Фридрих Енгелс

„Капиталот“


Напишано: помеѓу 2 и 13 март 1868.
Првпат објавено: "Demokratisches Wochenblatt" (Лајпциг), 21 и 28 март 1868.
Извор: Карл Маркс „Капиталот“, Том први, „Мисла“, Скопје, 1975, 713-718 стр.
Превод: Диме Бојановски
Онлајн верзија: февруари 2017


I

Откако постојат на светот капиталисти и работници, се нема појавено книга, што би била за работниците од таква важност како оваа. Односот меѓу капиталот и трудот, стожерот околу кај се врти целиот наш денешен општествен систем, овде е за првпат научно изложен, и тоа со една темелност и острина, како што му е тоа возможно само на еден Германец. Колку и да се драгоцени делата на еден Овен, Сен Симон, Фурие и такви ќе останат, сепак дури на еден Германец му беше дадено да се искачи на височината, пред која јасно и прегледно лежи целата област на модерните социјални односи, како ниските планински предели пред гледачот што стои на највисокиот врв.

Досегашната политичка економија нè учи дека е трудот извор на целото богатство и мера на сите вредности, така што два предмета, чиешто производство чинело еднакво работно време имаат и иста вредност, и, бидејќи средно можат да се разменуваат меѓу себе само еднакви вредности, мораат да се разменуваат и еден со друг. Но едновремено таа учи дека суштествува еден вид натрупан труд кој го вика таа капитал: дека овој капитал, со помошните извори што ги содржи во себе ја крева стопати и илјадапати производноста на живиот труд, и оттука си зема право на извесна награда, што се вика профит или печалба. Како што знаеме сите, во дејствителноста тоа се поставува така што профитите од натрупаниот, мртвиот труд, постојано стануваат помасовни, капиталите од капиталистите стануваат постојана сè поколосални, додека наемнината од живиот труд станува постојано помала, а масата работници што живеат само од наемнина станува постојано помногубројна и победна. Како да се реши оваа противречност? Како може да преостане за капиталистот профит, ако му се надомести на работникот полната вредност на трудот, што ја придава на својот производ? А бидејќи се разменуваат само еднакви вредности, сепак тоа би требало да биде така. Од друга страна, како можат да се разменуваат еднакви вредности, како може работникот да ја добие полната вредност на својот производ, ако овој производ, како што признаваат многу економисти, се дели меѓу него и капиталистот? Досегашната политичка економија стои беспомошно пред овие противречности, пишува или блада сметкани, празни зборови. Дури ни сегашните социјалистички критичари на економијата не биле во состојба да сторат нешто повеќе, освен да ја подвлечат противречноста; никој неа не ја решил, додека сега најпосле Маркс не го проследи процесот на изникнувањето на овој профит до неговото родно места, а со тоа тој разјасни сè.

При изложувањето на капиталот Маркс трга од едноставниот, ноторно познат факт, дека капиталистите ја оплодуваат вредноста на својот капитал низ размената: тие купуваат стока за свои пари, а после ја продаваат за повеќе пари отколку што таа нив ги чини. На пр. еден капиталист купил памук за 1.000 талири и го продал за 1.100 талири, значи „заработил“ 100 талири. Тој вишок од 100 талири над првобитниот капитал Маркс го вика вишок на вредноста. Од што изникнува овој вишок на вредноста? Според претпоставката на економистите се разменуваат само еднакви вредности, а ова во областа на апстрактната теорија е и точно. Купувачката на памукот и неговата препродажба значи можат да дадат исто така малку вишок на вредноста како и размената на еден сребрен талир за триесет сребрени грошеви, и повторената размена на ситните пари за сребрениот талир, при што не се станува ни побогат ни посиромав. Но вишокот на вредноста исто така не може да произлезе ни од тоа што ја продаваат продавачите стоката над нејзината вредност, или што ја купуваат купувачите под нејзината вредност, зашто секој по ред е де купувач, де продавач и значи тоа пак се израмнува. Тој исто така не може да произлезе ни оттука што би се надлажувале купувачите заемно, зашто тоа не би создало никаква нова вредност ни вишок на вредноста, туку само постојниот капитал би бил инаку расподелен меѓу капиталистите. Покрај сè што ги купува капиталистот стоките по нивната вредност и ги продава по нивната вредност, тој извлекува ад нив повеќе вредност, отколку што внесол. Како станува тоа?

