Напишано: декември 1872 - јануари 1873.
Првпат објавено: Almanacco Repubblicano per l'anno 1874.
Извор: К. Маркс - Ф. Енгелс, „Дела“, „Просвета“, Београд, 1979, том 29, стр. 246-250.
Превод: Томислав Захов, од српскохрватски
Онлајн верзија: ноември 2019
„Работничката класа не смее да се конституира во политичка партија. Под никој изговор таа не смее да преземе акција, бидејќи да се побива државата е исто што и да се признава, а тоа се противи на вечните принципи! Работниците не смеат да организираат штрајкови, бидејќи, да се бори за зголемување на надниците или против нивното намалување е исто што и да се признаваат надниците, а тоа се противи на вечните принципи на ослободување на работничката класа!
Ако работниците во политичката борба против буржоаската класа успеат и се изборат за некои привилегии, со тоа сепак создаваат компромиси, а тоа се противи на вечните принципи! Треба, значи, да се презират сите мирољубиви акции, како на пример оние кои американските и англиските работници по свој лош обичај ги преземаат. Работниците не смеат да се борат за со закон да им се ограничи работниот ден, бидејќи тоа би значело создавање компромис со капиталистите кои во тој случај би можеле да ги експлоатираат наместо 14 до 16 часа само 10 до 12 часа. Исто така не смеат да се залагаат со закон да се забрани вработување на девојчиња помлади од 10 години во фабриките, бидејќи на тој начин сè уште не успеале да ја укинат експлоатацијата на децата помлади од 10 години. Значи, и овојпат се работи за компромис со кој тие ја нарушуваат чистината на вечните принципи!
Уште помалку работниците смеат да бараат, како што тоа е случај во САД, државата, чиј буџет го создава работничката класа, да се грижи за основното образование на работничките деца, бидејќи основното образование не е целосно образование. Подобро е за работниците да не знаат ни да читат ни да пишуваат ни да пресметуваат, отколку да ги подучува учител од државно училиште. Далеку подобро е за работничката класа, живеејќи во незнаење и работејќи 16 часа дневно, да се деградира сè подлабоко, отколку да бидат погазени вечните принципи!
Ако политичката борба на работничката класа добие насилен облик, ако работниците ја заменат диктатурата на буржоаската класа со сопствена револуционерна диктатура, тогаш тие прават страшно злосторство кршејќи ги принципите: за да ги задоволат своите обични секојдневни потреби и да го совладаат отпорот на буржоаската класа, тие ѝ даваат на таа држава револуционерен и преоден облик наместо да го фрлат оружјето и да ја укинат државата. Работниците не смеат да создаваат поединечни професионални организации, бидејќи со тоа само помагаат поделбата на општествениот труд, затекната во буржоаското општество, уште повеќе да се продлабочува; а таа поделба, која ги раздвојува работниците, е темел на кој почива нивното денешно робување.
Со еден збор, работниците мора да си ги скрстат рацете и да не губат време во политички и економски акции. Тие акции можат да им донесат само непосредни резултати. Како вистински верници, презирајќи ги секојдневните потреби, мора да извикаат со полна вера: ‘Нека на крст се распне нашата класа, нека изумре нашата раса, само да се сочуваат нерасипаните вечни принципи!’ Тие мора како понизните христијани да им веруваат на поповските зборови и да размислуваат единствено за тоа како да дојдат заслужено во Рајот. Наместо Рај читајте СОЦИЈАЛНА ЛИКВИДАЦИЈА, која еден убав ден ќе се случи во некој зафрлен агол на светот, не се знае како ниту по чија заслуга, а мистификацијата е иста во сите погледи.
Во очекување, значи, на таа славна ликвидација, работничката класа ќе мора да се однесува пристојно како стадо добро нахранети овци, не смее да ја вознемирува владата, мора да се плаши од полицијата, да ги почитува законите и мирно без негодување да пристапи да послужи како топовско месо.
