколку години со петиции, штрајкови, демонстрации и оружени судрувања со полицијата.