Под сегашните општествени односи капиталистот најдува на стоковниот пазар една стока што го има особеното својство нејзиното употребување да претставува извор на нова вредност, да претставува создавање нова вредност, а оваа стока е — работната сила.

Што е тоа вредност на работната сила? Вредноста на секоја стока се мери со трудот што се сака за нејзината изработка. Работната сила суштествува ва ликот на живиот работник, кому му е потребно за неговата егзистенција како и за издршката на неговото семејство кое го осигурува траењето на работната сила и по неговата смрт, определено количество средства за живот. Според тоа работното време што е потребно за производство на овие средства за живот ја претставува вредноста на работната сила. Капиталистот го плаќа него неделно и со тоа ја купува употребата на неделниот труд на работникот. Господата економисти до овде ќе бидат прилично согласни со нас за вредноста на работната сила.

Капиталистот сега го поставува својот работник на определена работа. Во едно определено време работникот ќе даде онолку труд, колку што беше претставено во неговата неделна наемнина. Ако земеме неделната наемнина на еден работник да претставува три работни дена, тогаш еден работник што почнал да работи во понеделник, во среда вечерта ќе му ја надомести на капиталистот полната вредност на исплатената наемнина. Но дали тој тогаш престанува да работи? Не. Капиталистот го купил неговиот неделен труд, и работникот мора да работи уште и во последните три дена од неделата. Овој вишок на трудот од работникот над времето што е потребно за надоместување на неговата наемнина, e изворот на вишокот на вредноста, на профитот, на сè поголемо збувнување на капиталот.

Не може да се каже дека е некоја произволна претпоставка тоа што ја изработува наново работникот во три дена наемнината што ја добил, а во другите три дена да работи за капиталистот. Дали нему му требаат токму три дена за да ја надомести наемнината, или два, или четири, овде е секако сосем без важност, а и се менува според околностите; но главно е тоа дека капиталистот, покрај трудот што го плаќа, вади и труд што не го плаќа, а ова не е никаква произволна претпоставка, бидејќи од денот откога капиталистот постојано би добивал назад од работникот уште само толку труд колку што нему му плаќа во наемнина, од тој ден капиталистот би ја затворил својата работилница, зашто би му пропаднал целиот негов профит.

Овде ние го имаме решението на сите противречности. Настанувањето на вишокот на вредноста (од кој профитот на капиталистот сочинува значителен дел) сега е сосем јасно и природно. Вредноста на работната сила е платена, но оваа вредност е многу помала од онаа што капиталистот умее да ја извади од работната сила, а разликата, неплатениот труд, го сочинува токму делот од капиталистот, или поточно речено од капиталистичката класа. Зашто дури и профитот, кој го извади во горниов пример трговецот на памук од својот памук, мора да се состои од неплатен труд, ако не се покренала цената на памукот. Трговецот мораше да му го продаде памукот на некој фабрикант на памучни производи, кој покрај оние 100 талири може да извади од неговиот производ уште печалба за себе, кој значи го дели со него содржаниот неплатен труд. Овој неплатен труд е воопшто оној, што ги издржува сите членови на општеството што не работат. Од него се плаќаат државните и општинските даноци, до колку ја погодуваат капиталистичката класа, земјишната рента од земјосопствениците итн. На него почива целата суштествувачка општествена состојба.

Од друга страна би било бесмислено да се претпостави дека неплатениот труд настанал дури под сегашниве односи, каде што производството се води од една страна од капиталистите, а од друга страна од наемните работници. Напротив. Потиснатата класа морала да дава неплатен труд во сите времиња. Низ целиот долг период, во кој ропството беше владејачка форма на организацијата на трудот, робовите мораа да работат многу повеќе отколку што им се надоместило во форма на средства за живот. Под господството на крепосништвото и до укинувањето на крепосничкиот труд беше истиот случај; овде дури секојдневно станува опиплива разликата меѓу времето во кое селанецот работи за издржување на својот сопствен живот и вишокот на трудот за господарот на земјата, оти последниов се врши одделно од првиот. Формата е сега изменета, но суштината е останата, и сè додека „еден дел од општеството има монопол над средствата за производство, мора работникот, слободен или неслободен, да му придава на работното време потребно за неговото издржување и прекумерно работно време, за да ги произведува средствата за живот за сопственикот на средствата за производство". (Маркс, стр. 170).