Во секојдневната пракса на животот работниците мора да бидат најпокорни слуги на државата, но во себе мора најодлучно да се бунтуваат против нејзиното постоење, преку усвојување и читање на книжевни расправи за укинување на државата да сведочат за својот длабок презир кон неа. Понатаму, тие мора добро да внимаваат да не пружат никаков друг отпор кон капиталистичкиот поредок освен со убави расправи за идното општество во кое повеќе нема да владее тој омразен поредок.“
Никој нема да негира дека работничката класа уште одамна би ги испратила по ѓаволите тие апостоли на политичкиот индиферентизам ако тие говореа така јасно, како ни тоа дека не би се почувствувала навредена од тие буржоаски идеолози и пропаднати благородници, кои се толку глупи или наивни што на работничката класа ѝ го забрануваат секое реално средство на борба, бидејќи секое оружје за борба треба да се земе од постоечкото општество и бидејќи фаталните услови на нивната борба ја имаат таа несреќа да не се прилагодат на идеалистичките фантазии коишто тие доктори на општествени науки под името Слобода, Автономија, Анархија ги издигнаа до божества. Но, денес работничкото движење е толку моќно што овие секташки филантропи, кога е во прашање економската борба, немаат веќе храброст да ги повторуваат оние големи вистини кои неуморно ги застапуваа во политичката борба. Тие едноставно се преголеми страшливци за да ги применат повеќе на штрајковите, коалициите, професионалните организации, на законите за работниот однос на жените и децата, на ограничувањето на работното време, итн., итн.
А сега, да се потрудиме и да погледнеме до која мера тие можат да се повикуваат на добрата стара традиција, на скромност, на добра вера и вечните принципи!
Први се социјалистите (Фурие, Овен, Сен-Симон) кои токму поради недоволно развиените општествени услови, коишто не ѝ овозможуваа на работничката класа да се конституира во борбена класа, морале неопходно да се ограничат само на замислување на идеално општество на иднината и да ги осудуваат сите обиди како што се штрајковите, коалициите, политичките движења коишто работниците ги иницирале со цел за подобрување на сопствената положба. Иако немаме право да се откажеме од тие татковци на социјализмот, како што ниту хемичарите немаат право да се одречат од своите татковци на алхемијата, мораме сепак да внимаваме да не ги повториме истите грешки, бидејќи за нас тие грешки би биле неопростливи.
Па сепак, подоцна, во 1839 година, кога политичката и економската борба на работничката класа во Англија добила веќе прилично јасно изразен карактер, Бреј, еден од Овеновите ученици и еден од оние кои веќе одамна пред Прудон го откриле мутуализмот, објавил книга: "Labour’s wrongs and labour’s remedy" („Неволјите на трудот и лекот на трудот“).
Во една од главите која зборува за неефикасноста на сите подобрувања кои со денешната борба се сака да се постигнат, тој со полна горчливост ги критикува сите политички и економски движења на англиските работници, ги осудува штрајковите, скратувањето на работното време, регулирањето на фабричкиот труд на жените и децата, бидејќи сето тоа, според негово мислење, не само што нè спречува да најдеме излез од денешната општествена ситуација, туку нè држи за неа приковани и уште повеќе го заострува општествениот антагонизам.
Така конечно стигнавме и до врховното светилиште на тие доктори на општествени науки, до Прудон. И додека големиот маестро имаше храброст одлучно да се изјаснува против сите економски движења (коалиции, штрајкови, итн.) со спротивните спасителски теории на неговиот мутуализам, иако со своите написи и лично учество ја поттикнуваше политичката борба на работничката класа, дотолку неговите ученици немаат храброст отворено да се изјаснат против таквите движења. Јас веќе во 1847 година, кога се појавија „Економските противречности“[1], големо дело на големиот маестро, ги побив неговите софизми против работничкото движење. Па сепак, откако е донесен Оливиеровиот закон, со кој на француските работници во многу ограничена мера им се признава правото да се здружуваат во синдикати, Прудон уште еднаш се враќа на истата тема во својата книга „Политичката способност на работничката класа“, објавена неколку дена по неговата смрт.
Нападите на големиот маестро до таа мера одговарале на буржоаскиот вкус што „The Times“, по повод големиот штрајк на лондонските кројачи во 1866 година, му изрази почест на Прудон објавувајќи извадоци од неговата книга и осудувајќи ги штрајкувачите со неговите зборови. Еве неколку примери.
„Власта“, извикнува Прудон, „која нареди да бидат стрелани рударите од Рив-де-Жије, се најде навистина во незгодна ситуација. Но, таа постапи како што во древните времиња направи Брут присилен да бира меѓу татковската љубов и конзулската должност: требало да си ги жртвува децата заради спас на републиката. Брут не се двоумел, а потомството немало храброст да го осуди.“[2]
Пролетаријатот не памети ниту еден буржуј кој се двоумел да ги жртвува своите работници за спас на личниот интерес. Какви Брутовци буржуите тогаш мора да бидат!