II

Во претходната статија видовме дека секој работник земен на работа од капиталистот врши двоен труд: за време на еден дел од неговото работно време ја надоместува наемнината што му ја авансирал капиталистот, и овој дел од работното време Маркс го вика потребен труд. Но по ова тој продолжува уште да работи и во ова време произведува вишок на вредноста за капиталистот, од кој профитот сочинува значителен дел. Овој дел од трудот се вика вишок на трудот.

Ние претпоставивме работникот да работи три дена во неделата за надоместување на неговата наемнина, и три дена за производство на вишок на вредноста за капиталистот. Инаку речено тоа значи, дека тој работи, при дванаесетчасовен дневен труд, шест часа дневно за неговата наемнина и шест часа дневно за создавање вишок на вредноста. Од една недела може да се извадат само шест дена, а ако се придаде и самата недела тогаш само седум дена, но од секој ден може да се извадат шест, осум, десет, дванаесет, петнаесет и дури повеќе работни часови. Работникот му придал на капиталистот за неговата дневна наемнина еден работен ден. Но, што е работен ден? Осум часа или осумнаесет?

Капиталистот има интерес да го направи работниот ден колку што се може подолг. Колку е тој подолг, толку повеќе ќе произведува вишок на вредноста. Работникот го има верното чувство дека нему бесправно му се зема секој час труд што го дава над надоместувањето на наемнината; тој ќе сети на своето сопствено тело што е тоа да се работи предолго време. Капиталистот се бори за својот профит, работникот за своето здравје, за неколку часа дневен одмор, за да може надвор од работата, од спиењето и јадењето да се позанимава уште со нешто како човек. Патем да забележиме, не зависи од добрата волја на одделниот капиталист дали ќе сака тој да влезе во оваа борба или не ќе сака, зашто конкуренцијата ќе го присили, дури да е и најголем филантроп меѓу нив, да се придружи кон своите колеги, и така долгото работно време да го направи правило како што го направиле и неговите колеги.

Борбата на утврдувањето на работниот ден трае од првата историска појава на слободниот работник до денешниов ден. Во различни гранки има различни традиционални работни денови; но во дејствителност тие ретко се одржуваат. Само таму каде што со закон се утврдува работниот ден и каде што се контролира неговото одржување, само таму може да се каже дека има нормален работен ден. А досега ова е случај само во фабричките околии во Англија. Овде е утврден десетчасовен работен ден (10 1/2 часа во пет дена, 7 1/2 во сабота) за сите жени и деца од 13 до 18 години, а бидејќи без нив не можат да работат ни мажите, затоа и тие идат под десетчасовниот работен ден. Овој закон го извојуваа англиските фабрички работници во долгогодишна истрајна, жилава и упорна борба против фабрикантите, со помош на слободниот печат, со здружувања и собирите, како и со мајсторското исползување на расцепот во самата владејачка класа. Тој стана нешто свето на работниците од Англија, и постепено се прошири на сите крупни индустриски гранки, а во минатата година скоро на сите занаети, барем на оние во кои се на работа жени и деца. За историјата на ова законско регулирање на работниот ден во Англија делото што стои пред нас содржи вонредно широк материјал. Следниот „Северно-германски Рајхстаг“ ќе расправа за еден закон за претпријатија, а со тоа и за регулирањето на фабричкиот труд. Ние очекуваме ни еден народен пратеник што е избран со гласовите од германските работници да не пристапи кон расправата по овој закон, без претходно да не се запознае наполно со Марксовата книга. Има тука уште многу да се постигне. Расцепите во владејачките класи се поблагопријатни за работниците отколку што биле кога и да е досега во Англија, оти општото право на глас ги присилува владејачките класи да се умилкуваат за наклоноста на paбoтничката класа. Четири или пет претставници на пролетаријатот под овие околности се една сила, ако знаат да ја исползуваат својата положба, ако пред сè знаат зошто се работи, а тоа граѓаните не го знаат. А за тоа Марксовата книга им го дава в раце целиот материјал.