„Но, не: не постои право на коалиција како што не постои ни право на измама и кражба, како што не постои право на вршење инцест и прељуба.“[3]
Но, треба сепак да се каже дека сосема сигурно постои право на глупост.
Па кои се тие вечни принципи во чие име големиот маестро ја беснее својата абракадабриска екскомуникација?
Прв вечен принцип:
„Висината на надниците ги одредува цените на стоките.“
Дури и оние кои немаат поим за политичка економија и не знаат дека големиот граѓански економист Рикардо во својата книга „Принципите на политичката економија“, објавена во 1817 година, еднаш за секогаш ја разобличи оваа веќе традиционална заблуда; познат е многу значајниот факт дека англиската индустрија може да ги продава своите стоки по значајно ниски цени отколку што може да го направи тоа било која друга земја, додека работничките надници во Англија се релативно повисоки отколку во било која друга европска земја.
Втор вечен принцип:
„Законот кој одобрува коалиции во крајност е противправен и антиекономски и спротивен на секое општество и поредок.“
Со еден збор, „спротивен на економското право на слободната конкуренција“. Ако големиот маестро беше помалку шовинист, би се запрашал како би го протолкувал фактот што уште пред четириесет години во Англија е изгласан закон така спротивен на економските права на слободната конкуренција, и како тој закон, толку спротивен на секое општество и поредок, како што повеќе се развива индустријата, а со неа паралелно и слободната конкуренција, сè повеќе се наметнува токму на буржоаските држави како нужност. Можеби би открил дека тоа право (со големо П) постои само во економските учебници што ги напишале браќата Незнајковци од буржоаската политичка економија. Во тие учебници може да се пронајдат и вакви бисери: „Сопственоста е плод на трудот …“ само што заборавиле да додадат – туѓиот.
Трет вечен принцип:
„Поради тоа, под изговор дека ја ослободуваме работничката класа од нејзината таканаречена инфериорна општествена положба, ќе мораме да обвиниме една цела класа на луѓе, класа на господа, претприемачи, сопственици на фабрики и буржуи. Ќе мораме да побудиме презир и омраза кај работничката класа кон тие недостојни сојузници на средната класа, ќе мораме да претпочитаме трговска и индустриска војна пред законска репресија и класен антагонизам пред државна полиција.“[4]
И така, за да би се спречила работничката класа да се ослободи од својата таканаречена општествено инфериорна положба, големиот маестро ги осудува коалициите со помош на кои работничката класа се конституира во антагонистичка класа наспроти почитуваната категорија на сопственици на фабрики, претприемачи, буржуи, категорија која, сигурно, како и Прудон, претпочита државна полиција пред класна спротивставеност. И за да би ја заштитил таа почитувана класа од било какви неприлики, добриот Прудон им советува на работниците (додека не дојде до воспоставување на мутуалистичкиот систем) „слобода или конкуренција, бидејќи тие се, наспроти своите слаби страни, сепак нашата единствена гаранција“.
Големиот маестро проповедаше индиферентизам на економско ниво за да се заштити слободата или буржоаската конкуренција, нашата единствена гаранција, а учениците проповедаа индиферентизам на политичко ниво за да ја заштитат буржоаската слобода, нивната единствена гаранција. Ако на првите христијани, кои исто така проповедале политички индиферентизам, им требала цврстата рака на еден император за од угнетени да станат угнетувачи, модерните апостоли на политички индиферентизам не мислат дека нивните вечни принципи ги обврзуваат да се одречат од земските задоволства и световните привилегии на буржоаското општество. Но, сепак, треба да им се признае дека стоицизмот со кој тие го издржуваат 14 или 16-часовното работно време, кое така страшно ја обременува работничката класа, е достоен на христијанските маченици.
Забелешки
[1] P. J. Proudhon, Système des contradictions économiques, ou philosophie de la misère, T. 1 – 2, Paris, 1846.
[2] P. J. Proudhon, De la capacité politique des classes ouvrières, Paris, Lacroix et Co, 1868, стр. 327.
[3] Наведеното дело, стр. 333.
[4] Наведеното дело, стр. 337-338.