Ќе преминеме преку цел ред многу убави испитувања повеќе од теориски интерес, а ќе се запреме уште само на завршната глава, во која се работи за акумулацијата или за натрупувањето на капиталот. Овде прво се докажува дека капиталистичкиот метод на производството, т.е. метод што се постигнува со дејството на капиталот од една страна и со дејството на наемниот работник од друга страна, не само постојано наново му го произведува на капиталистот неговиот капитал, туку дека тој едновремено постојано ја произведува бедата на работникот; така што тој се грижи постојано да суштествуваат на една страна капиталисти, кои се сопственици на сите средства за живот, на сите суровини и на сите орудија на трудот, а на друга страна да суштествува голема маса работници, што се присилени да им ја продаваат на овие капиталисти својата работна сила за едно количество средства за живот, кое во најдобар случај е достатно да ги одржи во состојба на работна способност и да се одгледа едно нова поколение од работоспособни пролетери. Но капиталот не бидува само препроизведуван: тој постојано се множи и се зголемува — а со тоа се зголемува и неговата власт над несопственичката класа работници. И како што се препроизведува самиот капитал во постојано сè поголема размера, така и модерниот капиталистички начин на производство ја препроизведува во постојано сè поголема размера, во постојано растечки број класата работници без сопственост. „Акумулацијата на капиталот го препроизведува капиталистичкиот однос врз раширена размера, повеќе капиталисти или покрупни капиталисти на овој полус, повеќе наемни работници на оној... Значи акумулацијата на капиталот е умножување на пролетаријатот“ (стр. 495). Но бидејќи со напредокот на машинеријата, со подобрувањето на земјоделството итн. постојано се потребни сè помалку работници за да се произведе еднакво количество производ; бидејќи ова усовршување, т.е. ова издавање прекубројни работници расте побргу отколку самиот растечки капитал, што станува тогаш од овој број работници што постојано расте? Тие образуваат индустриска резервна армија, која за време на лош или среден тек на работите се плаќа под вредноста на нејзиниот труд и нередовно се зема на работа или се препушта на општествената помош за бедните, но која за време на особено живиот тек на работите ѝ е неопходна на капиталистичката класа, како што се покажува тоа очевидно во Англија — но која под сите околности служи за тоа да се крши отпорот на работниците што се редовно на работа и да се одржат на ниско ниво нивните наемнини. „Колку е поголемо општественото богатство... толку е поголемо релативно излишното население (прекубројното население) или индустриската резервна армија. Но колку е поголема оваа резервна армија во споредба со активната (што е редовно на работа) работничка армија, толку помасовно станува консолидираното (постојаното) прекувишно население, чијашто беда стои во обратна сразмера со маките од неговиот труд. Најпосле, колку е поголем питачкиот слој од работничката класа и индустриската резервна класа, толку е поголем официјалниот пауперизам. Овој е апсолутниот, општиот закон на капиталистичката акумулација“. (стр. 523).

Овие се некои од главните закони на модерниот, капиталистичкиот општествен систем, строго научно докажани — а официјалните економисти добро се чуваат дури и да се обидат да им се противстават. Hо дали е со тоа сè речено? Не. Исто онака остро како што ги потцрта Маркс лошите страни на капиталистичкото производство, исто така јасно Маркс покажа дека оваа општествена форма беше нужна за да ги развие производните сили на општеството на висок степен, што ќе овозможи еден еднаков, за човекот достоен развиток на сите членови на општеството. Затоа сите понапредни општествени форми беа премногу сиромашни. Дури капиталистичкото производство ги создава богатствата и производните сили што се потребни за тоа, но тоа едновремено ја создава во многубројните и потиснатите работници онаа општествена класа, што ќе биде сè повеќе и повеќе присилувана да го бара ползувањето на овие богатства и производни сили за целото општество — наместо како денеска, за една монополистичка класа.